Скопски земјотрес 1963

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Скопски земјотрес 1963
Датум 26 јули 1963
Магнитуда 6,1 Mw
Длабочина 6 км[1]
Епицентар 42° СГШ 21° ИГД /  [1][2]
Зафатени земји/подрачја СР Македонија СР Македонија
Жртви 1.000–1.100 загинати[1][3]
Друго:
  • 3.000–4.000 повредени[4][5]
  • 200.000 останале без дом[3]
  • срушен 75–80% од градот[6][7]

Скопски земјотрес од 1963 година — природна катастрофа која го зафатила градот Скопје. Земјотресот се случил на 26 јули 1963 година во 5:17 часот. Како резултат на земјотресот, од 1000 до 1100 жители ги загубиле животите, а најмалку 3000 лица биле повредени. Бројот на лицата без дом бил 200.000. Земјотресот од 1963 е еден од најкатастрофалните природни непогоди во Скопје и Македонија.

Минати земјотреси[уреди | уреди извор]

Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 - 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.

Македонија, поточно регионот околу реката Вардар, е зона со висока сеизмичка активност. Во историјата Скопје два пати бил целосно разрушен од земјотреси: во 518 година кога бил уништен Скупи, и во 1555 година.

Земјотрес[уреди | уреди извор]

Давање прва помош на настрадани, пред хотел Македонија
Југословенската делегација предводена од Јосип Броз Тито, на улица „Иво Рибар Лола“

На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според рихтеровата сеизмичка скала) кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1 070 негови граѓани, биле повредени над 4000 граѓани.

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјаните.

Непосредно по земјотресот, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз - Тито, изјавил:

Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.

Овие букви беа изработени од стиропор и закачени на старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на пост-земјотресно Скопје.[8] Пораката била отстранета во 2000 година од страна на тогашниот директор на Музејот, со објаснување дека буквите ќе се заменат со нови, а ѕидот ќе се реконструира. Но, до денеска тоа не е направено.[9][10]

По земјотресот[уреди | уреди извор]

Според познатите податоци, во земјотресот загинале 120 деца.[11] Една од првите мерки на градските власти било организираното евакуирање на скопските деца низ Македонија и низ СФР Југославија. За да биде евакуирањето поорганизирано, било формирано Одделение за народна одбрана при Градското собрание, сместено на игралиштето на ФК Работнички, а со евакуација биле опфатени неактивните жители: жени, стари и изнемоштени, инвалиди и сите деца до 15 годишна возраст. Вкупно 105.000 лица биле евакуирани по земјотресот, од кои околу 30 илјади биле деца.[12] Дел од евакуираните (63.200 лица) заминале кај свои роднини и пријатели во внатрешноста на Македонија, а 41.743 биле распоредени во другите југословенски републики. Така, во деновите по земјотресот, Скопје станал град без деца.

Низ градовите во Србија биле евакуирани околу 44.000 лица, и тоа: во Белград, Ниш, Лесковац, Крагуевац, Краљево, Смедерево, Сремска Митровица, Шабац, Кањижа, Боговоѓа, Пионерскиот град и други помали места. Скопската општа околиска болница била преселена во Врање, а се користеле нервната клиника, венерологијата, гинекологијата и оториноларингологијата во Ниш. Во Косово и Метохија биле евакуирани болните во Интерната болница во Приштина.[13]

Во Словенија биле евакуирани 2.875 деца од Скопје, во места како што се: Солкан кај Нова Горица, домот Иван Цанкар во Љубљана, Изола, Постојна и Дебели Ртич кај Копар. Низ Босна и Херцеговина биле сместени околу 11.000 евакуирани лица, во објекти во Сараево, Бихаќ, Бања Лука, Илиџа и на други места. Црвениот крст на Црна Гора овозможил сместување на околу 1.171 лице. Голем број од децата биле сместени на Црногорското приморје, како и во Титоград, Цетиње, Никшиќ, Бар, Рисан, Иванград, Жабљак и други места.

Во Хрватска заминале 3.136 евакуирани деца, во: Риека, Сплит, Осиек, Преко кај Задар, Водице кај Шибеник, женскиот дом кај Карловац, Српска Моравица, Црквеница, Загреб, а на хрватското приморје на гостите им биле откажувани туристичките аранжмани со цел да се примат скопските деца.[14]

Скопскиот земјотрес 1963 како тема во уметноста[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Сизмички проценки за движењето на тлото за земјотресот со M6.1 во Скопје, Македонија 26 јули 1963 Факултет за науки за земјата, Универзитет во Трст, Трст, Италија
  2. Земјотресот во Скопје (Македонија) во 1963 г. SeismoArchives, Здружени сутанови за сеизмолошко истражување
  3. 3,0 3,1 44-годишнината од Скопскиот земјотрес МРТ 26 јули 2007
  4. Податоци за загинатите и повредените во скопскиот земјотрес - МИА
  5. Скопски земјотрес - загинаа 1070 луѓе, а околу 4.000 беа повредени- Макфакс
  6. Скопскиот земјотрес од 1963 - In Your Pocket City Guides
  7. На денешен ден: 26 јули; 1963: Илјадници загинати во земјотресот во Југославија Би Би Си
  8. Напис во ВЕСТ од 2003
  9. Вести на novatv.mk
  10. Напис во ВЕСТ од 2003
  11. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 45
  12. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 48
  13. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 70-71
  14. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 75
  15. Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 79.

Поврзано[уреди | уреди извор]