Општина Демир Хисар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Општина Демир Хисар
Општина
Знаме на Општина Демир ХисарГрб на Општина Демир Хисар
Карта
ДржаваМакедонија
СедиштеДемир Хисар
Населени места
Управа
 • ГрадоначалникНикола Најдовски
Површина
 • Вкупна480,13 км2 (185,38 ми2)
Население (2021)[1]
 • Вкупно7.260
 • Густина15/км2 (39/ми2)
Часовен појасCET (UTC+01:00)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+02:00)
Повикувачки број+047
Регистарски табличкиDH
Мреж. местоdemirhisar.gov.mk
Карта на Општина Демир Хисар со селските атари.
Демографска карта на Општина Демир Хисар со селските атари.

Општина Демир Хисаропштина во Југозападна Македонија. Градоначалник е Никола Најдовски. Седиште е градот Демир Хисар. Со новата територијална поделба на Република Македонија од 2004 година кон поранешната општина Демир Хисар е припоена и Општина Сопотница.

Географија[уреди | уреди извор]

Демир Хисар или Железник се вика ридско-планинската област што се простира во југозападниот дел на Македонија или поблиску одредено северозападно од Пелагониската Котлина, околу горниот слив на реката Црна. Тоа е периферно подрачје на Пелагонија. Источната граница на оваа област поминува по планината Бушева, а западната по сртовите на Бигла, Плакенска и Илинска Планина. На југоисточната страна е планината Древеник. Територијата на општина Демир Хисар зафаќа површина од 478 км2 и се вбројува во средно големите општини на Р. Македонија, со просечна густина на населението 21,5 жители на км2.[2]

Патна мрежа[уреди | уреди извор]

Демирхисарко има значајна географска положба во југозападниот дел на Македонија. Асфалтните сообраќајните врски за Демир Хисар даваат убава можност да се посети ова живописно планинско подрачје. Асфалтни патишта го поврзуваат со Битола (25 км), Крушево (24 км), Прилеп преку с. Кривогаштани (53 км) и Кичево (55 км). Во иднина се очекуваат асфалтни патишта за Охрид и Ресен. Со Ресен го поврзуваат шумски патеки, а преку селото Големо Илино со шумски пат е поврзан преку Брежани со Дебрца и Охридско. Со овие градови демерхисарското подрачје било поврзано директно со патишта уште во времето на античка Македонија, средновековното македонско царство, а во римскиот период со патот и краковите на Вија Егнација. Денес, Демир Хисар е поврзан со асфалт скоро со сите демирхисарски села и културно-историски центри. До манастирите Св. Тома - Граиште, Св.Атанасиј - Журче, Добромирово - Слепче, и манастирот Св. Илија на Илинска планина водат неасфалтирани патишта.[3]

Населени места[уреди | уреди извор]

Општината Демир Хисар (9.497 жители, 480,13 км2) се состои од градот Демир Хисар и уште 40 населени места: Бабино, Базерник, Бараково, Белче, Боиште, Брезово, Вардино, Велмевци, Вирово, Големо Илино, Граиште, Доленци, Единаковци, Жван, Железнец, Журче, Загориче, Зашле, Кочиште, Кутретино, Лесково, Мало Илино, Мренога, Ново Село, Обедник, Прибилци, Радово, Ракитница, Растојца, Света, Сладуево, Слепче, Слоештица, Смилево, Сопотница, Стругово, Суво Грло, Суводол, Утово и Церово. Ова се места каде природата ја зачувала својата уникатна недопрена убавина. Тие се мали, но имаат многу да понудат.[4][5][6]

Илинска Планина[уреди | уреди извор]

Панорама од Илинска Планина

Планинскиот дел од Демир Хисар е во групата на средни и високи планини од 1.000 до 2.000 м.н.в. со највисок врв Плаќе од 1.999 м.н.в. Во густите планински шуми има богат и разновиден див животински свет: мечка, дива свиња, дива мачка, срна, зајак, јазовец, куна, верверица, лисица, ласица, царева невестулка, и др. Ова подрачје имало и рисови но сега тие се вистинска реткост. Во овој крај забележани се над 25 видови птици. Сето тоа богатство на разновиден животински свет овозможува развој на ловниот туризам, за оние животни за кои ловот е дозволен во одредените временски сезони. Илинска Планина е една од најстарите планини на Балканскиот Полуостров. Планината е богата со различни видови на шуми, пасишта, извори на ладна планинска вода, различни растенија и животни и има идеални услови за зимски и летен туризам. Илинска Планина се граничи на југ со Плакенска Планина, на запад се наоѓа котлината Дебрца, а на исток исто котлина Суво Поле, на север се расчленува во повеќе ридови кои завршуваат по течението на реката Треска. Илинска Планина се протега Северозапад- Југоисток. Јужно од Кичево на Исток кон Демир Хисар и на Запад кон Охрид. Тоа е голем масив а разни котлини долини и пасишта. Илинска Планина е богата со разновиден свет од растотелно и животинско потекло. Исто така таја е и богата со разни шуми и студена вода. Највисок врв е Лиска со 1908 м. Од Врвот Лиска интересно е да се кажи дека може да се виде и Охридско Езеро. Од подножјето на Илинска Планина извира и Црна Река. Може да се кажи дека во цела Македонија Илинска Планина е нај еколошки чисто место и затоа ова место располага со најчисти шумски лековити билки и шумски плодови. Илинска Планина е една од најстарите планини на Балканскиот Полуостров. Планината е богата со различни видови на шуми, пасишта, извори на ладна планинска вода, различни ратсенија и животни и има иделани услови за зимски и летен туризам. Илинска Планина нуди солидни можности за развиток на летниот и зимскиот планински туризам. Пристапните патишта од Кичево и од Охрид водат скоро до подножјето на највисокиот врв Лиска. Истовремено планината е поврзана со западната магистрала преку селото Велмеј во Општина Дебрца, сè до Демир Хисар на спротивната страна на планината и понатаму, пак, кон Кичево или Битола. Ова е само предуслов за понатамошно развивање на инфраструктурата во овој регион.

Црна Река[уреди | уреди извор]

Извори на Црна Река

Реката Црна со нејзините 207 км е најдолгата река во регионот и е најдолга десна притока на реката Вардар. Името на реката е словенски превод на поранешното тракиско име, Erigon, што значи “црно”. Црна Река извира од неколку карстни извори во центарот на селото Железнец, со просечна количина на вода од 33 м³/с. Таа ги собира сите води од Демирхисарско при што сливот на реката има природни можности за градба на мали и поголеми акумулации на вода. Таа продолжува да тече низ централниот дел на Демир Хисарскиот регион. Ендемска пастрмка живее во долното течение на Црна Река. Бигла, Илинска и Вировска Планина изобилуваат со извори, потоци и реки. “На секој чекор има ивор или чешма”, нагласуваат мештаните. Реките и вештачките езера изобилуваат со неколку видови риби: мренка, крап, пастрмка, белвица, клен и др. а во поголемите реки има и видри, што пак овозможува на развој на риболовен туризам.

Вештачки езера[уреди | уреди извор]

  • Струговското Езеро се наоѓа на само 3 км од градот Демир Хисар, во близина на месноста (и поранешно село) Крагуево. Тоа овозможува идеално уточиште за бегање од урбаната бучава.
  • Над селото Суводол во падините на планината Древеник се изградени две вештачки езера: Долно и Горно Суводолско Езеро. Богати со риби, скриени во длабоката шума, тие чекаат да бидат откриени од патникот кој шета наоколу, барајќи мир и спокојство во природа.

Историја[уреди | уреди извор]

Ракопис на Ташко Арсов за списокот на илинденците од Демирхисарскиот крај.

Името Демир Хисар доаѓа поради богатството на овие планини со железна руда, па и областа го добива името Железник. Тоа се менувало во зависност од владателите во различни периоди. Оваа област се среќава како Сидеро Кастрон, што од грчки значи Железна Тврдина, а Демир Хисар е име што Турците го дале на оваа област што би значело Железна Планина. Тоа е името што и денес го носи. Општината започна да се развива некаде во 1945 г. после завршувањето на Втората светска војна. Прво во Демир Хисар беше формирана политичко - општествено административна заедница - Околиски народен одбор. Неговото седиште беше во селото Лопатица, но потоа со промените на територијалните и урбаните закони во Републиката тоа беше преместено во Мургашево. Демир Хисар како општина е независна заедница во постојан развој, и денес е добро развиено и познато место во Републиката, со сопствен систем за водоводна, одводна и електрична мрежа, и асфалтирани патишта што ја поврзуваат со соседните општини.[7][8]

Смилевски конгрес[уреди | уреди извор]

Музеј во Смилево
Споменик на Даме Груев

Во периодот од 2 до 7 мај 1903 во селото Смилево, одржан е Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ. Даме Груев бил овластен на конгресот да го претставува ЦК на организацијата и бил назначен за претседател на конгресот на кој учествувале и Ѓорѓи Сугарев, Никола Петров - Русински, Јордан Пиперката, Никола Карев, Христо Узунов и други. За дневен ред на конгресот биле поставени следниве точки: распределување на моралните и воените сили, подготовка, должноста и правата на раководните кадри пред и за време на востанието, прашањето за невооружените и неспособни луѓе, старци, жени и деца, за време на востанието, за сопственоста и распределбата на оружјето, определување на време за востание, определување на составот на реонските раководни тела пред и за време на востанието и начинот на водење на востанието.[7] На конгресот било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и некои делови на други реони не се достатно подготвени за кревање востание. Меѓу делегатите се јавиле лица кои биле против востание во текот на 1903 година како што биле: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Русински и други. Во една крајно напната атмосфера по повод острите расправии околу решението за востание, интервенирал Даме Груев. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол: "А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе, има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време." Оваа интервенција на Груев ги прекинала споровите. Бил избран Главен Штаб со тројца членови: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. Конгресот го задолжил Главниот Штаб да го одреди и датумот на востание. Смилевскиот Конгрес ја завршил својата работа длабоко во ноќта на 7 мај 1903 година. На 27 јули кај селото Буф (Леринско) Г.Ш. како ден за обавување на востанието го определил 2 август. На 28 јули од селото Боиште (Демирхисарско), Штабот преку брзи курири испраќа проглас за востанието во сите краишта на Битолскиот револуционерен округ, a исто така била испратена декларација до Големите Сили да не патуваат нивни граѓани на железницата Битола - Солун, за да не дојде до несакани жртви. Илинденската епопеја била на прагот.[7][8]

Стари занаети[уреди | уреди извор]

Постојат многу стари занаети, кои сè уште постојат во селата во општината Демир Хисар. Тие се многу интересни за туристите, бидејќи можат да ги видат валавниците во с. Вирово и с. Слоештица, традиционалното ткаење на волнени јамболии, ковачки занает, традиционалното производство на ќумур, правење на вар, изработка на домашни ракотворби со народни мотиви од регионот, рачна изработка на волнени килими, рачна изработка на дрвени и плетени производи, резбарство (најчесто во манастирите), ѕидарство ( познати се Смилевските ѕидари), казарници за варење на домашна ракија, изработка на бочви и каци.[9]

Валавици[уреди | уреди извор]

Валавица во с. Вирово

Не е далеку одминато времето кога познатите вировски валавичари деноноќно крстареле со коњски запреги по македонските села и градови носејќи веленца и батании. Вировските валавици не се само уметичко дело на природата туку и сведоштво за Вировската добрина и дарбина. Вировските валавици се едно од најатрактивните и најнеобичните места во овој дел на Македонија. Необичниот тропот на чеканите од валавиците одамна не се слуша. Повеќето валавици се срушени и обрастени со капини и базје, но малкуте што останале такви какви што се им треба поголема грижа и заштита. Дифтиците и јамболиите од поодамна се користат како сувенири, како предмети од едно минато, на незаборавено време. Некогаш во Вирово имало осумдесетина валавици, а денес останата е една валавица т.е. валавицата на познатата валајчарска фамилија на Велјан Штрковски. Иако се Штрковските валавици под заштита на Министерството за култура како "споменици на културата" ништо не е направено тие да се заштитат, а можат да бидат и како туристичка атракција. Доколку се решите да го посетите ова привлечно место понесете со себе и камера или фотоапарат зошто има што да забележите: валавиците и вировите, реката Тополка, црквите св.Никола и св.Петка, манастирот Пречиста, Цепен Камен, Орлов Камен, Вировската Рудина од која се гледа и Охридско Езеро, римскиот рудник, многубројните извори и прекрасната Вировска Планина со изворот Еврејка, како и знаменитостите од илинденскиот период.[9]

Производство на ќумур[уреди | уреди извор]

Производство на дрвен ќумур

Производството на ќумур во Демирхисарско има своја традиција. Производството на ќумур (дрвен јаглен) била една од основните егзистиционални дејности во Демирхисарското горноселие. Ако до пред неколку децении ќумурџиите произведуваа ќумур исклучиво за потребите на ковачите во последниве години производството го пременија на таканаречен скараџиски ќумур што се користи во угостителството. Во овој занает впечатливо е тоа што после толку години останал традиционалниот начин на производство. Како суровина за добивање на ќумур се користи дабовото и буковото дрво што го карактеризира висока калоричност. Затоа Мреношкиот, Вировскиот и Смилевскиот ќумур се најбарани.[9]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Туризам[уреди | уреди извор]

Планинарење низ недопрената природа

Од аспект на туризмот, општина Демир Хисар се наоѓа во доста привлечен регион бидејќи ги има неколкуте природни предности: надморската висина, здравата и чиста еко-средина, изградената инфраструктура и објекти, постоењето на етнолошки знаменитости, добрата поврзаност со другите региони. Општината Демир Хисар изобилува со значајни фрагменти од македонското природно, културно, духовно и историско наследство. По охридско, на територијата на општината Демир Хисар се наоѓаат најзначајните и најубавите црковно-манастирски комплекси во Република Македонија. Со својата духовна, просветна, книжевна и уметничка дејност посебно се истакнуваат манастирите: ”Свети Јован Претеча” с.Слепче, ”Свети Атанасиј Александриски” с. Журче, ”Свети Петар” с. Смилево и “Свети Никола Топлички” во Топлица. Во демирхисарските манастири низ вековите биле создавани, преведувани и препишувани низа ракописи, записи, натписи и летописни белешки кои се од непроценлива вредност како за македонската така и за славистичката наука. Во т.н. демирхисарска школа исто така се создавани врвни уметнички сликарски и резбарски дела. Делови од богатото книжевно и уметничко наследство и денес ги краси архивите, витрините и музеите во словенските земји и тоа во Москва, Одеса, Киев, Казањ, Софија, Белград, Загреб и други.

Манастирските комплекси во Демир Хисар и нивните конаци се отворени за секој оној кој ќе посака да ужива во духовните, културните, уметничките и природните убавини на нашиот крај. Покрај манастирскиот туризам, Демир Хисар нуди можност за развој на алтернативниот туризам поточно ловниот туризам, екотуризам, селски туризам итн. Чистиот и незагаден воздух и недопрената природа се одлична основа за развој на екотуризмот; планините во Демир Хисар се богати со дивеч што привлекува доста ловци, со посетата на селата може да се видат старите занаети: валавичарството, варџиството и ќумурџиството. Посетителите ќе имаат можност да ги видат изворите на Црна.[10]

Наоѓалиште Св.Илија - Големо Илино[уреди | уреди извор]

Наоѓалиште Св.Илија - Големо Илино
Боровинки

Туристичкото место на Илинска Планина е изградено во близина на Манастирот “Св. Илија”, на Илинска Планина, кој се наоѓа на границата помеѓу општината Демир Хисар и општината Дебрца, на 1.525 m надморска висина и 9 км од селото Големо Илино. Местото привелкува многу туристи, посебно за време на националниот и верски празник Илинден на 2 август, секоја година. Илинска Планина нуди солидни можности за развиток на летниот и зимскиот планински туризам. Засега Илинска Планина ја посетуваат само вистинските љубители на природата, планинарите и извидниците од регионот, а врв на задоволството за сите е престојот во манастирскиот комплекс “Св. Илија”, каде што за неколкучасовен престој се наоѓа духовниот мир.

Појдовна точка за искачување на Лиска е с. Прострање, кое се наоѓа на 25 км од Кичево, оддалечено нешто повеќе од 1 км од регионалниот пат Кичево - Битола. Патеката води од јужниот дел на селото по козја патека покрај Ѓурчев кладенец кон месноста Шаварика, низ столетна шума и по околу еден час се приклучува на стар шумски пат близу местото наречено Тренски извор. Од месноста Шаварика до врвот има нова маркација. Треба да се внимава на одвојувањето што треба да се направи од патот во лево. Од тука до врвот Лиска се движите кон запад и по околу еден час ја напуштате буковата шума и ја имате првата средба со планинските рудини. Од тука по повеќе од половина час по тревнет терен во правец на југозапад стигнувате до целта, односно на врвот Лиска. Од врвот се гледааат истовремено Охридското и Преспанското Езеро. Северозападно од Лиска е врвот Ветерник (1.902 мнв), а понасевер е врвот Штирни камен (1.898 мнв) до кој може да се стигне за 60-тина минути од врвот Лиска преку Ветерник. За искачување до врвот Лиска од с. Прострање потребни се околу 3,5ч. На Лиска може да се стигне и од селата Големо и Мало Илино преку манастирот Св. Илија од Демирхисарска страна, и од с. Велмеј од Охридската страна.

Да не ги заборавиме и собирачите на билки од околните села, кои во речиси седум месеци во годината собираат најразлични плодови. Лековитите билки, печурките, шумските плодови со одличен квалитет се продаваат. Селектираните растенија се пакуваат во чаеви во погоните што се градат на овие простори, а се почесто се флашираат и бистрите планински води и се продаваат под етикетата “Илинска вода”.[10][11]

Хотел - ресторан Европа[уреди | уреди извор]

Хотел - ресторан Европа - Демир Хисар

Туристички услуги нуди Хотел - ресторанот Европа. на подрачјето на општината се наоѓа до самата ограда на основното училиште „Гоце Делчев“ и монополот. Хотелот е во приватна сопственост на Сашо Грнчаровски, а собите се добро опремени со бањи и кабелска телевизија, семрежје, парно греење и се климатизирани.

Демографија[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
194819.931—    
195320.495+2.8%
196117.957−12.4%
197116.092−10.4%
198114.712−8.6%
199111.692−20.5%
199410.610−9.3%
20029.497−10.5%
Забелешка: Податоците се однесуваат на населените места во Општина Демир Хисар според административната поделба од 2004 година.
Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија

Според пописот од 2002 година во општината имало 9.497 жители.

Народ Вкупно Удел (%)
Македонци 9.179 96,65
Албанци 232 2,44
Турци 35 0,37
Роми 11 0,12
Власи 7 0,07
Срби 9 0,14
Бошњаци 2 0,02
останати 14 0,19
Вероисповед Вкупно
православни 9.195
муслимани 281
католици 9
протестанти 0
останати 12
Јазик Вкупно
македонски 9.184
албански 232
турски 35
ромски 11
влашки 5
српски 20
бошњачки 2
останати 8

Религија[уреди | уреди извор]

Манастири[уреди | уреди извор]

Манастир „Св. Јован Претеча“ - Слепче[уреди | уреди извор]

Манастир “Св. Јован Претеча” с. Слепче

Манастирот “Св. Јован Претеча” с. Слепче e еден од најголемите и добро сочувани манастирски комплекси во Демирхисарско и пошироко, кој се наоѓа под падините на планината Илиница, над селото Слепче. Се претпоставува дека манастирот е изграден во XIV век со директна помош од Охридската архиепископија.[10] Благодарение на соработката низ вековите на книжевно и уметничко поле со кратовските манастири и Охридската архиепископија, во Слепчанската школа се создадени врвни уметнички дела од сликарството, резбата и книжевноста, кои се од непроценлива вредност за македонската и за славистичката наука. Поволната географска положба, материјалното богатство, манастирските конаци и помошните згради, овозможувале овде да најдат свое гнездо свештениците, учителите, уметниците и книжевниците. Во манастирот Слепче работело манастирското училиште, чие постоење и успешно работење го потврдуваат летописите, белешките, записите и натписите. Низ нивните редови ги откриваме свештениците, резбарите, сликарите, архитектите и учителите, кои работеле во тоа училиште. Манастирот Св. Јован Претеча прераснал во еден од најзначајните книжевни центри во Македонија со бројно монаштво, активен скрипториум, богата библиотека, во која имало ракописи кои водат потекло од XI и XII век. Книжевната дејност на Слепчанските книжевници добила пошироки размери во XIV и XV век, а во XVI век книжевноста достигнала свој зенит кога во манастирот се преведувале и препишувале Богослужбени книги за црквите во Демирхисарско и Македонија. Во значајните дела од Слепчанската школа спаѓаат: "Слепчанскиот апостол" од XII век, "Слепчанскиот писмовник" од XVI век, кои се пренесени во Русија. Манастирот Слепче во XVI век претставувал важен резбарско-сликарски центар, кој во науката е забележан како Слепчанско-Прилепска резбарска школа. Меѓу највредните уметнички дела, круна на резбата од тој период се Слепчанската еднокрилна и двокрилна врата, кои во минатото ги краселе влезовите на манастирската црква. Тие денес се наоѓаат во уметничката галерија во Скопје. Денес во црквата се наоѓаат повеќе значајни уметнички предмети, меѓу кои се истакнува Големиот Крст со Распнатиот Христос од 16 век, Царските двери (оштетени од пожарот 1972) како и интересните певници изработени во копаница.[10][11]

Св Атанасиј Александриски - Журче[уреди | уреди извор]

Манастир Св.Атанасија Александриски - Журче

Манастирот “Св. Атанасиј Александриски” се наоѓа помеѓу Демир Хисар и Крушево, три километри над селото Журче, во срцето на планината. Познато е дека манастирската црква е подигната во 1121 година и целосно е живописана во 1617 год. Кон западната страна на црквата е изграден отворен трем и според натписот кој се наоѓа над западната врата, потекнува од 1622 год. По својата архитектурна форма манастирската црква е малечка, со правоаголна основа и петострана олтарна апсида на источната страна. Таа е меѓу ретките манастири во Македонија и Балканот. Внатре црквата е со полуобичест свод кој се потпира на лакови носени од пиластри кои ја делат црквата на три травеја. Ваков тип на цркви е присутен не само во Македонија, туку и ширум Балканскиот Полуостров. Внатрешноста на црквата дејствува мошне мистично поради слабото осветлување кое доаѓа преку монофората на олтарната апсида и уште еден правоаголен прозорец на јужниот ѕид во наосот, но може да се каже и акустично за пеење. Сета внатрешност на црквата е живописана со убави и прекрасни фрески, и е целосно зачувана, каде на нејзините ѕидови се разоткриваат тајните на внатрешната уметничка резба, на вредните фрескописци, со што овозможува да се согледа иконографската концепција која укажува на продлабочените теолошки знаења на манастирското братство и на искуството на изведувачите.[10] Дверите се позлатени, додека на живописот во тремот се поставени и илустрациите на месеците во календарот со најкарактеристични дејствија што се обавуваат. Ова е уникатен детал што го издвојува манастирот од останатите манастири во Македонија. Во манастирскиот комплекс се наоѓаат стари конаци, изградени најверојатно во првите децении на XIX век. Тие биле урнати во 1895 година, а новиот конак е изграден во поново време, односно по Првата светска војна. Манастирот бил и револуционерно гнездо на комитите од војводата Јордан Пиперката и др. Треба да се знае дека низ вековите постоела и успешно работела библиотека и читалиште.[10][11]

Св.Никола Топлички - Слоештица[уреди | уреди извор]

Манастир “Св. Никола Топлички”

Од многуте цркви и манастрири по староста, работењето и живописите се издвојува манастирот “Св. Никола Топлички” во регионот помеѓу селата Жван и Слоештица, изграден во 14 век. Со сигурност се знае дека во 1537 год. повторно е изведен живопис во внатрешноста на цркавта. Црквата Св. Никола претставува еднокорабна црква, со поголеми димензии во однос на тој тип цркви градени во Македонија. Во основата има форма на впишан крст од стеснет тип, а прекриена е со полукружен свод. Околу неа се наоѓаат остатоци од некогашните двокатни конаци, што ја опкружувале од северната, јужната и западната страна. Манастирот е ставен под заштита од Институтот за заштита на спомениците на Р. Македонија. Манастирот Св. Никола Топлички е неделлив дел од демирхисарската духовно-просветно и сликарско-резбарска школа. Тој со својата севкупна традиција е во онаа група македонски манастири кои ги надминуваат локалните рамки со живописани ѕидови од 14 век. Манстирската црква е најстара по градба и по живописот во Демирхисарко. Димитар Зограф, од селото Леуново го изработил вториот живопис во манастирската црква, од 1527 година, стариот дрвен иконостас и неколку престолни икони на кои се насликани композиците „Успение Богородично„ и „Слегувањето на Св. Дух„. На натписите е забележан и неговиот соработник, зографот Јован. Низ вековите манастирот бил не само религиозен туку и културен, просветен и книжевен центар. Во манстирските конаци се одвивала плодна преведувачка, препишувачка и оригинална книжевна дејност. Најдени значајни македонски ракописи дури и од 14 век, меѓу кои и „Четвороевангелието“ од 14 век, што содржи 152 пергаментни листови а се чува во НУБ „Климент Охридкси“- Скопје.[10][11]

Св.Петар - Смилево[уреди | уреди извор]

Манстир “Св. Петар” - Смилево

Недалеку од с. Смилево, на планината Бигла се наоѓа манстирот “Св. Петар”. Низ вековите кога свештениците и уметниците барале безбедни места, манастирот бил погодно место каде можеле паралелно да се одвиваат духовната, просветителската и уметничката дејност. Во мир и манастирска тишина, свешетениците и културните дејци ги обавувале нивните активности, а манастирот го претвориле во световно културно жариште за околните села: Смилево, Боиште, Метимир, Гопеш и др. И овој манастир ја имал судбината како манастирите во југозападна Македонија, бил често ограбуван и разрушуван но пак бил возобновуван. Манастирот бил возобновен во втората половина од XIX век, од познатите, далеку прочуени смилевски мајстори. На 20 метри од манастрирската црква се издигнуваат конаците, обградени со густа шума. Манастрирскиот комплекс бил заштитетен со висок ѕид од кој денес се останати само траги. По иницијатива на Смилевци подигнати се нови конаци, манастирската црква е возобновена. Манастирот „Св. Петар“, заедно со селските цркви “Св. Ѓорѓија”, “Св. Димитрија” и другите цркви до селото, правеле една неделива целина каде се одвивал просветен-книжевен и уметнички живот.[10]

Св.Тома - Граиште[уреди | уреди извор]

Манастир “Св. Тома” - Граиште

И манастирот “Св. Тома” е во манастирите од локален карактер. Тој бил разрушен во XVIII век, а возобновен во 2002 година. Подигнат е на старите темели, со основа во форма на четирилисна детелина. Самата градба зборува дека спаѓа меѓу најстарите манастирски цркви во Демирхисарско и Македонија. Ваква градба е вистинска реткост. Од неговиот двор како на дланка се гледаат демирхисарските села и полето. Благодарение на еден запис на фрагмент од службен минеј за месец септември од XVI век, ја откриваме книжевната дејност во овој манастир. Книжевникот Спиридон учел, живеел и творел во манастирот кон крајот на XVI и почетокот на XVII век, во манастирската библиотека, која била сместена во една просторија од конаците кои го опкружувале манас-тирот.[10]

Св.Богородица - Суводол[уреди | уреди извор]

Манастир “Св.Богородица” - Суводол

Почнувајќи од старите времиња кога христијанството се пренесло од Азија во Македонија, црквата “Св. Богородица” с. Суводол била една од најстарите цркви на овие простори. Но со текот на времето поради честите војни на овие простори црквата пропаднала, но заветот за Св.Богородица се пренесувал од генерации на генерации и пред неколку години манастирот е возобновен. Стилот на градба на овој манастир e византиски. Посетеноста на овој манастир е доста голема и поради двете езера покрај манастирот и изворедната природна убавина.[10][11]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Градоначалник на општина Демир Хисар е Марјанче Стојановски од редовите на СДСМ. Тој бил избран на локалните избори од 2017 година за мандат од четири години.[12] Советот на општина Демир Хисар е составен од 11 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2017-2021 се:

  СДСМ: 6 места
  ВМРО-ДПМНЕ: 5 места

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Една од работите што без сомнение претставува најголемо богатство на оваа општина е културата, бидејќи низ вековите многу значајни поети и писатели потекнувале од овој регион, што претставуваат гордост не само за овој регион туку и за целата земја. Главна институција е Домот на културата „Илинден“. Тоа е место каде се случуваат многу јавни културни манифестации (презентации, рецитали, средби, и сл). Во склоп на Домот на културата исто така постои и драмско студио и библиотека со солиден фонд на македонски и странски книги од различни автори. Младината на оваа општина е активен член на овој центар, почнувајќи од организирање на јавни трибини, драмски претстави на отворено, собирање на книги, се со една цел: да ја направат општината подобра и да ја зачуваат репутацијата на место каде во Македонија започнало образованието пред многу години. Во склоп на Домот на културата "Илинден" работи фолклорен ансамбл . Тој има мала, средна и голема група, сопствен оркестар со вкупно 150 членови. Ансамблот е формиран 1993 г. Со него работаат три кореографи како надворешни соработници. На репертоарот на фолклорниот ансамбл има 10 кореографии, кои ги презентираат пред граѓаните на Демир Хисар, во соседните општини и пошироко низ Македонија и странство (Србија, Црна Гора, Бугарија и Австрија) каде има освоено повеќе признанија и награди.[13]

Демирхисарска народна носија[уреди | уреди извор]

Демирхисарската народна носија е каракетристична и многу интерсена, и се истакнува со колорит и прекрасни орнаменти. Има неколку засебни и уникатни народни носии кои го одбележуваат животот и карактерот на луѓето на различни места. Можеме да ги споменеме како најинтересни следните: Горноселска женска народна носија, секојдневна работна женска и машка народна носија, Мијачка женска и машка народна носија, позната како Смилевска, Пољанска носија итн.[13]

Библиотека АЛ-БИ[уреди | уреди извор]

Библиотека АЛ-БИ во Бабино.
Етно-соба

Библиотеката АЛ-БИ ги поседува сите обележја на јавен информативен сервис на граѓаните, а за посетителите не само од земјата туку и надвор од неа таа претставува своевидно културно и духовно добро кое го потврдува општиот национален белег на цивилизацискиот однос кон писменоста, културата и книгата како своевиден феномен. Во оваа „татковина на книгите“ покрај многуилјадниот насловен фонд се чуваат и ракописи, документи од особено значење за Национално ослободителната војна и Илинденското востание, како друг библиотечен матријан што се однесува на просветата, културата, економската и политичката историја на Македонија, изданија печатени до крајот на 1946 г., првите изданија на делата на видни југословенски писатели до граничната година на старопечатени книги, првите изданија на делата на класиците на светска литература, изданија на книги што се печатени во тираж помал од 200 примероци, книги и периодични публикации, забранувани и конфискувани книги кои се одликуваат со своето техничко и естетcко обликување, книги со ракописни забелешки, посвети и посвета на автори, како и ракописи на македонски назначајни автори итн. Во фондот на Библиотеката се чуваат првите македонски изданија по Олободувањето, голем број на весници, списанија, публикации, сепарти, звучни записи, научно-истражувачки проекти, елаборати, дипломски работи, географски карти, фотографии итн. Најголем број од книгите се од областа на книжевноста, историјата, психологијата, педагогијата, музичката уметност, лингвистиката итн. Во тек е постапка за утврдување на Библиотеката како неформална културна резиденција и изработка и изработка на елаборат за валоризација на библиотечната збирка. Благодарение на книгата овде се покажа дека турзмот може да прозвучи како посебна занимливост, притоа Библиотеката станувајќи возбудливо туристичко одредиште. Од неодамна во состав на Библиотеката е отворено етно-соба и изграден е првиот приватен амфитеатар.[13]

Демирхисарска кујна[уреди | уреди извор]

Демир Хисар има долга традиција за кулинарски јадења со кои може да се пофали. Низ вековите, многу цивилизации уживале на полодовите од плодната земја. Избегнувајќи ги негативните влијанија од урбанизацијата, Демир Хисар остана земјоделски центар во Македонија, препознатлив по прекрасните природни јадења. Богат е со производство на месо, говеда, пилиња, свињи и јагниња и дивеч. Како млеко производител, Демир Хисар е посебно познат по неговите бели сирења, како и јогурт и млеко. Секое село нуди уникатен и привлечен по вкус локален специјалитет. Така селото Жван е познато по производството на популарниот грав.

Традиционалната демирхисарска кујна е комбинација со балканските и турските одлики, пренесени низ вековите под отоманското владеење. некои специајлитети како таратур (салата со јогурт и краставици), пинџур (салата со пиперки и домати), и познатата баклава се карактеристични за Балканската кујна воопшто. Демирхисарски јадења се како тавче гравче (потпечен грав), шопска салата (салата со домати, краставици и кромид, со изрендано бело сирење), селско месо (свиснко месо со печурки), и над сѐ ајвар (национално јадење од црвени пиперки).[14] Богатството на флората и автохтоните врсти на билки како капини, сливи, боровинки, малини, цреши и друго овошје, како и медицинските билки како мајчина душичка, мов, кантарион, камилица и др. го прават регионот препознатлив по тоа. Локалните луѓе од селата ќе ви понудат специјалитети како зелник (пита со праз печена во вршник), бакрданик со пршки, печени пиперки на различни начини, печено месо на ќумур, речна пастрмка, кисела зелка, и многу д-р Вие можете да ги пробате овие специјалитети во најблискиот ресторан или во ресторанот со рибник во с. Бабино.[14]

Стара архитектура[уреди | уреди извор]

Стара архитектура с. Железнец
Стари куќи
Стара куќа

Изобилието на варовник и квалитетен камен било добра основа во Демиерхисарско низ вековите да се градат тврдини, дворци и убави куќи ѕидани со акмен уште во времето на античка и средновековна Македонија. Градот Железник бил убавите и значајните градски населби во времето на Македонското средновековно царство. За убавите градби зборуваат материјалните остатоци од ѕидини направени од обработуван камен итн. Има видна разлика на архитектурата во градбата на куќите од селата на Горни и Долни Демир Хисар, не само по материјалот, туку и по распоредот на собите, големината на прозорците и покривот. Во Горни Демир Хисар куќите биле градени од камен а во рамнинскиот дел - полето биле градени од непечена тула. Во целото Демирхисарско подрачје куќите биле претежно на кат. Од влезната врата се влегува во ходник (салон) а на левата и десната страна има по една соба. Од ходникот дрвена скала води на катот каде исто така има две соби. Од горниот ходник има врата за излез на балконот или чардакот. Печалбарите од светот во своите родни села граделе големи куќи во современ стил, со отворени чардаци и поголем број прозорци. Прозорците се големи и се од влезната страна односно "лицето" на куќата. Таа е свртена кон дворот или крај патот, а некои и кон сретселото. Во распоредот на собите се чувствува влиајнието на современата градба од светот. И во современите куќи не била изоставена традицијата на македонската архитекура со балконите, чардаците, дрвените скали и др. Во ѕидовите има вградени долапи со изведено изрезбани вратничиња, се оставале камари и се правеле полици кои им служеле за кујнски предмети. Во планинските села влезната врата е поголема и од цврст дабов материјал. Таа се затвота со големо дрво (сурме). Сурмето, десеттина сантиметри дебело, во текот на денот било во ѕидот, за кое место било направено уште при ѕидањето на куќата, а навечер се тргало преку средианта на вратата и се прицврстувало на спротивниот ѕид. Подоцна навечер вратата се затворала со железни канџи. Во рамнинските села подолго време се задржало "одајчето" кое единствено било за гости или за младоженците, се задржало и огништето кое е вградено во самиот ѕид, на него висел синџир за обесување на котлиња над самиот оган. Огништата негде се соѕидани, заоблени и убаво изведени, се доближуваат до денешните огништа (камини). Во собата со огниште се собирало целото семејство за време на јадењето или студените и врнежливи денови. Се спиело на рогузина. Ретки биле чардаците, а прозорците биле мали, по еден на соба а ретко по два. Кровот на куќите бил од дрвена конструкција, покриени со ржаница, ќерамиди, а во селата каде има камен, покривот бил и од камени плочки. Во селото Железнец, куќите се слични, со раскошни чардаци, дрвени скали и балкони, и ѕидани со камен.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Во Демирхисарско има многу јавни манифестации, од кои најпознато e прославувањето на "Смилевскиот Конгрес“. Исто така 2 септември е познат како датум на ослободувањето на Демир Хисар. Секое семејство прославува поголем дел од верските христијански православни празници, и има своја куќна слава. Празниците и славите во Демирхисарско низ вековите оставиле богат духовен живот, со трајни белези во фолкорот и народната традиција. Најчеста слава е славата на Светецот "Св. Никола", па во негова чест најголем дел од селските цркви го носат тоа име. Исто така и Празникот Илинден во чест на "Св.Илија" се празнува како манастирска слава во многу села: Големо Илино, Mало Илино, Журче, Церово и Зашле. Тогаш се одржува општонародна веселба на планинските падини крај манастирот Св. Илија на Илинска Планина. Во зимските празници посебно се празнува Василица, која е еден од најбучните, највозбудливите и највеселите празници во Демир Хисар. Богатството на овој празник го прават БАБАРИТЕ, маскирани машки лица во невеста, зет, мечкар, мечка и др. Бабарската грушпа ја следат деца и повозросни, и претствува вистинска атракција. Најкарактеристични се бабарите во Слоештица, Базерник, Жван, Големо Илино и др.[13]

Личности[уреди | уреди извор]

Спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Природни убавини на Демирхисарскиот крај се исполнети со мир и спокојство, кое може да биде нарушено само од птиците и чистите реки што течат наоколу. Еколошки чистата клима и здравата околина го прават мозаикот на Демирхисарскиот крај попривлечен за случајните и намерните посетители.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
  2. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2007-10-26. Посетено на 2009-01-10.
  3. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-01-25. Посетено на 2009-01-10.
  4. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-01-25. Посетено на 2009-01-10.
  5. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-04. Посетено на 2009-01-10.
  6. „Население во Република Македонија на 31.12 по специфични возрасни групи, по пол, по општини, по години“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 мај 2018.[мртва врска]
  7. 7,0 7,1 7,2 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-01-25. Посетено на 2009-01-10.
  8. 8,0 8,1 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-04. Посетено на 2009-01-10.
  9. 9,0 9,1 9,2 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-04. Посетено на 2009-01-10.
  10. 10,00 10,01 10,02 10,03 10,04 10,05 10,06 10,07 10,08 10,09 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-01-25. Посетено на 2009-01-10.
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-04. Посетено на 2009-01-10.
  12. „Мандати за градоначалници и совет во РМ – Локални избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 18 октомври 2017.
  13. 13,0 13,1 13,2 13,3 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-04. Посетено на 2009-01-10.
  14. 14,0 14,1 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-04. Посетено на 2009-01-10.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]