Идеологија, погледи и организациски способности на Јане Сандански

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Jane Sandanski 2.jpg
Дел од серијалот Јане Сандански
Јане 7.JPG

Јане немал широко образование, поради сиромаштијата одвај завршил прогимназија. Но по природа бил надараен со ум, снаодливост и впечатителност. Со својот ум, правилно ги проценувал случувањата и донесувал правилни одлуки. Еден дел од старите војводи имал одбивен однос кон учителите и воопшто кон интелигенцијата, меѓутоа Сандански се опкружил великолепни интелектуалци кои ги виделе неговите водачки дарби и му помогнале во неговата револуционерна дејност. Меѓу нив биле: Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов, Стојо Хаџиев, Таската Серски, Димо Хаџи Димов и други, а имал блиски контакти и со Никола Харлаков, иако не бил негов четник [1].

Јане Сандански не бил основоположник на главните идеолошки и политички линии на македонското револуционерно ослободително движење. Такви биле Ѓорче Петров и Гоце Делчев, кои ги поставиле основните приниципи на македонската борба: 1) зачувување на внатрешниот карактер на борбата: самостојност 2) државна обособеност на Македонија [1]. Меѓутоа, тој се пројавил како најфанатичен приврзаник и најдоследен спроведувач на таа внатрешна идеологија [1]. Поради упорното опстојување на своите погледи: никаков компромис и никакво колебање, го спечалил името Арнаутин [1]. Таквото негово држење, според Христо Константинов, го направи достоен наследник на Гоце [1]. Нападите врз инегритетот на неговата личност од типот дека е убиец, садист, предавник, измамник, турски шпион, социјалист, интернационалист и слично, не допринеле за колебање во неговото верују. Не ослабнала ниту неговата неговата волја за прогонување на секој шпион, странски агент, завојувачка политика, односно секој кој проповедал политика спротивна од внатрешната идеологија. Јане не бил социјалист, туку национален револуционер со радикални разбирања [1], какви што биле насекаде сите национални револуционери. Поголемиот дел од неговите соработници од интелегеницијата биле под влијание на социјализмот, меѓутоа тоа не влиајло врз неговата дејност. Тој не формирал социјалистички организиции и не проповедал социјализам. Јане го сакал животот и му се радувал како дете. Константинов истакнува:

Беше убав, сончев, пролетен ден, кога чашата на животот така штедро ги прелива и полни срцата на се што е живо. Стои на прозорецот тој, гледа и се провикнува: колку е убав животот, колку среќни треба да бидат луѓето! Големи гадови се тие, кои ги прават несреќни. Дали му мина мислата, дека во групата на тие, гадови се и оние, кои го нарекуваат крволок и садист? - Со прашања не сакав да го нарушам одушевеното негово филзофско расположение. Врвел парталав турчин, прегрбен со товар дрва на грбот. Јане го погледнал турчинот, се замислил и прошепнал: несреќник. А малку потоа додаде: Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот - за совршенство [1]


Христо Силјанов
Ослободителните борби на Македонија

Ставовите на Јане многу јасно се определени од Христо Силјанов, учесник и историчар на македонското револуционерно движење. Меѓу останатото тој напишал: Јане ја разви тезата дека е погубно за македoнското население и за самата Бугарија, македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување со Бугарите... Сите кои агитираат било во Македонија, било надвор од неа на база: ослободување и обединување со Бугарија, треаба непријателски да бидат пречекани од ВМОРО, така како што се пресретнуваат од Организацијата српските и грчките агитации и чети [2]. Според истиот автор, Јане објаснувал дека: треба да се работи за пробудување на сознанието кај масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на самостоен живот и треба да се борат за извојување на своја слобода, без да се потипраат на туѓа помош, зашто тие кои би доѓле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги поробат [2]. Овие погледи на Јане се потврдуваат од голем број на различни извори. Отука, Родолофо Фоа во весникот L’Italia all’Estro, пишува дека Јане проповедал дека:

Македонците ќе ја ослободат Македонија без мешање на соседните држави: во Македонија не треба да има ниту Бугари, ниту Грци, ниту Срби, ниту Романци, ниту Турци, туку само Македонци[3]


Особено се интересни податоците кои ги дознваме од натписот на д-р Карло Блинд под наслов Бугарските злосторства против Бугарите, објавено во лондонскиот Пал мал газете на 5 јулу 1905 година. Карло Блин ги застапувал бугарските погледи за решавање на македонското прашање, тој ги анализирал и ги критикувал македонските определби на Садански. Отука тој пишува: Двата востанички комитети меѓусебно се уништуваат. Цончев го предводи врховистичкиот, а Сандански централистичкиот комитет, односно Внатрешната организација. Сандански се претставува како единствен претставник-Македонец. Тој се поставил за цел од Македонија да создаде незвисна држава, која единствено би можела да влезе во составот на балканска федерација, кога таквата сомнителна творба еднаш би се создала. Цончев, од своја страна се стреми да создаде Бугарска автономна Македонија, која потоа би се соединила со Кнежеството Бугарија [4].

Јане Сандански имал многу јасни погледи за употребата на јазикот во иднта македонска држава. Според Блинд, идејата на Јане за независна Македонија била неоправдана бидејќи во Македонија живееле: Грци, Срби, Албанци, Бугари и Романци, а секој од нив си има свој јазик. Отука било залудно Македонскиот комитет да се обидува да создаде јазик единствен за сите. Во натписот било истакнато дека: Учените од Комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област. Дијалектот на Битолскиот вилает се зел за основа на тој нов experanto. Новиот макеоднски јазик требало да ги истисне српскиот и бугарскиот јазик кој се зборувал во Бугарија и Србија [4]. Овој натпис укажува дека Јане имал јасен став за политичката, националната, културната и духовната посебност на Македонија [5]. Политичките и националните погледи на Сандански за посебноста на Македонија, пред се во однос на Бугарија, биле целосно афирмирани во текот на Младотурската револуција. Во интервјуто со д-р Владимир Бурилков, дописник на весникот Дневник, Јане истакнал дека луѓето околу весникот Илинден, предводени од Петко Пенчев се надворешна пропаганда и сега тие се агенти на Бугарија [5][6].

Христо Чернопеев
Христо Чернопеев и Сандански

За координација на бугарската политика во однос на македонското прашање во 1904 година при Министерството за надворешни работи на Бугарија било формирано Второто политичко одделение со задача исклучиво да се занимава со македонските работи. Оваа институција врз основа на сознанијата добиени преку официјалните бугарски институции, по разузнавачки канали, и други извори, изготвувала извештаи, анализи и предлози за потребите на бугарската политика во однос на македонското прашање. За таа цел на 25 март 1906 година е подготвен опширен извештај на 34 страници машинопис. Во него е направена анализа на состојбите во Македонија и македонското револуционерно ослободително движење предводено од ВМОРО како и на успесите и недостатоците на бугарската политика. Во документот истовремено се препорачуват сретства и методи за перспективната бугарска политика во однос на Македонија и македонското ослободително движење. Во извештајот се констатира дека триумфот за бугарскта идеја, во Македонија, ќе биде голем, доколку се подржува интернационалноста во Организацијата. Меѓутоа во контекст на тоа се вели: Интернационалноста на Организацијата не ќе рече прекинување на сите врски и одрекување од нашата (бугарска б.н) народност, како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански и Черњопеев [7]. Последново е експлицитна потврда од официјално бугарско ниво дека Сандански и неговите приврзаници не само што не се чувствувале за Бугари, туку и така проповедале [7]. По адреса на истата групација се изречени следниве констатации: Луѓето, кои навистина ја оцрнуваат автономната идеја и предизвикуваат сомневање во нивните чувства кон народното (бугарско б.н) единство, за жал постојат во Организацијата [7]. Во споменатиов извештај Македонците, вообичаено се третираат како Бугари. Меѓутоа, притоа се потенцира дека за разбудување на бугарските национални чувства... заслуги имаат црквите и училиштата [7]. Последново е самопризнание дека присуството на бугарска национална свест во Македонија всушност не е последица на некакво внатрешно чувство и самоопределување, туку наметната свест преку официјалните бугарски институции во услови на отсуство на било каква македонска институција [7].

Јане првпат во македонското револуционерно движење се појавува во 1895 година, како учесник во Мелничкото востание, кое било организирано од Врховниот македонски комитет во Софија. Во 1897 година, Јане навлегол во Македонија, повторно во режија на Врховниот комитет. По оваа втора прошетка, ја разбрал заднината на уфрлените чети од Бугарија. Тогаш тој се зарекол дека нема да мрдне никаде и дека никому нема да биде слепо орудие, додека не разбере како стои македонското ослободително дело [8]. Кога во 1900 година дошло до заострување на односите помеѓу ТМОРО и ВМК, Јане застанал на страната на Централниот комитет на Внатрешната организација. Во април 1901 година, Гоце Делчев го испратил Јане со чета во пограничите региони на Серскиот револуционерен округ, за да се спротистави на врховистичката пенетрација [5]. Пиринскиот крај кој природно и географски се граничел со бугарската територија, со доажањето на Јане се претворил во бариера за врховистичките авантури и бугарски аспирации спрема Македонија [5]. Бранејќи ги принципите на Македонската револуционерна организација, Јане дошол во судир со врховизмот и бугарската политика спрема Македонија. Во текот на оваа борба Јане вложил огромна енергија за одбрана на принципите, целите и територијата на Внатрешната организација и воопшто на Македонија [5]. Истовремено, Јане ја бранел и ја афирмирал политичката и националната посебност на Македонија и Македонците [5]. Овие констататции на научниците се изведени од сведоштвата пред се на идејните протиивници Јане и од други независни извори од различна провиненција. Низ нив може да се проследат ставовите на Јане за политичката и за националната посебност на Македонија и Македонците во однос на Бугарија. Меѓутоа, борбата на Јане против врховизмот треба да се толкува како борба на две спротивни поимања за решавање на македонското прашање, од кои во она на врховизмот значајно влијание имала бугарската политика, додека противставеноста со бугарската политика била политички и национално принципиелна [5]. Во сите објаснувања со врховистите, Јане потенцирал разликата помеѓу врховниот комитет и Внатрешната организација. Тој истакнувал дека врховистите се орудие на бугарскиот кнез и заробеници на бугарската политика. Ставовите на Јане не биле насочени против Бугарија и бугарскиот народ, туку против бугарската политика кон Македонија [5].

Сред македонската борба, Јане се пројавил и како организатор од голем ков [1]. Таа негова особина блеснала со Аферата Стон. Но тој не бил само организиратор во тесна смисла на зборот: на конспирации и атентати. Подоцна се пројавил како одличен организатор на народните маси. Во времето на Гоце Делчев, Внатрешната организација брзо расела и земала масовен карактер, меѓутоа најмасована, најдициплинирана и најборбената организција имало во Серскиот револуционерен округ, под водството на Јане [1]. Уште со самото појавување на непријателот или неговото стапување на Јаневата територија, тој бил разоткриван и жестокот казнуван. Османилиските потери безуспешно се обидувале да му влезат во трага, бидејќи Јане веднаш дознавал за движењето на аскерот. Јане зад себе имал една организација, која што владеала и диригирала подобро од официјалните османлиски власти. Таа организација сознателно го култивирала принципот за давање на широк простор за пројава на народните маси [1], под авторитетот на Јане Сандански. Во селото Љобовка, неколку влијателни шпиони серизоно ја застрашиле положбата на Внатрешната организација. Јане веднаш ја мобилизирал целата милиција и престапниците биле казнети. Во текот на Младотурската револуција, по наредба на Јане биле изградени нови училишни објекти, бидејќи постојните биле непогодни. Јаневата организација најсилно блеснала во текот на една голема акција, која била наложена со почетокот на Првата балканска војна. Сето селско население, по негова наредба се засолнило во планината со храна за дваесет дена. По неколку дена во Пирин, Јане имал 800 души, стегнати и воружени мелнички селани. Константинов истакнува: А тие можеа да бидат 8 000 ако имаше пушки. Тоа значи дека за 3 дена полна мобилизацијам без да ја имаш во раце државната власт [1].

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 Биографија на Јане Сандански од Христо Константинов, Софија, 1939
  2. 2,0 2,1 "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943.
  3. Марко Дого, Динамитот и полумесецот - Јазикот на националноста во Македонија. (Избор и редакција: Цветан Станоевски), Скопје, 1990, 189
  4. 4,0 4,1 Ванче Стојчев, Лондонски балкански комитет и МРО од 1903 до 1907, ГИНИ, г. 37/1-2, Скопје, 1993, 19.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 Јане Сандански и посебноста на Македонија и Македонците, Ванчо Ѓорѓиев
  6. Д-р Владимир Бурилков, Во Македонија и Одринско 1908-1912, Софија, 37-38.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 Ванчо ЃОРЃИЕВ НЕОФИЦИЈАЛНИ СТАВОВИ ОД ОФИЦИЈАЛНИ БУГАРСКИ ЛИЧНОСТИ И ИНСТИТУЦИИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ОД КРАЈОТ НА 19 И ПОЧЕТОКОТ НА 20 ВЕК
  8. Спомени на Яне Сандански..., 12