Марко ја одменува свадбарината

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Марко ја одменува свадбарината (српски: Марко Краљевић укида свадбарину) - епска песна за Крале Марко која е дел од македонското и од српското народно творештво. Српската верзија прв ја запишал Лукијан Мушицки, кој ја слушнал од непозната слепа жена од Гргуревац и потоа му ја испратил на Вук Караџиќ.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Рано наутро, Крале Марко тргнал од Прилеп со намера да прошета низ Косовската нахија. Уште по мракот, тој стигнал во Скопје, а пред да се раздени веќе бил на Косово Поле. Таму сретнал жена со остарено лице и побелена коса, која ја нарекол вдовица, но таа му објаснила дека е девојка, која остарела без да може да се омажи. Причината за тоа бил црна Арапина, кој веќе триесет години не дозволувал никој да се омажи или ожени без да му плати давачка, а нејзиното семејство било сиромашно и не можело да плати. Тогаш, Марко ѝ дал пари за да ја плати свадбарината и ја прашал, каде се наоѓа црна Арапина.

Галопирајќи, Марко се упатил кон шаторот на црна Арапина, чии слуги се исплашиле од неговата појава и избегале. Марко се претставил дека сака да се жени, но дека има само три минца, наместо 33, колку што изнесувала давачката, но му ветил на црна Арапина дека ќе му ги даде сите дарови што ќе ги добие на свадбата. Арапот се налутил и го удрил три-четири пати со боздоганот, а Марко само го прашал, дали се шегува или му го тресе правот од кожувот. Тогаш, Марко го удрил црна Арапина и од силата на ударот, неговото тело пропаднало во земјата, а главата му летнала настрана. Потоа, Марко убил 27 стражари на Арапот, а тројца оставил живи за да шетаат низ Косово, разгласувајќи дека секој може слободно да си прави свадба, зашто Марко ја платил свадбарината за сите.[2] [3] [4] [5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 490.
  2. Јунак над јунаци - епски песни за Марка Крале, Култура, Скопје, 1967, стр. 46-50.
  3. „Марко Краљевић укида свадбарину“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 141-147.
  4. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 64-68.
  5. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 221-227.

Наводи[уреди | уреди извор]