Мирослав Крлежа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мирослав Крлежа
Крлежа во 1948 г.
Роден/а7 јули 1893
Хрватска Загреб, Хрватска
Починат/а29 декември 1981
Хрватска Загреб, Хрватска
Занимањероманописец, драматург, поет
Книжевно движењеегзистенцијализам, модернизам

Мирослав Крлежа (хрватски: Miroslav Krleža; Загреб, 7 јули 1893 – Загреб, 29 декември 1981) — хрватски писател и енциклопедист. Според многумина, тој е најголемиот хрватски писател на XX век.

Живот[уреди | уреди извор]

Крлежа е роден во Загреб, во семејство од пониската средна класа. Во родниот град завршил пониска гимназија, а во периодот од 1908 до 1913 година учел во воената кадетска школа во Печуј, а образованието го продолжил во Воената академија „Ludoviceum“ во Будимпешта.[1] Во 1913 година пребегнал во Србија со намера да биде доброволец во српската војска.[2] Сепак, тој бил осомничен дека е шпион, поради што бил протеран назад во Австроунгарија. Во 1915 година, Крлежа бил мобилизиран и испратен на Источниот фронт, но поради лошото здравје, голем дел од мобилизацијата ја поминал по болниците.

По Првата светска војна, фасциниран од Ленин и Октомвриската револуција, Крлежа се приклучил кон комунистичкото движење и станал една од најугледните личности во Југославија што ја прифатиле комунистичката идеологија. Во периодот помеѓу двете светски војни наизменично живеел во Загреб и во Белград, уредувајќи сукцесивно повеќе книжевни списанија[3]. Тој бил движечката сила зад неколку прогресивни списанија: „Пламен“ (1919), „Књижевна република“ (1923-1927), „Данас“ (1934) и „Печат“ (1939-1940).[1][2] Издавањето на „Печат“ предизвикало големи бранувања во редовите на југословенските комунисти и во таканаречениот судир на книжевната левица во Југославија „Печат“ стоел на неортодоксни позиции. Комунистичкото раководството на чело со Јосип Броз Тито неповолно ја оценило појавата на „Печат“ во кого се осудувал социјалистичкиот реализам, се бранела интелектуалната слобода и се осудувале Сталиновите чистки. Како последица на ваквите ставови, во тој период Крлежа бил исклучен од КПЈ.

Крлежа во 1953 г.

Кога во текот на Втората светска војна била основана Независната Држава Хрватска, Крлежа ја одбил понудата на Тито да им се приклучи на партизаните и целиот период на војната го поминал во Загреб. Се верува дека врз неговата одлука да не им се приклучи на партизаните влијаела судбината на неговиот соработник Аугуст Цесарец при инцидентот во Керестинец.

Зградата на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ во Загреб

По Втората светска војна Крлежа кратко време бил во немилост кај комунистичката власт, поради улогата при судирот на книжевната левица и неприклучувањето на партизаните. Но, поради неговиот голем углед како писател, му биле простени идеолошките гревови и бил целосно рехабилитиран. За возврат, Крлежа повеќе не го критикувал комунистичкото раководство. Во 1951 година бил назначен на чело на Југословенскиот лексикографски завод во Загреб, на која функција останал до својата смрт во 1981 година. Истиот лексикографски завод (денес на Хрватска) е именуван во негова чест. Исто така, Крлежа бил главен уредник на „Енциклопедијата на Југославија“.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Споменикот на Крлежа во Осиек

Крлежа се појавил на хрватската книжевна сцена во 1914 година, објавувајќи ги своите дела во загребско-риечката ревија „Книжевни новости“ (Književne novosti). Притоа, уште од самиот почеток, тој се држел подалеку од својата книжевна генерација и тој став на осаменик го задржал во текот на целата книжевна кариера, останувајќи доследен самиот на себе и надвор од сите помодни струења. Во 1932 година, во полемичката книга „Мојата пресметка со нив“ (Moj obračun s njima), Крлежа напишал: „стојам во нашата книжевна гостилница потполно осамен...и така се движам напред...потполно сам, имајќи ги пред себе неколку песни на Крањчевиќ, фељтоните на Матош и лириката на Назор“. Според неговото лично сведоштво, во младоста бил под силно влијание на Петефи, чиј еп „Апостол“ имал пресудна важност за неговиот книжевен развој. Исто така, уште во времето поминато во воените училишта, тој интензивно ги читал Толстој и Ибзен. Истовремено, неговиот револуционерен дух се оформувал под влијание на Лајош Кошут, Џузепе Гарибалди и на хрватската народна романтика (Супило, Мештровиќ, Назор итн.).[2]

Крлежа може да се опише како најзагребски и најхрватски, но според влијанието и најјужнословенски писател во современата книжевност, но со својот огромен опус потполно се вклопува во средноевропската книжевност. Крлежа се издвојува како единствена појава во југословенската книжевност, набљудувано според широчината на уметничката преокупација и според оркестарската моќ на нејзиното обликување. Со своите публицистичко-есеистички дела Крлежа влијаел врз повеќе генерации југословенски интелектуалци. Постојано ангажиран во историското „денес“, без да се плаши од секојдневието, во текот на долгогодишната книжевна активност Крлежа стрпливо и педантно го градел својот опус како неповторлива драма на својот живот.[2]

Крлежа на југословенска поштенска марка од 1988 г.

Денес, Крлежа се смета за највисока, претставителна вредност на хрватската книжевност, писател кој е познат и во европски размери. Тој успеал да создаде моќно, длабоко и заокружено дело кое претставува посебен свет, а неговата дарба подеднакво се манифестира во неговите поетски, прозни, драмски и есеистички дела. Притоа, тој е ангажиран писател, борец и идеолог во вистинската смисла на зборот, водејќи долготрајна борба против сите назадни сили и против интелектуалниот провинцијализам. Централниот мотив на целокупното негово творештво го сочинуваат прашањата поврзани со смислата на историјата и моралниот и духовниот напредок на човекот. За јунаците од неговите дела, најчесто, постоењето не е ништо друго освен кошмар, бескрајно страдање, а умот е единственото средство со кое човекот може да се бори против хаосот. Сепак, покрај оваа чисто филозофска тенденција, во неговите дела постои и социјална компонента. Во тој поглед, Крлежа се истакнува како успешен сликар на моралното и општественото пропаѓање на граѓанската класа во Хрватска, што особено е присутно во неговиот драмски циклус за господата Глембаеви. Крлежа остро ги осудува и ги исмева лицемерието, борбата за власт и за богатење, кариеризмот, снобизмот и дегенираниот менталитет и стил на живеење на буржоазијата. Исто така, во повеќе негови дела, тој ги исмејува и клерикализамот, католичкиот поглед на светот, постулатите на религиозната филозофија и црквата како установа. Најпосле, некои негови дела, како „Љубовта на Марсел Фабер Фабрицио кон Лаура Варонигова“ и „Погреб во Терезиенбург“ се одликуваат и со најчиста лирска емоција и силен љубовен занос.[4]

Споменик на Крлежа во Загреб

Крлежа оставил обемно творештво, меѓу кои особено се истакнуваат делата:[2]

  • „Легенда“ (1914)
  • „Хрватска рапсодија" (1921)
  • Хрватскиот бог Марс“ (Hrvatski bog Mars) (1922)
  • Господа Глембаеви“ (1928)
  • Враќањето на Филип Латинович“ (Povratak Filipa Latinovicza) (1932)
  • „Баладите на Петрица Керемпух“ (Balade Petrice Kerempuha) (1936)
  • „На работ на разумот“ (1938)
  • „Банкет во Блитва“ (1939)
  • „Дијалектички антибарбарус“ (1939)
  • „Излет во Унгарија“ (Izlet u Mađarsku) (1947)
  • „Аретеј“ (1959)
  • „Дневник“ (1977)
  • „Знамиња“ (Zastave) (недовршен роман)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Pavle Zorić, „Miroslav Krleža“, во: Miroslav Krleža, Hrvatski bog Mars. Beograd: Rad, 1963, стр. 125.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Marijan Matković, „Miroslav Krleža“, во: Miroslav Krleža, Lirika. Sarajevo: Svjetlost, 1966, стр. 99-104.
  3. Раде Силјан, Странски автор и дела. Скопје: Матица Македоонска, 2001, стр. 395.
  4. Pavle Zorić, „Miroslav Krleža“, во: Miroslav Krleža, Hrvatski bog Mars. Beograd: Rad, 1963, стр. 125-127.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]