Превоз

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Транспорт)
Прејди на: содржини, барај

Превоз, сообраќај или транспорт е движење на луѓе, добра, сигнали и информации од едно место до друго. Поимот е изведен од латинските зборови trans („преку“) и portare („носи“).

Аспекти на транспортот[уреди | уреди извор]

Полето на транспорт има повеќе аспекти, кои можат да бидат поделени на три главни: инфраструктура, возила и операции. Инфраструктурата ги содржи транспортните мрежи (патишта, железнички пруги, авионски линии, канали...) кои се користат, како и темињата или терминалите (како што се аеродромите, железничките станици, автобуските станици и пристаништата). Возилата главно се „возат“ на транспортните мрежи. Нив главно ги сочинуваат автомобилите, возовите и авионите. Операцискиот аспект, главно се грижи за контролата на системот. Негови составни делови можат да бидат: сообраќајните сигнали, контролата на летање, како и полицијата и начинот како се финансира системот (на пример, употребата на наплатни рампи или таксата која се плаќа за горивата).

Пошироко говорејќи, дизајнот на мрежите е во домен на цивилното инжинерство или урбаното планирање, дизајнот на возилата во механичкото инжинерство и негови специјализирани подполиња (како наутичкото и воздухопловното инжинерство). Операциите се најчесто специјализирани и можат да припаѓаат на операциските истражувања или инжинерството на системи.

Начини на транспорт[уреди | уреди извор]

Начините на транспорт се сочинето од комбинација на мрежи, возила и операции, и го содржат, пешачењето, транспортот по патишта, железничкиот транспорт, морепловниот транспорт и современото воздухопловство.

Категории на транспорт[уреди | уреди извор]

Транспорт и комуникации[уреди | уреди извор]

Транспортот и комуникациите некогаш се употребуваат со исто, а негогаш со спротивно значење. Така можно е доволно напредни комуникации да то заменат транспортот, како на пример користње на телефон, наместо посета на некое лице. Овие начини на комуникација, всушност генерираат повеќе начинини на интеракција, откулку интеракциите „лице во лице“. Растењето на транспортот би било невозможно без комуникациите, кои се витални за напредните транспортни ситеми, од железници до авио-транспортот. Генерално зголемувањето на комуникациите води до зголемување на транспортот и обратно.

Транспортот во Македонија[уреди | уреди извор]

Транспортот во 19 век[уреди | уреди извор]

Во средината на 19 век, реката Вардар била пловна и по неа со сплавови се пренесувале жито, волна, дрва, сирење, мед итн. Еден сплав носел околу шест тони товар, а сплавовите од Велес до Солун пловеле за неколку часа. Во својот патепис од 1858 година, германскиот правник Јохан Хан запишал дека по Вардар се пловело и со чунови и со кајаци. Притоа, тој кажува дека првите обиди за превоз на жито од Скопје до Солун по воден пат биле направени неколку години пред тоа. Исто така, други извори потврдуваат дека житото се пренесувало од Скопје до Велес со чунови, а оттука стоката се носела во Солун со кајаци. Еден вардарски чун пренесувал околу 240 шиници жито. Изработката на вакви чунови во Велес чинела околу 600 пијастри, а во Солун чуновите морале да бидат продадени по цена од околу 10% од почетната, зашто Вардар бил премногу тежок за патување спротиводно. Чуновите се изработувале од дрво кое пристигало од Тетово, Битола и Прилеп, а најмногу ценето било дрвото од Прилеп. Инаку, најчесто чуновите патувале ноќе при што секој чун го управувале по двајца искусни кормилари. Најголеми тешкотии во пловидбата чуновите имале кај Таорската Клисура, Железната Порта кај Демир Капија и кај Циганските Теснини, а за време на транспортот на жито од Велес до Солун загубата изнесувала околу 2% од товарот.[1]

Во 19 век, до изградбата на железницата, транспортот во Македонија се вршел со коњи, магариња и камили. Притоа, богатите трговци изнајмувале каравани кои имале и по 50 коњи. Сите кираџии во караванот биле вооружени, а во еден караван имало и по 80 вооружени луѓе. На пример, само во март 1837 година, преку царинарницата во Алексинац поминале 2.200 товари, т.е. околу 70 товари дневно. Во јуни 1853 година, еден од караваните што поминале низ оваа царинарница бил составен од 660 камили натоварени со тутун од Ениџе-Вардар за Белград. Во 1830 година, за превоз од Скопје до Белград се наплаќала цена од 51 грош за еден коњски товар; ист таков товар од Белград до Битола чинел 50 гроша. Неколку години подоцна, еден товар од Солун до Алексинац чинел 250 гроша, а од Битола до Алексинац 120 гроша. Во тој период, од Солун со Битола се патувало 35 часа, од Битола до Скопје 28 часа, до Костур 16 часа, до Скадар 89 часа итн. Караваните што поаѓале од Солун, до Истанбул патувале за 108 часа, до Скопје за 48 часа, до Сараево за 100 часа, до Белград за 130 часа, а до Скадар за 124 часа. Во тоа време поштата се носела со коњски запреги при што писмата од Скопје до Пловдив патувале три дена, а поштата од Битола до Белград патувала за 10 дена во лето и за 13 дена во зима.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Блаже Миневски, „Сплавови со шест тони стока од Велес до Солун стигнувале за неколку часа“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 4-5.
  2. Блаже Миневски, „Сплавови со шест тони стока од Велес до Солун стигнувале за неколку часа“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 4-5.