Градошорци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Градошорци
Градошорци 02.JPG

Нови куќи на влезот на Градошорци од југозапад од страната на Ангелци

Градошорци is located in Македонија
Градошорци
Местоположба на Градошорци во Македонија
Координати 41°28′57″N 22°37′36″E / 41.48250° СГШ; 22.62667° ИГД / 41.48250; 22.62667Координати: 41°28′57″N 22°37′36″E / 41.48250° СГШ; 22.62667° ИГД / 41.48250; 22.62667
Општина Општина Василево
Население 1744 жители жит.
(поп. 2002)
Градошорци на општинската карта
Градошорци во Општина Василево.svg

Атарот на Градошорци во рамките на општината
Commons-logo.svg Градошорци на Ризницата

Градошорци — село во Општина Василево, во околината на градот Струмица.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Градошорци

Селото Градошорци се наоѓа во Струмичкото Поле, а во јужниот дел на Општина Василево[1]. Градошорци е рамничарско село, расположено на надморска височина од 238 метри[1]. Се наоѓа непосредно од левата страна на патот Струмица - Радовиш, на оддалеченост од 4 километри од градот Струмица[1]. На југоисточната страна се допира и преку магистралниот пат е речиси споено со Василево, а на другиот југозападен крај е наполно споено со селото Ангелци, а од низ него води и се одвојува патот за селата Едрениково и Требичино. Селото Градошорци има и се гради и развива според урбанистички план[1], при што тоа е целосно поврзано со новоасфалтирани улици и е доста добро и убаво уредено со голем број на новоизградени голем и модерни куќи, посебно во правецот на Ангелци какои нови згради и производствени погони на претпријатија во индустриската зона на излезот кон магистралниот пат и во правец на Василево. Атарот на селото зафаќа простор од 8,7 км2, на кој доминира обработливото земјиште на површина од 664,2 ха, на пасиштата отпаѓаат 144,3 ха, а на шумите само безначајни 0,6 ха[1].

Историja[уреди | уреди извор]

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Селото Градошорци во повеќе пишани историски документи се среќава во неколку различни именски облици, како: Градашорци, Градошор, Гирдошор, Градошори, Гајрошор[2]. Името на оа село е образувано од антропонимот односно личното име Градошор со додавката -ци[2], што би означувало семејна населба, задруга или луѓе кои припаѓаат на Градошор. Потеклото е од старословенскиот збор град со значење на утврдена населба во тврдина, замок, што поврзано со местоположбата во близината на манастирите во Вељуса, Водоча и Царевите кули над Струмица може да укажува на место кое води кон тврдини и утврдувања - градишта.

Отоманско Царство[уреди | уреди извор]

Еден од најстарите записи за селото Градошорци потекнува од XVI век, односно од 1570 година кога тоа било тимар во посед на некој си Ахмед кој бил еден од писарите на финансиската управа при царскиот двор, во рамки на Струмичката нахија во Ќустендилскиот санџак[3]. Во ова време во селото, запишано како Градошор живееле 49 македонски христијански семејства како и 41 неженет кои произведувале 270 товари пченица, 230 товари мешано жито, градинарски култури, лук, лен, уров, леќа, сено, грозје и вино, се чувале и свињи и пчели и имало 6 воденици за што селото плаќало годишен данок од 18 499 акчиња[3].

Во текот на 19 век, селото било мешано. Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ , издадена во Цариград во 1878 година и статистиката на машкото население од 1873, селото се состоело од 38 семејства со 123 жители Македонци и 21 Турци[4][5]На крајот на XIX век, според записите на Стефан Верковиќ од 1889, селото Градошорци се споменува со 511 жители[2]. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година селото имало 400 жители, од кои 300 Македонци и 100 Турци[4][6].

Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живеале 160 македонски егзархисти и 12 Роми[4][7].

Во екот на револуционерната борба за ослободување на Македонија од отоманското ропство на крајот на XIX и почетокот на ХХ век, познатиот случај на Аферата мис Стон, на 23 Февруари 1902 година грабнатите заложници биле ослободени од Андон Ќосето токму во селото Градошорци.

На 21 август 1905 година, Струмичката чета се судрила со турскиот аскер меѓу селата Ангелци и Градошорци, по коешто војниците извршеле грабежи. Во оваа битка загинал војводата Иван Тодев, познат уште како Бељал Чауш[8].

Југославија[уреди | уреди извор]

По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС. Во текот на Втората светска војна, во селото бил формиран НОО од страна на Киро Минанов[8]. По крајот на Втората светска војна, Градошорци било вклучено во рамките на СР Македонија, во составот на СФРЈ.

Македонија[уреди | уреди извор]

По распаѓањето на СФРЈ, селото формално било вклучено во составот на Република Македонија. Според територијалната организација на Република Македонија, селото припаѓа на Општина Василево.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Производство на градинарски култури - Ниви со праз и пластеници со пипер во Градошорци
Нива со зелки во Градошорци, од страните забележливи се насади со праз и пченка

Според составот на атарот селото Градошорци има полјоделска функција[1]. Сместено во плодната рамнина на Струмичкото Поле и крај главните сообраќајни патни врски, селото Градошорци има многу поволна положба која што влијае на високиот степен на економски напредок и развој, за што најочигледен резултат се многубројните новоизградени големи куќи и уреденоста на селот. Како и повеќето околни места, селото Градошорци е едно од најголемите производители на градинарски култури односно на ран зеленчук, кој преку откупните центри во селото и околината покрај тоа што во голема мерка ги снабдува пазарите во Македонија завршува и за извоз. Градошорци е надалеку познато по производството на праз, во чија чест секоја година во селото се одржува манифестацијата Ден на празот[9]. Во Градошорци годишно се произведуваат по 20.000 килограми односно 20 тони праз[10], со што тоа е најголемиот производител на праз во Македонија. Во селото најмногу се одгледува праз од сотрата „камуш“, кој се одликува по неговата ровкост, должината поголема и од еден метар, високиот квалитет и неговите хранливи вредности[9]. Останати градинарски култури кои се одгледуваат на големи површини во Градошорци се: зелката (и пролетната и есенската), пиперот (чушки) - ајварка и остантите видови под пластеници, домати (френки), краставици и корнишони, кромид, лук, марула (зелена салата), морков, грашок, спанаќ, како и значајни површини засадени со лубеници и дињи. Со градинарство се занимаваат речиси сите куќи во селото. Од поледелството во помала мерка е застапено и одгледувањето на жита, пред се пченка и пченица. Поради ова во Градошорци уште одамна постоела земјоделска задруга[1], а денес активно работат и функционираат десетина приватни земјоделски претпријатија и задруги кои се занимаваат со откуп, продажба и трговија со зеленчук и земјоделски производи. Поради извонредно поволната местоположба, во селото Градошорци на самиот крај веднаш до магистралниот пат Струмица - Радовиш на површина од околу 10 хектари се протега индустриската зона „Градошорци“ во која свои стоваришта, погони и откупно-дистрибутивни центри за зеленчук и земјоделски производи имаат повеќе претпријатија како „Фоли Ком“, „Евромак“ „Елени Комерц“, фирмата за производство за амбалажа за пакување, кеси и вреќи, „Калмак“, како и фирми за мебел, столарство, градежништво, автопревоз како „Столе Комерц“, „Тритерол-Бенц“, „Хит-Бекатон“. Заради ваквите поволни економски услови во селото и зоната работат и повеќе регистрирани трговски претрпијатија и поединци, продавници, берберница, приватни здравствени установи меѓу кои „Ајавнхо“, „Војкан-М“, „Прима Медика“, ТП „Доневи“ итн.

Население[уреди | уреди извор]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1 744 жители. Следува табела на националната структура на населението[11]

Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. Вкупно
1948 552
1953 455 173 23 2 1 654
1961 543 223 2 768
1971 734 339 4 1 077
1981 911 532 6 5 1 454
1991 948 522 6 15 1 491
1994 984 486 3 1 473
2002 1 041 683 5 15 1 744

Во однос на населеноста селото Градошорци двојно се зголемило и прераснало во голема населба[1]. Така, во 1961 година Градошорци броело 768 жители од кои 543 биле Македонци (70,7 %), а 223 (29,0 %) жители биле Турци, додека во 1994 бројот се зголемил на 1473 жители од кои 984 (66,8 %) Македонци и 486 (32,9 %) Турци[1]. Поради извонредно добрата местоположба на селото во најплодниот дел на Струмичкото Поле крај главните сообраќајни патни правци што воедно овозможува одлични услови за живот, селото Градошорци на следниот попис за само 8 години забележало значителен пораст на своето населние за 271 жител или за 15,54%. Овој значаен пораст кој е забележлив и кај Македонците и кај Турците кои живеат во селото се должи најмногу на природниот прираст со раѓање на деца, а во помала мера и на доселување од околните поодалечени ридско-планински села како што се Варварица од чии иселеници во Градошорци е основано т.н. Варваричко маало, Требичино идр.

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Градошорци од минатото па сè до денес е населено со мнозинство Македонци од православна христијанска вероисповед и малцинство на Турци од муслиманска вероисповед. Македонски родови и семејства кои што живеат во Градошорци се: Димитрушеви, Доневи, Христови, Јанушеви, Трајкови / Трајковски, Стојкови, Василеви, Галеви, Лазарови, Вучкови, Белчевски, Ташевски, Петрови, Тасеви, Јаневи, Георгиеви / Ѓорѓиевски, Кирови, Кирчеви, Атанасови, Стојанови, Миткови, Костови, Пандеви, Андонови додека турски семејства се: Асанови, Салиови, Демирови, Реџепови.

Институции и знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Ден на празот (ноември) - манифестација која има за цел да го промовира празот како земјоделска култура и поднебјето во кое таа најмногу се одгледува.[12][13]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 85. ISBN 9989-862-00-1. 
  2. 2,0 2,1 2,2 Митева, Динка (1989) (на македонски). Топонимијата на Струмичко. Скопје: Инситут за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 32. 
  3. 3,0 3,1 Соколоски, Методија (1982) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 127. 
  4. 4,0 4,1 4,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите отсекогаш се изјаснувале како Македонци.
  5. Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 186-187.
  6. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 160.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 106-107.
  8. 8,0 8,1 Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969.
  9. 9,0 9,1 „Во Градошорци по осми пат се одржа манифестацијата Ден на празот“ (македонски). Василево: Општина Василево. 02 ноември 2015. конс. 21 декември 2015. 
  10. Џ, С (2 ноември 2015). „Градошорци произведува по 20 тони праз годишно“ (македонски). Скопје: Нова Македонија. конс. 17 декември 2015. 
  11. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  12. „Василево ја одржа манифестацијата Ден на Празот“ (македонски). Општина Василево. 2008. конс. 2010-11-15. 
  13. Ѓорѓиев, Зоран (13.11.2010 - 18:29). „Ден на празот во општина Василево“ (македонски). Сител. конс. 2010-11-15. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]