Собрание на Република Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Собрание на Република Македонија
Coat of arms or logo
Вид
Вид еднодомен
Водство
Претседател Талат Џафери (ДУИ)
од 27 април 2017
Состав
Членови 120
Партии      ВМРО-ДПМНЕ (51)
     СДСМ (49)
     ДУИ (10)
     БЕСА (5)
     АА (3)
     ДПА (2)
Избори
Изборен систем пропорционален
Последни избори 11 декември 2016
Зборно место
Собраниската сала.
Собраниската сала во Палатата на Собранието
Мрежно место
sobranie.mk

Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт. Собранието е еднодомно и според Уставот на Република Македонија може да биде составено од 120 до 140 пратеници, но во сите досегашни состави биле избирани по 120 пратеници. По парламентарните избори од 2011 година, бројот на пратеници се зголемил на 123. Пратениците се избираат на општи и непосредни избори со тајно гласање. Право да биде избран за пратеник има секој државјанин на РМ кој наполнил 18 години, има деловна способност и не се наоѓа на издржување на казна затвор за сторено кривично дело. Пратениците во Собранието на РМ ги претставуваат граѓаните во Собранието, при што одлучуваат по сопствено убедување. Мандатот на пратениците трае четири години и тие не можат да бидат отповикани. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието. Собранието заседава во Скопје. Актуелен претседател на Собранието е Талат Џафери.[1]

Надлежности

Според член 68 од Уставот во надлежност на Собранието на Република Македонија е:

  • да го донесува и изменува Уставот на Република Македонија;
  • да донесува закони и дава автентично толкување на законите;
  • да ги утврдува јавните нарачки;
  • да донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот;
  • да донесува просторен план на Републиката;
  • да ратификува меѓународни договори;
  • да одлучува за војна и мир;
  • да донесува одлуки за менување на границите на Републиката;
  • да донесува одлуки за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави;
  • да распишува референдум;
  • да одлучува за резервите на Републиката;
  • да основа совети;
  • да избира Влада на Република Македонија;
  • да избира судии на Уставниот суд на Република Македонија;
  • да врши избор и разрешување на судии;
  • да врши избори, именување и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Устав и со закон;
  • да врши политичка контрола и надзор над Владата и над други носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието;
  • да дава амнестија и
  • да врши други работи утврдени со Уставот.

Покрај тоа, Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Работни тела во Собранието на Р. Македонија

Работните тела се основаат заради разгледување на предлози за донесување на закони, нацрти на закони, предлози на закони и предлози на прописи и други општи акти што ги донесува Собранието.

Работни тела или комисии во состав на Собранието се:

  • Комисија за уставни прашања
  • Законодавно-правна комисија
  • Комисија за одбрана и безбедност
  • Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците
  • Комисија за надворешна политика
  • Комисија за прашањата на изборите и именувањата
  • Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот
  • Комисија за надзор над работата на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање
  • Комисија за финансии и буџет
  • Комисија за економски прашања
  • Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство
  • Комисија за транспорт, врски и екологија
  • Комисија за образование, наука и спорт
  • Комисија за култура
  • Комисија за здравство
  • Комисија за труд и социјална политика
  • Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања
  • Комисија за европски прашања
  • Комисија за еднакви можност на жените и мажите

Претседатели на Собранието на Република Македонија

Претседатели на Собранието на Република Македонија по осамостојувањето на Република Македонија биле:

Носење на закони

Право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата или најмалку 10.000 избирачи. Предлогот на законот се поднесува до претседателот на Собранието, кој веднаш, а најдоцна до три дена го доставува до пратениците со што започнува законодавната постапка.

Мнозинство потребно за донесување на закони

Во зависност од видот на законите, тие можат да се донесат со:

  • просто мнозинство - за законите кои се донесуваат со просто мнозинство потребно е позитивно да се изјаснат мнозинството од присутните пратеници во Собранието, но најмалку една третина од вкупниот број на пратеници, односно најмалку 41.
  • апсолутно мнозинство - за да се донесе закон за кој е потребно апсолутно мнозинство, потребна е поддршка од страна на мнозинството од вкупниот број на пратеници во Собранието, односно најмалку 61 пратеници.
  • двотретинско или квалификувано значи дека за одреден закон е потребно позитивно да се изјаснат две третини од вкупниот број пратеници во Собранието. Ова значи дека законот е донесен кога за неговото донесување гласале 81 пратеници. Во Уставот на Република Македонија се точно прецизирани законите за кои се бара двотретинско мнозинство. Тоа се: Законот за грб, знаме и химна; Законот за организација на органите на државната управа; Законот за судови; Законот за локална самоуправа; Законот за одбрана и законите за судски постапки.
  • двојно мнозинство е потребно за законите што се однесуваат на правата на заедниците (употреба на јазици, лични документи, употреба на симболи и сл.), Собранието одлучува со мнозинство гласови, при што е потребно да се изјасни и мнозинството од пратениците што припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија, т.н. Бадентерово мнозинство.

Историјат на Собраниската палата

Зградата на Собранието на Република Македонија е една од најмонументалните градби во Република Македонија, за која во 1930 година бил распишан и конкурс за проектирање (на кој победил архитект Виктор Лукомски), а изградена е во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак. Објектот е концепиран во модерен архитектонски јазик за тоа време, со специфичен масивен разигран волумен и присуство на чисти фасадни елементи, во форма на надворешен петоаголник со внатрешен двор со сала. Применетата фасадна декорација е со геометриски содржини, присутни во одделни партии. Од вградената орнаментална содржина, најинтересен дел е обработката на кабинетите и ентериерот, проектирни-дизајнирани од Д. Инкриостри (1935-1937) во резба - Сала Длаборез, со комплетно обложување на ѕидовите со дрво, поделени на геометриски полиња, каде се аплицирани во резба различни геометриски, вегетабилни и зооморфни стилизирани мотиви, втемелени на народната уметност и традиција. Изведбата на оваа декорација му била доверена на Глиша Костовски, столар и резбар од Тетово, со неговата тајфа.

Зградата е во употреба од 1939 година како Управна палата на тогашната локална Управа. По ослободувањето на Скопје 1944 година во зградата е сместена целокупната администрација на македонската народна власт: претседателот на Демократска Република Македонија, Народното Собрание, Владата и Уставниот суд. Со земјотресот што го зафати Скопје во 1963 година, зградата на Собранието видно беше оштетена, после што беа преземени големи зафати за нејзино санирање и реконструкција. Со осамостојување на Република Македонија во 1991 година, во зградата покрај Собранието на Република Македонија, сместен е и Кабинетот на претседателот на Републиката на дел од првиот кат. По Претседателските избори во 2009. година претседателскиот кабинет е преселен во Вилата Водно, а овие простории ги користи претседателот на Собранието.

Палатата на Собранието располага со повеќе Сали за седници, Кабинети на претседателот на Собранието, на потпретседателите, на претседателите на комисиите, на координаторите на пратеничките групи, на генералниот секретар на Собранието и неговите заменици, како и на раководителите на стручните служби и на секторите. Моментален генерален секретар е Жарко Денковски (од 2007 г).[2] Во 2004 година направена е Спомен соба по повод 60-годишнината на Првото заседание на АСНОМ.

Поврзано

Наводи

Надворешни врски