Живко Чинго

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Живко Чинго
Живко Чинго.jpg
Роден 13 август 1935
Велгошти, Македонија
Починал 11 август 1987(1987-08-11) (воз. 51 г.)
Охрид, Македонија

Живко Чинго (13 август 1935 - 11 август 1987) — истакнат македонски раскажувач, романописец и драмски писател.

Биографија[уреди | уреди извор]

Роден е во 1935 г. во с. Велгошти, Охридско. Во родното село завршил основно училиште, а гимназија во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Философскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, во „Млад борец“, во Радиотелевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а бил и член на МАНУ. Умрел на 11 август 1987 година.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Во македонската книжевност Чинго влегол кон крајот на педесетите години на XX век. Уште во своите први раскази, објавени во периодиката, тој го свртел кон себеси вниманието на книжевната јавност, а со појавата на првата збирка раскази Пасквелија било јасно дека се работи за голем мајстор на расказот.

Првата збирка раскази Пасквелија, издадена во 1961 година, била дочекана како книжевно откровение. Неколку години подоцна, во 1965 година, тој ја објавил и втората книга раскази Нова Пасквелија, која го повторила големиот успех на првата книга. Во 1966 година, Чинго го објавил романот за деца Сребрени снегови, а во 1971 година и својот втор роман Големата вода (по која е снимен и истоимениот филм). Книгата раскази Вљубен дух била објавена во 1976 година, на српскохрватски јазик.

Сите овие пет прозни дела го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика. Неговото творештво е високо вреднувано од македонската и југословенската критика, а неговите дела се преведувани на: српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски.

Чинго - суптилен аналитичар на тоталитарната држава и Информбирото[уреди | уреди извор]

Чинговите раскази, драми и романи, покрај високата уметничка вредност, претставуваат историско сведоштво за времето тоталитарната држава и Информбирото, време по доаѓањето на слободата, период од развојот на македонското општество исполнето со голем број на пресврти. Зад сцените, приказните и потескиот занес се открива еден свет лоциран во 40 - те и 50 - те години на 20 век, испонет со репресија. Чинго во Последниот расказ од војната на еден многу вешт начин го преставил доаѓањето на слободата:

Слободата, другар, таа пак пустињата, најсилно го опијанува човечкото срце... Слобода, сакам да се радувам, а нешто не ме оставаат, разбираш. Слобода другар, проклетство, ќе паднат лажните државни судој, трулата власт, другар. Народен суд, народнии судии, нова власт, се по правда, без протекции, без црни робии. Разбираш, ќе нема богати и сиромаси, едно лепче ќе се делит на сите, не ќе има гладни, не ќе има жедни, власт народна човече. Човекот ќе дојде на своето место, на прво место човекот, разбираш, да си биде тоа што си е од природата, човек. [2]

Чинго во драмата Образов на еден многу суптилен начин го претставил расцепот кој настанал помеѓу тогашните македонски истакнати политичари и дејци. Низ монологот на Кудрев, млад уметник и бунтовник, син на партизански командант, Чинго го изразил догматизмот и сталинизмот, ограничувањето на слободата на мисла и газење по човечноста.

Таткото на Курдев бил легендарен партизански командант, но бил оставен ранет од соборците, а потоа бил убиен во окупаторска болница. Младиот уметник не може да се помири со фалсификуваниот извештај за смртта на неговиот татко, трага по вистината која никој не смее јавно да ја каже. Неможејќи да се помири со таквата реалност, низ еден револт извикува:

Светот е полн со страв! Проклет страв!... Човекот е останат без вистинска поткрепа, се чуствува давеник!... а потоа се прашува како може таквиот човек да биде слободен и еднаков со сите тие клучари како Свети Петар се заковале на рајските врати и пуштаа и не пуштаат, ја мерат душата и ја премеруваат, точат, преточуваат, на грамови го разделуваат човекот... ти одредуваат местенце, кафез, говорат - живеј, слободно живеј! Си го почуствувал ли тој мраз...[3]

Дела[уреди | уреди извор]

Споменик на Живко Чинго на Мостот на уметноста во Скопје

Чинго е автор на следниве дела:[4]

  • „Пасквелија“ (раскази, 1963)
  • „Семејството Огулиновци“ (раскази, 1965)
  • „Нова Пасквелија“ (раскази, 1965)
  • Сребрените снегови“ (роман за деца, 1966)
  • „Пожар“ (раскази, 1970)
  • Големата вода“ (роман, 1971)
  • „Жед“ (сценарио, 1971)
  • „Поле“ (сценарио, 1971)
  • „Образов“ (драма, 1973)
  • „Ѕидот, водата“ (драма, 1976)
  • „Вљубениот дух“ (раскази, 1976)
  • „Кенгурски скок“ (драма, 1979)
  • „Макавејските празници“' (драма, 1982)
  • „Накусо“ (раскази, 1984)
  • „Пчеларник“ (сценарио, 1988)
  • „Гроб за душата“ (раскази, 1989)
  • „Бабаџан“ (роман, 1989)
  • „Бунило“ (раскази, 1989)
  • „Ал“ (проза, 1989)

Награди[уреди | уреди извор]

Во чест на Чинго[уреди | уреди извор]

Во чест на Чинго од 1988 година во неговото родно место се одржуваа манифестацијата „Денови на Живко Чинго“. Во текот на манифестацијата се доделува Наградата „Живко Чинго“ за најдобрар расказ [5].

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Видое Подгорец, „За ‘Сребрените снегови’ од Живко Чинго“, во: Живко Чинго, Сребрените снегови. Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 171.
  2. Живко Чинго, „Последниот расказ од војната“, Нова Пасквелија, Култура, Скопје, 1964.
  3. Живко Чинго, „Образов“, Драми, Мисла, Скопје, 1989.
  4. Видое Подгорец, „За ‘Сребрените снегови’ од Живко Чинго“, во: Живко Чинго, Сребрените снегови. Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 171.
  5. КОНКУРС ЗА НАЈДОБАР РАСКАЗ ВО ЧЕСТ НА ЧИНГО

Надворешни врски[уреди | уреди извор]