Панчо Михајлов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Панчо Михајлов
Роден 1891
Штип, Македонија
Починал 15 јуни 1925
Софија, Бугарија

Панчо Михајлов, познат како Чавдар — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, публицист, книжевник, еден од најзначајните интелектуалци во ВМРО на Тодор Александров. Бил учител во Кочани, Виница, Ќустендилско, се вклучил во ВМРО во 1921 година и станал еден од најблиските соработници на Александров, со својата чета имал повеќе вооружени судири со полициските и воени формации на Кралството на СХС, автор е на збирката раскази „Во земјата на солзите“ и збирката „Бугарски народни песни од Македонија“.

Животопис[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Панчо Михајлов е роден во 1891 година во Штип, тогаш во Отоманското Царство. Завршил средно образование во егзархиското педагошко училиште во Скопје. Во Балканските војни служел како доброволец во бугарската армија. По 1913 година се населил во Бугарија, каде што завршил школа за резервни офицери. Во Првата светска војна бил командант на чета при 53-от пешадиски полк во бугарската арамија. По војната бил демобилизиран и работел како главен сметководител во „Перник“.

ВМРО[уреди | уреди извор]

Совет на војводи: Панчо Михајлов во средината, над него Григор Хаџикимов, а оддесно на него Лазар Велков. Шести во третиот ред - Шабан Облешевски.
Никола Гулев и Панчо Михајлов.

Се приклучил во ВМРО на Тодор Александров и во 1921 година бил назначен за војвода во Кочанско [1][2]. Во 1921 година кочанската чета на Панчо Михајлов заедно со штипската на Иван Брло, води борба со српските сили во близина на селото Спанчево, во која загинале 8 Срби. Панчо Михајлов учествува во Ќустендилската акција на 4 - 6 декември 1922 година, заедно со Иван Брло и селските милиции и чети на ВМРО од околиите на Царево Село (Делчево), Кратово, Виница и Кочани. На централниот плоштад во Ќустендил Панчо Михајлов одржал говор во кој меѓу другото истакнал:

... Таму во Македонија, ние со успех водиме борба на живот и смрт со онаа бесна власт, која го носи валканото име "српска", со онаа византиска управа, која се нарекува "грчка" и со многуте други непријатели на македонската слобода. Нашите позиции таму се непробојни зашто сето население застана под знамето на В. М. Р. Организацијата, која што единствено војува за слободата на Македонија, бидејќи тежината и солзите ни се заеднички. Борбата за слободата на Македонија ќе ја водиме до тогаш, додека зората на слободата не огрее и над таа колку измачена, толку чудесно убава земја... Никој не може да ја задуши националната гордост на Македонецот, бидејќи синовите на еден народ голем во својата саможртвуваност и тага, овој народ, кој ги запишал светлите страници во својата историја, како Илинденското востание никогаш немаше да умре, и покрај изјавите на разни политичари од бугарското општествено поле... А сега, сега напред кон снежните наноси на планините, каде што ќе изградиме своите бели куќи со весели комитски огнови, за да го чекаме спроведувањето на дадениот ни чесен збор. Да живее независна Македонија! Да живее Бугарија!... [3]

По убиството на Тодор Александров, во 1924 година Панчо Михајлов, по предлог на Иван Михајлов, бил избран за член на организацискиот суд, заедно со Јордан Ѓурков и Петар Шанданов. Со нив учествува во Горноџумајските случувања. Според планот кој бил изготвен, Шанданов и Ѓурков истовремено требало да стрелаат во Георги Атанасов, а Панчо Михајлов и Дрангов во Алеко Василев-Пашата, се упатил кон куќата на Панајот Рајнов, каде требало да ги извршат убиствата. Биле проверени од обезбедувањето и во собата во почетокот останале сами Шанданов и нервозниот Дрангов. Настаните се одвивале со голема брзина: Шанданов и Дрангов истовремено пукале во грбот и во главата на Алеко, кој паднал мртов. По првите истрели, Панчо Михајлов и Јордан Ѓурков, изненадени од предвремениот почеток на нападот, со своите револвери почнале да пукаат преку прозорците во собата каде што бил Героги Атанасов со обезбедувањето. Атанасов успеал да избега.

Во јули 1924 година четата на Михајлов води целодневна борба со српска потера кај селата Калиманци и Илиово.

Убиство[уреди | уреди извор]

Самоволието на Иван Михајлов и неговата амбиција за преземање на ВМРО во свој раце довеле до подвоеност во Организација. Првите знаци на расколот во Внатрешната македонска револуционерна организација се јавуваат со убиството на кочанскиот војводата Панчо Михајлов. Настаните пред убиството на Михајлов укажувале на тоа дека е можно тој и да се спаси од смртната казна.

Петар Шанданов
Ванчо Михајлов

По наредба на ЦК на ВМРО биле фатени и Панчо Михајлов и војводата Ефтим Цеков, обвинети за предавство на Организацијата, поради наводната соработка со федералистите и со Тодор Паница, при што Цеков бил затворен во една куќа во Софија, а Панчо Михајлов во куќата на Михаил Шкартов, еден од повисоките раководители во ВМРО. Истрагата од ВМРО во случајот со војводата Цеков, која се водела без физичко малтретирање, според Петар Шанданов, покажала дека тој бил виновен за работите за кои се товарел, но откако ги признал обвинувањата побарал да биде рехабилитиран, за што се обрзувал да ја изврши било која задача од страна на Организацијата. Но по инсистирање на Иван Михајлов, мнозинството на членовите на ЦК и Задграничното претставништвго, се изјасниле за изречување на смртна пресуда.

Во меѓувреме Панчо Михајлов успеал да избега од чуварите и се скрил во куќата на генералот Ќуркчиев, којшто му бил пријател од време на војната. Кога на Иван Михајлов му соопштиле за бегството, тој побарал без суд да биде погубена стражата што го чувала затвореникот. И покрај противењето на Петар Шанданов, еден од обезбедувањето, Крум Зарков бил веднаш убиен. Иван Михајлов веднаш побарал од Шанданов да влезе во контакт со кочанскиот војвода и да го изведе пред судот на Организацијата, на што Шанданов се спротивставил и барал цврсти гаранции дека Панчо Михајлов нема да биде убиен. На тоа Михајлов му одговорил дека имал сигурни сознанија дека обвинетиот се подготвувал да замине во странство и да се поврзе со федералистите во Виена. Сепак по упорното инсистирање на Шанданов за невиноста на Панчо Михајлов, Иван Михајлов ветил дека по формалното судење, кочанскиот војвода ќе бил ослободен.

По ваквите гаранции од Иван Михајлов, Шанданов преку жената на Панчо и генералот Ќуркчиев успеал да стапи во контакт со обвинетиот од страна на ВМРО, при што од генералот постојано се нагласувало дека евентуалното убиство би предизвикало негативен ефект кај македонската емиграција, кај која Панчо Михајлов уживал голем углед. По сите овие разговори, Панчо Михајлов се предал на организациските власти и по судењето навистина бил ослободен, поради заслугите во минатото по однос на Македонија, при што пресудата била исклучување од редовите на ВМРО на неодредено време. По сите овие случувања Панчо Михајлов еден ден му се заблагодарил на Шанданов и му напоменал дека заради егзистенцијални причини сакал да почне со работа како сметководител во фабриката за шеќер во Горна Ораховица.

Меѓутоа набрзо на 15 јуни 1925 година во Софија бил убиен Панчо Михајлов. Неговото мртво тело лично го видел и Петар Шанданов, кој по настанот бил информиран од свои блиски луѓе дека убиството лично го наредил Иван Михајлов и покрај ветувањето и ослободителната пресуда.

Творештво[уреди | уреди извор]

Корица на "Бугарски народни песни од Македонија"

Во 1923 година штипското добротворно братство „Тодор Александров“ ја издава збирката на народни песни од Македонија, собрани од Панчо Михајлов.[4]

Во 1924 година Панчо Михајлов издава збирката „Бугарски народни песни од Македонија“. Збирката била во издание на штипското добротворно братство и со предговор од Михаил Арнаудов. Во книгата биле запишани песни од Михајлов при неговите патувања во Македонија главно од Штипската, Скопската, Кратовската, Кочанска, Паланечката и Царевоселска-Малешевската околија. За собирање на песните придонеле и војводите Мите Опилски, Евтим Полски, Томе Попзахариев, Димитар Паликрушев и Григор Хаџикимов. Во предговорот Михајлов напишал:

Има ли во светот народ, на кој на најдобар жесток начин да е одземено правото да зборува, да се учи да пее на својот мајчин мил јазик? Има ли некaде народ, со чии верски чувства и јавен морал да се подбивани од управници му? Има ли некaде народ, чии стари напори за просвета и национална свест се затрити со еден варварски замав? Каде е овој народ, кој во ред генерации имал стотици училишта, цркви, наставници, свештеници и ученици, а потоа, во "културниот" XX век, останува изведнаж без помен од сето тоа? Каде е овој народ, чии мајки вечно со крпи црни одат, чии населија се свртени на пепелища и чија земја е обраснато со бурен и покриена со трупови? Каде е овој народ, чиј небосклон е постојано покриен со облаци мрачни, предводени од гаврани морбидна? О, има, има таков народ! Тоа е бугарскиот народ, поставен во еден божествен земен крај, кој од сите се нарекува во низа векови Македонија. Тука, според насилнически договори што ги кријат од самиот почеток ферменти на разложението, на нас, Бугарите, е одземено правото да се учи и зборуваме на својот мајчин јазик, да се нарекуваме Бугари.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 107.
  2. Михайлов, Иван. Спомени II. Освободителна борба 1919 - 1924, Льовен, 1965, стр. 128.
  3. З А Щ О Д О Й Д О Х М Е ?
  4. Алманах „Македония“, фототипно издание от 1931 година