Оморани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Оморани
Црквата во селото Оморани.jpg

Поглед на главната селска црква „Св. Константин и Елена“

Оморани is located in Македонија
Оморани
Местоположба на Оморани во Македонија
Координати 41°32′03″N 21°36′32″E / 41.53417° СГШ; 21.60889° ИГД / 41.53417; 21.60889Координати: 41°32′03″N 21°36′32″E / 41.53417° СГШ; 21.60889° ИГД / 41.53417; 21.60889
Регион Logo of Vardar Region.svg Вардарски
Општина Coat of arms of Čaška Municipality.svg Чашка
Област Азот
Население 143[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1414
Повик. бр. 043
Надм. вис. 400 м
Оморани на општинската карта
Оморани во Општина Чашка.svg

Атарот на Оморани во рамките на општината
Commons-logo.svg Оморани на Ризницата


Оморани — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Стара куќа во селото

Селото се наоѓа во областа Азот, во јужниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна.[2] Селото е рамничарско. Од градот Велес, селото е оддалечено 30 километри.[2] Од општинското средиште Чашка е оддалечено 21 километар.

Оморани се наоѓа во југоисточниот дел на областа Азот. Селото Оморани е сместено на планинска тераса висока околу 400 метри. Северно од селото е отсекот на споменатата тераса, а под него е алувијалната рамнина на реката Бабуна со висина од околу 220 метри надморска височина. Од јужната страна на Оморани се издигнува пространа планинска падина која достигнува височина од 1.142 метри со врвот Корнорог. Околни села се Мартолци, Теово и Ораов Дол.

Жителите на селото се служат со вода од 2 чешми наречени Горна и Долна. На планинската падина избиваат изворите: Србиновец, Манастир, Белутка, Црнушка.

На атарот северно од селото се потезите: Долно Поле, Старо Село, Лениште, Бари, Горни Лаг, Ливади, Присој, Сушица, Грамади и Горно Трло. На планинската падина јужно од селото краевите на атарот ги носат следите називи: Сурда, Волчо Долче, Корнорог, Глог, Котева Круша, Остреж (795 м.).

Селото Оморани има изразито збиен тип. Се разликуваат маала кои носат имиња според родовите кои живеат во нив, како што се: Атанасовско, Трпевско, Убав-Димовско и Алексовско.

Во поново време, покрај старите куќи во селото Оморани, се има создадено посебна населба околу железничката станица „Васил Антевски-Дрен“ долж течението на реката Бабуна.

Историја[уреди | уреди извор]

Оморани спаѓа во редот на старите села во Азот и долината на Бабуна, што јасно се гледа од пишаните историски извори. Во една Душанова хрисовула најпрвин се наведува пустото селиште Хоморани. Потоа во друга негова хрисовула се вели: село во Бабуна, Хоморани и заселки. Тогаш во селото постоела и црква „Свети Атанасиј“ приложена на манастирот Трескавец кај Прилеп. Следното споменување на Оморани во пишаните извори е од XV век, кога селото најпрвин имало 13, а потоа 29 македонски христијански куќи.

Според народното предание селото најпрвин се наоѓало на потегот Старо Село кој се наоѓа на околу 700 метри северно од денешното село на допирот помеѓу алувијалната рамнина на Бабуна и отсекот на терасата. Подоцна жителите на Старо Село се преселиле повисоко на денешната положба каде што го основале денешното истоимено село. На старото село сега се наоѓа и црквата „Света Петка“, а со изградбата на железничката пруга и станицата „Васил Антевски - Дрен“ таму се преселени и повеќето куќи. Селските гробишта се крај коритото на Бабуна од нејзината десна страна. Таму се погребувани и жителите чии куќи биле на потегот Старо Село.

Во XIX век селото било дел од Велешката каза од Отоманската Империја.

До средината на XIX век ова село според населението било чисто македонско и христијанско. Меѓутоа во тоа време се населиле и муслимански Албанци. Како мешано македонско-албанско село Оморани останало до 1912 година кога Македонците имале околу 40 куќи, а Албанците 25 куќи. Дотогаш селото се делело на два краја: западен „турски“ и источен „каурски“. Албанците во Оморани се доселиле и намножиле од селото Црнилиште во околината на Прилеп, од каде што првиот Албанец доселен во селото имал жена христијанка, родум од селото Богомила. Подоцна од Црнилиште дошол и некој Зубер за кого се вели: „откако дојде тој, од тогаш станаа сите Турци лоши во Оморани“. До крајот на турското владеење оморанските албанци станале поседници на најплодните ниви во атарот. Македонците имале послабородни ниви на повисокото земјиште. Во 1912 година Албанците биле иселени од Оморани и најголемиот дел од нив преминале во соседното село Согле. Истата година е срушена и селската џамија која се наоѓала не местото каде што е куќата на Јордан Минов.

За Оморани во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, пишувал и македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Тој запишал дека Оморани е на ¼ час од реката и на 1 час од Теово со 80 македонски куќи и 30 арнаутски. Некогаш селото било чифлик на блискиот оморански манастир „Свети Никола“. Арнаутите се доселени во него пред 60 години.

Во Оморани има голема црква посветена на светите цар Константин и царица Елена. Најпрвин била изградена во 1871 година, после што ја запалиле мештаните Албанци, а во 1913 била обновена. Палењето на црквата се случило заради тоа што Албанците ја грабнале македонската девојка Венка, која потоа селаните Македонци со употреба на сила ја ослободиле и ја омажиле во селото Смиловци, поради што во знак на одмазда Албанците ја запалиле оморанската црква. Јужно од Оморани на планинската падина Корнорог се наоѓа манастирот „Свети Никола“. Таму во шумовитиот предел се манастирот и околу него се конаците за посетителите. Манастирот е оддалечен околу еден час одење пешки. За манастирот се грижел еден калуѓер кој во 1966 година бил уапсен, после што манастирот бил доста запуштен, посебно конаците. Жителите на Оморани манастирот го посетуваат на Ѓурѓовден, на „летен“ Свети Никола и Крстовден. Тогаш се манастирските собири („панаѓури“) кога доаѓат и жители на други села. Манастирот имал доста стока и по „неколку момоци“.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Железничката станица „Васил Антевски-Дрен“ се наоѓа во близина на Оморани

Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 55,1 км². На него преовладуваат шумите на површина од 2.580 хектари, на пасиштата отпаѓаат 2.125 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 496 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита функција.[2]

Од 2014 година во селото активно работи рибникот „Оморани“, сместен на реката Бабуна. Ресторанот е со капацитет од 200 седишта во летниот период и 100 седишта во зимскиот период. Ресторан на рибникот е посетен од домашни посетители, но многу често во убавината уживаат и странските посетители. Особено е зголемена посетеноста на ресторанот за време на викенд и за празник.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Оморани имало 900 жители, од кои 780 Македонци и 120 Турци.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Оморани имало 768 Македонци патријаршисти, 136 Македонци егзархисти и 6 Роми.[5]

Во 1961 година селото броело 495 жители, од кои 484 биле Македонци, 8 Црногорци, 2 Срби и 1 Турчин. Во 1994 година бројот се намалил на 173 жители, од кои 170 се Македонци.[2]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Оморани живееле 143 жители, од кои 141 Македонец и 2 останати.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 900 910 528 541 495 383 279 222 173 143
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Оморани е село во целост населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.

Според потеклото денешното македонско население претставува мешавина од староседелци (10 к.), потоа стари (42 к.) и понови (22 к.) доселеници. Во текот на зедничкиот живот сите тие се изедначиле по начинот на живот, обичаите, одликите и сфаќањата.

Старински македонски родови уште од турско време се: Јовевци (4 к.), Ничовци (2 к.), Говедаровци (2 к.) и Алексовци (2 к.) слават Свети Никола, а нивните претци живееле на Старо Село. Постари доселенички македонски родови се: Атанаскови (7 к., Свети Никола) чиј основач на родот се доселил како домазет од некое место во северниот дел на Македонија пред околу 210 години. Се знае следниот родослов: Стефан (жив, 70 години во 1966) – Јован-Андон-Коста-Атанаско, основач на родот кој се доселил. Подолешовци (7 к.), Костевци (5 к.), Убав-Димовци (3 к.), Славевци (2 к.) и Стајковци (2 к.) сите се доселени од Плевење и слават Свети Никола. Трпевци (3 к.) и Љамевци (1 к.) се доселени од Поменово од неговото Горно Маало или Старо Поменово и слават Свети Архангел. Бакалови (4 к.) и Ќосевци (2 к.) се доселени од Ново Село и слават Свети Никола. Бричковци (2 к., Пречиста) чиј основач на родот дошол како домазет од некое село во областа Малешево во изворишниот дел на Брегалница во Беровско. Мокренци (2 к.) се доселени од Мокрени. Карпузовци (1 к.) и Ромбевци (1 к.) не се знае од каде се доселени.

Македонски родови доселени после Првата светска војна се: Богомилци (7 к.) дошле во 1919 година од Богомила. Нешковци (1 к.) потекнуваат од домазет доселен од некаде. Џаверовци (1 к.)  се доселени од Бистрица. Јован Орешанец (1 к.) дошол од село Ореше. Пазвановци (1 к.), Цецаровци (1 к.) и Поповци (1 к.) чиј основач на родот бил попот Зафир.

Македонски родови доселени после Втората светска војна се: Деловци (3 к.), Коруновци (2 к.) и Далјевци (1 к.) дошле во 1950 година од планинското село Ореше. Жеглевци (1 к.) дошле во исто време со претходните родови од Папрадиште.  Грбевци (1 к.) и Јовановски (1 к.) дошле од соседното село Теово.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште
  • ЖС „Васил Антевски - Дрен“ — железничка станица на линијата Скопје-Битола, на која редовно сообраќаат возови

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Извор.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Извор.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Теово, во која покрај селото Оморани, се наоѓале и селата Габровник, Мокрени, Ораов Дол, Плевење, Согле и Теово. Општината Теово постоела и во периодот 1950-1952 година.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Во селото постои изборно место бр. 2241 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селски објект.[9]

На локалните избори во 2017 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 119 гласачи.[10]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Константин и Елена“
Археолошки локалитети[11]
Цркви[12]
Манастири
Реки[13]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Оморани

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Оморани дало и значаен број на иселеници. Потполно се иселиле овие родови: Антевци од кои потекнувал познатиот македонски народен херој и борец во НОБ – Васил Антевски – Дрен и родот Плевењци. Од првиот род сега некои членови живеат во Прилеп и Скопје. Од родот Подолешовци има иселеници во Велес. После Втората светска војна од Оморани се иселиле 15 домаќинства во: Скопје (10), Велес, Прилеп и селото Извор (Оморанци, 3 к.).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 22 август 2018. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 219. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. посет. 22 август 2018 г. 
  3. „За нас“. конс. 23 август 2018. 
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 158.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 120-121.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  9. „Описи на ИМ“. конс. 23 август 2018. 
  10. „Локални избори 2017“. конс. 23 август 2018. 
  11. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  13. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија. Скопје: Геомап. стр. 9. ISBN 978-9989-2117-6-8. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Реките_во_Македонија.pdf?uselang=mk. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]