Јане Сандански и Балканските војни

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Дел од серијалот Јане Сандански
Јане 7.JPG

Јане Сандански и неговите приврзаници во судбинските денови за македонскиот народ, во текот на Балканските војни, имале специјална позиција и улога. Денес во бугарската историографија улогата на Јане се осветлува, во целост и посебно во времето Балканските војни, од позициите на големобугарската државна политика кон Македонија.

Однос кон Балканските војни[уреди | уреди извор]

Граници пред Првата и после Втората балканска војна

Додека балканските сојузници се подготувале да ја освојат и поделат Македонија, кај македонскиот народ нескриено растел стремежот за пресметување со османлиските васти. Оваа расположба уште повеќе се зголемувала поради неподносливиот терор што го спроведувале Младотурците врз макеоднскиот народ, како реакција на Магарешките атентати организирани од Тодор Александров и неговите приврзаници.

Иако македонскиот народ, en masse со нескриена верба во ослободувањето ја очекувал војната, одделни сили во македонското револуционерно и националноослободително движење имале поинакво стојалиште [1]. Додека приврзаниците на бугарската, српската и грчката пропаганда, како и ВМРО на Христо Матов и Александров со полна мобилност на територијата на Македонија ја форсирале војната, Јане Сандански и други македонски револуционети и патриоти отворено се спротиставиле на таа акција [1].

Серските револуционери на чело со Јане сандански во источна Македонија, како и други македонски револуционерни национални сили, биле против војната, затоашто знаеле дека војната ќе доведе но ново поробување и поделба на Македонија [1]. Ослободувањето на Македонија тие, особено Серчани, го гледале преку извојување на обласна самоуправа на Македонија во демократизирана Османлиска империја, како и во можноста за создавање на независна македонска држава која можела да влезе во рамките на една балканска федерација [1]. Врз основа на оваа стојалиште, Јане Сандански и неговите приврзаници, како и голем број на други македонски сили, биле против воената интервенција на балканските држави во Македонија и се бореле за зачувување на нејзиниот територијален и национален интегритет [1]. Меѓутоа пред самиот почеток на Балканските војни, Серчани и другите раководни сили на македонското општество кое биле против војната, биле мошне ослабени и потиснати од надворешните фактори и Младотурската власт. Тие неможејќи да ја спречат војната, а при неспостоење, за тоа време, на друг начин за ослободување на Македонија од османлиската власт, биле принудени и сами активно да се вклучат во војната против Империјата [1]. Отука, Јане Сандански и другите македонските револуционери станале субјект, односно конкретен сојузник на српските, грчките и бугарските војски. Веднаш по создавањето на Балканскиот сојуз и првите подготовски за војната против Империјата, Јане Сандански и неговите приврзаници во источна Македонија разбрале дека:

тие, во дадениот судбоносен момент за животот на македонскиот народ, не би можеле да останат надвор од настаните. Иако санданистите знаеја дека војната што ја готват сојузниците нема да донесе ослободување, туку освојување и поделба на македонија, тие не можеа, а да не се придружат кон Балканскиот сојуз и да не учествуваат во прогонувањето на Турците од Македонија и од Балканот [1]


Јане со внимани ги следел настаните во Македонија и околу неа. Од печатот се информирал за српско-бугарските контакти, кои уште од есента 1911 година, во првата половина на 1912 година и почетокот на војната, биле насочени кон постигнување на согласност за заедничка акција против Империјата и договор за поделба на Македонија. Тој ја разбрал целта на официјална Бугарија, која се стремела да ја разгори воената психоза во Македонија [1]. Во таква состојба на работите во Македонија, Јане сознал дека: македонскиот народ се нашол во положба на незаштитена жртва, подгонета од секаде, смртно исплашена, збркана [2]. Во такви услови Јане останал верен на македонски народ, доследен на својата револуционерна дејност и достоинство, секогаш готов да биде со народот, да му помогне и да го води, отука тој зазел правилна позиција и решил да учествува во војната за протерување на Османлиите од Балканот, иако имал јасно сознание дека: Тие што ќе дојдат да не ослободат, всушност ќе заробат [1]. Истакнатиот биограф М. Николов забележал дека Јане бил измачуван во својата интима од неизбежноста на учеството во војната и дека размислувал:

не толку за Младотурците и војната, колку за иднината на Македонија... Ако ги кренеше четите и милицијата во помош на бугарската армија, тоа би значело дека се става под команда на царските генерали и дека го поткрепува бугарскиот цар!... Кога собираше потписи од кметовите на селата во Мелничко и испраќаше писмо до големиот везир, Јане се уште веруваше дека злосторствата на младотурската власт се само одделни излоринани предизвикувања. Сега сваќаше дека се лажел. Новото потисништво (на Младотурците б.н) можеше да се премавне или преку револуција или преку војна... Во средина не може да останаме... Од двете зла треба да го избереме помалото - да ја помогне царската армија! [3]


Во оваа смисла се искажал и рускиот публицист Василиј Василевич Водовозов, кој говорејќи за неговото учество во Балканската војна, вели: Во 1912 стана она од кое тој (Јане б.н) најмногу се плашеше! Милите пријатели, Бугарите, Србите, Црногорците и Грците, склучија договор за поделба на македонија и се зафатија неа да ја ослободуваа... Што можеше да стори тој? - Сандански, и сега, како и порано, беше убеден дека само целосна и автономна Македонија може без пречки да се развива, но мораше да согледа дека оставарувањето на овој план се покажува невозможно. Му преостануваше од неколкуте зла да го избере најмилото и тој се задржа на Бугарија, која како што изгледаше тогаш, имаше шанси да ја добие цела Македонија, и следствено на тоа, во крајна линија, да ја зачува нејзината целост и единство. [4]. Овие зборови на Водовозов сосема јасно го објаснуваат искажувањето на Јане Сандански за италијанскиот весник Секуло во Тирана, по поделбата на Македонија во 1913 година: Македонските револуционери, кои по долга и жестока борба со турската тиранија доживеаја да го видат својот копнеж-извојување слобода на Татковината, не можат да допуштат таа да попадне под србско и грчко владение. Тие нема да се повлечат и пред најстрашните терористички средства,за да го реализираат најдлабок копнеж - слободна бугарска Македонија [5]. Водовозов заклучил дека Јане ја поткрепувал бугарската армија поради надежта дека Бугарија ќе ја освои цела Македонија, со што би се избегнала нејзината поделба, не откажувајќи се од принципот Македонија на Македонците и не губејќи надеж дека иднината ќе му даде можност да го оствари овој принцип [4].

Учество во Балканските војни[уреди | уреди извор]

Подготовки[уреди | уреди извор]

Тодор Александров
Доброволци од Македонско-одринското ополчение

Македонските доброволци во Првата балканска војна биле организирани во Македонско-одринските доброволни чети и други разни воени формации, дале видлив придонес во напорите за протерување на Османлиската империја од Балканот. Сите овие макеоднски формции од страна на органот на Македонската колонија во Санкт Петербург - Македонски глас ги именувал како македонска војска и ги третирал како петти сојузник во војната на балканските држави против Империјата [1].

Македонските доброволци во војната против Османлиите биле организирани во бројни чети на ВМРО, затечени во почетокот на војната на територијата на Македонија или биле создадени надвор од неа, а во почетокот на војната биле префрлени во Македонија. Покрај чети на ВМРО биле организирани и Македонско-одринските доброволни чети во Бугарија. Сите овие воружени формации биле под команда на врховните воени команди на сојузничките војски на Бугарија, Србија и Грција. За разлика од овие доброволечки единици, еден дел од македонското револуционерно движење, односно т.н Серска група на чело со Јане Сандански, самостојно учествувале во Првата балканска војна против Империјата [1], не потчинувајќи му се на раководството на Тодор Александров, водачот на ВМРО [1]. Јане и неговите приврзаници во војната против Османлиската империја настапиле самостојно и отворено го изразиле своето стојалиште за ослободување и создавање на независна Македонија [1].

Во јуни 1912 година во Солун било одржано советување во кое учествувале Јане, Александар Бујнов, Тодор Паница, Таската Серски и други раководители од Серскиот округ. Советувањето имало за цел да го определи ставот и односот на Серчани кон војната. На собирот било одлучено тие да земат активно учество во идните воени дејствија и со таа цел заминале во источна Македонија, за да се подготват за престојната војна. Јане и неговите соработници со септември 1912 година спровеле низа мерки и подготовки меѓу населението во Пиринска Македонија. Во првата половина на септември, Јане организирал второ советување. На оваа средба било одлучено Серчани да минат во илегала, како и да се активираат во определени реони и со определени локални војводи да ги подготвуваат другите припадници на идниот одред на Јане Сандански [1]. По заминувањето на реонските раководители, Јане останал во Мелник кој бил определен како центар за водење на акцијата во целиот Серски округ. Заедно со Ѓорѓи Казепов - околиски војвода во Мелничко [6], Јане вложил напори за што подобра подготовка за престојните борби со Османлиите во Мелничкиот реон. Мелничките доброволци предводени од Јане и Казепов требало да го блокираат реонот на средна Струма и да го исчистат од османлиските сили. Слични задачи добиле и другите реонки раководители со локалните војводи и доброволци во другите реони на Серскиот округ. Почетокот на Првата балканска војна, Серчани ја дочекале со добро организирани чети, способни за разни видови на воени дејствија. Особено добро бил организиран Мелничкиот реон под водството на Јане Сандански [1].

По советувањето во Малник, во средината на септември 1912 година, сите селски и реонски раководители добиле од Сандански точни писмени и усни упатства за бројот на доброволците што секое село требало да го даде. Мобилизацијата била задолжителна не само за способните да носат и да се борат со оружје, туку и за сите слови на македонското, влашкото и грчкото население, особено во Мелник, каде што Јане ги имал симпатиите Грците. Манолис Кордополос, грчки трговец, бил идеен сомисленик на Јане Сандански [1]. Организирањето на населението во Серскиот округ се одвивало во специфични услови, имено во истиот момент се уфрлувале макеоднски чети од Бугарија, кои биле организирани и раководени од Тодор Александров, Александар Протогеров и други. Во текот на префрлувањето и покривањето на Македонија со чети, штабот на Тодор Александров во соработка со струмичкиот окружен раководител Христо Чернопеев и војводите Занков, Чаков, Чавдаров и други, се обидел да ја земе инцијативата во свои раце и во Серскиот округ, каде што Јане Сандански веќе самоиницијативно веќе ги подготвувал своите чети и населението за неизбежната војна [1]. Каков бил односот и тактиката на Јане Сандански кон иницијативата на ВМРО на Александров го дознаваме од едно писмо на Јане од 1 октомври 1912 година, упатено како одговор на писмото на мелничкиот околиски војвода Ѓорѓи Казепов. Според пишувањето на Јане, може да се заклучи дека штабот на Тодор Александров од Софија, преку Христо Чернопеев и Казепов се обидел да контактира со Јане, и по можност да го стави под своја копанда, или пак во најмала рака да ја обезбеди неговата соработка [1]. Јане Сандански на Казепов му пишал:

Твоето писмо го добив, мислењето за распуштањето на другарите не ми е прифатливо. Напротив, тие, другарите, се распоредени по групи и се испратени по работа во разни правци. Во прилог на нераспуштањето говорат и новостите што ни ги испраќа Чернопеев. Зад границата (во Бугарија б.н) подготовките за војна се трескави, многумина под началството на Занков, Чаков, Д. Љапов, Чавдаров, Василев и други се внатре во Турција. Тие дури го распоредиле округот на стретегиски пунктови, при што за Серскиот е испратен Чаков и мислат да работат. Во сите свои писма Чернопеев ја истакнува големата и наложителна потреба од наша средба, но сепак не се решава да дојде наваму, под изговор дека имал многу работа и стравувал дека во неговото отсуство таму би можело да дојде до лоши непредвидливи работи. Во одговор му соопштувам, штом тој, кој одамна работи на подотвувањето на населението, не се чуствува слободен да се одели од своето место, тогаш за мене е апсолутно невозможно, бидејќи штотуку преминав во илегалност. ... Меѓу другото, му пишав Чакова да не го праќа наваму додоека претходно не се разбереме. А, ако веќе тргнал (Чаков б.н) да го вратат бидејќи во реонот (во Серскиот округ б.н) каде што смета да се задржи, ќе сретне непреминливи пречки... [1]


Во понатамошниот дел на писмото дознаваме дека Јане Сандански ја увидел потребата од заедничка средба со своите соработници за утврдување на ставот кон штабот на Тодор Александров и неговите чети во Серскиот округ, како и за идното координирано дејство со нив и за да си ја задржи самостојноста на иницијативата и дејството, Јане му наложил на Казепов со циркуларно писмо да ги извести Бујнов, Таската Серски, Паница и другите раководители по реоните, со Јане да се состанат на Пирин за да се сретнеме со со оние што идат од горе (Бугарија б.н) и да се спогодиме додеека тие уште го сакаат нашиот збор. Во спротивен случај ако тие (четите од Бугарија б.н) без нас се распределат и почнат да дејствуваат, ќе се добијат непожелни резултати, а може да дојде и до таму што едни од други да стрвуваме или да се прогонуваме [1]. Дали дошло до средбата помеѓу Серчани и прврзаниците на Тодор Александров, од постоините информации не можеме ништо да дознамеме. Меѓутоа ако се анализираат настаните може да се заклучи дека Серчани и Јане постигнале договор со ВМРО на Александров за соработка и содејство на четите, но Јаневиот одред се до крајот на своето дејствување задржал апсолутна самостојна организациска, идејна и оперативна улога во изгонувањето на османлиските власти во Македонија [1]. Според бугарските воени документи, може да се заклучи деке Јане и неговите соработници биле сојузник во помош на бугарската војска [1].

Ослободување на Мелник[уреди | уреди извор]

Ѓорѓи Скрижовски
Мелник

На почетокот на воените дејствија во Првата балканска војна, на 18 октомври 1912 година, според воено-стретегиските планови на Бугарија и Османлиската империја, на територијата на источна Македонија, по долините на Струма и Места биле дислоцирани: бугарската седма, наречена Рилска дивизија, со правец на движење од север кон југ од бугарско-османлиската граница, малку понасевер од Горна Џумаја и османлиската Струмска армиска група на Али Надир паша, стационирана по долините на Места и Струмама, составена од Четиринаесетата низамска и Осма серска редифска дивизија. Во низамската дивизија влегувале Четиринаесетиот серскки, Четиринаесет и првиот неврокопски и Вториот горноџумајски полк. Во подршка на двете дивизии биле и гарнизоните на населените места.

Со почетокот на воените дејствија, Јане Сандински им наредил на четите, селаската милиција и другите негови приврзаници да ги исечат телефонските и телеграфските столбови, да ги прекинат ѓиците, да собираат оружје, муниција и хранам да го следат движењето на османлиските сили и власти, како и да се подготват за воружена борба. Во почетокот на воените дејствија Јане, припадниците на својот одред ги разделил во чети, во седум оперативни групи [1]. Група на чети била определана да го зачуваат мостот во Кресненскиот премин, во случај Османлиите да се обидат да го минираат. Главната оперативна раководна улога паднала врз неговите блиски соработници: Тодор Паница, Александар Бујнов и Ѓорѓи Скрижовски. Во последните денови на октомври 1912 година, уште пред доаѓањето на силите на Седмата бугарска дивизија, четата на Јане Сандански, во содејство со востаните селани, органиизрани и воружени како селска милиција под раковоство на Сандански, по кратка борба со османлискиот аскер, на 27 октомври 1912 година го ослободите Мелник.

Османлиските власти и сили се повлекле под притисок на борците на Јане, а тој во градот и околијата создал своја власт [1]. При бегството, Османлиите извршиле масакр врз 26 Македонци и Гркот Кордопулос, кои биле претходно фатени како заложници. Јане бил трогнат од оваа акција на османлиските сили, меѓутоа му наредил на месното население да се воздржи од било каква одмаза врз муслиманите. Пред опасноста од османлиските погроми над населението, Сандански организирал заштита по селата и го евакуирал населението по палнинските месности, снабдувајќи го со храна и воружена заштита [1].

Борби кај Рупелската теснина[уреди | уреди извор]

Генерал-мајор Георги Тодоров, командант на Седмата рилска дивизија
Сандански со бугарски офицери од претходницата на Седмата рилска дивизија

Во реонот на Мелник и Свети Врач, дејствувале Александар Бујнов, кој покрај својата чета имал, под команда и околу 400 мелничани и 300 души од Свети Врач, селата Плоски и Поленици, како и 70 души од селата Хрсово и Капатово [1]. Тие биле организирани и воружени како востанички одреди, односно селска милиција. Бујнов се подготвувал да ги помогне четите во Демирхисарско (Серско). Јане со другите војводи го следел движењето и урврдувањето на османлиските сили во Рупелската теснина и за тоа го известувал командантот на третата бригада при Седмата рилска дивизија, која дејствувала во тој реон [1].

Додека османлиските сили се подготвувале за борба кај Рупелската теснина, Сандански со своите чети и воружени селани ги зазел сите доминантни точки на теснината и се подготвувал за напад врз османлиските сили. Од еден извештај на началникот на Седмата рилска дивизија дознаваме дека Јане со својот одред бил целосен господар на Струмската долина, од Мелник до Рупелската теснина. Познати се борбите во Рупелската теснина и нападот на Јане Сандански и неговите чети врз османлискиот гарнизон во селото Црвиште, каде што учествувале 500 припадници на одредот на Јане. Во оваа борба османлиските сили биле целосно рабиени [1].

По пробивањетоо на османлиската тврдина во Рупел, Сандански со своите чети, како и четите на Стоју Хаџиев, Димитар Арнаудов, Георги Казепов, Крсто Чапрашиков, Иван Чонтев и четата на Бујнов, кој бил ранет и задржан во Неврокоп, како кавалеристи на коњи и мазги, тргнале како претходница на бугарската дивизија кон Солун [1].

Влегување во Солун[уреди | уреди извор]

Грчкиот престолонаследник Константин
Седмата рилска дивизија влегува во Солун

Триста четници од одредот на Јане Сандански, во содејство со бугарската коњичка група на мајорот Цонев, на 8 ноември 1912 година, влегле во Солун, пред влегувањето на главнината на бугарската војска, а заедно со грчките трупи на престолонаследникот Константин, веднаш по предавањето на Солун од стран на османлискиот командант Таксим паша [1]. Јане Сандански бил познат кај Солунчани, тој се прославил уште од времето на Младотурската револуција и подоцна, како верен борец и заштитник на правата на народот, бил пречекан со акламација: Да живее Сандански и од Грците со Зито Сандански.

Бугарските воени команданти прославувајќи ја победата органирале и банкети во Солун. Во текот овоие собири се одржале здарвици за ослободувањето на Македонија и нејзино приклучување кон татковината Бугарија. На еден таков банкет присуствувал и Јане Сандански, кој на здравицата за победата и ослободувањето на Македонија, станал и наздравил со зборовите:

Пијам за слободна и автономна Македонија, за која се бореа и дадоа скапи жртви сојузените балкански народи [1]


Бугарските офицери, од овие зборови биле полеани како од студен туш со пцовки и заплашувања се нафрлиле врз Сандански, а некои дури се заканувале дека поради неговите зборови ќе го исечат со своите сабји. Сандански, навидум бил спокоен, ја напуштил салата на банкетот и си заминал со сознанието дека и овој пат, како и порано што се случувало, македонскиот народ бил изигран и бил само објект на завојување од страна на балканските сојузници [1]. Јане Сандански и неговите соистомисленици, како и голем број на Македонци - доброволци во војната, разбрале дека ослободувањето од османлисата власт не значело и конечно ослободување [1]. Сандански бил разочаран, но не и обесхрабрен, тој останал верен на својата кауза и во новосоздадените услови на поробена и поделана Македонија, продолжил да бара патишта и сојузници за ослободувањето на својата татковина [1], меѓутоа неговата главна преокупација е сочувување на целовита Македонија.

Дејност во 1913 година[уреди | уреди извор]

На 3 март 1913 година во Одринско била формирана Петаесетата штипска дружина во рамките на Македонско-одринските доброволни чети, а Сандански влегол во штабот на оваа новоформирана дружина [7]. Во пролета 1913 година, Сандански учествувал во борбите кај Малград (Малгара) и Кешан. Во април 1913 година, претставниците на Привремената албанска влада испретиле предлог до Царството Бугарија за заедничко дејствување против новата српска власт во Вардарска Македонија. Бугарската влада не го прифатила албанскиот предлог за заедничка борба против Србите. Меѓутоа, во мај 1913 година било евидентно дека војната помеѓу сојузниците е неизбежна. Во овој период, Рускиот новинар Виктор-Топараов остварил средба со Јане Сандански и според него, како резултат на ароганцијата на српските и грчките сили, кај Јане се појавиле сериозни сомнежи за иднината на Македонија, истакнувајќи:

Види, се чини дека секогаш се случува така, кога некој е ослободен од друг со силата на оружјето. Подобро ќе беше, ако Македонија можеше да се ослободи сама! Но сега веќе тоа се случи и наша должност е да се бориме заедно со Бугарија, и за Бугарија [8]


Во овие судбоносни моменти, пред Јане се исправиле два избора, да ја прифати поделбата на Македонија или да се стави на страната на Бугарија која имала теоретска шанса да ја освои цела Македонија. Јане се одлучил за соработка со бугарските фактори, надевјќи се на тој начин ќе биде сочувана целовитоста на Македонија, макар и во рамките на бугарската држава. Не треба да се заборави дека Сандански бил еден од најголемите непријатели на бугарската политика кон Македонија, меѓутоа тоа не се однесувало кон бугарскиот народ, впрочем некои од неговите најблиски соработници биле Бугари по род. Од друга страна, тука била бројната и моќна Македонска емиграција во Бугарија која во иднина можела да се искористи за решавање на македонското прашање во полза на самите Македонци. Јане Сандански заминал на преговори со новоформираната албанска влада за заедничка борба против Србија и Грција. Во меѓувреме, во јуни 1913 година започнала Втората балканска војна, преговорите биле прекината, а Сандански бил принуден да се врати во Софија каде што известил дека бил постигнат договор за заеднички дејствија против српските власти во Вардарска Македонија. Албанците се заколнале дека ќе се одмаздадат врз србите за нивните посегања врз Албанците и Македонците во овој дел на Македонија. Меѓутоа, српските и грчките власти започнале дипломатска активност, испраќајќи свои амбасадори во Албанија и кои пред албанските фактори биле понудени Дебар, Ѓаковица, Корча и Ѓирокастро во замена за ракинување на договорот. Во меѓувреме, по битката кај Кукуш, бугарските сили во хаос започнале да се повлекуваат кон север, а грчката армија ги гонела. Тогаш четата на Јане Сандански ја зазела зазема Рупелската клисура со што биле прекинати врските на грчката војска. Ова им овозможило на бугарската армија да се прегрупира кај селото Бело Поле, Горноџумајско, каде што Грците биле сопрени. По Втората балканска војна и поделбата на Македонија, Сандански се повлекол во Бугарија.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 1,19 1,20 1,21 1,22 1,23 1,24 1,25 1,26 1,27 1,28 1,29 1,30 1,31 1,32 1,33 Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976, Петар Стојанов - Односот на Јане Сандански кон Првата балканска војна
  2. Димитар Митрев, Пиринска Македонија во борбата за национално ослободување, Скопје, 1950
  3. Миладин Апостолов, Јане Сандански, Софија, 1966, 302-303
  4. 4,0 4,1 В. Водовозов, Јане сандански, предава М. Пандевски под наслов Првата биографија на Јане Санданскиод В. В. Водовозов, сп. Историја, Скопје, бр. 2, 1970, 224
  5. [1], „Идеята за автономия като тактика в програмите на националноосвободителното движение в Македония и Одринско, 1893 -1941“ проф. Димитър Гоцев, Изд. на БАН, София, 1983.
  6. Б. Цветков, Во името на Бугарија, Пиринско дело, Благоевград, 1970, 5
  7. Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 602 - 603, 894.
  8. сп. Съвременна мисъл, 15.V.1915 г., стр. 24-25.