Костојчинов вир, валавица и воденица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Костојчинов вир, валавица и воденица
Карта
Општи податоци
СтатусСпоменик на културата
Видвир, валавица и воденица
МестоВевчани, Општина Вевчани
ЗемјаМакедонија
Почната1940 (воденица)
Завршенапочеток на XX век (вир и валавица)
1941 година (воденица)
НарачателБорис Костојчиноски (воденица)
СопственикСемејство Костојчиноски

Костојчинов вир, валавица и воденица — споменички комплекс во селото Вевчани, Македонија. Комплексот е прогласен за споменик на културата на Македонија под називот Споменичка целина Вир, Валавица и Воденица.[1]

Опис[уреди | уреди извор]

Општ опис[уреди | уреди извор]

Комплексот се состои од вир (водена валавица), валавица (сува валавица) и воденица. Сите добиваат вода од Вевчанска Река и за секоја градба постои посебно корито за доток на вода. Коритата се всушност издлабени стебла со отворен или покриен горен дел и низ нив тече водата. Старите првични корита се сочувани. За регулирање на водата постои пречка наречена ѓечме со кое се регулира дотокот, односно количината на вода за потребите на работата на вирот и воденицата. Вирот и валавицата работеле активно до 1970/80-тите, додека воденицата продолжила да работи.[2]

Вир[уреди | уреди извор]

По иницијатива на сопственикот Марјан Костојчиноски, со негови средства и со средства од Министерството за животна средина, вирот бил целосно обновен во 2007 година. Преизградин бил по примерот на стариот кој бил во многу руинирана состојба. Има изглед на превртен конус. Отворот во земјата е обложен со камења – суво ѕидање и е наречен џис. Тука кружно се наредени штички една до друга, стегнати со дрвени обрачи, во долниот дел прицврстени, а во горниот дел заоблени и со елипсести вдлабнувања за истекување на водата. Длабочината на вирот е околу 2,70 метри. Во денешно време, како и во минатото, е користен за перење на волнени ткаенини, најчесто јамболии. За вртење на ткаенините се користени дрвени долги чатали, а за обесување и сушење на ткаенините – чивилуци наречени кљукачи.[2]

Валавица[уреди | уреди извор]

Сувата валавица (месно наречена валајца) или како и вирот била изградена најрано на почетокот на XX век. Во почетокот на 2010-тите била во фаза на обновување. Погонскиот дел е изворен и се состои од вретено и на него колце со перки наречени кутлици сите изработени од дрво. Овој дел е во доста лоша состојба и треба да се обнови. Внатрешниот преработувачки дел влегува под куќата на сопствениците и речиси целиот е обновен. Изработени се пенови од дрво (во вид на големи назабени чекани) кои се обесени на делот наречен старец со помош на греди кои ги нарекуваат и игли. Направен е и дел од штици наречен плешти и долен дел исто така од штици – сандак каде што се става здиплена волнената ткаенина за доработување, односно валање со постојано квасење на ткаенините со ладна вода. Реконструкцијата е направена по пример на валавиците во село Вирово, Демирхисарско, односно од видот валавици со старец, а не со разбој кој бил веројатно покарактеристичен за овој крај. Од 2007 година било започнато обновување. Останало да биде изработен нов или да се конзервира и преизгради надворешниот дел: вретеното, колцето, кутлиците и металниот дел на кој се врти вретеното. Сувата валавица била користена за дообработка на волнената клашна, односно за оплеменување на грубите волнени ткаенини. Со помош на дејството на водата тие се переле, се отстранувала нечистотијата и вишокот мрснотија. Волнените влакна се распредуваат, не се познава веќе основата и ткаенината станува густа, но во исто време добива мекост, еластичност, дури и сјај.[2]

Воденица[уреди | уреди извор]

Воденицата.

Воденицата била изградена од Борис Костојчиноски во 1940–1941 година. Ѕидана е од камен и покриена е со ќерамиди. Надворешниот ѕидан дел е обновен заради оштетувања во 2007–2008 год. Се состои од погонски и преработувачки дел. Вода добива преку посебно корито кое на крајот е стеснето и се нарекува цифун. Колцето е дрвено и на него има перки кутлици. Тоа го врти вретеното, а за застанување на работата на воденицата, односно на водата постои долг дрвен дел наречен ставјало. Внатрешниот преработувачки дел е сочуван со сите првични делови: дрвен кош за ставање на жито за мелење, прплица што го тресе житото што паѓа во каменот за мелење, воденички камења горен и долен за мелење на житото, старец за регулирање на работата на камењата, под од дрвени штици каде што паѓа брашното, кутлица – лопатка за црпење на жито или брашно. Воденицата продолжува да работи и денес, но со помал обем - се меле жито за брашно или за крма за стоката но само за поблиски луѓе.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Список на заштитени добра. Состојба до 31.12.2012. Скопје: Управа за заштита на културното наследство.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 „Споменичка целина Вир, Валавица и Воденица“. Управа за заштита на културното наследство. 2012. Архивирано од изворникот на 2017-11-07. Посетено на 28 февруари 2023.