Тодор Поп Антов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тодор Поп Антов
Роден 28 февруари 1875
Ваташа, Македонија
Починал 25 декември 1954
Пловдив, Бугарија

Тодор Поп Антов — македонски револуционер, учествува во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација.

Животопис[уреди | уреди извор]

Тодор Поп Антов е роден во семејство на свештеник од село Ваташа, Андон Поп Камчев, на 28 февруари 1875 година. Тој е брат на Христо и Јованче Поп Антов. Завршил основно училиште во родното село, а потоа во Солунската гимназија (1895), каде како ученик, во учебната 1894/1895 година станал член на Организацијата.

Револуционерна дејност[уреди | уреди извор]

Во 1895 година Поп Антов е назначен за учител во бугарското трикласно егзархиско училиште во Прилеп, каде што подоцна е избран за член и касиер на Околискиот и градскиот комитет на ТМОРО. Во Прилеп тој го издава на револуционерниот весник Борец, кој се распротстранува нелегално низ Македонија. Во 1899 година на инсистирање на ЦК, Поп Антов е назначен за главен учител во Крива Паланка, каде што ја зајакнува организациската мрежа која била засегната од Виничката афера. Во 1900-1903 година Поп Антов е главен учител во Пехчево, каде што ја води борбата против врховистките чети. Гоце Делчев за него вели:

... Тивок, мирен, но цврст како камен .... Со своите квалитети и убавиот збор тој создава верни пријатели ... [1]

Во ноември-декември 1902 година е уапсен и затворен во скопскиот затвор Куршумли ан, а во февруари 1903 година е протерани од Пехчево. Во 1904-1906 година Поп Антов е главен учител во Мелник, каде што се отворил пансион за бугарските егзархиски ученици од околните села. Тој бил избран за член на околиското раководство на Организацијата. Како делегат на Серскиот револуционерен окружен комитет Тодор Поп Антов зел учество во Рилскиот конгрес во 1905 година и бил избран за член на Централниот комитет заедно со Дамјан Груев и Пере Тошев [2]. Христо Силјанов го опишува со следните зборови:

Тодор п. Антов ... беше еден од старите искусни раководители во внатрешноста, добро гледан и од двата табора[3]

Во јули-декември 1906 година Поп Антов е уапсен и обвинет за учество во револуционерна активност, но на судскиот процес е ослободен. Од почетокот на 1907 година Поп Антов е учител во Скопје во петкласно женско егзархиско училиште и член на Окружниот револуционерен комитет во Скопје. По завршувањето на учебната 1906-1907 година, поради сомневањата на власта за неговото учество во револуционерното движење е отстранет од споменатото училиште [4]. Во летото 1907 година Поп Антов нелегално пристигнал во Бугарија, каде што учителства. По Хуриетот се враќа во Македонија. Во 1908-1909 година повторно е учител во Мелник, а во 1909-1910 година - во Мустафапаша. Во 1910 година заедно со неговата сопруга Поликсена Мосинова од Охрид заминува за Женева, каде што студира Хемија. По избувнувањето на Балканската војна се враќа во Бугарија и заедно со неговата сопруга стапуваат како доброволци во санитарни делови на Македонско-одринско ополчение. Во 1913-1915 година Тодор Поп Антов е учител во Скеча. За време на Првата светска војна е бугарски окружен управител во Кавадарци.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Поп Антов, Христо. Спомени, Скопје 2006, с. 305.
  2. Силянов, Христо. Освоодителните борби на Македония, т. II, София 1943, с. 377.
  3. пак там, с. 439.
  4. История на българите в документи, Съставители Величко Георгиев и Стайко Трифонов, т. I, ч. II, София 1996, с. 234.

Предлошка:МРО