Марко и Беле од Костур

Од Википедија — слободната енциклопедија

Марко и Беле од Костур — македонска епска песна за Крале Марко.

Содржина[уреди | уреди извор]

Крале Марко седнал да вечера и ѝ се налутил на жена му, зашто таа не му ја полнела чашата до крај. Затоа, тој си заминал во Солун, каде останал три години. Тогаш, Марковица му пишала писмо, молејќи го да ѝ се смири и да си дојде дома, но Марко ѝ напишал друго писмо, кажувајќи ѝ дека од инает нема да се врати уште три години. Марковица пак му испратила писмо, известувајќи го дека ќе го чека уште еден месец, а потоа ќе се премажи. На тоа, Марко ѝ дал дозвола да се премажи, но под услов да најде поголем јунак од него.

Тогаш, Марковица испратила гласници, кои три дена и три ноќи барале јунак која ќе сака да ја земе за жена. На повикот одговорил Беле од Костур, кој дошол во Варош, ја зел Марковица, заедно со седумгодишниот син, и го ограбил богатството на Марко. Мајка му на Марко му испратила писмо, молејќи го да си дојде дома и да го покрие срамот. Марко ја послушал, а потоа, слушајќи ги нејзините совети, заминал во Света Гора, каде се преправил во калуѓер и оттука заминал во Костур. Таму, некое време просел низ градот, а кога Марковица се породила, Беле ги отворил портите на својата тврдина, канејќи ги луѓето на веселба по повод крштевката на синот.

Така, Марко успеал да влезе во дворецот на Беле. За време на гозбата, Беле ја побарал големата чаша од која Марко пиел вино и ја испразнил двапати. Потоа, чашата почнала да кружи меѓу гостите, при што, седумгодишниот син на Марко успеал да испие половина чаша. Кога чашата стигнала до Марко, тој се преправал дека не може ниту да ја држи во рацете. Потоа, Беле ја побарал сабјата на Марко и лесно ја извадил од футролата. Синот на Марко успеал само малку да ја извади сабјата, а кога таа стигнала до него, Марко за миг го пресекол Беле на два дела. Потоа, ја завиткал Ангелина во рогозина, намачкана со смола и катран, ја запалил, а нејзиното бебе го исекол на парчиња. Потоа, Марко си го зел својот син и се вратил во Варош, на голема радост на мајка му.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јунак над јунаци - епски песни за Марка Крале, Култура, Скопје, 1967, стр. 36-43.