Прејди на содржината

Капиново

Од Википедија — слободната енциклопедија
Капиново

Воздушен поглед на селото

Капиново во рамките на Македонија
Капиново
Местоположба на Капиново во Македонија
Капиново на карта

Карта

Координати 41°37′31″N 21°27′35″E / 41.62528°N 21.45972°E / 41.62528; 21.45972
Регион Вардарски
Општина Чашка
ОбластАзот
Население во атар10 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.1415
Повик. бр.043
Шифра на КО29028
СлаваИлинден
Капиново на општинската карта

Атарот на Капиново во рамките на општината
Капиново на Ризницата
Објаснувања за населението

1 Државниот завод за статистика го пресметува населението врз основа на бројот на жители кои живеат во рамки на атарот на населеното место
2 Податокот го содржи населението што живее во пописниот круг за населеното место, исклучувајќи ги или додавајќи ги бројот на жители кон други населени места.

Капиново — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во областа Азот, во источниот дел на територијата на Општина Чашка, во изворишното сливно подрачје на реката Бабуна.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 700 метри. Од градот Велес селото е оддалечено околу 50 километри.[2]

До селото води земјен пат, кој се двои од локалниот асфалтен пат за соседното село Нежилово, а кој започнува од регионалниот пат 2336.

Капиново е мало село сместено помеѓу Црешнево на североисток, Нежилово на север и Ореше на запад. Мештаните со вода за пиење се служеле од еден заеднички бунар, кој се наоѓал во плитката долина на крајот од селото кон југоисток. Во селото постоел и еден кладенец.[3] Околни села се: Папрадиште и Ореше од запад, Нежилово од север, Црешнево и Бистрица од исток и Богомила од југ.

Поединечни краеви на атарот вдолж неговата граница ги носат следните називи: Осојница, Крст, Глувчарница, Локва, Река, Добро Рамниште и Свирчец.[3]

Капиново имало разреден тип и не се делело на маало бидејќи самото село е мало.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Селото првпат се спомнува во историските извори во 1460 година, кога тоа село имало 4 словенско-христијански куќи. Меѓутоа, тоа старо село пропаднало. Денешното село е основано околу 1810 година, а за негов основач се смета Китан, кој се доселил од поречкото село Тажево. Остатоци од старини на атарот нема.[3]

Пред основањето на село, неговиот мал атар припаѓал на некој муслиман од прилепското село Црнилиште. Земјата на атарот била обработувана со помош на мештани од околните села, кои работеле за него. Основачот Китан исплатил седум кеси пари за да ја добие селската земја. Потоа, ги повикал и други иселеници од својот стар крај. Така, околу 1850 година, Капиново станало мало село со поречко население.[3]

Капиново најмногу имало 25 домаќинства, што се случило кон крајот на Втората светска војна. Потоа, се случиле иселувања.[3]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Селото има мошне мал атар, кој зафаќа површина од 2,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 153 хектари, обработливото земјиште зазема површина од 107 хектари, а на пасиштата отпаѓаат само 10 хектари.[2]

Мештаните на селото живееле од земјоделство, сточарство и повремено работеле како циглари во други области. Недалеку од селото, во текот на Втората светска војна бил отворен рудник за експлоатација на лискун. Рудникот престанал со работа во 1958 година.[3]

Население

[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Капиново живееле 140 жители, сите Македонци.[4]

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Капиново имало 112 жители.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[6]

Капиново било најмало село во некогашната Општина Богомила, коешто во 1961 година броело 69 жители, а во 1994 година само еден жител.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Капиново немало жители.[7] Истото било потврдено и на последниот попис од 2021 година.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 140 112 94 94 69 18 6 2 1 0 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Капиново е македонско село, чие население се состои од доселеници од Порече.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1967 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Китановци (5 к.), доселени биле од селото Тажево во Порече. Се знаело следното родословие: Илија (жив на 82 г. во 1967 година) Кочо-Стеван-Китан, основачот на родот кој се доселил; Станковци или Ристевци (4 к.), доселени од селото Црешнево во Порече и Тошевци (1 к.), доселени од селото Локвица во Порече.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Капиново највеќе нараснало на 25 домаќинства, но поради големите иселувања селото целосно пропаднало. Иселеници има на многу места. Мештаните се иселувале во Согле (Капиново, 3 к.), Мартолци (Капиновци, 5 к.), Извор (Капиновци, 5 к.) и Голозинци (Капиновци, 1 к.). Во селото Качарево во Војводина се иселиле 3 семејства, како и во селото Градско. Имало иселувања и на други места.[3]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Црешнево се наоѓало во Велешката Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Богомила.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото било дел од некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Богомила, во која покрај селото Капиново, се наоѓале и селата Бистрица, Богомила, Нежилово, Ореше, Папрадиште и Црешнево. Општината Богомила постоела и во периодот 1950-1952 година, во која влегувале селата Богомила, Бистрица, Капиново и Црешнево.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 2211 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на селскиот дом на селото Богомила. Во ова избирачко место се запишани и гласачите од селата Богомила, Црешнево и Папрадиште.[12]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 254 гласачи.[13] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 235 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 244 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Цркви[16]
Споменици
  • Спомен-плоча за Петтата ударна бригада на НОБ

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[3]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 1 2 3 4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 147. Посетено на 18 септември 2025.
  3. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Трифуноски, Јован (1977). Област Бабуне и Тополке. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 242-243.
  4. ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 158.
  5. ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
  6. ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 август 2018.
  8. ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-11-21. Посетено на 2 август 2018.
  14. ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 15 јули 2025.
  16. ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]