Могила

Од Википедија — слободната енциклопедија
Могила

Улица во селото Могила со камбанаријата на главната селска црква „Св. Архангел Михаил“

Могила во рамките на Македонија
Могила
Местоположба на Могила во Македонија
Могила на карта

Карта

Координати 41°6′29″N 21°22′42″E / 41.10806° СГШ; 21.37833° ИГД / 41.10806; 21.37833Координати: 41°6′29″N 21°22′42″E / 41.10806° СГШ; 21.37833° ИГД / 41.10806; 21.37833
Регион  Пелагониски
Општина  Могила
Област Пелагонија
Население 1.262 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7216
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02079, 02579
Надм. вис. 567 м
Слава Свети Константин и Елена
Свети Архангел Михаил
Могила на општинската карта

Атарот на Могила во рамките на општината
Могила на Ризницата

Могила — големо и развиено село во областа Пелагонија, во Општина Могила, во околината на градот Битола. Претставува едно од најголемите битолски села, а воопшто и пелагониски. Селото претставува административно седиште на истоимената општина.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Се претпоставува дека името на селото потекнува од могила („гроб“ или „споменик“), бидејќи имало остатоци од некогашни гробници, кои народот ги викал могили.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на паркот со споменикот на македонскиот револуционер и борец Димко Сарванов-Могилче

Ова големо село се наоѓа во Пелагонија, во средишниот дел на Битолското Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Могила. Се наоѓа непосредно на патот Прилеп-Битола, а од самиот град Битола е оддалечено 12 километри, како и 31 километар од Прилеп.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 582 метри.[3]

Могила е големо полско село, кое се наоѓа покрај долниот тек на реката Шемница, десна притока на Црна Река. Незначително е оддалечено од железничката пруга Прилеп-Битола. Околни села се: Кукуречани, Радобор, Беранци и Трн.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Аџимулица, Прекурека, Црна Земја, Круша, Врбушки, Шемница, Мешковица, Трнка, Белев Камен, Рибарица, Горни Лозја, Слатина, Раманка, Висови, Габа Бара, Зајкова Ливада, Лениште (тука се сеело лен) и Долно Село.[4]

Селото е од збиен тип и се дели на две големи маала: Горно и Долно. На границата помеѓу двете маала е средишниот дел на селото или сретселото со голем задружен дом, во кој денес е сместена зградата на Општина Могила.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Месноста Висои на тромеѓето помеѓу атарите на селата Могила, Беранци и Црнобуки. Во истражување спроведено во 1954 година биле откопани стари гробови наредени во круг. Биле откопани плочи со „римско писмо“, а во внатрешноста на гробовите се наоѓале грнчиња.[4] Се претпоставува дека се работи за македонскиот древен град „Чепик“.

Месноста Долно Село се наоѓа 3 километри источно од селото. Денес, таму се наоѓаат ниви. Мештаните се иселиле од таму, бидејќи имало многу змии.[4]

Во 1335 година се сретнува Могилени како пусто селиште. Истата година, царот Душан го предал селиштето на манастирот во Трескавец. Се верува дека се однесува за денешното село Могила. Друг пишан документ за Могила е од првата половина на XVII век, кога некој кадија Мехмед се жалел против селаните.[4]

Могила е едно од постарите битолски села, поради што има и староседелски родови.[4]

Околу селото се сретнуваат повеќе вештачки градени возвишувања или „тумби“, по кои селото го добило и името. На една од тумбите се наоѓа задружниот дом, на друга, пак, е изградена селската црква.[4]

Во XIX век, Могила било село во Битолската каза на Отоманското Царство.

Во 1903 година, во мај се случила битка помеѓу четата на Парашкев Цветков и турската војска и жандармерија. Во битката, турските сили употребиле и артилерија и биле убиени 13-14 членови на четата, меѓу кои и самиот војвода Цветков.[5]

Во текот на Првата светска војна, селото било разрушено и селаните биле преселени во селата Ивањевци, Вашарејца и Подино, но и во градот Прилеп.[4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Нива со сончоглед во околината на Могила

Атарот е релативно голем и зафаќа простор од 22,2 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.712 хектари, пасиштата заземаат 340 хектари, а шумите само 9 хектари.[3]

Селото, во основа, има исклучително полјоделска функција.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.480—    
19531.703+15.1%
19612.038+19.7%
19712.282+12.0%
19812.510+10.0%
ГодинаНас.±%
19912.285−9.0%
19941.576−31.0%
20021.526−3.2%
20211.262−17.3%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Могила живееле 850 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Могила имало 736 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Могила се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 89 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.000 Македонци.[9]

Могила е големо село, но со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година броело 2.038 жители, а во 1994 година 1.576 жители, македонско население.[3]

Селото по завршувањето на Втората светска војна бележи константен пораст на населението, но во 1980-тите години доживува масовни миграции и бројот на жители се намалува. Трендот на намалување на населението е присутен и денес.

Според пописот од 2002 година, во селото Могила живееле 1.526 жители, од кои 1.525 Македонци и 1 останат.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.262 жители, од кои 1.228 Македонци, 1 Албанец, 1 останат и 32 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 850 736 1.480 1.703 2.038 2.282 2.510 2.285 1.576 1.526 1.262
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Могила отсекогаш па сѐ до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.[4]

Родови во селото се следниве:

  • Најстари македонски родови се: Нешевци (слават Митровден), Карадиновци (слават Митровден), Шемовци (слават Петковден) и Тезгаровци (слават Свети Архангел). По сѐ изгледа тие се старинци.
  • Македонски родови со познато потекло на доселување: Автаровци (слават Свети Никола) со старина од селото Ѕвезда во преспанскиот крај (Мала Преспа) денес под Албанија. „Избегале од Албанци кои им ги грабале жените“. Од Ѕвезда дошле во селото Вардино, Демирхисарско. Потоа преминале во Добрушево, Радобор и најпосле во Могила. Во овој род се знае следното родословие: Коле жив на 25 години во 1956 година –Алексо-Насто-Веле-Перко (кој се доселил во Могила)-Крсте (кој се иселил од Ѕвезда); Чагорци (слават Свети Никола) дошле од селото Чагор на границата спрема Демирхисарско, кое сега не постои; Сакурмовци (слават Митровден) дошле од соседното село Трап; Мармачовци (слават Свети Архангел) дошле од Долна Чарлија каде што биле „момоци при агите“; Српчани (слават Света Пречиста) дошле од Долно Српци близу Беранци; Секирци (слават Митровден) доселени од Секирани „над Кукуречани“; Бозјаковци (слават Свети Никола) и Ношпалци (слават Митровден) се доселени од Ношпал; Черговци (слават Свети Никола) доселени се од Ивањевци; Белевци (слават Света Петка) дошле од Црнобуки, а пред тоа живееле во Ивањевци; Јазевци (слават Свети Никола) дошле од соседното село Беранци каде што имаат роднини; Лопатичани (слават Свети Никола) доселени се од Лопатица; Кековци и Буклевци слават Митровден и се доселени од Добрушево; Пресилци (слават Митровден) дошле на крајот на XIX век од Пресил, кое во 1912 година било затечено како албанско село; Колтовци (слават Митровден) дошле од Драгожани; Љаковци (слават Света Петка) дошле од соседното село Беранци; Свеќанци (слават Свети Ѓорѓи) дошле од демирхисарското село Света; Новоселци (слават Свети Никола) дошле од Новоселани кај Тополчани; Простиженовци (слават Свети Ѓорѓи) дошле од Путурус, а подалечното потекло им е од Мариово од селото Орле; Мантевци (слават Свети Ѓорѓи) дошле од Долна Чарлија, каде што имаат истоимени роднини; Ерековчани (слават Свети Никола) дошле од Ерековци; Ѓаваштани доселени од селото Ѓавато, повремено живееле и во Могила и во Битола; Мазниовци (слават Свети Никола) доселени од соседното село Радобор; Шојлевци (слават Свети Никола) дошле од село Крушеани кај Прилеп (Кривогаштани); Алчевци (слават Петковден) се доселиле од селото Кален во Мариово; Чарлинци (слават Свети Врачи) дошле од Горна Чарлија каде што припаѓале на тамошниот род Стојковци; Српчани (слават Митровден) дошле од Долно Српци; Масалковци (слават Свети Никола) дошле од соседното село Кукуречани. Последните два рода се доселиле во Могила после турското владеење.
  • Македонски родови за кои не се знае од каде се доселиле (во турско време): Шурбевци (слават Петковден), Печиловци (слават Света Петка „зимна“), Нешковци (слават Света Пречиста), Саботковци (слават Свети Никола), Пивковци (слават Свети Никола), Бендеровци (слават Св. Пречиста), Богдановци (слават Свети Ѓорѓи), Огненовци (4 слават Свети Никола), Љуљевци (слават Св. Никола), Кенчевци (слават Митровден), Рибаровци (слават Митровден), Поповци (слават Свети Ѓорѓи „посен“), Ѓорушковци (слават Свети Архангел). Со оглед на тоа дека некои од овие родови уште во турско време живееле слободни на своја сопствена земја, голема е веројатноста тие да се староседелци (Шурбевци и други).

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Седиштето на Општина Могила се наоѓа во задружниот дом на селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Могила.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кукуречани.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Кукуречани, во која селото Могила, се наоѓале и селата Горно Оризари, Драгожани, Драгарино, Крклино, Кукуречани, Ново Змирново, Раштани, Старо Змирново и Црнобуки. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на Општина Могила, во која селото Могила била единствено село.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места бр. 0191 и бр. 0192 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.280 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.245 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на камбанаријата на главната селска црква „Св. Архангел Михаил“
Археолошки наоѓалишта[19]
Цркви[20]
Верски објекти
  • Петочна Вода

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[2]
  • Свети Константин и Елена — селска слава, која мештаните ја слават по манастирот со тоа име, кој некогаш постоел во селото[4]
  • Свети Архангел Михаил — селска слава
  • Фестивал на дуети „Константин и Елена“ (11 јули)

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Могила
Починале во Могила

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

  • КУД „Димче Могилчето“
  • ФК „Стрела“, настапува во битолската локална лига
  • Турнир во мал фудбал, се одржува во летниот период

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае за следниве иселеници: Фичуровци (5 к.), живеат во Поешево; Велески (1 к.), живеат во Долно Српци; Клаповци (2 к.), живеат во Оптичари; Здравевци (1 к.), живеат во Радобор; Јанкуловци (3 к.), живеат во Црнобуки; Могилчани (2 к.), живеат во Габалавци; Талевци (1 к.) и Дојчиновци (3 к.), живеат во Жабени.[4]

Во Битола целосно се иселил родот Сарвановци, од кои потекнувал Димче Могилче.[4]

Од ова село има иселено над 1.000 лица. Најголем дел од нив се имаат иселено во градовите Битола, Прилеп и Скопје, но и во прекуокеанските земји и во Европа.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2020-06-27. Посетено на 2019-10-28.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 198. Посетено на 28 октомври 2019.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  5. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Битката“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 157. Text "series " ignored (help)
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 166-167.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 октомври 2019.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 28 октомври 2019.
  17. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 28 октомври 2019.
  18. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 октомври 2021.
  19. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  21. Софиска Народна библиотека „Св. Св. Кирил и Методиј“, белешки: к. 42, а.е.66, л. 33-50.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]