Крале Марко ја губи силата

Од Википедија — слободната енциклопедија

Марко Кралевиќ ја губи силата — македонска епска народна песна.

Содржина[уреди | уреди извор]

Крале Марко шетал јавајќи го Шарец и наоружан со сабја што се дипли 12 пати и која сече дрвја и камења, со копје високо колку јасика, со боздоган од 600 оки, а каде ќе стпане Шарец, потонува до колена. На земјата ѝ станало тешко што носи толку силен јунак така што јачела и се тресела. Така шетал Крале Марко барајќи некој јунак, ламја, самовила или некаква друга сила со која би се борел, но никој и ништо не можело да му се спротивстави. Затоа, ја прашал ѕвездата Вечерница дали некаде познава сила соодветна на неговата, а таа му одговорила дека не постои јунак како него. Тогаш, Марко се пофалил дека би можел да се бори дури и со Господ, како и дека би можел со една рака да крене целата земја. Слушајќи го тоа, ѕвездата се скрила зад еден облак и почнала да плаче. Марко, пак, го разиграл својот коњ така што целата земја почнала да се тресе, завеале силни ветрови, заиграле морињата, а планините се прекршиле така што се исплашиле сите луѓе и животни. Тогаш, господ се сожалил гледајќи дека земјата не може да издржи таква сила и затоа слегол на земјата, се претворил како старец, во торбата ставил малку земја, но со тежина колку целата планета и седнал на крстопат чекајќи го Марко. Притоа, господ го замолил Марко да му ја поткрене торбата за да ја стави на грб. Крале Марко ја прифатил молбата со потсмев, но кога посегнал со копјето за да ја крене торбата, копјето му се скршило, а кога се наведнал од коњот да ја поткрене торбата, Шарец потонал во земјата до колена и му се скршиле сите коски. Марко се налутил, слегол од коњот и малку ја кренал торбата, но му испукале коските, а нешто ми се скинало во срцето. Тогаш, старецот му кажал на Марко дека ја кренал целата земја, но дека истовремено ја изгубил силата; поради тоа, во иднина ќе има поголеми јунаци од него, а тој ќе мора да се служи со итрина за да може да победува. Потоа, Крале Марко почнал да жали за својата сила, па се вратил во Прилеп каде се оженил и владеел со кралството.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 45-52.