Марко Крале и црна Арапина

Од Википедија — слободната енциклопедија

Марко Крале и Црна Арапина — македонска епска песна за Крале Марко.

Содржина[уреди | уреди извор]

Рано наутро, на Велигден, Крале Марко тргнал да оди во Света Гора за да се причести. Бидејќи в црква не се оди вооружен, а за да се заштити од евентуални неволји по патот, неговата итра мајка му ја скрила сабјата во гривата на Шарец. Патем, Марко го видел црна Арапина како води три синџири со робови: едниот синџир со мали деца, вториот со убави девојки, а третиот со млади момчиња. Притоа, дечињата плачеле и Марко се нажалил, па го замолил Арапот да ги пушти робовите, но тој му се заканил дека ќе го стави напред за да ги води робовите. Тогаш, Марко се налутил и тргнал назад за Прилеп за да си го земе оружјето, а притоа силно ги забодел мамузите во белите дробови на Шарец, така што на коњот му протекла крв. Затоа, Шарец му кажал на Марко за скриената сабја во неговата грива и тој се вратил назад кај Црна Арапина, предизвикувајќи го на двобој. Црна Арапина го фрлил боздоганот, но Крале Марко го дочекал в раце и со него го удрил Арапот меѓу очите. Црна Арапина паднал од коњот и Марко му ја пресекол главата и ги ослободил робовите, давајќи им пари за да си купат леб додека патуваат до својот дом. Кога Марко пристигнал во Света Гора, веќе било доцна и црквата била затворена, а калуѓерите му се потсмевале, велејќи дека сигурно ноќеска Марко се испијанил, па затоа доцнел на причесната. Марко им раскажал за тоа што му се случило, но калуѓерите не му верувале и продолжиле да му се потсмеваат. Затоа, тој им ја покажал главата на Црна Арапина, а калуѓерите се исплашиле и повторно ја отвориле црквата, служејќи литургија во чест на Марко.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јунак над јунаци - епски песни за Марка Крале, Култура, Скопје, 1967, стр. 56-60.