Вевчански карневал

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Вевчански карневал — еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но сепак во последните години во организација на Општината и Министерството за култура, се воведува ред во овој инаку хаотичен вонвременски настан.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Вевчанскиот карневал во суштина е обичај под маска, кој се нарекува „Свети Васиља“ (Василица). Се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на Св. Василиј Велики. На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Инаку, тој е пагански обичај кој тука се сочувал сè до денешни дни. Учесниците во него се нарекуваат василичари. Тоа се маскирани поединци и групи од сите возрасти организирани по маала.

Тоа се маските на зетот и невестата, на музичарите, на Глупи Aвгуст и на ѓаволите. Особено е карактеристична маската на Глупи Август. Обично неговата улога ја прифаќаат млади луѓе, полни со енергија, бидејќи тоа го бара самиот лик. Глупи август настапува со дозирана агресивност во заштита на зетот и невестата (симболот на плодноста), а со публиката комуницира само со крикови и движења. Оваа маска се јавува од времето на антиката како своевидна пародија на тогашните владетели. Наспроти овие маски, во далеку поголем број се актуелните маски кои се јавуваат само еднаш. Токму тоа ги тера учесниците да бараат нови идеи и маски што го чини карневалот секогаш актуелен, масовен и привлечен за јавноста. Покрај тоа, тој има и натпреварувачки карактер меѓу ривалските групи на Долна и Горна Маала.

На вевчанскиот карневал се збираат жители и од околните села како публика. Два дена ечи селото од зурлите, тапаните, песните и игрите, шегите и довикувањата. Три месеци пред тоа печалбарите пак живеат за Василица. Се приготвуваат, измислуваат или прават маски, се договараат со ошто да ги изненадат другите василичари - како што ги викаат маскираните во карневалот. Тој е и чудна парада на духот на овие луѓе, инвентивноста, манифестацијата на веселоста иако градите им се полнеле со офкање од разделбите катагодишни.

Опис[уреди | уреди извор]

На вечерта спроти Василица, штом се спушти ноќта, горномалската и долномалската тајфа василичари тргнува во обиколка на куќите. Пред секоја оро, пред секоја грст мрсни шеги за домаќинот и домашните, песни, и ,, Сурва година, со женcки јагниња, машки дечиња, женски телиња...... Ураааааа!!! ,,. Големите желби за плодна и среќна година и донесената веселба домаќините ги наградуваат со парче леб, неготвено месо и згора на тоа пари. На вевчанскиот карневал познат е обичајот „Крштевање вода во извор“ во водите на познатите вевчански извори. Тоа се прави кога негде ќе се расцути муграта под налетот на зората во два или три часот наутро, на 14 јануари, на Василица. Иако рано, учесници се, речиси, целото село, 1.000 до 1.500 вевчанци. Во нив има повеќе жени од мажи, има и стари, но повеќе млади вевчански генерации. Остварувањето на овој обичај е сврзан со предметите ѓум или бакарно котле, а поретко има литургија или погача, домашно месена и печена. Главниот предмет за обичајот „Крштевање вода“ е василичарската китка. Неа некои ја прават како крст, но задолжително од три гранчиња: дрен, босилек и василичарка. Секое гранче на китката има посебна цел: дренот е тврдо дрво, рано ја најавува пролетта и раѓа здрав живот и богат бериќет. Босилекот е господово растение со кое се благословува плодност, нов и здрав живот и бериќетно лето. Пак, василичарката е растение со боцки кои го прогонуваат злото и се што е страшно, лошо и неприфатливо за новата година.

И за овој обичај главнината на поворката ја чинат горномаалските и долномаалските василичари. Тие се предводени од зетот и невестата со побратимите и музиката. Во оваа пригода селскиот поп игра главна улога. Попатно на поворката се придружуваат соселани од сите селски маала кои се упатуваат кон изворите. Ова вевчанци, како обичај го викаат „одење на вода“. Тука во водите на вевчанските извори се прави чинот на крштевање вода: молитвите на попот, кршењето на лебот и квасењето на василичарската китка, го симболизира крштевањето на водата, а потоа се полнат бакарните садови. По ова зимската атмосфера се облагородува со песни, игри, желби и честитки „За многу години - Сурва година“. Потоа следува враќањето дома, каде што продолжува празнувањето на обичајот. Во домот „крстената вода“ од бакарниот сад се дели на половина. Целта нејзина е да се употреби за две намени. Првата се однесува на водата што ќе остане во котлето. Имено, домаќинот со садот „крстена вода“ тропа на затворената врата на својата куќа, а потоа вратата се отвора и почнува првата церемонија на остварување на обичајот. Тој ја кваси китката и ги прска просториите во куќата - домот, благословувајќи „за убајна, бериќет за женски јагниња и телиња и за полни амбари жито и бочви со вино“. Домаќинот и прскањето со „крстена вода“ го прави и во просториите каде што се одгледува стоката и живината: пондилата, кокошарниците. И ова се прави за добро и подобро во новото Господово лето.

Втората намена на „крстената вода“ ја употребува домаќинката на куќата. Таа со неа, рано наутро, на 14 јануари, на Василица ќе меси кашаник со паричка. Значи празнувањето на обичајот продолжува со месење, печење и гостење со кашаникот, тој е вевчански специјалитет за гостите и гостењето на денот на Василица. Тоа е некиснато тесто од пченично брашно со квасец. Кашаникот на гостите што ќе го посетат домаќинот на Василица се послужува со луканци (вевчански домашни колбаси) и со домашно биено сирење и кисело млеко. Преданието вели: „Кој ќе кеснит од кашаникот и тој што ќе ја најт паричката, ќе имат убајна, ајр, ем бериќет до година на Василица - Сурва година“. Дента на Нова година арена на игрите и песните продолжува среде селото, каде и завршува прекрасниот празник. Од 1993 година карневалот е член на Здружението на европските карневалски градови,во кое Вевчани на големо негодување на Грција, ја внесе Македонија под своето уставно име.

Странско учество[уреди | уреди извор]

Карневалот во Вевчани, беше повод во 1996 година, на местото на настанот да се оддржи семинарот на тема ,, Обичаи под маска ,, со учество на домашни и етнолози од повеќе европски земји, кои од карневалот на јавноста и ги издвоија основните карактеристики: традиционалните маски, појавата на ликови од општенствениот живот, но и елементите кои го сочинуваат првобитниот слој на обичајот. Се разбира, тие дадоа и свое видување и за новините инкорпорирани во традиционалниот обичај. На вевчанскиот карневал, своевиден ,, Театар без ѕидишта ,, не му се случило да ја оддложи претставата. Тој од година во година се повеќе и повеќе го предизвикува интересот на јавноста, како во земјата така и во странство.

Старост на настанот[уреди | уреди извор]

Последните испитувања на теренот носат сигнали дека вевчанскиот карневал е постар од утврдените 1.400 години. Се цени дека неговиот почеток е 800 години пред тоа. Кажувањата и тврдењата дека карневалот не постоел во турско време се неточни, пред се од причина што Вевчани никогаш не било под турска окупација. Затоа и не може ништо од неговото постоење да биде забечежано во турските тефтери. Почнувањето на овок пагански обичај јасно ја одсликувала потребата на луѓето преку маски да се ослободат од злото и од црните мисли. Токму затоа, Вевчанскиот карневал, всушност, претставува културно-забавна манифестацијасо примеси на наука.

Види уште[уреди | уреди извор]