Поменово
| Поменово | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°30′54″N 21°39′28″E / 41.51500°N 21.65778°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Азот |
| Население | 0 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 1414 |
| Повик. бр. | 043 |
| Шифра на КО | 29059 |
| Надм. вис. | 490 м |
| Слава | Митровден |
Поменово — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Покрај денешното име, Поменово во минатото се нарекувало и Борозан.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Азот, во јужниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна.[3] Селото се наоѓа на надморска височина од 490 метри.[3] Селото е оддалечено 34 километри југозападно од градот Велес и 25 километри јужно од општинскиот центар Чашка.
До селото води земјен пат, кој се двои од регионалниот пат 1312, кој е асфалтиран само до некогашното село Јасеново, иако е означен за главен регионален пат помеѓу Велес и Прилеп во многу карти.
Поменово се наоѓа во сува долина, десно од некогашниот пат Велес-Прилеп. Местоположбата на селото му овозможувало мештаните да ја користат долината за земјоделство и околните планински падини за сточарство. Соседни села се Степанци на југ и Смиловци на југоисток. Водата за пиење била од извор во Средно Маало и од бунари во Долно Маало.[2]
Поединечни краеви на атарот вдолж неговата граница ги носат следните називи: Орленик, Гробот, Вртешка, Ежовица, Рамниште, Гутин, Попова Вода, Кумитско Кладенче, Камила, Уџаци и други.[2]
Селото имало разбиен тип, составено од Горно, Средно и Долно Маало. Маалата уште се нарекувале и Горно, Средно и Долно Поменово и биле наредени во насока на долината во која се наоѓале.[2]
Денес, на подрачјето на некогашното село, одвај и да се зачувани куќи.
Историја
[уреди | уреди извор]Подрачјето на Поменово е населено уште од римско време, за што сведочи наоѓалиштето Завртеј на 300 метри источно од селото.[4]
Поменово се смета за старо село во областа и во историските извори е споменато во турски документи од 1481/82 година кога е наведено како село со 7 христијански домаќинства. Следниот период селото постепено растело во бројот на домаќинства и до крајот на турската власт стигнало до 40 македонски куќи.[2]
На крајот на турската власт, во Горното Маало имало околу 15 куќи и главно припаѓале на старинскиот род Јовевци. Средното Маало имало околу 20 куќи и тие припаѓале на родовите Грујовци, Перовци и Левковци, додека најмало било Долно Маало со околу 5 куќи од родовите Спасевци и Дулевци.[2]
Пред крајот на турската власт, мештаните од Горно Маало се иселиле и до 1948 година селото останало со 35 македонски куќи. Но, од таа година настанале големи иселувања кон градовите Велес и Прилеп.[2]
Во Средно Маало се наоѓа црквата „Св. Димитриј“, додека во Горно Маало постои црквиште.[2]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 11,9 км2.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Поменово живееле 390 жители, сите Македонци.[5]
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Поменово имало 360 жители под врховенството на Бугарската егзархија и 18 Роми.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[7]
Селото е наполно раселено по 1981 година, кога што броело само четири жители, македонско население.[3]
Според последниот попис од 2002 година, во селото немало жители,[8] што било потврдено и во последниот попис од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | 390 | 360 | 161 | 169 | 120 | 23 | 4 | 0 | 0 | 0 | 0 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
[уреди | уреди извор]Поменово било македонско село.[2]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1967 година, родови во селото биле:
- Староседелци:
- Средно Маало: Ристевци (1 к.), Трајковци (1 к.), Стевановци (1 к.), Божиновци (1 к.), Василевци (1 к.), Николовци (1 к.) и Петревци (1 к.). Сите родови потекнуваат од претходни староседелски родови.
- Долно Маало: Петревци (1 к.), исто биле староседелци.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од ова село имало огромен број на иселеници. Првото помасовно иселување било по Првата светска војна. Второто помасовно иселување датира од 1950-тите години. Населението претежно се иселувало во Велес и Прилеп.[2]
Се знае и за иселени родови по другите села во: Смиловци (Деспотовци, Северџиновци и Тамовци), Извор (Каревци), Оморани (Трпевци и Љамевци) и Браилово (Аврамовци).[2]
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век селото било дел од Велешката каза од Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Извор.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Извор.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Извор, во која покрај селото Поменово, се наоѓале и селата Владиловци, Долно Врановци, Извор, Крњино, Мартолци, Попадија, Смилевиќ, Стари Град и Степанци. Во периодот 1950-1952 година, селото влегувало во рамки на некогашната општина Извор, во која влегувале селата Долно Врановци, Извор, Мартолци, Поменово, Стари Град и Степанци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 2244 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селски објект во селото Владиловци, во кое влегуваат и населените места Владиловци, Крнино, Попадија, Смиловци и Степанци.[13]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 49 гласачи.[14] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 46 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 45 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[4]
- Завртеј — населба од римско време.
- Цркви[2]
- Црква „Св. Димитриј“ — главна селска црква.
- Реки[17]
- Изворчица — помала река низ селото, притока на Бабуна
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[2]
- Митровден — главна селска и црковна слава
Галерија
[уреди | уреди извор]- Реката Изворчица кај селото
- Главната селска црква „Св. Димитриј“
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 Трифуноски, Јован (1977). Област Бабуне и Тополке. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 216-217.
- 1 2 3 4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 240. Посетено на 2 октомври 2025.
- 1 2 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 80. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 157.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 16 август 2018.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 11 август 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2021-03-04. Посетено на 11 август 2018.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 17 јули 2025.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 30. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
| ||||||||||||||||
| ||||||||||||||

