Прејди на содржината

Михајло Пупин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Михајло Пупин
Роден 4 октомври 1858
Идвор, Србија
Починал 12 март 1935(1935-03-12) (возр. 76)
Њујорк, Њујорк, Соединетите Држави
Познат физичар, електротехничар, пронаоѓач

Михајло Пупин (Идвор, 4 октомври 1858 - Њујорк, 12 март 1935) — знаменит великан во областа на физиката и електрониката, научник и пронаоѓач од светски глас, кој дал особен придонес во областа на телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата.

Бил професор по физика и математика на Колумбија во САД, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци. Човештвото најмногу го задолжил со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина. За своето автобиографско дело „Од имигрант до пронаоѓач“ посмртно ја добил Пулицеровата награда во 1924 година, како и многу други награди со светско значење за својата научна работа.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Во родното место завршил oсновно училиште, а потоа 5 класа гимназија во Панчево на германски јазик, бидејќи тој крај се наоѓал под австроунгарска власт. Бунтовен, со немирен дух, поради учеството во демонстрациите против австроунгарските власти, бил принуден да ја напушти гимназијата во Панчево и по совет на својата мајка, заминал да се школува во Прага. Но тука, разочаран од наставниците и поради недостиг на материјални средства, на полугодието од седмиот клас, го напуштил училиштето и во 1874 година, преку Хамбург, кога имал само 20 години, заминал за Америка, во САД.

Во САД, Михајло Пупин 5 години работел како чувар на магацин, физички работник, како бојаџија на коли, молер, и како ложач во една фабрика за бисквити во Њујорк. Во исто време започнал да посетува и вечерно училиште, како подготовка за приемниот испит на колеџот Колумбија, што потоа есента 1879 година го положил со одличен успех. Дипломирал за 4 години како најдобар студент, примил американско државјанство, и како професор по уметност, пак продолжил да студира. Семејните корени му се од с.Вевчани.

Професионална кариера

[уреди | уреди извор]

Студирал првин со стипендија на студии по математика и теориска физика во Кембриџ, Англија. Потоа, откако добро ги проучил делото на Максвел, продолжил да студира физика во Берлин. Соработката со Херман Хелмхолц, кај него уште повеќе ги развила желбите и способностите за експериментирање. Под негово менторство докторирал со одличен успех, на тема „Осмотскиот притисок и неговиот однос кон слободната енергија“.

Како доктор на науки, во 1889 година Михајло Пупин се вратил во Њујорк и станал професор по математичка физика на Катедрата за електротехника и управник на Електротехничкиот институт на универзитетот Колумбија. Во таа лабораторија тој реализирал 25 извонредно значајни патенти, кои денес сè уште се фундаменти во соодветната технологија.

Од неговиот особено значен придонес во областа на физиката, доволно е ако се споменат само енциклопедиските единици именувани според неговото име, како што се Пупиновата теорија, Пупиновите калеми, пупинизацијата.

Признанија

[уреди | уреди извор]

Во текот на својот работен и животен век д-р Пупин добил многу почести, награди и признанија. Бил претседател на Американскиот институт на радиоинженерите и претседател на АИЕЕ (Американски институт на електроинженери), прв човек на Американската асоцијација за унапредување на науката и на Њујоршката академија на науки, како и член на Француската и на Српската академија на науки.

Во 1920 година го доби Едисоновиот медал на АИЕЕ за својата работа во математичката физика и нејзината примена во електричната трансмисија. Една сала во универзитетот во Колумбија и многу лаборатории во другите универзитети во САД го носат неговото име. Во негова чест на Месечината е именуван кратерот Пупин. Во 1946 година во тогашна Југославија е основан институтот за инженерство и технолошки истражувања „Михајло Пупин“.

Покрај разните одликувања, му биле доделени дури 18 почесни докторати на разни универзитети. Пупин бил член на повеќе академии на науки и претседател на Академијата на науките во Њујорк. Со светска слава се здобил и со неговото автобиографско дело „Од имигрант до пронаоѓач“ за која ја добил најугледната американска награда за книжевност, Пулицеровата награда. Во знак на признание на Михајло Пупин, голем број угледни институции во светот и на поранешните југословенски простори го носат неговото име.

Пупин има објавено околу 70 технички статии и извештаи[1] и 34 патенти.[2]

Патенти објавени во САД[3][4]

Број на патентНазив на патентНазив на англиски јазик]]Датум на објавување
519.346Апарат за телеграфски и телефонски преносApparatus for telegraphic or telephonic transmission8 мај 1894.
519.347Трансформатор за телеграфски, телефонски или други електрични системиTransformer for telegraphic, telephonic or other electrical systems8 мај 1894.
640.515Техника на дистрибуција на електрична енергија со помош на наизменични колаArt of distributing electrical energy by alternating currents2 јануари 1900.
640.516Електричен пренос со резонантни колаElectrical transmission by resonance circuits2 јануари 1900.
652.230Техника на намалување на слабеењето на електричните бранови и апарати за тоаArt of reducing attenuation of electrical waves and apparatus therefore19 јуни 1900.
652.231Метод на намалување на слабеењето на електричните бранови и апарати за тоаMethod of reducing attenuation of electrical waves and apparatus therefore19 јуни 1900.
697.660Машина за намотувањеWinding-machine15 април 1902.
707.007Повеќекратна телеграфијаMultiple telegraphy12 август 1902.
707.008Повеќекратна телеграфијаMultiple telegraphy12 август 1902.
713.044Производство на асиметрични струи во симетричен наизменичен електричен процесProducing asymmetrical currents from symmetrical alternating electromotive process4 ноември 1902.
768.301Безжичен пренос на електрични сигналиWireless electrical signalling23 август 1904.
761.995Апарат за намалување на слабеењето на електричните брановиApparatus for reducing attenuation of electric waves7 јуни 1904.
1.334.165Пренос на електрични брановиElectric wave transmission16 март 1920.
1.336.378Антена со дистрибуиран позитивен отпорAntenna with distributed positive resistance6 април 1920.
1.388.877Звучен генераторSound generator3 декември 1921.
1.388.441Повеќекратна антена за пренос на електробрановиMultiple antenna for electrical wave transmission23 декември 1921.
1.415.845Селективна спротивна импеданција на примените електрични осцилацииSelective opposing impedance to received electrical oscillation9 мај 1922.
1.416.061Радиоприемен систем со висока селективностRadio receiving system having high selectivity10 мај 1922.
1.456.909Бранов проводникWave conductor29 мај 1922.
1.452.833Апарат за селективно засилувањеSelective amplifying apparatus24 април 1923.
1.446.769Апериодичен пилотен проводникAperiodic pilot conductor23 февруари 1923.
1.488.514Апарат за селективно засилувањеSelective amplifying apparatus1 април 1923.
1.494.803Електрично нагодувањеElectrical tuning29 мај 1923.
1.503.875Тонски радиоприемникTone producing radio receiver29 април 1923.

Пупин и Македонија

[уреди | уреди извор]
Биста на Михајло Пупин, во Вевчани.

Семејните корени на Пупин се во село Нича, Москополе, денешна Албанија. Семејството, со јасно изразени влашки чувства, во потрага по подобар живот се преселило во Вевчани, а од таму повеќето членови од големото сточарско семејство, меѓу кои и неговите родители Константин и Олимпијада, заминале во банатското село Идвор во Србија. По смртта на неговата мајка, за време на неговиот престој во Германија, Михајло Пупин основал фондација која била наменета за помагање при школувањето на деца од Србија и Македонија. Таа фондација била наменета да го зачува споменот на неговата мајка.[5]

Во неговата политичка активност на Париската мировна конференција (1919) Михајло Пупин се залагал и дал придонес за создавање на Југославија како заедничка држава на Јужните Словени во тогашните воспоставени граници (границите на Кралството СХС). Во меѓувреме, тој лично пратил писмо до американскиот претседател Вудро Вилсон, каде ги објаснил границите и етничките одлики на Далмација, Словенија, Истра, Банат, Меѓимурје, Барање и Македонија.[5]

Михајло Пупин имал особена љубов кон Македонија и Охрид, каде давал црковни ѕвона како поклони на охридските цркви, основал фонд за помош на сиромашното население и сл. Во 1913 година била основана фондацијата „Олимпијада Пупин“ во рамките Српската академија на науки и уметности, која давала помош при образованието на децата од Србија и Македонија. Во чест на Пупин, уште во 1930-те години една улица го носела неговото име.[5] Според кажувањето на неговите потомци, тој ја афирмирал посебноста на Македонија и на македонскиот народ и се залагал за автономија на Македонија.[6] Освен тоа, особено значајно било и неговото донаторство и добротворство во Македонија.

Во негова чест во Вевчани е отворен спомен-дом на Михајло Пупин. Семејната куќа на родот Пупин, изградена во средината на 19 век, е целосно обновена и сега е сместувачко-угостителски објект со музејска поставка за животот и делото на Пупин.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • С. Бокшан, Михајло Пупин и његово дело, Научна издања Матице српске, Нови Сад, 1951 (српски)
  • С. Гвозденовић, Чикаго, Америка и Видовдан, Савез Срба у Румунији-Српска Народна Одбрана, Темишвар-Чикаго, 2003 (српски)
  • Ј. Николић, Фељтон Вечерњих новости, галерија српских добротвора, 2004 (српски)
  • П. Радосављевић, Идворски за сва времена, НИН, Бр. 2828, 2005 (српски)
  • Р. Смиљанић, Михајло Пупин-Србин за цео свет, Едиција – Срби за цео свет, Нова Европа, Београд, 2005 (српски)
  • Саво Б. Јовић, Христов светосавац Михајло Пупин, Издавачка установа Св. арх. синода, Београд, 2004 (српски)
  • Edward Davis, "Michael Idvorsky Pupin: Cosmic Beauty, Created Order, and the Divine Word." In Eminent Lives in Twentieth-Century Science & Religion, ed. Nicolaas Rupke (Frankfurt: Peter Lang, 2007), pp. 197–217. (англиски)
  • Michael Pupin, "From Immigrant to Inventor" (Charles Scribner's Sons, 1924) (англиски)
  1. Биографија на Михајло Пупин
  2. Биографија на Михајло Пупин на мрежната страница на Универзитетот Колумбија
  3. acmi.net.au Архивирано на 3 март 2004 г. Список на патенти објавени во САД (англиски)
  4. uspto.gov United States Patent and Trademark Office. (англиски)
  5. 1 2 3 Павошевиќ, Светлана. „Биографија на Михајло Пупин“ (PDF) (српски). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-12-22. Посетено на 2011-07-01.
  6. „Михајло Пупин се враќа во Вевчани“. Архивирано од изворникот на 2020-04-14. Посетено на 2008-10-09.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]