Горно Јаболчиште
| Горно Јаболчиште | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°43′26″N 21°29′13″E / 41.72389°N 21.48694°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Гроот |
| Население | 2.434 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 1412 |
| Повик. бр. | 043 |
| Шифра на КО | 29017 |
| Надм. вис. | 980 м |
Горно Јаболчиште — село во областа Гроот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Ова големо и високо село се наоѓа во областа Гроот, во северозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во изворишното сливно подрачје на реката Тополка, а на северозападната падина на Голешница, чиј атар се допира со подрачјето на скопската Општина Студеничани.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 980 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 45 километри.[2]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2344 кај селото Дреново.
Горно Јаболчиште се наоѓа во изворишниот дел на Тополка, на височина од околу 1.000 метри. Од сите страни се издигнуваат планински гребени од 1.200 до 2.120 метри. На југ се наоѓа Голешница (1.924 м.), на запад Горно Бегово (2.120 м.), на север Сипичан (1.789 м.) и на исток Сивец (1.195 м.). Околни села се Долно Јаболчиште, Нежилово (слив на Бабуна) и Алдинци (Скопско). Со вода за пиење мештаните се служеле од реката и од седум-осум кладенци соѕидани во чешми.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бел Камен, Модра, Јајова Ливада, Шарена Плоча, Нежиловска Карпа, Солунско или Горна Јакупица, Горно Бегово, Враца, Павли Куќи, Врв Сипичан, Ламњи, Преслап, Османбежица, Сивец, Локманова Ливада, Падиште, Рамни Ливади, Долна Јакупица, Долно Бегово, Дибрански Камен, Поскорник, Ламњени Ливади, Горни Гроб, Долни Гроб и други.[3]
Селото се наоѓа на дно на долината на Тополка и е издолжено во насока југозапад-североисток. Поделено е на шест маала и во секое маало се наоѓаат куќи на само еден род.[3]
Во селото има осумгодишно основно училиште, амбуланта, пошта и неколку продавници, а исто така селото е попатна станица на планинскиот велосипедизам и алпинизам кон Солунска Глава.
Историја
[уреди | уреди извор]Селото најпрвин било со христијанско-словенско население, што јасно го потврдуваат историските извори од XV век, словенското име на селото и топонимите.[3] Според опширниот пописен турски дефтер од 1568/69 година, турската администрација прецизно ги забележала имињата на жителите во Горно и Долно Јаболчиште и ги посочува како чисти христијански села.
Кон крајот на XVIII век, во Горно Јаболчиште започнале да се населуваат муслимански Албанци, кои по потекло биле од Горна Река во сливот на Радика. Поради населувањето на Албанците, Словените христијани се иселиле во текот на XIX век. Родот Китановци се иселил во селото Капиново во сливот на Бабуна. Околу 1880 година бил последниот христијански род кој се иселил од ова село и заминал во селото Дреново. Македонски иселеници од Јаболчиште има во селото Нежилово, во Велес и на други места.[3]
Старото население на Горно Јаболчиште имало и црква, која се наоѓала на средина на селото, кај денешната џамија. Околу црквата биле и христијанските гробишта. Покрај селото, на североисточната страна и до поново време се познавале ѕидови на христијански куќи. Таму исто така постоело црквиште. На старото христијанско население на селото потсетуваат и некои други податоци.[3]
На излезот од селото, на пат кон соседното Долно Јаболчиште, се наоѓа мал засводен камен мост. Тоа е најважната селска старина, која потекнува од времето кога селото било словенско. Македонските иселеници, кои за време на отоманскиот период живееле во Велес, некое време давале парични прилози за одржување на мостот.[3]
За време на воениот конфликт во Македонија 2001 година, во јули месецот биле видени луѓе во црни униформи, за кои жителите од тој крај тврделе дека се албански терористи. Блиска средба со терористите имал еден велешанец, кој заминал во селото да продава кромид. Група вооружени лица во црни униформи лица го пресретнале, го ограбиле и го избркале од селото. Биле шест на број, сите биле униформирани во маскирни панталони и црни маици, со автоматско оружје. Со закана никогаш повеќе да не доаѓа во селото, терористите му го истуриле кромидот и му ги зеле сите пари. Велешката полиција неколку дена претходно извршила рација во селото Бузалково, исто така населено со македонски Албанци. На гробиштата во ова село сведоците велат дека има невообичаен број нови гробови.[4]
Помеѓу октовмри и ноември 2001 година одново се случил инцидент во Јаболчиште каде што посетители биле легитимирани од лица кои носеле црни униформи со ознаки „УЧК“ и биле вооружени со пиштоли. Откако таксист влегол во селото да остави патник, тој бил застанат од двајца лица со црна облека. Откако одговорил на прашањето на бандитите дека е Македонец, тие бурно реагирале и прашале зошто е тука. Кога таксистот го оставил патникот во селото, при враќање одново бил запрен од двајца униформирани лица. Тие му порачувале дека посетата во селото Јаболчиште му било „прв и последен пат“. МВР и Македонската армија потврдиле дека имале информации дека во ова велешко село се забележани припадници на ОНА. Според безбедносните служби, станувало збор за мал број луѓе, кои „се самоорганизирале и не се во никаков контакт со терористите од Тетовско и Кумановско“.[5]
Стопанство
[уреди | уреди извор]
Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 35,5 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.821,8 хектари, потоа следуваат пасиштата на површина од 409,7 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 223,6 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција. Во селото работи продавница.[2]
На планинските гребени околу селото се наоѓаат особено поволни пасишта, како што се Горно Бегово, Долно Бегово, Сипичан, Лисец, Осман Бежица, Јуручица, Горна Мунџица и други. Горно Бегово и Беговска Река ги носат имињата по познатиот Али-бег од Велес. Неговиот син Емин-ага сакал да ја присвои и пашата Долно Бегово, но мештаните се спротиставиле. Планинските паши Сипичан и Лисец припаѓале на некој Ајрула-ефенди, Осман Бежица припаѓала на Џиновци, додека пашата Ајлагица припаѓала на велешка влашка црква.[3]
Мештаните најмногу чуваат стока и произведуваат компир (започнувајќи од 1925 г.).[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според книгата „Турски документи“ од испоставата на Архивот на Република Македонија во Велес, турската администрација многу прецизно ги забележала имињата на жителите во Горно и Долно Јаболчиште. Во неа пишува дека по стариот попис од 1568/69 година селото Горно Јаболчиште е забележано како Дервен па поради потребата биле определени 30 лица дервенџии кои давале даноци по дервенски обичај. Преостанатите од триесетте лица регистрирани се како раја. Така е запишано во стариот попис.[6][7]
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година, Горно Јаболчиште е село со 40 домаќинства и 112 жители Торбеши.[8]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Горно Јаболчиште имало 350 жители, сите Арнаути муслимани (Албанци).
Според германскиот етнограф Леонард Шулце Јена, на неговата етничка карта од 1927 година, Горно Јаболчиште наведено како арнаутско (албанско) село.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Турци.[10]
Во 1961 година, селото броело 771 жител, од кои 758 се изјасниле како Турци, а 11 Албанци, додека во 1994 година бројот на жителите двојно се зголемил и изнесувал 1.538 жители, албанско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Горно Јаболчиште живееле 1.741 жител, од кои 1.727 Албанци и 14 останати.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.434 жители, од кои 2.401 Албанец и 33 лица без податоци.[12]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Горно Јаболчиште:
| Година | Македонци | Албанци | Турци | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 1948 | — | — | — | — | — | 864 |
| 1953 | 0 | 952 | 25 | 2 | — | 979 |
| 1961 | 1 | 11 | 758 | 1 | — | 771 |
| 1971 | 1 | 650 | 66 | 2 | — | 719 |
| 1981 | 2 | 897 | 44 | 34 | — | 977 |
| 1991 | 0 | 29 | 0 | 0 | — | 29[заб 1] |
| 1994 | 0 | 1.536 | 0 | 2 | — | 1.538 |
| 2002 | 0 | 1.727 | 0 | 14 | — | 1.741 |
| 2021 | 0 | 2.401 | 0 | 0 | 33 | 2.434 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Горно Јаболчиште е албанско село.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1966 година, родови во селото се:
- Албански родови:
- Доселеници: Сенца (30 к.), Штутка (20 к.), Стрезимир (17 к.), Лонгуровци (16 к.), Љочка (12 к.) и Реџас (10 к.), сите споменати родови потекнуваа од предци доселени од областа Горна Река. Родовите потекнуваат од селата Сенце, Стрезимир, Врбјани и Дабово (не постои повеќе), по кои ги добиле и имињата на родовите. Во родот Штутка се знае следното родословие: Раиф (жив на 51 г. во 1966 година) Осман-Зенун-Муртезан-Мемет-Касан, основачот на родот кој се доселил во почетокот од XIX век. Во овој период се доселиле и предците на останатите албански родови. Единствено, родот Реџас е доселен подоцна.
Се пренесува традиција дека отоманската власт најпрвин им понудила да се населат во пониското македонско село ’Рлевци, но тие не прифатиле и се населиле во планинското село. Денешните Албанци говорат дека нивните предци во Горна Река била „бељаџии и ајдуци“, поради што морале да го напуштат тој крај и да дојдат тука. Носиите и говорот на двете села (Горно и Долно Јаболчиште) се исти како на Албанците од планинските села Патишка Река во сливот на Маркова Река, Света Петка на планината Водно, како и селата Корито, Седларево и Гургурница на Сува Гора.[3]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]До почетокот од XIX век ова село било православно македонско. Но, по доселувањето на Албанците во селото, македонското население почнало да се иселува, последните христијани од селото се иселиле во селото Дреново. Македонско население иселено од ова село има и во Велес и Нежилово.
Од албанското население од селото има иселено околу 90 семејства, најголемиот број од нив иселени во Турција, во градовите Истанбул, Бурса и Маниса. Некои се иселени во Горно Врановци (15 к.), Сливник (15 к.), Клуковец (6 к.), Горно Оризари (5 к.), Бањица (3 к.), Бузалково (3 к.) и Мелница (2 к.).[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]
- Централно основно училиште „Лирија“, деветгодишно основно училиште
- Здравствена амбуланта
- Пошта (1412)
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Велес.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Долно Јаболчиште, во која покрај селото Долно Јаболчиште, се наоѓало и селото Горно Јаболчиште. Општината Долно Јаболчиште постоела и во периодот 1950-1952 година.
Контроверзи
[уреди | уреди извор]Според законот за територијална организација на Република Македонија од 2004 година, селото (заедно со Долно Јаболчиште) било припоено кон општината Чашка со мнозинско македонско население (73,91% Македонци)
Причината поради која овие две доминантно албански села биле припоени кон Општина Чашка било општината да се албанизира и да стане двојазична. Кон општината биле припоени и помалите рурални општини Богомила (95,21% Македонци) и Извор (99,24% Македонци). Меѓутоа, со припојувањето на овие две села кои природно не гравитираат кон општината и воопшто кон областа Азот, бројот на албанско население бил насилно зголемен на 33,06%. Според локалното македонско население кое во најголем број е доста старо ова значело тотална албанизација на општината од причина што младите Македонци бегаат од општината, а бројот на Албанците константно се зголемува и со доселување и со природен прираст.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постојат избирачките места бр. 2205 и 2205/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.634 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.629 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Џамии[16]
- Џамија — главна селска џамија
- Воени гробишта
- Француски воени гробишта со спомен-плоча за загинати војници во Првата светска војна
- Реки
- Тополка — река низ селото
- Селската џамија
- Француските гробишта со спомен-плочата во селото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 77. Посетено на 10 август 2018.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 Трифуноски, Јован (1977). Област Бабуне и Тополке. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 287-290.
- ↑ „Бандитите ограбуваат и во Велешко“. Дневник. 11 јули 2001.
- ↑ „Таксист сосила бил легитимиран од "полицајци" во Јаболчиште“. Дневник. 2 ноември 2001.
- ↑ Дервенџии биле: Мире Пејко, Стојко Богдан, Писе Нисе Богдан, Стале Ѓуро, Тодор Пејко, Богдан Пејко, Пројо Јован, Стојко Јован, Тодор Бојо, Смогре Бојо, Пејо Стојко, Димо Рале, Петре Рале, Јофже Богда, Стале Богдан, Краго Пројко, Грубан Петре, Стојко Васил, Петко Васил, Јован Ѓуро, Храно Богдан, Дуко Стојко, Велче Димитри, Пројко Грујко, Богдан Пејко, Пројо Јован, Продан Степан, Божиќ Рале, Тодор Рале и Стојко Дуко. Според турските дефтери од извршениот попис другото население било раја. Така во Горно Јаболчиште живееле: Михаил Мето, Димитри Петко, Стојко Атанас, Јован Велин, Рајо Рале, Новак Коста, Стојан Илија, Мурчо Никола , неженет, Арсо Степан, неженет, Којо Велчо, неженет, Анто Манас, неженет и Којо Петко, неженет.
- ↑ „Во селото Јаболчиште пред пет века живеело христијанско население“. duma.mk. 22 јуни 2017.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 182 - 183.
- ↑ Leonhard Schultze Jena. "Makedonien, Landschafts- und Kulturbilder", Jena, G. Fischer, 1927
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 31 август 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 31 август 2025.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- Забелешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Горно Јаболчиште на Ризницата ?
| ||||||||||||||||

