Крал Марко
Марко Мрњавчевиќ | |||||
---|---|---|---|---|---|
Крал | |||||
Претстава на Кралот Марко, Марков манастир, с. Сушица, скопско, меѓу 1366 и 1371-72 | |||||
На престол | 1371 - 1395 | ||||
Претходник | Волкашин | ||||
Роден(а) | ок. 1335 | ||||
Починал(а) | 17 мај 1395 | ||||
| |||||
Татко | Волкашин | ||||
Мајка | Елена |
Крале Марко (околу 1335 - 17 мај 1395) — последниот крал што владеел со поголемиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на турските султани. Истовремено, тој е најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците, туку и пошироко на Балканот. Кралството на Марко било со средиште во Македонија, со Прилеп како главен град[1] и затоа се смета за македонски крал.[2][3]
Животопис
[уреди | уреди извор]Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Марко имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник.
За потеклото на фамилијата Мрњавчевиќ нема сигурни сознанија, бидејќи современите пишувани извори не даваат податоци за тоа. Најстари податоци за ова семејство дал дубровничкиот писател Мавро Орбини од XVII век. Според него, тие потекнувале од Ливно, во Херцеговина, од сиромашниот владетел Мрњава, кого царот Душан (1346-1355) го повикал на својот двор и многу го издигнал. Врз основа на ваквото пишување на Орбини прифатено е презимето Мрњавчевиќ за оваа фамилија и како такво одамна е востановено во литературата.
За време на владеењето на неговиот татко, Марко ја имал титулата „млад крал“, односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371 год., Марко не учествувал во бојот, туку останал да управува со територијата на земјите на неговиот татко и на чичко му. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви, тој станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој бил и единствениот легитимен наследник на Душановото царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи.
Но, владеењето на кралот Марко се соочувало со постојани притисоци, како од страна на српските големци, така и од страна на Турците, кои постепено завладувале со Балканот. Набргу, некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склучувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така, и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да ѝ служи на турската војска во нејзините воени походи. Границите на Марковата држава биле: Вардар на исток, Шар Планина на север, Охридското Езеро и градот Костур на југозапад, а престолнина Прилеп.
По Маричката битка
[уреди | уреди извор]Постојат различни претпоставки за годината во која кралот Марко станал турски вазал. Некои сметаат дека тоа се случило во 1371 г., веднаш по Маричката битка, но постојат записи кои кажуваат за турските опсади на Прилеп и Битола во 1385 год., што го дефинира Mарковото кралство како независна територија во однос на турската држава.
Интересно е да се напомене дека и покрај турското вазалство, кралот Марко се издигнал на ниво на легендарен национален херој, под чие владеење народот се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи. Музафер Туфан во „Кралот Марко во некои турски извори“ објаснува дека тоа се должи на „фактот дека тој успеал најдолго да ја сочува внатрешната автономија и фактот дека тој тоа го постигнал врз основа на својата тактичност, државничка мудрост и подготвеност на осојузување, дури и по цена на саможртва, со цел подолго да се опстане и да се сочува внатрешната автономија и соработка на Балканот“.
Смртта
[уреди | уреди извор]На 17 мај 1395 год. во Битката кај Ровине, застанувајќи на страната на турскиот султан Бајазит I и борејќи се против влашкиот војвода Јован Мирче, кралот Марко загинал, провоцирајќи низа шпекулации како точно се случило тоа и каде било погребано неговото мртво тело. Според Мавро Орбини, Крале Марко ја загубил битката против Мирче крај Кралево, а потоа побегнал во некоја шума каде, по грешка, бил убиен од некој Влав кој мислел дека се работи за ѕвер. Неговото тело било закопано во близина на Скопје, во манастирот Блачани. Други научници веруваат дека мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марков манастир зборува дека неговиот гроб се наоѓа токму на ова место. Ниту една од овие теории не е потврдена од науката. Преданието вели дека непосредно пред битката, на деспотот на кумановско-кратовската област Константин Дејанов (Константин Драгаш), кој исто така се борел на страната на Османлиите и загинал во битката, Марко му ги кажал следниве зборови: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да загинам во таа борба“.
Крале Марко во народното творештво
[уреди | уреди извор]Крале Марко е најголемиот јунак и единствениот довршен лик во народното творештво на Јужните Словени:[4] за него, постојат голем број легенди и преданија, а тој е најопеаниот јунак во народната епска поезија. Песните за него најпрвин се појавиле во Прилеп и во неговата околина, а потоа се прошириле и на другите поблиски и подалечни територии.[5] Притоа, описот на Крале Марко во народното творештво често драстично се разликува од историските факти. На пример, во една песна се споменува дека учел кај попот Неделко во Призрен и дека му бил писар на царот Душан;[6][7] во друга песна се вели дека бил присутен на бојното поле непосредно по завршувањето на Косовската битка;[8] во песната „Марко пие на Рамазан вино“, тој му се спротивставува на султанот Сулејман, кој владеел по смртта на Марко;[9] во друга песна се споменува дека Марко бил три години затворен во Истанбул[10] и дека во младоста го убил својот брат Андријаш.[11] Најпосле, според народната песна, Марко умрел крај морето, на Урвина планина, откако живеел 300 години, од кои со Шарец се дружел 160 години. Притоа, тој не умрел на бојното поле, туку во еден бунар го видел својот лик, а потоа го убил Шарец, ги скршил сабјата и копјето, го фрлил боздоганот во морето, напишал писмо и легнал да умре. Една недела подоцна, тука поминал игуменот Васо кој го зел мртвото тело на Марко и го закопал во црквата Хиландар, на Света Гора.[12]
Во народното творештво, Крал Марко често е прикажан како јунак кој се бори против поробувачот или му пркоси на различни начини. Така, во песната „Орањето на Крале Марко“, тој намерно ги ора царските друмови, а потоа ги убива јаничарите и им го одзема богатството;[13] другпат, тој го крши царскиот указ и игра оро со жените и пие вино на Рамазан при што ги присилува и турските оџи и аџии да пијат.[14] Но, истовремено, народниот пејач бил свесен и за вазалската положба на Крал Марко: така, во песните тој служи во османлиската војска;[15] се истакнува во војната на османлиската војска против Арапите;[16] заедно со неговиот побратим Алил-ага го чуваат царството и ги задушуваат бунтовите;[17] на царот му се обраќа со „потатко“ а на царевата жена со „помајка“, додека царот го нарекува „синко“ или „посинко“;[16][18] застанува во одбрана на царот и на царевата ќерка;[18][19]
Во народните песни, Крале Марко е обдарен со необични особини и со огромна, неверојатна сила, која ја стекнал уште од раѓањето. Така, уште на третиот ден по раѓањето, во домот на Волкашин дошоле три наречници, а една од нив предвидела „Марко јунак да е, кога момче оно да порасте, на татка си коски да му скрши“.[20] Притоа, својата голема сила Крале Марко ја наследил од својот вујко, војводата Момчило кој бил најголем јунак.[21] Во српската народна приказна „Како Крале Марко го научил јунаштвото“ (Како се Краљевиһ Марко јунаштву научио), Крале Марко кажува дека станал јунак така што го набљудувал однесувањето на децата и на кучињата: кога кучето или детето бега, тогаш сите други го гонат; но, дури и најслабото дете или куче, кога напаѓа, сите бегаат од него.[22][23] Инаку, според народната песна „Урош и Мрњавчеви“, судбината на Крале Марко се остварила токму според клетвата на татко му Волкашин и на благословот на царот Урош: Имено, Волкашин го проколнал Крале Марко со зборовите: „Сине Марко, бог да те убие! Да немаш гроб ни пород! И душата да не ти излезе - додека не го двориш турскиот цар!“ Од друга страна, царот Урош го благословил посакувајќи му „твојата сабја да сече на мегданот! Над тебе да не се најде јунак! Името секаде да ти се споменува, додека постојат сонцето и месечината!“[6][7]
Подоцна, Марко стекнал јуначки коњ, Шарец (некаде наречен Шарин),[6] кој потекнува од кобилата која ја јавал Волкашин. Шарец, исто така, поседува неверојатна сила и необични способности, на пример, тој знае да зборува и понекогаш му дава корисни совети на Марко. Така, во песната „Марко наоѓа Шарца крај езеро и си граби невеста“, кога Марко бил стигнат од зетот на Ангелина и мисли дека ќе загине, Шарец му кажува да ги запре надојдените дрва и камења и така да ја премине реката. Во песната „Марко Крале и црна Арапина“, кога Марко сака да се врати во Прилеп за да си го земе оружјето, Шарец му кажува дека под неговата грива е скриена сабја. Во народната песна, Шарец е опишан на следниов начин: „шаренаго коња дебелаго, дебелаго коња кршигора, од ноздри му пламен излегува, а од уста саде бела пена, бела пена со крв измешана, од планина скока на планина, а зад него дождој од камења, што ги фрла коњот со копита“,[24] „од копита жив оган светка, од ноздрите син пламен лиже“,[25] и „по три копја во висина скока, а по добри четири напред“.[26] Според една песна, Шарец живеел 160 години, а умрел така што Крале Марко му ја пресекол главата за да не им служи на Турците.[27] Исто така, Марко се снабдува и со посебно оружје - сабја која „се дипли дванаесет дипли... што ми сече дрвја и камења“. Оваа сабја, Марко ја купил во Стамбол за 900 дукати.[28]
Крале Марко бил оженет со Ангелина, ќерката на ковачот Јано од Солун, кој му бил побратим на татко му Волкашин и му го потковувал коњот. Притоа, Марко не ја освоил Ангелина со јунаштво, туку ја грабнал на денот на нејзината свадба, служејќи се со итрина: „Ангелина му се поклонила и повторно рака целивала. Тога Марко за рака ја фатил и ја фрлил зад себе на коња... и си летнал по бели друмови“.[29] Според народната песна, подоцна, поради една банална причина, Марко ѝ се скарал на Ангелина и заминал во Солун, каде седел три години и не сакал да се врати дома. Оттука, таа се премажила за јунакот Беле од Костур, но Марко отишол кај неа и жива ја запалил.[30] Во друга песна е опишано дека Крале Марко се оженил со ќерката на некој поп Никола, која ја грабнал, служејќи се со итрина, така што фрлил дукати меѓу сватовите за да ги збуни.[31] Најпосле, во песната „Марко Крале и Алил-ага“, тој вели дека дома го чека верната жена Јелица која е благородна госпоѓа.[17]
Инаку, интересен е физичкиот лик на Крале Марко, кој сам по себе е доволен секому да му влее страв. На пример, тој „засукал мрка мустаќина, еден мустаќ до три руна црни, ми натмурил очи соколови, и над ними веѓи пијавици како црни крила ластовички“,[24] а на друго место, неговите мустаќи се опишани на следниов начин: „во уста нешто црно носи, како јагне половингодишно“.[32][33] Оттука, во една прилика, големиот јунак Љутица Богдан, кога ги погледнал црните очи на Марко, нозете му се потсекле,[34] а кога Велимировица го видела Марко „ја фати треска тригодишна“.[33] Кога Марко го јава својот коњ, неговата сила е толку голема, што „се затресла клета црна земја, завеале силнине ветрови, прибучале реки и езера, с'исплашиле луѓе по градишта, и ѕверови длабоки пештери, сите пилци мали по земјата“.[24]
Се разбира, јунак со ваква физичка сила, со необичен коњ и со моќно оружје, немал страв од никого и лесно се справувал со своите противници. На пример, уште како дете, кога му бил девер на Релјо Шестокрило, свадбената поворка била пресретната од ѕвер со три глави од кого сите сватови избегале, само „Марко, брате, не ми се уплаши... Марко ми се јуначки бореше...три саати токмо се бориле, дури Марко ѕверетина кутнал“.[20] Неговата сила е толку голема, што лесно може да фрли тежок камен на далечина од „пет саати место“,[35] а при средбата со Господ, Марко дури успеал малку да ја поткрене целата Земја.[24] Еднаш, кога царот Мурат издал наредба „каурин зелено да не носи, сите ми го цара послушале, не послуша Марко Кралевиќе, тук ми носи зелена долама“.[36] Во борбата против црна Арапина, кога тој го удрил со боздоганот, Марко само му одговорил: „ал се смееш ал вистина маваш, ал од кожув праот ми го тресеш!“, а потоа, толку силно го удрил Арапот, што нему „снагата во земи му пропадна, а глава му на страна побегна“.[32] Пред тврдината во Варадин, најпрвин Крале Марко лесно победува 300 војници, а потоа сам совладува дури 3.000 војници.[33] Најпосле, Марко бил толку силен што можел да ги совлада и самовилите.[26]
Покрај со физичката сила, понекогаш Марко се служел и со итрина за да ги совлада противниците. На пример, кога бил ослепен од Јуда самовила, „Марко ѝ се милно-жално моли: Дај ми, Јудо, око половина, да си видам моја добра коња“, а потоа тој го зел боздоганот и ја претепал самовилата.[37] Во друга прилика, тој се преправил во калуѓер за да влезе во дворецот на Беле од Костур.[30] Во борбата против Корун разбојник, по тричасовна борба, Марко паднал на земја и се спасил така што „се побара в свилени појаси, си извади потајно оружје, го распора Корун арамија“,[38] а на истиот начин го совладал и Муса Кесеџија кој, исто така, бил посилен од него.[10][39] Подоцна, поради големото фалење, Крале Марко ја загубил силата, така што повеќе не бил најголем јунак, но продолжил да ги победува посилните од него, служејќи се со нечесни методи на борба. Таков бил случајот со борбата против седумгодишното дете Дукадинче, кое било седумпати поголем јунак од него, но Марко го победил така што ненадејно го пресекол со сабјата, додека детето го подготвувало својот коњ.[40] На ист начин, служејќи се со итрина, Марко го убил и Груица Детенце.[41]
Често, во народната песна, Марко е прикажан како човек со големо чувство за праведност, кој секогаш е на страната на слабите и поробените. На пример, читајќи го писмото од германската кралица, Марко ја собрал дружината и заминал во Германија, каде никој не можел да направи свадба поради насилството на Арапите.[42] Поради истата причина, Марко отишол на Косово Поле, ослободувајќи ги младите момчиња и девојки до обврската да му плаќаат данок на црна Арапина.[25][32] Еднаш, на Велигден, одејќи на причесна во Света Гора, Марко го сретнал црна Арапина како водел три синџири со робови и „и го молел робје да отпушти, ал за атер ал за многу пари, колку сака Марко да му даде“, а откако Арапот одбил, Марко го убил Арапот и ги ослободил робовите.[43] Кога браќата Мрњавчевиќ се скарале со принцот Урош околу поделбата на царството, Крале Марко е повикан да пресуди, бидејќи „Марко право ќе кажува, зашто... не се плаши од никого, освен од едниот бог вистинит.“ Притоа, иако татко му и неговите стриковци очекуваат тој да пресуди во нивната полза, Марко се држи до словото на законот, изложувајќи се на опасноста да погине од раката на незадоволниот Волкашин.[6][7] Во една песна, Крале Марко го одбива гостопримството на бегот Костадин поради неговиот нечовечки однос кон две сирачиња кои потоа Марко ги облекол и ги нахранил.[44][45] Во песната „Крале Марко и орелот“, тој спасил еден орел кој не можел да полета од бојното поле, а потоа ги спасил и неговите млади пилиња.[8] Во друга песна, Крал Марко им го враќа богатството на жителите на три града кои им го зел злосторникот Џемо.[46]
Исто така, тој има голема почит кон татко му, така што, дури и кога Волкашин не е во право, Марко му попушта и не сака да му се спротивстави: „Кога видел Марко Кралевиќе, оти татко му ќе го загуби, чест му сторил не му се спротивил, трештил Марко пред него да бега, и не кренал рака на татка си, да не земе клетвата од бога“;[47] „Бега Марко пред својот родител, зашто нему, брате, не му доликува да се бори со својот родител“;[6][7] тој секогаш ја слуша мајка си - „мачно му е да не носи оружје, а уште полошо да не ја послуша мајка му“.[46]
Меѓутоа, во народната песна, ликот на Крале Марко не е секогаш идеализиран, туку тој поседува и многу негативни црти. На пример, кога бил дете, Марко ги чувал селските телиња, но „телци пасел три дена и три ноќи, четврти ден ми истепал телци“.[20] Исто така, тој е завидлив, како при градбата на манастирот во Варош, кога Волкашин го насликал својот лик на вратата, „син му, Марко, богме му завидел и тој ми се одлево написал во одежди и кралски коруни“.[47] Марко бил и голем фалбаџија и често сакал да се фали со својата сила: „...и тој ми се јуначки пофалил: зар јас не сум појунак од татка?“[47] Во една прилика, кога се собрале 70 кралеви, Марко им се пофалил дека „јас сум од вас, бре, појунак...нигде јунак нема спроти мене, крај да има мајка црна земја, с една рака неа ќе превртам, да ми слезе господ од небеси, и со него на мегдан излагам!“[24] Другпат, поради тоа што ковачот Новак му исковал слаба сабја, Марко му ја пресекол раката и веднаш му дал стотина дукати за да се издржува.[10] Најпосле, во банална расправа околу поделбата на еден заробен коњ, налутениот Марко го убил својот брат Андријаш.[11]
Понекогаш, Марко бил и плашлив и бегал од своите противници, како во песната „Марко наоѓа Шарца крај езеро и си граби невеста“, кога бегал од зетот на Ангелина. Притоа, Марко стигнал до надојдената Галичка Река и „тога Марко беше се уплашил до реката дека беше стекла и од јунак дека го привтасал“ жалејќи му се на Шарец „дејди, Шарец, ние погинавме, од јунака, богме, од Краина, уште малце, ете го н'е втаса“.[29] Другпат, од страв од јунакот љутица Богдан, Марко избегал дури до приморјето.[34] Понатаму, во една прилика, Марко бил победен и врзан од Гино Арнаутче, но го ослободила неговата посестрима, крчмарката Ангелина; другпат, Марко бил врзан од еден Арап, а тогаш го ослободил Секула Детенце; еднаш, едно Еврејче сакало да го убие Марко, кој едвај бил спасен од страна на Јанкула војвода; а во песната „Темишварин Ѓуро, Марко Кралевиќе и Дете Голомеше“, Марко Крале дури бил и натепан од Дете Голомеше, кој му удрил 15 боздогани како казна дека не ја одбранил невестата;[48] на патот кон Истанбул, за да ги избегне евентуалните покани на двобој, Марко легнува на коњот и се преправа дека е болен.[17]
Најпосле, во некои песни, Марко е прикажан како премногу суров и немилосрден човек, кој постапува ѕверски дури и кон жените и децата. Така, кога пристигнал во куќата на Филип Маџарин, Марко ѝ го пресекол јазикот на неговата жена, затоа што таа не му кажувала каде е нејзиниот маж, а освен тоа, „ми зеде она машко дете, во дивани него го преѕвони, диван ми се крви облеало“.[35] Друг таков случај е кога Марко се скарал со жена му Ангелина само поради тоа што таа не му ја полнела чашата до крај, при што, „се налути Марко Кралевиќе, што се скарал со своја невеста, си побегнал во Солуна града, што ми седел токму три години“, а кога таа му напишала писмо, молејќи го да се врати, Крале Марко ѝ напишал дека „за инат сега не си идам, тук ќе седам уште три години“. Потоа, кога Ангелина се премажила, Марко отишол кај неа и „ми зело една рогозина, ја намачка смола и катрана, ја завитка млада Ангелина, ја запали и ми ја изгоре“ и направил уште погрозно злосторство „пресекол дете малечкаво, та наранил ’рти ем загари“.[30]
Народни творби посветени на Крале Марко
[уреди | уреди извор]- „Марко и три наречници“ (македонска епска песна)[20][49]
- „Марко наоѓа Шарца крај езеро и си граби невеста“ (македонска епска песна)[29]
- „Волкашин и Марко“ (македонска епска песна)[47]
- „Марко и Филип Маџарин“ (македонска епска песна)[35]
- „Марко и цар Мурат“ (македонска епска песна)[36][50]
- „Немечка кралица и Марко“ (македонска епска песна)[42]
- „Марко и дете Дукадинче“ (македонска епска песна)[40]
- „Марко и Јуда самовила“ (македонска епска песна)[37]
- „Марко и Корун разбојник“ (македонска епска песна)[38]
- „Марко и Беле од Костур“ (македонска епска песна)[30]
- „Марко Крале и црна Арапина“ (македонска епска песна)[43][51]
- „Крале Марко и мајстор Ѓуро“ (македонска епска песна)[52]
- „Марко ја губи јунаштината“ (македонска епска песна)[24]
- „Марко Кралевиќ ја губи силата“ (македонска епска песна)[53]
- „Марко ја одменува свадбарината“ (македонска и српска епска песна)[25][32][54]
- „Урош и Мрњавчеви“ (српска епска песна)[6]
- „Марко Крале и бегот Костадин“ (српска епска песна)[44]
- „Марко Крале и Вуча џенерал“ (српска епска песна)[33]
- „Крале Марко и Љутица Богдан“ (српска епска песна)[34]
- „Крале Марко и орелот“ (српска епска песна)[8]
- „Марко пие вино на Рамазан“ (српска епска песна)[9]
- „Крале Марко ја препознава татковата сабја“ (српска епска песна)[55]
- „Орањето на Крале Марко“ (српска епска песна)[56]
- „Марко Крале и Муса Кесеџија“ (српска епска песна)[10]
- „Крале Марко и брат му Андријаш“ (српска епска песна)[11]
- „Смртта на Марко Крале“ (српска епска песна)[12]
- „Крале Марко и самовилата“ (српска епска песна)[57]
- „Марко Крале и Алил-ага“ - српска епска (јуначка) песна[58]
- „Марко Крале и Мина од Костур“ - српска епска (јуначка) песна[59]
- „Марко Крале и Арапот“ - српска епска (јуначка) песна[60]
- „Како Крале Марко го научил јунаштвото“ (српска народна приказна)[23][61]
- „Марко Крале и Ѓемо Брѓанин“ - српска епска (јуначка) песна[62]
Крал Марко како тема во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Марко Крале“ — песна на Никола Јонков Вапцаров.[63]
- „Смолар и Крали Марко“ — расказ за деца на македонскиот писател Киро Донев од 2013 година.[64]
- „Додолска легенда за Марко од Прилепа по гибелта му“ — песна на македонскиот писател Славко Јаневски од 1966 година.[65]
- „Одземање на силата“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.[66][67]
- „Стерна“ — песна на Блаже Конески.[68]
- „Кале“ — песна на Блаже Конески.[69]
- „Марковиот манастир“ — песна на Блаже Конески.[70]
- „Песјо брдце“ — песна на Блаже Конески.[71]
- „Под Марковите кули во Прилеп“ — песна на македонскиот поет Наум Целакоски од 1991 година.[72]
- „Крале Марко (или Синот на Волкашин“ — монодрама од Славчо Ковилоски од 2010 година.[73]
- „Синот на Кралот“ (роман за Крале Марко) — роман од Славчо Ковилоски од 2011 година.[74]
- „Крале Марко по вторпат“ — поема од Славчо Ковилоски од 2018[75] (награда „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема на македонски јазик).[76]
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Маркови Кули (Водно), град-тврдина, градски збег на градот Скопје
- Маркови Кули (Прилеп), град-тврдина и споменик на природата кај Прилеп
- Маркови Кули (Кожле), тврдина-гранична стража, Кожле, Скопско
- Маркови Кули (Корешница)
- Маркови Кули (Летевци)
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Георги Острогорски, Историја на Византија
- ↑ Крсте Петков Мисирков. „За македонцките работи“ Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе оддел'на етнографцка и политична іединица?, Софија, 1903: Македониiа крепит Урошеиiот престол и македонцкиiот големец крал' Волкашин iет главниiот советник и десна рака на Уроша.
- ↑ Evans, Thammy (2019). North Macedonia. Bradt Travel Guides. стр. 264. ISBN 9781784770846.
- ↑ Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 14.
- ↑ Томе Саздов, „Предговор“, во: Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 6.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 „Урош и Мрњавчевићи“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 44-50.
- ↑ 7,0 7,1 7,2 7,3 „Урош и Мрњавчевићи“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 85-91.
- ↑ 8,0 8,1 8,2 „Марко Краљевић и орао“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 123-124.
- ↑ 9,0 9,1 „Марко пије уз Рамазан вино“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 129-131.
- ↑ 10,0 10,1 10,2 10,3 „Марко Краљевић и Муса Кесеџија“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 132-138.
- ↑ 11,0 11,1 11,2 „Марко Краљевић и брат му Андријаш“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 58-60.
- ↑ 12,0 12,1 „Смрт Марка Краљевића“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 149-153.
- ↑ „Орање Марка Краљевића“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 228.
- ↑ „Марко пије уз рамазан вино“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 202-204.
- ↑ „Марко Краљевић познаје очину сабљу“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 171-174.
- ↑ 16,0 16,1 „Марка Краљевић и Мина од Костура“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 180-189.
- ↑ 17,0 17,1 17,2 „Марко Краљевић и Алил-ага“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 175-179.
- ↑ 18,0 18,1 „Марко Краљевић и Арапин“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 190-201.
- ↑ „Марко Краљевић и Муса Кесеџија“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 205-201.
- ↑ 20,0 20,1 20,2 20,3 „Марко и три наречници“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 5-12.
- ↑ „Женидба краља Вукашина“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 30-37.
- ↑ '„Како се Краљевиһ Марко јунаштву научио“, во: Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 156.
- ↑ 23,0 23,1 „Како се Краљевић Марко јунаштву научио“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 424.
- ↑ 24,0 24,1 24,2 24,3 24,4 24,5 „Марко ја губи јунаштината“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 67-71.
- ↑ 25,0 25,1 25,2 „Марко Краљевић укида свадбарину“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 141-147.
- ↑ 26,0 26,1 „Марко Краљевић и вила“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 61-64.
- ↑ „Смрт Марка Краљевића“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 229-233.
- ↑ Кирил Пенушлиски, „Марко Крале јунак над јунаци“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 81.
- ↑ 29,0 29,1 29,2 „Марко наоѓа Шарца крај езеро и си граби невеста“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 16-25.
- ↑ 30,0 30,1 30,2 30,3 „Марко и Беле од Костур“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 36-43.
- ↑ Кирил Пенушлиски, „Марко Крале јунак над јунаци“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 86.
- ↑ 32,0 32,1 32,2 32,3 „Марко ја одменува свадбарината“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 46-50.
- ↑ 33,0 33,1 33,2 33,3 „Марко Краљевић и Вуча Џенерал“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 69-76.
- ↑ 34,0 34,1 34,2 „Марко Краљевић и Љутица Богдан“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 65-68.
- ↑ 35,0 35,1 35,2 „Марко и Филип Маџарин“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 26-31.
- ↑ 36,0 36,1 „Марко и цар Мурат“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 67-71.
- ↑ 37,0 37,1 „Марко и Јуда самовила“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 32-33.
- ↑ 38,0 38,1 „Марко и Корун разбојник“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 51-53.
- ↑ „Марко Краљевић и Муса Кесеџија“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 205-212.
- ↑ 40,0 40,1 „Марко и дете Дукадинче“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 72-75.
- ↑ Кирил Пенушлиски, „Марко Крале јунак над јунаци“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 84.
- ↑ 42,0 42,1 „Немечка кралица и Марко“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 44-45.
- ↑ 43,0 43,1 „Марко Крале и црна Арапина“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 56-60.
- ↑ 44,0 44,1 „Марко Краљевић и бег Костадин“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 139-140.
- ↑ „Марко Краљевић и бег Костадин“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 219-220.
- ↑ 46,0 46,1 „Марко Краљевић и Ђемо Брђанин“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 213-218.
- ↑ 47,0 47,1 47,2 47,3 „Волкашин и Марко“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 13-15.
- ↑ Кирил Пенушлиски, „Марко Крале јунак над јунаци“, во: Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967, стр. 85.
- ↑ „Кралевиќ Марко и три наречници“, во: Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 39-45.
- ↑ „Марко и Мурат-бег“, во: Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 57-58.
- ↑ „Марко Крале и Црна Арапина“, во: Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 52-55.
- ↑ Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 55-57.
- ↑ „Марко Кралевиќ ја губи силата“, во: Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 45-52.
- ↑ „Марко Крале го укинува свадбениот данок“, во: Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 64-68.
- ↑ „Марко Краљевић познаје очину сабљу“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 125-128.
- ↑ „Орање Марка Краљевића“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 149-153.
- ↑ „Марко Краљевић и вила“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата) стр. 61-64.
- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 175-179.
- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 180-189.
- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 190-201.
- ↑ „Како се Краљевиһ Марко јунаштву научио“, во: Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 156.
- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 213-218.
- ↑ Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 129.
- ↑ Киро Донев, Приказни од куќичката на дрво. Скопје: Македоника литера, 2013, стр. 129-130.
- ↑ Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 31-32.
- ↑ Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 52-54.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 76-78.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 79-81.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 82-85.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 86-88.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 89-90.
- ↑ Наум Целакоски, Пролог, 1998, стр. 10-11.
- ↑ Ковилоски, Славчо (2010). Крале Марко (или Синот на Волкашин). Скопје: Современост, Општина Прилеп. стр. 1–62. ISBN 978-608-4501-11-4.
- ↑ Ковилоски, Славчо (2011). Синот на Кралот. Скопје: Современост. стр. 1–158. ISBN 978-608-4501-20-6.
- ↑ Ковилоски, Славчо (2018). Крале Марко по вторпат. Охрид: НУ центар за култура-Охрид. стр. 1–69. ISBN 978-9989-2087-3-7.
- ↑ НМ (2019-02-05). „Наградата „Григор Прличев" врачена на поетот Славчо Ковилоски“. Нова Македонија. Посетено на 2023-03-22.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Крал Марко на Ризницата ?
|
|