Прејди на содржината

Социјалдемократски сојуз на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од СДСМ)
За историјата на партијата СДСМ пред 20 април 1991 година, видете Сојуз на комунистите на Македонија.
Социјалдемократски сојуз на Македонија
ПретседателВенко Филипче
Генерален секретарМиле Зечевиќ
ПортпаролБогданка Кузеска
ОсновачБранко Црвенковски
Заменик претседателСања Лукаревска
Основана19 март 1943; пред 81 година (1943-03-19) (како КПМ)
20 април 1991; пред 33 години (1991-04-20) (преименета во СДСМ)
ШтабСкопје
МладинаСоцијалдемократска младина на Македонија
Понежен полФорум на жени на СДСМ
ИдеологијаСоцијалдемократија
Социјален либерализам
Проевропеизам
Прогресивизам
Полит. положбаЦентар-лево
Меѓународна припадностСоцијалистичка интернационала
Европска припадностПартија на европските социјалисти
БоиЦрвена и бела
Собрание
18 / 120
Општини
16 / 80
Мрежно место
sdsm.org.mk
Знаме
Политика на Република Македонија
Политички партии
Избори

Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) — македонска социјалдемократска политичка партија со левичарска идеологија. Претседател на партијата е Венко Филипче. Партијата била основана на 20 април 1991 година во Скопје како наследник на партијата СКМ, а за нејзин прв претседател бил избран Бранко Црвенковски. СДСМ е полноправна членка на Социјалистичката интернационала и придружна членка на Партијата на европските социјалисти.

СДСМ и Црвенковски ја предводеле Владата на Македонија најпрво во периодот 1992–1998, по што следните четири години биле најголемата опозициска партија во Собранието на Република Македонија. Партијата повторно формирала влада во периодот 2002–2006 под водство на Црвенковски, а потоа во следните десет години СДСМ дејствувала како парламентарна опозиција. Заев бил избран за партиски водач во 2013, а четири години подоцна формирал коалициска влада со СДСМ како носечка партија.

Создавање и развој

[уреди | уреди извор]

СДСМ била основана на 20 април 1991 година на 11. конгрес на СКМ-ПДП кога врз основа на иницијативата на претседателството на Централниот комитет од 14 февруари 1991 година и предлогот на Централниот комитет од 23 февруари е донесена одлука за промена на името во СДСМ.[1] За прв претседател на СДСМ бил избран Бранко Црвенковски, кој останал на функцијата до 2004 година. По изборот на Црвенковски за претседател на Република Македонија, за претседател на СДСМ е избран Владо Бучковски, а од ноември 2006 до 2008 година на чело на партијата била Радмила Шекеринска.[2]

По завршување на претседателскиот мандат, Црвенковски се вратил на чело на партијата во јуни 2009. На 7 јуни 2009 година во Охрид, покрај реформите во структурата, бил изгласан и нов симбол на партијата. До 2010 година, партијата има организирано десет конгреси и создадено две тела во рамките на партијата: Социјалдемократска младина на Македонија и Клуб на жени на СДСМ.[3] Низ својата историја СДСМ како претседатели ја воделе четири македонски политичари, а партијата дала четири премиери на Македонија, двајца претседатели на Македонија, и голем број на градоначалници од своите редови.

Отцепувања

[уреди | уреди извор]

СДСМ има доживеано три отцепувања во својата историја. Првото се случи во 1993 година, кога се отцепи Петар Гошев, формирајќи ја Демократската партија, а второто во ноември 2005 година кога Тито Петковски, еден од дотогашните најистакнати членови на СДСМ, се отцепи од партијата и ја формира Нова социјалдемократска партија и третото во 2023 година, кога се отцепи Максим Димитриевски, формирајќи ја ЗНАМ.

Изборни резултати

[уреди | уреди извор]
Првото лого на СДСМ
Старо лого на СДСМ
Бранко Црвенковски, прв претседател на СДСМ.

Парламентарни избори

[уреди | уреди извор]

На парламентарните избори во 1990 година СДСМ била втора партија по број на пратеници. Во 1992 партијата ја предводела првата политичка влада на чело со Бранко Црвенковски. По бојкотот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на парламентарните избори во 1994 година СДСМ освоила 87 пратеници, најмногу во својата историја и повторно формирала влада предводена од Црвенковски. Партијата ги загубила парламентарните избори во 1998 година, по што преминала во опозиција.[4]

На парламентарните избори во 2002 година победила СДСМ со освоени 60 од 120 пратенички мандати во Собранието на Македонија како дел од коалицијата „За Македонија заедно“, предводена од СДСМ и ЛДП. По изборите СДСМ формирала коалициска влада со ДУИ. На парламентарните избори во 2006 година СДСМ заедно со останатите партии од коалицијата „За Македонија заедно“ освоиле 32 пратенички мандати по што преминале во опозиција. Ова бил најлош изборен резултат на СДСМ во партиската историја најмногу поради отцепувањето на НСДП во 2005 година.[4]

Како последица на поразот на парламентарните избори и на сериозните внатрепартиски превирања по изборите, дотогашниот водач Владо Бучковски ја загубил поддршката меѓу членовите. На 5 ноември 2006 година на вонреден конгрес на СДСМ, водачката позиција ја презела Радмила Шекеринска. На седмиот конгрес на СДСМ за вршител на должноста претседател бил избран Зоран Заев. Тој ја вршел должноста сѐ до враќањето на Црвенковски на претседателското место на 24 мај 2009 година. Црвенковски поднел оставка од функцијата во 2013, а за претседател бил избран Заев.[4]

Претседателски избори

[уреди | уреди извор]

Кандидати поддржани од СДСМ учествувале на сите претседателски избори во Република Македонија. Прв кандидат за претседател на Македонија со поддршка на СДСМ бил Киро Глигоров, кој го победил режисерот Љубиша Георгиевски на претседателските избори во 1994 година. Првиот пораз на претседателски кандидат поддржан од СДСМ се случил во 1999 година кога на претседателските избори загубил Тито Петковски од Борис Трајковски во вториот круг од изборите.

На претседателските избори во 2004, кандидат за претседател на Македонија бил дотогашниот премиер на Македонија, Бранко Црвенковски кој издвоил одлучувачка победа над кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кардиологот Сашко Кедев. Во 2009 година, како кандидат за претседател СДСМ го промовирала универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски кој загубил од универзитетскиот професор Ѓорге Иванов. Кандидатот на СДСМ на наредните претседателски избори во 2014 година, професорот Стево Пендаровски загубил од кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и на претходните претседателски избори, Ѓорге Иванов. На претседателските избори во 2019 година, како претседателски кандидат промовиран од СДСМ по вторпат е професорот Стево Пендаровски, кој имал одлучувачка победа врз противкандидатот Гордана Силјановска-Давкова и станал претседател на Македонија.

Финансиски извештаи

[уреди | уреди извор]

Според завршната сметка на партијата, во 2016 година таа остварила приходи во износ од 1.237.000 евра, или речиси двојно повеќе во споредба со 2015 година. Притоа, најголем дел од приходите биле остварени врз основа на членарини и донации (718.000 евра). Од друга страна, партијата имала расходи од 1.234.500 евра, од кои на плати отпаѓале 105.000 евра, 35.000 евра биле расходи за реклама, 203.000 евра за транспортни услуги, а 406.500 евра биле издвоени за покривање на кусокот на изборната сметка. Во продолжение, во 2016 година, имотот на СДСМ изнеусвал 2.216.500 евра, од кои 1,8 милиони отпаѓале на материјални средства (градежни објекти во вредност од 1,6 милиони и опрема во износ од 144.500 евра).[5]

Резултати од парламентарни избори

[уреди | уреди извор]
Година на избори Водач Број на гласови % на гласови Број на мандати +/– Влада
1990 Бранко Црвенковски
31 / 120
Техничка влада
1994 Бранко Црвенковски
95 / 120
64 СДСМ-ПДП
1998 Бранко Црвенковски
27 / 120
68 Опозиција
2002 Бранко Црвенковски 497,342 41.58
60 / 120
33 СДСМ-ДУИ
2006 Владо Бучковски 218,164 23.31
32 / 120
28 Опозиција
2008 Радмила Шекеринска 233,284 23.64
27 / 120
5 Опозиција
2011 Бранко Црвенковски 368,496 32.78
42 / 123
15 Опозиција
2014 Зоран Заев 283,955 25.34
34 / 123
8 Опозиција
2016 Зоран Заев 436,981 36.66
49 / 120
15 СДСМ-ДУИ-АА
2020 Зоран Заев 327,408 35.89
46 / 120
3 СДСМ-ДУИ-ДПА
2024 Димитар Ковачевски 154,687 15,79
18 / 120
28 Опозиција
  1. „Историја на партијата“. Архивирано од изворникот на 2010-01-28. Посетено на 2010-01-30.
  2. „Внатрепартиска структура на СДСМ“. Архивирано од изворникот на 2011-09-30. Посетено на 2011-10-19.
  3. „Статут на СДСМ“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-09-04. Посетено на 2011-10-19.
  4. 4,0 4,1 4,2 „Учество на избори“. Архивирано од изворникот на 2010-01-28. Посетено на 2010-01-30.
  5. Влатко Стојановски, „ВМРО-ДПМНЕ трупа недвижности, а ДУИ собира сè помалку донации!“, Фокус, број 1124, 21 април 2017, стр. 18-22.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]