Бусилци

Координати: 41°37′22″N 21°42′15″E / 41.62278° СГШ; 21.70417° ИГД / 41.62278; 21.70417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бусилци

Поглед на селото Бусулци

Бусилци во рамките на Македонија
Бусилци
Местоположба на Бусилци во Македонија
Бусилци на карта

Карта

Координати 41°37′22″N 21°42′15″E / 41.62278° СГШ; 21.70417° ИГД / 41.62278; 21.70417
Регион  Вардарски
Општина  Чашка
Област Клепа
Население 15 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1413
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29007
Надм. вис. 250 м
Бусилци на општинската карта

Атарот на Бусилци во рамките на општината
Бусилци на Ризницата

Бусилци — село во областа Клепа, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Куќа во селото

Селото се наоѓа во областа Клепа, во источниот дел на територијата на Општина Чашка, сместена на брегот на реката Бабуна, од левата страна на патот Велес-Чашка.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 250 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 16 километри.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Бусилци било село во рамките на Велешката каза на Отоманското Царство.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото првпат е споменато како „Бусилци“ во турски документи од 1568 година. Името потекнува од личното име „Бусил“ или „Босил“ кој пак потекнува од името на растението босилек (лат. Ocimum basilieum), а оттаму во редуциран облик во Босилци→Бусилци.[3]. Имајќи ја превид местополжбата на Бусилци кое е сместено во тревнати ридови со изобилна и бујна трева (поволна за пасишта), неговото име секако е поврзано со имиња на растенија, па така тоа може да се поврзе и со бусен на трева или растението бозел.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа површина од 11,4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 586,7 хектари, на пасиштата отпаѓаат 406,9 хектари, а на шумите само 6,9 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948251—    
1953255+1.6%
1961251−1.6%
1971162−35.5%
198168−58.0%
ГодинаНас.±%
199130−55.9%
199426−13.3%
200218−30.8%
202115−16.7%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Бусилци имало 155 жители.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бусилци имало 200 жители.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци.[6]

Селото е мало, на пат сосема да се расели. Во 1961 година селото броело 251 жител, додека во 1994 година само 26 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Бусилци живееле 18 жители, од кои 10 Македонци, 6 Албанци и 2 останати.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 15 жители, сите Албанци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 155 200 251 255 251 162 68 30 26 18 15
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]


Селото Бусилци во целост е населено исклучиво со родови на Македонци од православна христијанска вероисповед, а попишаните Албанци муслимани се доселуваат во најново време од селата Горно и Долно Јаболчиште како сточари, кои овде зимуваат со овците и стоката преку зимата, но се почесто и трајно се населуваат.

Родови[уреди | уреди извор]

Бусилци е населено со македонско население. Староседелски или старинечки македонски родови во Бусилци се: Бадаровци, Вирановци, Тасковци, Недини, Цигаревци, Коцевски, Атанасовски и Јаневски сите слават Свети Никола и Димовци кои слават Петковден[12]. Доселени македонски родови во Бусилци се: Сиркаровци (слават Св. Никола) чие правилно родовско презиме е Свиркарковци според нивниот предок Лазо кој „често свиркал“, а нив тука ги доселил Ќазим-бег од Црквино кој имал чифлици во двете села; Црвенковци (Св. Ѓорѓи - зимен, „посен“) се доселиле во турско време од Г. Раковец; Боцинчани (слават Митровден) дошле во турско време од Долно Врановци каде припаѓале на родот Плевењци[12]. Македонски родови во Бусилци чие потекло на доселување не е познато се: Ормановци и Тимкини (слават Св. Ѓорѓи - зимен, „посен“) кои порано сочинувале еден род, Кралевци и Петревски кои слават Св. Богородица Пречиста, Ристовски и Елискови кои слават Св. Атанасиј, Котески и Бакалоски кои слават Св. Архангел[12], а според презимињата можно е да се по потекло од Прилепско.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Чашка.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Чашка, во која покрај селото Бусилци, се наоѓале и селата Голозинци, Еловец, Крива Круша, Мелница, Ново Село, Отиштино, Раковец и Чашка. Општината Чашка постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачко место бр. 2239 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште.[13]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 7 гласачи.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 5 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Илија“
Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви
Реки


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 45. Посетено на 6 август 2018.
  3. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 84.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 159.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 август 2018.
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. 12,0 12,1 12,2 Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр. 209-211.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 6 август 2018.
  14. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-08-02. Посетено на 6 август 2018.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски[уреди | уреди извор]