Валандовска афера

Од Википедија — слободната енциклопедија
За Валандовската афера од 1915 година видете Валандовска афера од 1915 година.
Валандово кон крајот на 19 век

Валандовската афера од декември 1899 година е една од поголемите провали со кои се соочила Македонската револуционерна организација кон крајот на 19 век. Во текот на аферата настрадала организациската мрежа во Гевгелиско, Тиквешијата, Дојранско и Ениџевардарско при што биле мачени и уапсени околу 100 души.

Причини[уреди | уреди извор]

Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

Во Мемоарот на Организацијата не се дадени причините за почетокот на аферата, а во него се вели дека таа била предизвикана од еден предавник од село Балинци. Овој податок подоцна каков таков го презел Христо Силјанов [1] и тој влегол во литературата. Под влијание на Мемоарот и Силјанов, тоа го прифатил и Христо Татарчев [2].

Ангел Динев навлегол подлабоко во откривањето на причините за разврзувањето на Валандовската афера и според него таа произлегла од самоволието на Иван Карасулијата.

Почеток[уреди | уреди извор]

На 7 декември 1899 година, Иван Карасулијата со својата чета влегол во Валандово со цел да зграби богат гркоман но притоа четата била откриена и дошло до неколку часовна престрелка со жандармеријата во која загинале двајца заптии, а четата успеала да се повлече без загуби.

Истрагата за овој инцидент ја презел солунскиот полициски иследник Ќазим бег, кој имал потекло од Тетово. Додека Ќазим бег започнал со измачувањата, војската го блокирала Валандово [3].

Поради мачењата Васил Тајтајкин и Гирџиков признале дека четата ја кријат Иван и Пено Гегови од село Балинци. Меѓутоа тие од своја страна се покажале како издржливи но властите сфатиле дека станува збор за поголем заговор и дека од левата страна на реката Струма се крие чета.

Истрага[уреди | уреди извор]

Набргу во реонот започнале големи потери. Во село Балинци биле тепани 5 селани, во Ѓавато 12 души, во Грчиште 20 души. Во Богданци биле тепани: Гано Пеев, Христо Николов, Караискаак, Ичко Тодоров и други.

Иван Карасулијата

Во куќата на Хаџи Мито биле уапсени десет души. Поради турските претреси и тепања од Богданци побегнале повеќе селани, а меѓу нив се наѓле Мицо Марков - кадијата, Дељо Колчов и Гоно Ванчев.

Во Богданци исто така биле уапсени уште деветмина, а меѓу нив и попот Фригор Јанев. На тој начин аферата се проширил постепено во Гевгелиско, Дојранско и Ениџевардарско.

Аферата набрзо го опфатила речиси целиот Солунски вилает, а се проширила и во Кавадаречко. Таму биле погодени селата Бегниште и Ресава.

Во селото Прждево, Кавадаречко, османската потера извршила големи апсења. По извршеното предавство за кратко време било уапсено целото раководство на Револуционерниот комитет од селото: Атанас Кондов, Ристо Масларов, Ефрем Јанев и Арсо Самарџиев [3]. Врз нив војската и полицијата примениле најсурови методи на измачување за да откријат кои се членовите на тајната организација, за нивните врски со околиското раководство и да откријат каде се наоѓа скриеното оружје. Првите тројца стоички ги издржале сите измачувања, но Арсо Самарџиев потклекнал пред жестоките мерки и ги открил сите тајни на Организацијата со што бил нанесен удар на подемот на ТМОРО во Тиквешијата.

Поради тепањата и апењата неселението почнало да испраќа жалби до странските дипломати во Солун. Под влијание на дипломатите, турските власти започнале постепено да ги ослободуваат уапсените, а од Солун дошла специјална комисија која требало да ги испита злосторствата на дојранскиот, гевгелискиот кајмакам и Мехмед паша кои биле отпуштени од своите должности.

Тоа било сторено со цел да се заблудат дипломатските претставници во Солун. Сето тоа придонело да дојде до смирување на апсењата и тепањата.

Возбновување на аферата[уреди | уреди извор]

Во април 1900 година дошло до возобновување на аферата кога Ќазим бег убил по еден селанец во Тумба и Дабово и 4 овчари од село Бојмица.

Меѓу овчарите имало и едно 12 годишно дете [3]. Потоа во Бојмица биле уапсени 6 селани и учителот Филип Георгиев кои биле сместени во затвор. Меѓутоа жената на учителот ги организирала селаните и тргнале кон Солун. Поради тоа биле прекратени апсењата.

Последици[уреди | уреди извор]

Во текот на аферата бил поткажан Турчинот Мајмедин кој ја снабдувал Организацијата со пушки.

Тој од своја страна поткажал дека пушките му ги доставувал на Иван Делипетров од село Сехово. Делипетров признал дека купил пушка за себе, но по мачењето кажал дека му дал и една пушка Гоно Делиманов од Смоквица.

Тој бил уапсен и признал дека на селаните им дал 8 пушки и тие биле исто така уапсени. Уапсените селани биле осудени според член 54 од Османлискиот кривичен закон, односно за недозволено држење на оружје.

Иван Делипетров и Гоно Делиманов биле осудени на 5 години поради заговор. Во текот на аферата биле мачени и тепани 150 души, а околу 100 биле уапсени.

Валандовската афера ќе биде повод Христо Матов да ја создаде револуционерната елегија „Валандовска песна“ со која се воспеала смелоста на народот [3].

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Х. Сиянов, цит. дело, т.1, 108
  2. Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет