Никола Петров Русински

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Никола Петров - Русински)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Nikola Rusinov IMARO.jpg
Роден 21 ноември 1875
Русиново, Беровско, Македонија
Починал 14 јуни 1942(1942-06-14) (воз. 66 г.)
Софија, Бугарија

Никола Петров Русински (Русиново, 21 ноември 1875 - Русиново, 14 февруари 1943) — македонски социјалист, учесник во македонското револуционерно движење, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација. Бил близок соработник на Гоце Делчев, Васил Главинов и на други истакнати македонски револуционери.

Биографија[уреди | уреди извор]

Никола Петров е роден на 21 ноември 1875 година, во селото Русиново, Малешевско. Со гимназиско образование се стекнал во Кочани. Во периодот од 1893 до 1895 година престојувал во Цариград, каде се образувал и тогаш се запознал со социјалистичките идеи, а од септември 1895 до март 1897 година учел во подофицерското училиште во Софија и бил близок пријател на Гоце Делчев и Васил Главинов. Во 1895 година се вклучил во редовите на Македонската организација. Во 1897 година, Русински станал четник во првата чета на ТМОРО во Малешевијата, предводена од војводата Васил Чочов. Истата година, учествувал во киднапирањето на Назлим-бег кое го раководел Гоце Делчев, а подоцна се приклучил во четата на Гоце Делчев. Во 1898 година, Никола Петров-Русински се запознал со Васил Главинов, кој во Софија ја формирал Македонско-одринска социјалдемократска група. Русински како социјалист, се вклучил кон групата во која членувале Велко Марков, Никола Карев, Димо Хаџи Димов, Лазар Главинов и др. Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите, меѓу кои и Русински, се залагале за ослободување на Македонија и ги истакнале слоганите „Македонија за Македонците“ и „Ослободувањето на Македонија е работа на Македонците“. Во таа насока, социјалистите имале контакти со ТМОРО со која се сложувале за потребата од вооружено ослободување на Македонија и создавање автономна македонска република со сопствени сили. Тие настапиле отворено против тврдиот централизам и идејната затвореност на Организацијата. Делчев и Русински имале голема улога во вклучувањето на голем дел од социјалистите во Организацијата.

Никола Русински кој бил испратен од Делчев да го организира Битолскиот револуционерен округ и на 3 јули во 1900 година учествувал на Првата социјалистичка конференција во Македонија, одржана во близина на Крушево. По влегувањето на социјалистите во редовите на ТМОРО, Русински станал истакнат организатор и војвода на чета. Тој бил првиот војвода - агитатор во Крушевско, Демирхисарско, Кичевско, Прилепско, Охридско, Струшко, Битолско и Мариово. Во четата на Русински како подвојводи во своите реони дејствувале: Јордан Пиперката, Веле Марков, Ѓурчин Наумов – Пљакот, Ванчо Србаков, Ѓорѓи Сугарев, Тале Христов и други.

Русински учествувал и на Смилевскиот конгрес. Иако, како и неговиот пријател Делчев, бил против масовно востание, бидејќи четите и населението не биле доволно подготвени, тој ги прифатил одлуките донесени на Смилевскиот конгрес. Истовремено, заедно со Петар Ацев, Тале Христов, Јордан Тренков и Георги Пешков, тој бил за член на штабот на Прилепското горско начелство (за Мариовско). Во текот на Илинденското востание, Никола Русински, чиј помошник војвода бил Тодор Златков, дејствувал во Мариово и командувал и со леринските чети, кои се засолнале во Мариовско, откако се извлекле од тешката ситуација во Леринскиот реон.[1] Користел повеќе псевдоними, како: Апостол Скитов, Атила Елонски и сл.

По Младотурската револуција, во 1908 година, легално живеел во Битола, посветувајќи им се на социјалистичката пропаганда и синдикалното движење. Зел учество во Балканските војни, по чие завршување бил кандидат на парламентарните избори во Пиринска Македонија. Набрзо потоа, со почетокот на Првата светска војна, тој бил мобилизиран. Меѓу двете светски војни, Никола Русински доживеал лична драма: по долго боледување му починале сопругата и двете ќерки. По семејната трагедија, тој потполно се посветил на социјалистичката кауза. Во времето на фашизмот во Бугарија, учествувал во антифашистичкото движење и ги криел комунистичките  илегалци. Никола Русински умрел во крајна беда, на 14 јуни 1942 година во Софија. Автор е на книгата „Придонес кон историјата на Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација - за времето 1900 - 1903“, објавена во 1936 година. Во 1997 година, во Скопје, се издадени неговите „Спомени“.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]