Прејди на содржината

Рилски конгрес

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Рилскиот конгрес)

Рилскиот конгрес е конгрес на Македонската револуционерна организација, прв општ конгрес по Илинденското востание и серијата на окружни конгреси низ Македонија. Тој се одржал во октомври 1905 година во Рилскиот манастир и траел еден месец.

Рилски манастир

Кон крајот на септември 1905 година во Софија се собрал најголем број од делегатите кој требале да присуствуваат на Конгресот. Во главниот град на Бугарија биле извршени дополнителни советувања на кои дошло до недоразбирање околу местото за одржување на Конгресот. Јане Сандански побарал Конгресот да се одржи во Македонија и на тој начин да се повлече:

чисто внатрешниот карактер и полната независност на Организацијата [1]

Сепак најголемиот број од делегатите посочиле дека Конгресот не треба да биде вознемируван од никого и затоа предложиле тој да се одржи надвор од границите на Македонија. По преговорите било постигнато компромисно решение Конгресот да се одржи во Рилскиот манастир, во близината на македонската граница.[1]

Подготовки

[уреди | уреди извор]

Делегати

[уреди | уреди извор]

За овој конгрес биле избрани 22 делегати. Меѓу нив се нашле:

Од избраните делегати на конгресот не присуствувале Христо Чернопеев и Петар Васков.

Тајно гласање

[уреди | уреди извор]

Било спроведено тајно гласање на кое за претседател на Конгресот бил избран Даме Груев, како и двајца секретари: Аргир Манасиев [2] и Илија Балтов.[1]

Последните задгранични претставници, Христо Татарчев и Христо Матов, не биле избрани за делегати од ниту еден округ, како и задграничниот претставник на Скопскиот округ, Иван Гарванов.

Христо Силјанов според составот на делегатите констатирал дека меѓу нив се нашле страсни функционери кои сакале да го наметнат своето влијание, а покрај нив биле старите дејци кои оддавале сила на пишаните правилници, првенци кои преку Конгресот сакале да го вратат изгубеното место во Организацијата и дејци кој сакале да се оттргнат од револуционерниот суд.[1] Меѓу нив имало и нови дејци кои се препуштале кон една или друга струја. Сето тоа придонело да има кулоарски интриги, преку кои бил обезбеден глас кои бил потребен да се донесе одлука.

Ментор на целиот Конгрес бил Ѓорче Петров кој морал да прави комбинации при изборот на управните тела меѓу дејците, кои биле меѓусебно критички настроени.

Дневен ред

[уреди | уреди извор]

Конгресот го имал следниот дневен ред:

1. Извештај за минатата дејност и сегашната положба во Организацијата по окрузи и околии
2. Идната дејност на Организацијата
3. Устројство и управа на Организацијата;
а) административен оддел
б) судски одел
в) финансиски одел
г) културно - економски одел
4. Литература и печат
5. Односот и поведението на Организацијата спрема разните теченија; a) спрема сите пропаганди б) спрема бугарскиот државнички национализам и Егзархија в) спрема врховистите, емиграцијата и јавноста во Бугарија г) спрема одделни организациски групи внатре и надвор
6. Тактика на Организацијата
7. Отчет за дејноста на ЦК и Задграничното претставништво[1]

Комисија

[уреди | уреди извор]

На Конгресот била избрана специјална комисија во која влегле: Даме Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Ѓорѓи Поп Христов. Оваа комисија била задолжена да ги редактира конгресните одлуки и да ги пренесе во Македонија преку циркулари со извадоци од поважните решенија и толкувања за примена на Правилникот.[1]

Решенија и одлуки

[уреди | уреди извор]

Точка еден

[уреди | уреди извор]

Идејата за едновремено востание не била реализирана поради нерамномерниот развој на месните организации во подготвителниот период, поради што дошло до делумни востанија.[3] Меѓу другото, се зборувало за непочитување на правилниците на организацијата, разликите во агитацијата на дејците, нередовното финансирање, финансиските злоупотреби, слабото учество на градското востание во востанието, недостатокот на легални раководни дејци и соодветен војводски и четнички кадар и преголемото влијание на четничкиот институт.[3]

Точка два

[уреди | уреди извор]

Организацијата продолжува да ја смета сенародната вооружена борба против турската власт како крајно средство на својата борба за премавнување на турскиот режим.[3]

Било заклучено дека востание треба да дојде како резултат на една подолга револуционерна дејност сред населението.

Организацијата е против востание кое би било предизвикано од надворешни влијанија и политички пресметки. Организацијата треба да ја засили агитацијата сред населението затоа што тоа треба да биде носител на борбата и таа треба да произлегува од него, а не само од четите.

На сите насилства од страна на државата треба да се одговори со одмазда, по ова прашање се оставило на лична иницијатива. Организацијата, иако е револуционерна по својата идеологија и методи, си поставила задача да се занимава и со економскиот и културниот живот на населението и да го поттикнува таквиот развој.

Организацијата нема да се противи на легалната дејност на населението против насилствата на власта.[3]

Точка три

[уреди | уреди извор]

По оваа точка Конгресот расправал дваесет дена бидејќи станувало збор за идното уредување на организацијата. Појдовна точка биле правилниците-проекти од окружните конгреси. По ова прашање најактивен бил Пере Тошев кој сметал дека доследната примена на Правилникот би ги отстранила сите недоразбирања и би се зацврстила организацијата.

Две струи
[уреди | уреди извор]

Според Христо Силјанов по ова прашање дошле во судир две струи кои имале различна концепција по ова прашање. Двете струи Силјанов ги нарекува: радикално-реформска и умерено-конзервативна.[1][4]

На овој Конгрес најистакнати претставници на првата групација биле Пере Тошев, Ѓорче Петров и Јане Сандански, кои ја имале наклонетоста на најголемиот број на делегати. Оваа крило се залагало за децентрализација и демократизација на Организацијата, широка примена на изборното начело. На страната на оваа група застанал и Борис Сарафов сакајќи на тој начин да добие амнестија од обвиненијата.

На чело на другата групација застанал Даме Груев кој се залагал за зачувување на централистичкиот хиерархиски поредок. Меѓутоа, тој ја немал поддршката на најголемиот број на делегати и затоа бил подготвен на компромис, а зад него застанале Аргир Манасиев, Борис Мончев, Лазар Маџаров, Стамат Икономов и Добри Даскалов.[1]

По дваесет-дневна расправа меѓу двете групи Конгресот ги прифатил новиот Устав и Правилник на Организацијата. Според Христо Силјанов, новоусвоените акти биле компромисно решение меѓу двете групации, „со чувствително наклонување на лево“[1] при што отстапките за компромисот биле направени од умерено-конзервативното крило. Наспроти мислењето на Силјанов, во постарата литература преовладува ставот дека влијанието на левицата преовладал на овој конгрес. Дополнителна конфузија е поделбата на левица и десница, кога е познато дека Борис Сарафов застанал на страната на радикално-реформска крило, а Даме Груев бил на чело на умерено-конзервативната струја.[1][5]

Промена на името
[уреди | уреди извор]

И покрај струењата бил постигнат компромис и бил усвоен новиот Устав и Правилник според кој Организацијата добила ново официјално име Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО)[1]

Избор на членови за раководните тела
[уреди | уреди извор]

Врз основа на штотуку усвоените нови акти за членови на ЦК биле избрани: Дамјан Груев, Пере Тошев, Тодор Поп Антов, во Претставничкото тело влегле - Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов, за уредник на „Револуционерен лист“ бил избран Димо Хаџи Димов. За ревизори на Организацијата биле избрани Иван Гарванов, Никола Пушкаров и Борис Сарафов, но тие не ја прифатиле должноста.[6]

Административно устројство
[уреди | уреди извор]

Било одлучено Организацијата и понатаму да се дели на окрузи и околии, а за промените во тој поглед одлучува само Конгресот.

Било констатирано дека Организацијата има законска можност да воспостави строго правосудство. Сите приватни дела помеѓу христијаните требало да се разгледуваат во специјални - граѓански судови. Овие судови требало да бидат арбитри за спогодување и изгладување на споровите меѓу христијаните. За да се избегнат неправедности судовите се подложуваат на контрола, а судските решенија требало да се спроведуваат преку комитетите [3]. Меѓутоа, комитетот немал право да се меша во работата на граѓанските судови, а во негова надлежност биле само организациските прашања и проблеми согласност Правилникот.

Финансии
[уреди | уреди извор]

Редовната членарина и понатаму останала основен извор на приходи, а Конгресот го отфрлил предлогот за наложување на данок врз населението. Било предвидено дека дел од членските вносови можеле да се внесуваат и во натура.[3] Во општите трошоци на Организацијата влегувале финансиските средстав за издршка на затворениците, чети, оружје, издршка на семејствата на настраданите дејци и друго.

Културно-економска дејност
[уреди | уреди извор]

Конгресот одлучил дека Организацијата мора да се залага за воведување на задолжително образование до четврто одделение и за отворање на основни училишта каде што нема. За возрасните се препорачало отворање на вечерни и неделни училишта за описменување на населението и запознавање со прават кои ги ужива од државата.

Дополнително на тоа Организацијата требало да се залага за отворање на библиотеки и морално влијание врз населението [3].

Организацијата треба да се стреми да ги отстрани разните материјални и морални појави кои се јавуваат поради обичаите и вековните заблуди. Населението да се убеди непотребно да не троши при свадби и разни обреди, да се избегнуваат женидби на малолетници и женидби со присила на домашните, да се искорени суеверието.

Во однос на економскиот дел, било одлучено Организацијата да се стреми да го ослободи населението од економската експлатација и премавнување на чифлигарскот систем.[3]

Четврта точка

[уреди | уреди извор]

Конгресот одлучил при Претставничкото тело да се формираа одделен комитет кој ќе се грижи за доставување на различна литература, да се формира посебен книжевен фонд за издавање на книги, брошури и специјален весник за населението во Македонија. Било допуштено самата Организација да откупува и распространува книги и други изданија независно од тоа дали се прифатливи за самата Организација.[3] Било решено Организацијата при изнесувањето на своите ставови и погледи да ги изразува преку притурака (додаток) во својот официјален орган.

Петта точка

[уреди | уреди извор]

Конгресот потенцирал дека Организацијата ќе се спротивстави на сите постапки на Бугарската егзархија кои се насочени „во духот на бугарските државнички национализам“, затоа што се штетни на организациските цели. Во однос на надворешните пропаганди било истакнато дека:

1) Да се сочува слободата на верата, убедувањето и националното чувство на секој човек во Македонија и Одринско, спротивставување на секоја леглана пропаганда која го одвлекува неселението од Организацијата и нејзината револуционерна активност 2) ВМОРО најостро ги осудува нелегалните дејства на пропагандите. Грчките и српските чети ќе се сметаат за органи на соодветните влади. Како такви ќе бидаат проследувани со сите сили и средства, бидејќи се орудија на држави и влади кои сакаат да ја завладеат организациската територија, а со тоа биле против автономијата на Македонија и Одринско [3]

Во однос на македонската емиграција, Претставничкото тело требало ја искористи македонско-одринската емиграција во Бугарија во интерес на ослободителното дело и Организацијата. Во однос на врховистите, односно групата околу Иван Цончев, било решено да се расчисти за секогаш. Затоа Конгресот испратил „Соопштение до групата македонски дејци наречени Врховисти“ [1] во кое било истакнато:

Организацијата за напред по никаков начин не може да трпи на своја територија никакви други групи и корпорации... Таа ќе ги прогонува по секоја цена и со сите сили активните дејци на таквите групи и корпорации како опасни непријатели на ослободителното дело, а нивните водачи подлежат на сите строгости на Уставот и Правилникот, предвидени за пакосниците на ослободителното дело и злосторниците на нашата татковина, каде и да се наоѓаат тие, биле членови на Организацијата или не... Организацијата со своите нови наредби дава широка слобода за членување во неа... без разлика на народнсот, место на раѓање и убедување... гореизложеното решение му отвора пристап во Организацијата на секого и со секого се надева да ги види во своите редови обединети силите на сите искрени и вистински приврзаници на ослободителната револуционерна борба против турскиот режим во Македонија и Одринско [1]

Организацијата ги поканила врховистите доброволно да ја растураат својата група и да го прекратат својот сепаратизам, а на крајот било подвлечено дека Соопштението не дава можност за преговори, туку бара категоричен одговор.

Сосема неочекувано за многумина, Иван Цончев се обратил писмено до Конгресот прифаќајќи го барањето на ВМОРО и истакнувајќи дека Врховниот комитет го изгубил своето значење, дека тој се распаднал на повеќе групи, а дека тој е претставник на онаа група во Бугарија. Меѓу другото Цончев истакнал дека сака да постигне единство со ТМОРО и дека ќе ги извести своите приврзаници за тоа. До формално слевање на врховистите во ВМОРО меѓутоа Цончев ги повлекол своите луѓе од Македонија и неговата група престанала да постои.

Обвинението против Борис Сарафов

[уреди | уреди извор]

Одговорноста на Борис Сарафов како и на другите дејци на Организацијата биле оставени за на крајот од дневниот ред, бидејќи оваа прашање било најделикатно. Сарафов бил обвинуван од сите страни и за секакви дејствија, дека земал пари од српската влада за пропуштање на српски чети, за препраќање на свои чети во Македонија, давање пари на разни службеници со што предизвикувал раскол и расипништво. Според Христо Силјанов фактите биле толку силни што Сарафов:

не можел, а да не се чувствува за грешник [1]

Главни обвинители на Конгресот бил Јане Сандански и серчани. Тие биле поддржани од струмичаните како и од реформските делегати, а против Сарафов биле и делегатите од Битолскиот и Солунскиот округ под влијание на Дамјан Груев, нивни претставник бил Борис Мончев.[1]

Сарафов морал да се брани и затоа го обвинил Сандански за пасивност при Илинденското востание, а на Груев му дофрлил што дозволил да биде грабнат од просрпскиот војвода Мицко Крстевски.

Единствен кој застанал на страната на Сарафов бил Ѓорче Петров кој пак добил поткрепа од Пере Тошев дека амнестирањето на обвинетите е најдобро решение со што би се разрешило заплетканото прашање.

Улогата на миротворец требало да ја одигра непомирливиот противник на Сарафов, самиот Јане Сандански. На изнанедување на многумина Сандански истакнал дека во минатото сите грешеле, дека е потребно сплотување и помирување, да се остави минатото. Во тој дух се изјаснил и Ѓорче Петров, а поддршка дал и Даме Груев. На крај конгресот изгласал општа амнестија за сите обвинети вклучително и за Борис Сарафов.[1]

На Конгресот присуствувале најголемите дејци на Организацијата; тоа бил најголем собир по Илинденското востание, на кој биле потврдени старите принципи но биле донесени и нови решенија кои ги допирале сите сфери на општестевниот живот во Македонија и Одринско.

Организацијата повторно им застанала на патот на пропагандите и надворешните влијанија и бил направен обид засекогаш да се стави крај на врховистите, иако неуспешно бидејќи тие се слеале во самата Организација и го продолжиле своето делување.

На Конгресот било постигнато единство кое траело кратко, бидејќи вториот општ конгрес никогаш не се одржал.

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)
  2. Македония и пламъци, Спомени на Аргир Манасиев, 158.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Даме Груев - Спомени, Коресподенција, Предговор, съставителство и бележки: Цочо Билярски, София, 1999.
  4. Во постарата литература првата групација се нарекува левица, а втората - десница.
  5. Въ тѣзи разисквания се сблъснаха дветѣ известни намъ течения — радикално-реформаторското и умѣрено-консервативното. Макаръ че нѣкои отъ най-влиятелнитѣ вдъхновители на първото (марксистътъ Димо хаджи Димовъ, писательтъ А. Страшимировъ и др.), отсѫтствуваха, демократичнитѣ начала и децентрализацията въ управлението бидоха блѣскаво защитени отъ Г. Петровъ и П. Тошевъ, при подкрепата на Я. Сандански и други отчаяни лѣвичари. Отсѫтствуваше отъ конгреса и най-упоритиятъ привърженикъ на умѣреностьта въ преобразованията, Хр. Матовъ, който и съ перо и съ слово не престана, въ продължение на две години, да доказва пакостьта отъ крайни и неприложими реформаторски тежнения. Съ своята упоритость той бѣше си навлѣкълъ неприязъньта на лѣвичаритѣ, а като задгранични представители, сиречь членове на единствения редовно функциониращъ презъ цѣлия периодъ отъ възстанието до конгреса, общоорганизационенъ висшъ институтъ, той и др.ъ Хр. Татарчевъ бѣха станали прицѣлна точка на всѣкакви критики и нападки. Поради това и двамата, въпрѣки грамаднитѣ си заслуги презъ време на междуцарствието, не можаха да попаднатъ между конгреснитѣ делегати. Наистина, умѣрено-консервативното течение се застѫпваше въ конгреса отъ най-авторитетния деятель въ вѫтрешностьта, Д. Груевъ. Той обаче, било поради природната си склонность къмъ практическитѣ постижения по пѫтя на взаимнитѣ отстѫпки, било поради заемания председателски постъ, остана и тукъ вѣренъ на своята примирителна тактика. Все пакъ централистичната система и умѣрениятъ реформизъмъ броеха множество убедени привърженици, като Л. Маджаровъ, Ст. Икономовъ, П. Васковъ, Добри Даскаловъ и др. и намѣриха въ конгреса горещи защитници въ лицето на Б. Мончевъ, А. Манасиевъ и др... Хр. Силянов, том II Следъ Илинденското възстание
  6. 36 години во ВМРО - Спомени на Кирил Прличев, издателство ВЕДА-МЖ, 1999, ISBN 954-8090-01-5

Литература

[уреди | уреди извор]
  • „Историја на македонскиот народ“, книга втора, НИП Нова Македонија, Скопје, 1969.
  • „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“, том еден, Универзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско-историски науки, Скопје, 1981.
  • Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]