Источна Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Источна Македонија — географски регион во границите на Македонија кој се протега на исток од границата со Бугарија, на север до етногеографскиот регион Козјачија и општините Куманово и Крива Паланка (Северна Македонија), на југ до границата со Грција на планината Беласица и на запад до Повардарскиот регион (Средишна Македонија - Повардарие).[1]

Географија[уреди | уреди извор]

Релјефно, во целиот регион планините и котлините припаѓаат на старите грамадни планини односно на родопскиот систем. Сите реки во регионот припаѓаат на егејското сливно подрачје, а најголема река во Источна Македонија е Брегалница. Други помали реки се Струмица, Злетовска Река, Крива Лакавица, Светиниколска Река, Кочанска Река, Оризарска Река, Зрновска Река и други.

Котлински целини во овој регион се: Струмичко-радовишка Котлина, Овче Поле, Кочанска Котлина, Делчевска Котлина и Малешевска Котлина, а на истата територија постојат и етногеографските области: Лакавица, Јуруклак, Радовишки Шоплук, Осоговија, Пијанец, Малешевија и Злетовска Река.

Највисоки планини во регионот се: Осоговски Планини (2.252 м.), Малешевски Планини со Влаина (1.932 м.), Беласица (1.881 м.), Плачковица (1.754 м.), Огражден (1.745 м.), Плавица (1.297 м.), Обозна (1.278 м.) и Конечка Планина (1.159 м.).

Историја[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX и почетокот на XX век, за време на Отоманското Царство, регионот на Источна Македонија административно бил поделен на шест кази. Според бугарскиот етнограф Васил К'нчов во неговата книга („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во шесте кази кои денес географски влегуваат во регионот на Источна Македонија имало 200.142 жители.

На табелата е прикажан бројот на население и националниот состав во Источна Македонија од 1900 година:[2]

Каза Македонци хрис. Македонци мусл. Турци Албанци Власи Евреи Роми останати Вкупно
Штипска 22.492 / 25.675 / / 800 640 / 49.607
Струмичка 23.602 / 14.930 / / 700 1.650 / 40.882
Кочанска 20.736 / 11.820 45 2.020 / 1.402 20 36.043
Малешевска 19.751 8.605 425 / / / 485 / 29.266
Кратовска 19.385 / 3.805 / 340 / 320 / 23.850
Радовишка 9.043 / 11.061 / / / 390 / 20.494
ВКУПНО 123.614 67.716 45 2.360 1.500 4.887 20 200.142
проценти 61,7 % 33,8 % 0,02 % 1,17 % 0,74 % 2,44 % 0,00 %

Демографија[уреди | уреди извор]

Во географските граници кои ја определуваат територијата на Источна Македонија, се наоѓаат 417 населени места, од кои 12 градови и 405 села, поделени во 20 општини.

Во овој регион спаѓаат градовите: Штип, Струмица, Кочани, Радовиш, Свети Николе, Делчево, Виница, Пробиштип, Берово, Кратово, Македонска Каменица и Пехчево. Најголем град во регионот е Штип со 43.652 жители, кој важи за регионален центар и главен град на Источниот плански регион. Со отворањето на универзитетот „Гоце Делчев“ во 2008 година, Штип претставува и единствениот универзитетски град во Источна Македонија.

Според пописот од 2002 година, во Источна Македонија биле запишани 338.458 жители и сочинуваат 16,7 % од вкупниот број на жители во Република Македонија. Што се однесува до поделбата на урбано и рурално население, 196.527 (58 %) живееле во градовите, а 141.931 (42 %) во селата. Просечната густина на население изнесува 59,8 ж/км2. Особено мала густина има во Кратовско, Овче Поле, Злетовско и во подрачјето на јуручките села на Плачковица. А најголема густина на население е сконцентрирана во јужниот дел на регионот, поточно во Струмичката Котлина, каде што во градот Струмица и околните 74 струмички села живеат 92.625 жители (2002 г.) или 27,7 % од вкупното население во Источна Македонија и 4,57 % од вкупното население во Република Македонија.[3]

Села со над 2.000 жители во регионот се: Ново Село-Струмичко (2.756 ж.), Куклиш (2.532 ж.), Злетово (2.477 ж.), Зрновци (2.221 ж.), Муртино (2.209 ж.), Василево (2.174 ж.) и Русиново (2.095 ж.).[4]

Од етнички аспект, 311.286 или 91,9 % жители се Македонци, а останатото население претставуваат Турци, Власи , Роми, Срби и останати. Турците најмногу се застапени во областа Јуруклак, во Струмичко, Радовишко, Лакавичко и Штипско. Власите живеат во Штипско, Овче Поле, Кочанско и Лакавичко, а Ромите во најголем број живеат во градовите Штип, Кочани и Виница.

На табелата е прикажан бројот на население во регионот по општини, поделено по етнички групи:[4]

Општина Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци останати Вкупно
1. Струмица 50.258 3 3.754 147 3 185 6 320 54.676
2. Штип 41.670 12 1.272 2.195 2.074 297 11 265 47.796
3. Кочани 35.472 / 315 1.951 194 63 / 97 38.092
4. Радовиш 23.752 8 4.061 271 26 71 1 54 28.244
5. Виница 18.261 / 272 1.230 121 32 / 22 19.938
6. Свети Николе 18.005 / 81 72 238 71 1 29 18.497
7.  Делчево 16.637 7 122 651 4 35 / 49 17.505
8.  Пробиштип 15.977 6 37 37 89 1 46 16.193
9. Босилово 13.649 / 495 24 / 8 / 84 14.260
10. Берово 13.335 / 91 459 6 20 3 27 13.941
11. Василево 9.958 / 2.095 5 1 4 1 58 12.122
12. Ново Село 11.907 / / 3 / 25 2 29 11.966
13. Кратово 10.231 / 8 151 1 33 / 17 10.441
14. Македонска Каменица 8.055 / / 14 / 24 8 9 8.110
15. Чешиново-Облешево 7.455 / / / 30 4 / 1 7.490
16. Пехчево 4.737 / 357 390 2 12 / 19 5.517
17. Карбинци 3.200 / 728 2 54 12 / 16 4.012
18. Конче 3.009 / 521 / / 3 / 3 3.536
19. Зрновци 3.247 / / / 13 2 / 2 3.264
20. Лозово 2.471 35 157 / 122 27 34 12 2.858
Вкупно 311.286 65 14.335 7.602 2.926 1.017 68 1.159 338.458

Според бројот на жители, најголема општина е Струмица, а најмала Лозово, додека според површина најголема територија зафаќа општината Берово, а најмала - Зрновци.

Според проценките на население, во 2018 година во овој регион живееле 331.703 жители.[5]

Дијалекти[уреди | уреди извор]

На територијата на Источна Македонија егзистираат неколку дијалекти, кои се класифицираат во две наречја.

Дијалектите кои се дел од Југоисточното македонско наречје се: Штипско-кочански дијалект, Струмички дијалект и Малешевско-пирински дијалект.

Дијалекти кои се дел од Северното македонско наречје се: Овчеполски дијалект и Кратовски дијалект.

Манастири во Источна Македонија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Geografsko društvo na SR Makedonija (1973). Geographical reviews. Društvo.
  2. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. Софија, 1900.
  3. „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика.
  4. 4,0 4,1 „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика.
  5. Државен завод за статистика, Население во Република Македонија на 31.12 по специфични групи на возраст, по пол, по општини, според промените во територијалната поделба во 2014 г., по години