Кикимора

Од Википедија — слободната енциклопедија
цртеж од 1934 година на Иван Билибин

Кикимора (руски: кики́мора) е женски дух на домот во словенската митологија, а во некои случаи се смета и дека му е жена на Домовој. Се верува дека кикиморите се духови на некрстени деца.

Во некои приказни, Кикимора е претставена како вештерка со глава мала како напрсток и слаба како сламка. Во други приказни, таа е обична жена со пуштена коса (словенските жени кои биле мажени обично ја покривале косата, а младите немажени девојќи ја носеле косата во плетенка). Таа е претставена и како мала грбава жена во валкани алишта.

Ако домот бил добро одржуван, Кикимора се грижела за кокошките и за работата низ куќата. Ако не бил, таа навечер цимолела, им свиркала на децата и ги скокоткала. Исто така, Кикимора излегувала навечер да преде. Се верувало дека кој ќе ја види Кикимора како преде, наскоро ќе умре. За да се смири разлутената Кикимора, требало да се измијат сите лонци и тави со чај од папрат.

Таа обично живеела позади печката или во подрумот од куќата, но можела да се сретне и во мочуришта и шуми. Кикимора е наречена и една од симфониските поеми на Анатоли Константинович Лиадов, кој вели (како што е наведено во една белешка од програмата на филхармонијата на Лос Анџелес) дека: „таа пораснала кај еден волшебник во планината. Од зора до самрак, мачката на волшебникот ѝ раскажувала необични приказни за древните времиња и далечните места, додека таа се лулала во кристална колевка. За седум години таа созреала, но главата не ѝ била поголема од напрсток, а телото не пошироко од сламка. Кикимора предела лен од самрак до зора и имала зли намери кон луѓето.“

Кикимора е обележана и во светот на животните. Во 1988 година, биологот Кирил Есков, родот од фамилијата пајаци Линифиди (што тој ја откри), го крсти Кикимора палустрис (Кикимора од мочуриштето, руски: кики́мора боло́тная), по овој дух од словенската митологија.