Малешевска Котлина

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Малешевија)
Прејди на: содржини, барај
Поглед на Малешевскта Котлина од селото Будинарци

Проблеми со пуштањето? Помош.

Малешевската Котлина се наоѓа во крајниот источен дел на Македонија и зафаќа површина од 192 км2. Од сите страни е заградена со планини и тоа: на север со Голак и Беаз Тепе, на југ со Огражден, на исток со Кадиица и Влаина и на запад со Плачковица и Обозна. Овие планини се богати со шуми во кои преовладуваат буката, дабот и елата. [1]

Освен тоа тие изобилуваат со сочни пасишта, дивеч и со лигнит. Рудникот Брик располага со резерви на лигнит доволни за 25 години експлоатација со просечно производство од 90 илјади тони годишно.

Котлината е висок предел во источниот дел на Република Македонија. Го зафаќа изворскиот слив на реката Брегалница, до нејзината клисура над с. Разловци. Тоа е опколено со Малешевските Планини и со разграноци на Влаина, Голак и Плачковица, а е отворено само накај север по долината на Брегалница. Преку Малешевијата водат две регионални сообраќајници. Едната го поврзува на север со Пијанец и на југ со Струмичката Котлина, а другата го поврзува на запад со Кочанската Котлина и на исток со долината на Струма.

Првпат се спомнува во една повелба на византискиот цар Василиј II во 1020 г. Во времето на османлиското владеење управно средиште на Малешевијата било Пехчево (тогаш „Османија“); а потоа оваа улога ја презема Берово. Во Малешевијата има 14 села и две градски населби – Берово и Пехчево. Од селата, 8 ѝ припаѓаат на општината Берово, а 6 на општината Пехчево. Населбите се од збиен тип и се населени со Македонци. Во с. Црник има Турци и Роми. Бројот на населението е во стагнација. Во 1961 г. овде живееле 20.048 жители, и во 2002 г. скоро исто толку – 19.458 жители. Малешевци претежно се занимаваат со сточарство, овоштарство и со производство на компири.[2][3]

Котлината има средна надморска височина од 900 метри и спаѓа меѓу највисоките наши котлини со Мариово и Преспа. Во пролетниот и летниот период Малешевската котлина има изглед на зелена оаза поради непрегледните ливади и пасишта. Сликата и пејсажот го надополнуваат и многубројните овоштарници со сливи, круши и јаболка со кои котлината е надалеку позната.

Низ котлината течат реките Брегалница и Ратевска Река. Над селото Ратево е подигната акумулацијата Ратево чии води се користат за поливање но истовремено служат и како резервни води за наводнување на оризовите полиња во Кочани кои преку езерото Калиманци пристигнуваат и во Овче Поле.

Населението во Малишевската котилна се одликува со традиционална гостољубивост и револуционерна прадедовска традиција. Во првите бурни настани пред илинденскиот период населението масовно се приклучило кон Разловечкото и Кресненското востание.

Во котлината постојат поволни можности за развој на туризмот. Тоа го овозможуваат локалитетите Малешево и Абланица.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Marković, Jovan Đ (1967) (на српско-хрватски). Geografske oblasti Socijalističke Federativne Republike Jugoslavije. Zavod za izdavanje udžbenika Socijalističke Republike Srbije. 
  2. Ј. Павловиќ, Малешево и Малешевци, Београд 1928;
  3. Малеш и Пијанец, Природни и социо-географски карактеристики, МАНУ, Скопје, 1980.

Географски региони во источниот дел на Македонија[уреди | уреди извор]