Атентат врз Александар Стамболиски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Атентатот врз Александар Стамболиски бил извршен на 14 јуни 1923 година во селото Славовица, Бугарија. По извршениот преврат во државата, била извршена жестока и сурова егзекуција на лидерот на БЗНС и бугарски премиер, Александар Стамболиски и неговиот брат Васил Стамболиски [1]. Главна улога во ликвидирањето на Стамболиски имал Воениот сојуз, меѓутоа таквите политички случувања биле искоритени од Александров и ВМРО да се ослободат од својот непријател со што дирекно биле вмешани во овие случувања.

Хронологија[уреди | уреди извор]


  • За време на 9-то јунскиот преврат, кој бил најмногу концентриран во престолнината Софија, претседателот на владата Стамболиски се наоѓал во вилата на неговото родно место, Славовица, во близината на градот Пазарџик.
  • Кон селото Славовица се упатил одредот на поручникот Попов, кој добил наредба од новата власт во Софија да го уапси Александар Стамболиски. Настанала вооружена престрелка помеѓу двете вооружени групи, која поради подобрата положба и вооружување на обезбедувањето на Стамболиски, завршила со нивна победа.
  • Стамболиски охрабрен од првобитниот успех и лојалноста на неговите приврзаници, решил да дејствува. По негова наредба на Стамболиски, биле истрелани противградобијни ракети, по што за кратко време се собрале неколку илјади приврзаници на земјоделската влада. Бројот на вооружените луѓе во селото Славовица и неговата околина изнесувал околу 1500 селани спремни за одбрана на земјоделската влада и нејзиниот претседател.
  • Сменетиот бугарски премиер, се решил со неколку илјадната војска на негови приврзаници да го нападне градот Пазарџик. Додека траел земјоделскиот поход на Пазарџик кон селанската армија успеал да се приближи вооружениот одред на мајорот Попов, кој повторно се судрил со приврзаниците на Стамболиски, но поради бројната надмоќност на последниот, повторно бил поразен и покрај дополнителната воена помош што ја добил од превратниците. Во такви услови градот Пазарџик бил заобиколен од три страни од војската на Стамболиски, кој бил сигурен во воената победа и заземањето на градот. Во опсадата тој добил помош и од неговиот брат Васил Стамболиски, кој што застанал на чело на еден дел од вооружените формации. И кога потпаѓањето на градот во земјоделски раце веќе било речиси извесно, на помош на опсадените приврзаници на новата власт им дошло воено засилување од гарнизонот во градот Пловдив и тоа токму од страната на градот која не била опсадена. Надмоќната и добро вооружена војска на 9-то јунските превратници, која имала и поголемо воено искуство од селанската војска на земјоделскиот водач, извојувала победа пред градот Пазарџик и целосно ги разбила своите противници.
  • Александар Стамболиски останал само со неколкумина свои најверни приврзаници и неговиот брат Васил. Пред постојаните потери кои настојувале да му влезат во трагата на Стамболиски, групата се упатила во правец на неговото родно село Славовица. Овде Стамболиски решил групата да се растури, по што и покрај настојувањата на неговите другари преку планинските превои да побегне надвор од земјата, тој останал и со надеж дека ќе биде уапсен и однесен во престолнината Софија, каде се надевал на праведен третман од новата власт.
  • Воените кругови блиски до превратниците, со директна наредба на генералот В'лков, во таа област испратиле специјален одред со задача Александар Стамболиски да биде фатен жив. На чело на тој одред биле поставени полковникот Славејко Василев и капетанот Иван Харлаков.
  • Стамболиски сам талкал по околните села и преправајќи се дека бил трговец со дрва од селаните успеал да дознае за дефинитивниот преврат во државата. Во обидот да помине низ селото Голак, тој бил препознаен од едно воловарче, кое го пријавило на најблиските органи на власта и така сменетиот бугарски премиер паднал во заробеништво на новата власт во Бугарија. Стамболиски паднал во заробеништво на Славејко Василев.
  • Со автомобил Александар Стамболиски бил одведен во воениот гарнизон во Пазарџик, каде приврзаниците-офицери на новата власт се обиделе да го линчуваат.
  • Најтешкиот дел од заробеништвото на Александар Стамболиски започнал од моментот кога неговите мачители го одвеле во вилата во родното село Славовица, каде започнале суровите измачувања.

Убиство[уреди | уреди извор]

Прва верзија[уреди | уреди извор]

Четата на Величко Велjaнов (во средината) и Крсте Лазаров (втор од лево кон десно). Оддесно на Лазаров со пушка на колена е Петар Станчев.

Постојат две верзии за тоа кој бил одговорен за инквизиторските методи применети против земјоделскиот водач. Според едната, главната улога во тоа ја имала ВМРО, повикувајќи се на податокот дека во вилата на Стамболиски во селото Славовица од страна на капетан Харлаков му била прочитана смртната казна на водачот на земјоделците од името на ВМРО и Воената лига, по што и покрај противењето на Стамболиски започнале сурови измачувања врз него и неговиот брат.

Главен инквизитор бил скопскиот војвода на ВМРО, Величко Велјанов - Чичето, заштитен и обезбедуван од 30-тина четници на Организацијата. Бугарскиот премиер и неговиот брат биле измачувани, постојано биле принудувани да се збогуваат, биле натерани да си ги ископаат своите гробови, за да на крајот откако со нож му биле исечени ушите и носот, со десетици убоди, Стамболиски бил најѕверски убиен. Измачуваниот земјоделски водач, веројатно со крајни, натчовечки напори пред да почине успеал со крв на еден камен да го напише часот, денот, месецот и годината на неговото убиство: 12 ч. 14 јуни 1923 година [2]

Втора верзија[уреди | уреди извор]

Локацијата на која Александар Стамболиски бил затворен и мачење
Крвавиот натпис од Александар Стамболиски пред неговата смрт

Според втората верзија, пресуден збор за судбината на Александар Стамболиски имал капетанот Харлаков. По негова наредба Стамболиски од неговите мачители најпрвин бил навредуван, понижуван, пцуен и омаловажуван, а потоа започнале физичките измачувања со немилосрдно тепање. Стамболиски бил принудуван да ги носи на грб неговите мачители, кои покрај тој срамен чин, го боделе со своите ножеви за да оди побргу, а воедно започнале да го тепаат и со камшици.

Во исто време, во една друга куќа во селото бил фрлен во заточеништво и неговиот брат Васил Стамболиски. По извесно време иследниците му соопштиле дека имаат намера да го однесат кај неговиот брат Александар, на што свесен за нивните намери тој остро се спротивставил, не сакајќи да го гледа со свои очи измачувањето на брата си.

Со употреба на насилни средства Васил Стамболиски бил качен во автомобил и бил однесен во вилата на неговиот брат, каде двајцата, облеани во крв и унакажани од мачење, биле принудени да гледаат еден во друг и да се надеваат дека ужасите ќе бидат прекинати со смрт, која во таа очајна состојба им изгледала како награда и спас од инквизициите.

Но тогаш започнало уште пожестоко и сурово измачување на двајцата браќа. Еден од мачителите со нож му ги отсекол ушите на Александар Стамболиски, друг почнал да му сече делови од нозете, додека трет му забивал нож во градите. За да биде уште поголема агонијата на сменетиот бугарски премиер, мачителите со хируршка точност ги забивале ножевите во телото на жртвата во длабочина што нема да предизвика брза смрт, за да биде продолжено измачувањето.

Врв на садизмот и на инквизиторските методи бил моментот кога иследниците се обидувале да го натераат Александар Стамболиски да јаде делови од своето тело и да ја пие својата сопствена крв. Раскинатите делови од телото на несреќниот земјоделски водач тие му ги давале да ги држи на неговиот брат Васил, кој не можејќи да го издржи тој момент, починал во најголеми маки. Суровостите на крај завршиле со тоа што мртвото тело на Александар Стамболиски било исечено на 75 парчиња.

Останките на Стамболиски[уреди | уреди извор]

Утредента четниците на ВМРО го закопале мртвото тело на Стамболиски во лозјето на неговата вила. Меѓутоа полковникот Василев по прегледот на вилата и гробот без крст на убиениот, му наредил на капетанот Харлаков и на поручниците Крстев и Сава Савов да ги закопаат посмртните останки на некое поскришно место во близина на реката Марица.

Според некои мислења, постоело и трета промена на локацијата на гробот на Александар Стамболиски, која има елементи на легендарност, бидејќи Стамболиски имал голема популарност среде широките селански маси во Бугарија. Имено, според неа, по извесно време водите на реката Марица ги откриле посмртните останки на Стамболиски и тие случајно биле пронајдени од некој селанец од околните села. Селанецот ги собрал остатоците од телото на покојниот бугарски премиер и тајно ги закопал во својата нива и за локацијата на гробот ги запознал своите соселани, додека местото на новиот, трет по ред, гроб на Александар Стамболиски останало непознато за новата бугарска власт [3].

Главата на Стамболиски[уреди | уреди извор]

Во врска со убиството на Александар Стамболиски се провлекувала уште една недоволно испитана работа, а тоа било тврдењето дека по егзекуцијата капетанот Иван Харлаков лично му ја пресекол главата на починатиот и во торба ја однел во престолнината Софија за да им ја покаже како триумфален предмет на водачите на 9-то јунскиот преврат. И по дваесетина години од настанот Харлаков не дал точен одговор кому му ја однел главата на убиениот бугарски претседател на владата. Според едно мислење главата била однесена во Софија, била шпиртосана и оставена да биде земена од тој што ја нарачал, додека според други таа била однесена некаде во странство, запалена, а пепелта била вратена назад во Бугарија, каде била и закопана [4].

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Ачковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год
  2. Дончо Даскалов, Политически убийства...цит., 84/85.
  3. Убиецътъ на Александъръ Стамболийски говори..., Софија, декември 1944 година, 35.
  4. Убиецътъ на Александъръ Стамболийски говори..., Софија, декември 1944 година, 48.