Јане Сандански и Младотурската револуција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дел од темата „Јане Сандански
Манифестација во чест на Енвер Беј

Младотурската револуција од 1908 година создала услови за крупни внатрешни промени во животот на Османлиското Царство. Новите власти сакале да ја трансформираат Империјата во уставно-парламентарна држава и да ја интегрираат во евроспките заедници на слободните народи. По јули 1908 година, месеците биле исполнети со бурни политички манифестации: братимење на Македонците и Турците, амнестирање на илјадници македонски политички затвореници, ликвидација на странските вооружени пропаганди и др. Промените кои се случиле биле почувствувани од сите во Македонија. Јане Сандански и неговите приврзаници идејно и политички подготвено ја дочекале новонастанатата состојба. Тие веднаш ја прифатиле подадената младотурска рака за соработка, отворено и искрено, како своја трајна политичка ориентација. Јане бил свесен за карактерот, значењето и можностите на актуелниот политички миг што запонал со чинот на младотурското востание [1].

Според Манол Пандевски, Јаневата свест извирала од следниве две оценки: Прво, дека чинот од јули 1908 година е само прв, а никако и завршен чин во новата турска политичка драма; дека со него е отворен процесот на внатрешните политички превирања и поларизација на силите; дека дадениот миг е политички нестабилен и преоденм по кој мора да настапи еден поцврст курс во политичкиот развој на земјата. Второ, дека од идејно-политичката зрелост, од организираноста и истрајноста во борбата на прогресивните сили, ќе зависи во која насока ќе појде трајниот политички курс, какви придобивки ќе се извојуваат, до која мерка ќе се продлабочи штотуку започнатата револуција во Турција [1].

Конституциона зора“, орган на серчани, во декември 1908 година пишувала: Револуционерната криза во Турција можеше, а може и сега да се исползува само со крајно и целосно напрегање на револуционерните фактори. Овие фактори, имено, во вакви моменти треба да дејствуваат со полна пареа, зашто придобиеното во времето на еден револуциоерен период е најценетата придобивка... Затоа беше сосема природно, имено, Македонската револуционерна организација да ги напрегне сите сили и од името на целата нација да се наложи да го земе својот дел од придобивки кои во една револуционерна епоха не смеат да се пренебрегнуваат и откажуваат по секоја цена. Организацијата не си прави илузии дека апсолутизмот на Отоманското Царство си ја одигра својата улога [1].

Јане и неговите приврзаници реално ја оцениле историската шанса што Младотурската револуција му ја понудила на макеоднското ослободително движење. Понудената шанса можеле да се испушти, а макеоднските сили да не го земат својот дел од револуционерните придобивки. За Јане, како политички стратег, било јасно акционото поставување: неодложно преземање на акции за обединување на распокинатите македонски сили околу програмата на серчани, организирање и политичко активирање на македонскиот народ со кои требало да се брани постигнатото, како и да се изврши успешен притисок врз младотурската власт [1].

Легализација[уреди | уреди извор]

Ахмед Нијази-бег
Санданисти и младотурски офицери. Стојат: Мицо Врански, непознат турски чиновник, Таската Серски, д-р Авди бег и Димо Хаџи Димов, седат: Л. Козарев, Ахмед Нијази-бег, Сандански, Тодор Паница и Георги Казепов

Јане Сандански до крајот на 1907 година веќе имал авторитет на прв раководител на Серскиот револуционерен округ, а воено бил и еден од главните водачи на т.н реформска струја на Македонската револуционерна организација. Од извештаите на српските дипломатски претставници дознаваме дека влијанието на Јане се простирало во цела источна Македонија, особено во Серскиот и Струмичкиот округ [2]. Света Симиќ истакнува дека по двојното убиство во Софија: групата на Сандански осетно се засили и во Македонија, и во Бугарија[2] . Според истиот извор, бугарската влада сакала да се ослободи од него, а таква желба пројавил и Фердинанд I затоа што и самиот: се плашеше од наглото зајакнување на една македонска струја која откажуваше послушност [2]. Во наредните месеци бројот на Јаневите приврзаници постојано се зголемувал, со што неговиот углед постојано се зголемувал [3].

Решителното застанувањето на Јане на страната на младотурците, наеднаш и многукратно му се зголемила популарноста, значењето, политичката тежина и влијание. Тој бил постојано следен од дипломатско-конзуларните претставници и новинарски известувачи, кои воедно испраќале информации за него. Според австроунгарскиот конзул: Сојузништвото на Сандански не може да се омаловажува зашто неговото влијание се протегнува врз целата област на Серскиот санџак и врз граничните макеоднски села во Драмскиот санџак [1]. Затоа самите младотурци се стремеле да го придобијат Јане и неговата група за сопствените цели [1].

Во јулските денови на 1908 година, приврзаниците на Јане се легализирале и влегле во градовите каде што биле пречекани од младотурските комитети со свечени собири и масовно учество на населението. Јане најпрво влегол во Неврокоп, каде што од балконот на општинската заграда одржал револуционерен говор пред околу 15 000 луѓе. На 15 јули 1908 година, Јане со воз присигнал во Солун. На железничката станица бил пречекан од специјална младотурска делегација предводена од Енвер Беј [1]. Следниот ден, на големиот митинг кој се одржувал на плоштадот Молос, Јане одржал говор во кој ја нападнал султановата управа, а воедно повикал и на поголема политичка сплотеност на различните народности, предупреувајќи дека македонските револуционери нема да го положат оружјето сè додека слободата не биде зацврстена [1]. На 18 јули 1908 година, Јане излегол со познатиот Манифест до сите народности во империјата. Манифестот бил лично потпишн и прочитан од Јане Сандански. Во него било истакнато:

Драги сотатковници,Толку долго очекуваниот зрак на слободата изгреа. Нашата измачена татковина се прероди. Срамниот апсолутизам е во агонија. Против него востана целиот народ во лицето на сите нации што го составуваат. Револуционерниот повик на нашата братска Младотурска револуционерна организација наиде на радосен одѕив во душата на толку измачениот народ. И народот - роб стана господар. И неговата света пресуда е: Смрт на апсолутизмот! Смрт на угнетувачите! [4]


Во Манифестот, Македонците биле предупредени дека: Вие, кои сте дале толку скапи жртви пред олтарот на слободата, можете радосно да здивнете. Сега вие не сте сами - ете зошто и вашата борба станува полесна и понадежна. Со заедничките усилби на сите народи ние ќе ја извојуваме нашата слобода. Не подавајте им се на престапната агитација која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода [4]. Манифестот бил објавен во печатот, а бил отпечатен и како леток на бугарски и турски јазик и растурен во Солун и Македонија. Тој предизвикал силен впечаток кај македонскиот народ, а странските известувачи ја пренеле неговата содржин низ светот.

Политичка активност[уреди | уреди извор]

Хусеин Хилми паша
Говор на Хилми паша во Солун при прогласувањето на Уставот во 1908 година

Во Солун, политичката активност на Јане и неговите приврзаници била изразена во две насоки: а) преговори и постигнување на договор со младотурците б) започнување на процес за обединување на сите македонски сили околу новата стратегија и програма [1].

Јане и неговите приврзаници веднаш по пристигнувањето во Солун се сместиле во големиот хотел Англетер, кој станал место на чести контакти со младотурските водачи [1]. Некои автори истакнуваат дека преговорите помеѓу двете страни траеле околу два месеци [5]. Младотурците прифатиле добар дел од барањата на Јане и неговите соработници. Тие ја сфатиле новосоздадената состојба како вооружено примирје меѓу револуцијата и султановата власт. Младотурците се согласиле приврзаниците на Јане да го задржат оружјето и покрај тоа што тие дејствувале како легална политичка формација [1]. Целосната трансформација на Јаневата групација во политичко-парламентарна партија била оставена за подоцна, откако ќе бидат извојувани предуслови за спроведување на реформи и обласна самоуправа за Македонија [1]. Младотурците го прифатиле барањето за аграрна реформа, која на макеоднските селани им ветувала доделување, под определени услови, на еден минимум од 50 дунума земја, која требало да биде одземена од чифликсајбиите.

Во текот на преговорите и состаноците со младотурските водачи, Јане Сандански го поддржал суверенитетот и интегритетот на Османлиското Царство, но истовремено побарал спроведување на децентрализација на власта во Империјата, преку која во Македонија требало да формира обласна самоуправа. Ова прашање требало да се реши со новиот устав кој требало да биде донесен од турскиот парламент. Според Никола Разлогов, Јане сакал да ги придобие младотурците и тие да се заложат во изработувањето на подемократски устав кој би овозможил најшироки права во Македонија [1]. Сандански бил убеден дека само децентрализацијата може да ја сочува целовитоста на Империјата, а воедно и на Македонија. Во тоа сакал да ги убеди и младотурците. Василиј Василевич Водовозов истакнува дека во 1909 година, во негово присуство, Јане му ги изрекол следниве зборови на Хусеин Хилми паша: Со вашата политика на централизам вие и го копате гробот на Турција [1].

Во текот на средбите биле разгледани повеќе граѓански и политички прашања: политичките права, парламентарните избори, училишната и просветната политика во Македонија, државниот буџет, локалните потреби на народот и др. Какви биле погледите на Јане Сандански по некои од овие прашања дознаваме од д-р Владимир Бурилков, дописник на весникот Дневник, според него Сандански истакнал дека Бугарска егзархија: ... е орудие на Бугарија - една пропагандна институција. При сегашната нова ситуација, нејзе треба да у се забрани да добива супстидии од Бугарија, а училишниот оддел да се претвори во одделение на турското државно министерство за просвета... Училиштата треба да бидат државни и во новата држава ќе има религиозна толеранција[6] Оттука, подоцна Народната федеративна партија се определила за меарифиските училишта, бидејќи тие биле финансирани од османлискиот буџет, со што би се елиминирала секаква можност за пропагандно дејствување однадвор [6]. Меѓутоа, Јане не се ограничил само на соработката со младотурците. Во веќе споменатиот весник Дневник била објавена статијата Јане и Грците, во која биле пренесени интересни фрагменти од грчкиот весник Кери, во кој од грчки аспект биле апострофирани неколку ставови на Јане. Во бројот од 1 август 1908 година, во Кери меѓу останатото било напишано дека:

Сандански... е носител на голема идеја, која треба да ни го привлече вниманието нам, на Грците. Тој секогаш се борел за слободата на Македонија, а никогаш не настојувал да работи за Сан-стефанскиот договор и за присоединување на Македонија кон Бугарија. Едноподруго обнародува прокламации, со кои ги исмева... самите славјаногласни Македонци, кои се стремат за присоединување на макеоднските земји кон Бугарија... сега Сандански, кој нема никакви односи со луѓето во Софија... се наоѓа во Солун, учи и држи проповеди за заемна дејност на елините и славјаногласните Македонци. Како што вели, тој ја подава својата десница за соработка помеѓу Елините и славјаногласните за македонската татковина... Македонскиот елинизам има потреба од време и спокојство, за да се развие, а за тие две нешта може да помогне Сандански, кој ќе ги помири Елините Македонци со славјаногласното македонско население. Тој може да помогне... да се вратат тие под Вселенската патријаршија, откако ќе ја напуштат бугарската Егзархија, да го изучуваат елинскиот јазик и елинската книжевност, да се уништат бугарските училишта и да се отворат други, во кои ќе се изучува славјаногласниот македонски јазик заедно со елинскиот. Тие нешта не се мачни и лесно може да се убеди Сандански бидејќи се надеваме во неговите македонски погледи и неговото конечно одделеување од бугарската борба[6]


Програма и декларација на МОРО[уреди | уреди извор]

Јане и неговите приврзаници свесни дека договорите со младотурците и извојувањето на евентуалните придобивки, може да се постигнат единствено доколку зад нив стои македонскиот народ, организиран и предводен од единствена и цврста организација. Отука, во текот на Младотурската револуција, МОРО постепено започнала да се легализира. Кон крајот на август 1908 година, како резултат на усилбите на претставниците на Солунскиот, Струмичкиот и Серскиот округ, во Солун биле изработени и публикувани: Проект-програма и Декларација на Македоно-одринската револуционерна организација. Јане зел најактивно учество во изработката на овие документи, од друга страна, евидентно е влијанието на Димо Хаџи Димов, Димитар Влахов, Никола Харлаков и други. Ако се анализираат програмските барања на МОРО може да се заклучи дека биле изнесени бројни политички, економски, општествени и културни барања кои имале за цел решавање на македонското прашање, преку една реална гаранција. Сите политички институции кои биле предложени во Програмата требало да обезбедат остварување на систем на односи меѓу сите народи во Османлиското Царство, односно: ако апсолутизмот ја чуваше целоста на Империјата преку спротивставување на националностите и на нивното ослободување преку меѓусебни борби, демократска Турција ќе ја зачува таа целост илјада пати подобро преку широка слобода и широка самоуправа, кои на народите му гарантираат полна можност за самоопределеување во државата, областа и општината [7] Според МОРО: напредокот беше сопиран особено од националните и религиозните борби [7].

Политичките институции што биле изложени во Програмата биле инспирирани од стремежот да се гарантира демократизацијата на политичкиот живот во целата Империја, да се создаде реална заедница со што би се обезбедила благосостојба за сите народи, како и да се оствари правото на самоопределување на народите и зачувување на Империјата од надворешни влијанија и аспирации. Во програмата на МОРО, соодветно место нашла и идејата за оформувањето на една Источна федерација, односно по патот на федерацијата да се отстранат надворешните влијанија во Македонија кои на различни начини го попречувале извојувањето на националната слобода на македонскиот народ. Во Декларацијата на МОРО било истакнато дека таа е:

... готова да се реорганизира и трансформира од конспиративна и воена организација во организација за легална политичка дејност т.е. во легална политичка партија [8]


Меѓутоа во истататa Декларација, МОРО нагласила дека оружјето не е положено и дека таа во секој момент е готова да го земе во раце и да ја продолжи борбата во соодветните илегални форми [8]. Покрај објавувањето на овие два документи биле преземени и конкретни чекори за организирање на еден конгрес. На 14 август 1908 година, Солунскиот окружен комитет заедно со документите објавил и едно придружно писмо од кое дознаваме дека Комитетот бил ополномошен да ги испрати нив до сите околиски комитети, не само во трите окрузи, туки и до оние околии во другите окрузи, што ја сочинуваат територијата на Организацијата, и кои ќе посакаат да земат учество во престојниот конгрес на Организацијата со свои избрани претставници [7]. Во писмото било препорачано веднаш и насекаде да се свикаат околиски конгреси, кои требало да изберат по еден делегат за конгресот, чија дата дополнително требало да се соопшти. Солун како политички, економски и културен центар на Македонија бил определен за место на конгресот. Солунскиот окружен конгрес бил ополномошен да го организира и да издаде наредба за свикување на конгресот во Солун. Било апелирано до сите верни и просветени активисти на Организацијата да ја крстосуваат во сите насоки територијата на Организацијата и барањата на Програмата да ги напрвата достапни дури и на најпоследниот член на Организацијата. Основна задача на Конгресот била да се усвои Програмата, или да измени некои точки во неа [7]. Јане Сандански го напуштил Солун и заминал во внатрешноста на Македонија каде требало да го подготви организрањето на предвидениот конгрес. Во оваа конотација, софискиот весник Камбана соопшил дека санданситите постигнале договор со некои дејци од Битолско, а самиот договор требало да биде санкциониран од конгресот. Конгресот требало да се одржи на 25 септември 1908 година во Солун.

Атентатот од 24 септември 1908[уреди | уреди извор]

Мицо Врански
Тане Николов (третиот од лево кон десно) со свои пријатели

На 24 септември 1908 година, еден ден пред одржувањето на конгресот, бил извршен атентат врз Јане Сандански, којшто туку се вратил од својата агитациона турнеја низ Серскиот револуционерен округ во Солун. Вечерта Јане седел во Бошњак-ан и читал весници. Малку пред десет часот, на вратата се појавил поранешниот војвода Тане Николов, заедно со Бојанов и двајца терористи, веднаш тие започнале да стрелаат врз Старикот [1].

Според австрискиот конзул, атентаторите испукале седум курѓуми. Во истиот момент, терористот Д. Запренов, кој дотогаш седел во Бошњак-ан, истрелала по два куршуми во Јаневите приврзаници: Мицко Самарџиев - Врански и Танчо Атанасов. Јане бил погоден во пределот на десната плешка и вратот, по што паднал под масата. Неговите приврзаници биле погодени во градите, но тоа не ги спречило да тргнат кон атентаторите и да стрелаат врз нив. Јаневите придружници откако испукале неколку куршуми, се срушиле мртви на улицата [1]. Јане бил пренесен во италијанската болница каде што бил лекувана. Тано Николов по враќањето во Софија, во тамошните весници објавил дека атентатот го извршил како одмазда за убиството на Борис Сарафов. Набргу потоа биле направаени и други обиди, атентатот врз Старикот да биде претставен како пресметка помеѓу Сарафистите и Сандански [1].

Евентуалната ликвидација на Јане би предизвикала ослабување на левицата во македонското револуционерно движење. Одлуката за убиството на Јане била донесена уште во март 1908 година, а атенататот не бил случајно извршен еден ден пред одржувањето на закажаниот конгрес. Според Ванчо Ѓорѓиев, нарачатели на овој атенатат, како и другите посегања по животот на Јане, биле нарачани од бугарските фактори поради тоа што Јане Сандански бил голема препрека за бугарската политика кон Македонија [6], а бугарскот прогон против Јане бил неминовен. Всушност, убиството на Сарафов и Гарванов послужило како параван за официјализирање на прогонот [6].

По атентатот, весникот Камбана истакнал дека софиските македонски херои не успеале да го убијата Јане Сандански, но за долго време го убиле делото на обединувањето [1]. Никола Разлогов забележал дека на престојниот конгрес серчани ќе излегле како победници, што никао не одело во прилог на македонските агенти на бугарскиот двор [1]. Конгресот пропаднал, а во редовите на самата МОРО се појавиле пукнатини.

Обединување на силите[уреди | уреди извор]

Народна волја
Основачки конгрес на Конституционите клубови во Солун, септември 1908 г.

По пропаѓањето на конгресот, дејците на трите окружни организации настапувале доста разединето во политичките борби, правејќи усилби да останата меѓусебно лојални. Раководните луѓе во Солунската и Струмичката окружна организација, групирани околу Димитар Влахов и Христо Чернопеев се откажале од идејата за обнова на Организацијата како револуционерна сила, тие се определиле исклучиво за борба со легални средства. Три дена по атентатот се појавило нивното гласило Единство.

Во МОРО постоеле неколку групи кои имале различни погледи околу оделни прашања. Најмногу се кршеле копјата околу прашањето за парламентарните избори. МОРО ги прифатила претстојните избори, меѓутоа по тоа прашање во нејзините редови немало единство. Групата околу Конституциона зора, предводена од Јане, првобитно била за бојкотирање на изборите поради постојниот изборен закон. Оваа група не допуштала никаква соработка со Младотурците, доколку не се промени изборниот систем [8]. Меѓутоа, под притисок на групата околу Единство, приврзаниците на Јане ги прифатиле изборите, притоа биле истакнати кандидатурите на Јане, Петар Поп Арсов и Христо Далчев. На изборите во 1908 година, МОРО излегла со кандидатите: Јане Сандански и Христо Далчев за Серскиот изборен санџак, Димитар Влахов за Солунскиот и Петар Поп Арсов за Скопскиот санџак [8].

Меѓутоа, политичката ситуација во Македонија се усложнила со појавата на т.н Конституциони клубови, чии приврзаници имале поинакви погледи за решавање на македонското прашање. Проширувањето на клубашката мрежа сред македонскиот народ ја поткопал активноста на МОРО, особено во Солунскиот и Струмичкиот округ. Во меѓувреме дошло и до стабилизирање на младотурската власт. Овој развој на ситуацијата бил потик за групациите во МОРО да вложат напри за обединување врз една нова стратешка платформа. По неколку средби, на 15 јануари 1909 година во Солун бил потпишан протокол за изградување на нова партија. Тогаш во јавноста за прва пат се појавила Народната федеративна партија. Од името на Серската окружна организација протоколот бил потпишан од Јане Сандански. Една од точките на протоколот предвидувала да се сопре издавањето на Конституциона зора и Единство, на чие место од 17 јануари 1909 година започнал да излегува весникот Народна волја, како орган на НФП. Основачкиот конгрес требало да биде одржан во средината на март 1909 година [1].

Походот кон Цариград[уреди | уреди извор]

Абдул Хамид II
Цариград

Меѓутоа предвидениот конгрес бил одложен под притисок на политичките случувања во Империјата. При освојувањето на власта и изградбата на новиот сиситем Младотурците имале пропусти. Овие грешки биле вешто искористени од конзервативните сили кои лојални на султанот и се залагале за уривање на уставниот поредок. Првиот обид се случил во јули 1908 година во Одринскиот гарнизон. Младотурската власт повторно била загрозена во октомври 1908 година. Тогаш антисутавните сили се обиделе да организираат преврат под изговор дека Младотурската револуција била причина за целосното откинување на Кнежевството Бугарија, Босна и Херцеговина и Крит од Империјата. Во почетокот на 1909 година, антиуставните сили во парламентот истапиле како организирана група под името Ахарар ф’ркаси. На 16 јануари 1909 година тие се обиделе да организираат заговор со кои требало да се укинат сите уствано-парламентарни институциии, да се врати власта во рацете на султанот и да се обнови шеријатот. Неуспешните обиди на антиуставните сили биле само вовед во настаните од 13 април 1909 година, кога против младотурската власт во Цариград истапиле 3.000 војници поддржани од бројна маса на оџи и софти [8]. На 14 април 1909 година, султанот Абдул Хамид II ги прифатил барањата на конзеравтивните сили, со што бил сменет претседателот на парламентот Ахмед Риза беј и бил вратен шеријатот. За само два дена господар на ситуацијата во Цариград станала реакцијата под политичко водство на ахарарците и султанот Абдул Хамид II [8].

Централниот комитет на Единство и напредок реагирал брзо и ефикасно. На вториот ден од настаните бил испратен повик за задушување на контрареволуцијата и воспоставување на уставниот поредок. Во овие бурни случувања, Младотурците побарале помош од Народната федеративна партија во Македонија. На барање на Обласниот младотурски комитет од Скопје, Петар Поп Арсов се упатил во Велес каде во содејство со своите другари организирал митинг на илјадно граѓанство против узурпацијата на султанот Абдул Хамид. Истовремено се организирала чета од 20 души, која со здружените македонски чети и единиците на Младотурците тргнала во поход кон Цариград за повторно урнување на престолот на Абдул Хамид [9]. Во походот на Цариград учествувале 1.200 Македонци под команда на Јане Сандански, Христо Чернопеев и Тодор Паница. По тој повод, Сандански објавил Проглас до македонскиот народ и неговите борци, осудувајќи ги и внатрешните и надворешните противници на Младотурците. Меѓу другото, во Прогласот на Сандански се вели:

Бидејќи младотурската влада нам ни даде полна слобода на работа и на народен развиток, ние сме должни да се бориме против непријателите на слободна и нова Турција. Грците сакаат враќање на стариот режим во Турција. Со Кралството Бугарија веќе одамна раскрстивме и сите наши надежи за одржување на новата состојба на слобода и Уставот лежи единствено во денешна Турција [10]


За неколку дена Цариград бил заземен, антиуставните сили биле поразени, а уставот повторно вратен на сила. Со воведувањето на уставниот парламентаризам во Османската држава се создале услови за формирање на политички партии. На 29 јули 1909 година весникот Политика објавил текст под наслов Држењето на македонската војска во кој пишувал за држењето и односот на македонските доброволни одреди, раководени од Јане Сандански, Тодор Паница и Христо Чернопеев во Цариград. Весникот истакнал: Цариградските дописници на странските весници просто се натпреваруваат кој повеќе ќе го пофали држењето и односот на македонските војници спрема цариградското население. Полициска служба вршат сега Македонците и Албанците и како доброволци претставуваат суштествена учтивост спрема граѓаните. [11].

Народна федеративна партија[уреди | уреди извор]

Димитар Влахов
Делегатите на првиот конгрес на НФП

Учеството на македонската револуционерна левица во задушувањето на контрареволуцијата уште повеќе го зголемил престижот и значањето на левицата, а воедно и на Сандански во очите на Младотурците и многубројните сипматизири на револуцијата надвор од Империјата. Три месеци подоцна, во првата декада на август 1909 година во Солун конечно се одржал долгоочекуваниот обеднинувачки собир, Основачкиот конгрес на НФП. Во него учествувале 33 делегати од цела Македонија, меѓутоа Битолскиот округ најслабо, а Серскиот најбројно застапен. Јане Сандански забележливо учествувал во изработката на програмата на НФП, која била заснована врз Проектот на МОРО од пред една година, на резолуцијата, за аграрното прашање и воопшто во работата на Конгресот. Одржувањето на Конгресот и скорешното објавување на партиските документи станале предмет на живо интересирање кај јавноста, дипломатските кругови и новинарите од Македонија. На Основачкиот конгрес, Јане не влегол во централното тело на НФП, меѓутоа тој и понатаму бил еден од нејзините истакнати водачи, а во Серскиот округ - грбник и столб на НФП [1]. Самиот Јане Сандански во контактите со османлиските државници (Хилми Паѓа и други), со бугарскиот егзарх во Цариград и со Младотурците во Солун, настапувал како водач на Народнатата федеративна партија.

Во текот на овие контакти, повторно на виделина излегле антибугарските политички погледи на Сандански [6]. Овие ставови биле потенцирани од Атанас Шопов, бугарски трговски агент во Солун. Тој во еден разговор со солунскиот валија укажал дека партијата на Сандански создава тешкотии на адреса на Бугарија и дека приврзаниците на Сандански го возбудувале населението против Бугарија и Егзархијата. Во текот на разговорот, Шопов предложил Сандански и Тодор Паница да бидат отстранети од политичката сцена откако на двајцата ќе им се даде пензија од страна на Младотурскиот комитет. Бугаркиот агент укажал дека при една евентуална војна помеѓу Турција и Бугарија, Сандански и Чернопеев ќе: успеат да го поведат македонското население против бугарските војски [6]. Грчкиот публицист Тасос Костопулос во делото Забранетиот јазик, меѓу останантото напишал:

Народната федеративна партија на Сандански и Влахов барала оделување на словенските училишта од контролата на Егзархијата и нивно ставање под државна контрола, а паралелно се работело и за воведување на словеномакеоднскиот како наставен јазик [6]


Атентатот од 14 август 1909[уреди | уреди извор]

Владо Сланков
Тодор Александров, Христо Матов, Георги Мончев, Владимир Сланков и Никола Иванов.

Оваа антибугарска политика на Јане Сандански и Народната федеративна партија неминовно воделе кон еден нов обид за убиство на Старикот [6]. На 14 август 1909 година, четири дена по завршувањето на конгресот на Народната федеративна партија, приврзаници на конзеравативната струја во макеоднското револуционерно движење извршиле нов атентат врз Сандански, при што тој повторно бил ранет. Вечерта на 14 август, Јане заедно со Стоју Хаџиев, Анастас Митрев и Иван Манолев, се враќа од хотелот Коломбо, Кога минувале покрај западбиот агол на отоманската банка, наишле во заседа на четворица терористи кои почнале да им стрелаат од зад грб. Еден од куршумите го погодил Јане и тој минал низ левата плешка и мишката, но не го засегла срцето, иако поминал блиску до него [1]. Хаџиев бил ранет во десниот колк [1]. Веднаш по атенатот, ранетите со пајтон биле пренесени во куќата на солунскиот доктор Христо Тенчев, по што им била укажана помош [12].

Според Манол Пандевски, меѓу атентаторите биле Михаил Чаков и Филип Атанаосв од Малешевско [1]. Михаил Думбалков истакнува дека терористот што го ранил Јане бил Владо Сланков .[13][14]. Организатори на атентатот биле Димитар Ризов и Никола Наумов [1].

По атентатот, преовладувало убедувањето дека иницијатор на новата ликвидација на Јане бил бугарскиот владетел Фердинанд I [1], а организитор и реализтор-дворската полиција со која соработувале приврзаниците на Христо Матов и Сарафистите [1]. Според српските извори, некои од атентаторите работеле за австриската шпионска служба, а самото тоа го знаеле и настраданите. Хаџиев изјавил дека: убијците се Фердинандови агенти [1]. Атенататот негативно влиајел врз граѓаните и и нивната желба за приклучување во редовите на Народната федеративна партија.

Неколку интервјуа за османлиски весници[уреди | уреди извор]

Сандански и Тодор Паница, разгледница од Солун, 1909 г.

На 3 август (стар стил) 1908 година, солунскиот весник Yeni Asir (Нов век), по повод Младотурската револуција објавил едно интервју со Јане Сандански. Дописникот, пред да премине на самото интревју, накусо ги запознал читателите со личноста на овој македонски револуционер. Во кратката Јанева биографија, меѓу останатото, било истакнато: тој (Јане б.н) се одвоил од групата на Сарафов и Гарванов, кои ја следа мислата за присоединување на Македонија и Бугарија, и започнал да ја следи сопствената цел-да ја види својата татковина и сонародниците слободни и самостојни [15]. Интервјуто се одржало во хотелската соба на Сандански, каде што бил и еден од неговите најблиски соработници Тодор Паница. Овој македонски револуционер, од страна на дописникот бил опишан со следните зборови: жолтокос, синоок, со кадрава брада, 27 до 28-годишен млад човек, во чии очи зрачи смелост и цврстина [15].

Првото прашање до Сандански гласело: Дали се надевавте дека ќе се одиграат овие настани? (Младотурската револуција б.н). Сандански одговорил: Се надевав, но не толку бргу. Потоа уследило прашањето: Дали сте задоволен од резултатот? Одговорот бил краток: Зар прашувате! На прашањето: Од која гледна точка сте најзадоволен? Сандански одговорил: Освен од добивањето слобода која на татковината ќе и обезбеди среќа и спас, уште и од единството што настана меѓу сите сонародници... доколку дадента општа слобода и едниство бидат сериозни и широки... Ова слободно едниство ќе ни даде такви сили, од кои ќе треперат од страв сите мали балкански држави, Бугарја, Грцијам Србија, и сите ќе не ценат... [15].

Во одговорот не двете последни прашања, Јане истакнал: доколку се создаде и зачува конституцијата, управа заоснована врз еднаквост, сигурно е дека веќе ќе нема да постои поделба на врховисти и централисти и дека ќе се зачува цврстото едниство на сите народи во земјата, бидејќи само единството ја сочинува силата [15].На прашањето, што го натерало во изминативе години да се најде во планина, Јане одговорил: Лошата управа и зулумите на старата власт [15].

На 6 септември (стар стил) 1909 година, истиот весник објавил ново интервју со Јане Сандански. Повод за ова интервју бил атентатот врз Герасим Огњанов, раководител на НФП во Малешевско, како и конгресот на Клубашите одржан од 20-26 август 1909 година. Дописникот на весникот најпрво го запрашал Сандански: Како го разбирате атентатот над Вашиот другар, кој е извршен по оној извршен над Вас? Станува збор за атентатот од 14 август 1909. Јане Сандански одговорил дека непријателите одден наден ги засилуваат своите акции, па продолжил:

Се знае дека кнезот (Фердинанд б.н) и Генадиев се мои противници. Освен тоа, слушам дека водачите на четите, Чавдаров, Занков, Коста Бродски, Динката, минале од Бугарија на оваа страна. Во секој случај, власта треба да биде будна, па дури и енергична. Во спротивно... ние ќе бидеме присилени самите да се браниме [15]


Второто прашање се однесувало за заклучоците на штотуку завршениот конгрес на Конституционите клубови. Јане истакнал дека лично присуствувал на дел од дискусиите и дека ги прочитал донесените заклучоци. Според весникот, Јане рекол: Меѓу нивните и нашите барања нема суштински разлики. Мислењата по однос на поставените проблеми за обезбедување благосостојба и среќа за румелискотото население ни се заеднички. Меѓутоа, разликата меѓу нас е во тоа што тие не следат една полезна политика по однос на османизмот. Зад нивните убави програми се крие бугарската мисла. Ние не следиме националистичка политика. Нашата Демократска партија е формирана со цел да ги опфати и другите национални елементи. Нашите очи не се надвор од границите. Ние се трудиме нашите сили внатре да ги формираме. Но за тоа е потребно државата во секој случај да ни помогне [15]. По овој одговор следувало прашањето: Според Вас, на кој начин треба да се решат црковните прашања?. Сандански одговорил:

Насловна на цариградскиот весник Yeni Tesvir-i Efkar

Ете, погледнете, и по ова прашање власта не сака ништо да направи, освен да замачка очи. За црквите толку злосторсва се извршија. Нерешавање на прашањето пак ќе отвори место за демагогија. Пропагандите ќе станат посилни отколку порано. Јас не сум приврзаник црковното прашање да се решава врз дветретиснко мнозинство. На овој начин не може да се реши прашањето. Разногласијата ќе кулминираат. Треба да се присетиме дека за селаните црквата е единствена духовна храна. Оние кои од детството и се приврзани не можат лесно да се натераат да се откажат од црквата. Постепениот начин (munavebe usulu) повеќе одговара на нивната потреба. Овој начин со успех се преименуваа во пет-шест села. [15]


На 13 февруари 1910 година, цариградскиот весник Yeni Tesvir-i Efkar (Ново вообличување на идеите) објавил интервју со Сандански. Интервјуто било направено на 28 јануари истата година во Солун, од страна на специјален дописник на весникот. Повод за разговорот било решението за исклучување на Сандански од Народната федеративна партија, кое според зборовите на дописникот предизвикало лош впечаток во некои кругови [15]. За да ги дознае причините за исклучувањето, новинарот го замолил Сандански за разговор, а овој љубезно го примил и со големо задоволство [15] одговорил на прашањата. Според Сандански, неговото исклучување од партијата било незаконито. На прашањето: Како гледаат вашите приврзаници на прашањето за Вашето исклучување?, го дознаваме следниот одговор:

Вие знаете дека серско, Мелничко и Неврокопско се мои верни приврзаници. Излишно е да се каже дека тие нема да се покорат на ова решение. Како што дознавам, весникот Народна волја, кој го објави решението, започнал да ја губи популарноста... Бидејќи овој весник е мој, ако се почувствува дека и понатаму ќе пишува против мене, се разбира ќе бидам принуден да издавам еден нов весник [15]


На крајот од интревјуто истакнал дека во случај на формирањето на нова партија ќе случи по објавувањето на еден проглас и дека бројот на неговите приврзаници е доволен. Бидејќи тие веќе се наоѓаат во Федеративната партија и ќе останат мои приврзаници, ќе следи истата програма [15]. Според Сандански: Дури и приврзаниците на старите бугарски конституциони клубови, во случај да ја прифатат програмата на мојата партија ќе бидат примени [15].

Судир со Младотурците[уреди | уреди извор]

Чекорите на Младотурците од средината на 1910 година за разоружување на четите биле знак дека поминала илузијата дека младотурското (националистичко) движење кое имало за цел зацврснување на Османската држава ќе толерира какви било политички или национални движења кои преку самоуправување или децентрализација би оделе во правец кон потполна самостојност. Затоа, во акцијата за разоружување на четите, Јане Сандански презел чекори да го заштити македонскиот народ во својот округ. Таквиот чин, според наводите на српскиот генерален конзул во Солун Живоин Балугџиќ, ги вознемирил претставниците на младотурската власт. Имено, тие за Сандански подготвувале колец и ќе го обесат, ако им падне в раце. Причината за тоа било држењето на Сандански спрема разоружувањето. Тој со своето непомирливо држење успеал наполно да го спречи разоружувањето во својот реон, а тоа значи во целост Серски санџак. Собрал само 1 200 пушки во близината на Мелник, ги затворил во еден магацин, но не ги предал на власта. Магацинот го чуваат негови луѓе, а власта нема храброст да ги нападне и да им го одземе оружјето. Пред неколку дена Сандански пристигна во Солун. Турците мошне се зарадуваа на неговото доаѓање. Наместо да го обесат, и Назим и Валијата, и сите виши офицери, во него постојано гледаа како на некој вистински спасител од ситуацијата [16]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 1,19 1,20 1,21 1,22 1,23 1,24 1,25 1,26 1,27 Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976,Манол Пандевски-Обидите за убиство и убиството на Јане Сандански во 1915 година.
  2. 2,0 2,1 2,2 ДАСИП - Београд, Пол. оддир. П. П. Но 3037/7. VI.1908, васц. I-1, 1908
  3. Глигор Тодоровски, Јане Сандански низ документите од српски извори (1908-1910), Гласник на ИНИ, Скопје, г. XVI, 1971.
  4. 4,0 4,1 Манифест до сите народности во Османлиското Царство 31 јули 1908 г.
  5. Всемирнаја историја, том 7, Москва, 1960, 357.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 6,7 6,8 Ванчо Ѓорѓиев
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Aleksandar Hristov.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов. Прилог кон проучувањето на македонскотонационалноослободително движење, Матица Македонска, Скопје, 1997
  9. Алексо Мартулков, Моето учество во револуционерните борби на Македонија, Скопје 1954, 64
  10. Види: "Политика", 29.07.1909.
  11. Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976, Мустафа Карахасан - Јане Сандански и Младотурските револуционери
  12. Крум Благов - 50-те най-големи атентата в българската история, 27. Убийството на Яне Сандански.
  13. Николов, Тома. „Спомени от моето минало“, Издателство на Отечествения фронт, София, 1989, стр. 369.
  14. Думбалаковъ, Михаилъ. През пламъцитѣ на живота и революцията, том II, София, 1937, стр. 41 - 45.
  15. 15,00 15,01 15,02 15,03 15,04 15,05 15,06 15,07 15,08 15,09 15,10 15,11 15,12 Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976, Александар Стојановски-Неколку интервјуа со сандански за турските весници
  16. Дипломатски архив на СИП, фонд: Политичко одделение ф. III, досие I И/1-ХII, Извештај на српскиот генерален конзул од 13 декември 1909 година.