Скопски земјотрес (1963)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Скопски земјотрес (1963)
Датум 26 јули 1963
Магнитуда 6,1 Mw[1][2]
Длабочина 6 км[1][2]
Епицентар 42°06′ N; 21°24′ E / 42.10° СГШ; 21.40° ИГД / 42.10; 21.40[1]
Зафатени земји/подрачја СР Македонија СР Македонија
Жртви 1,070+ загинати[1][3]

Друго:

  • 2,900+ повредени[4][5]
  • 200,000 останале без дом[3]
  • срушен 75–80% од градот[6][7]

Скопски земјотрес од 1963 година — природна катастрофа која го погодила градот Скопје. Земјотресот се случил на 26 јули 1963 година во 05:17 часот. Како резултат на земјотресот, официјалните податоци тврдат дека барем 1,070 жители ги загубиле животите, а околу 2,900 лица биле повредени. Бројот на лицата без дом бил 200,000. Земјотресот од 1963 г. е еден од најкатастрофалните природни непогоди во Скопје и Македонија.[8]

Кратка историја[уреди | уреди извор]

Во својата долга историја, Скопје повеќепати пропаѓал и одново се раѓал. Времето на постанокот на градот, како еден од најстарите и најважните на Балканот, не е точно утврдено. Првите траги на Скупи се пронаоѓаат во прастарото илирско доба. Развитокот на најголемиот град на Вардарот со сигурност може да се следи од времето кога Римјаните ја освојуваат Македонија, па на просторот помеѓу селата Злокуќани и Бардовци го изградиле моќниот град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија, која што влегла во состав на големата римска провинција Мезија (супериор). Скупи станал база на Седмиот римски легион, град којшто играл голема улога во пространата Римска империја, стратешки и трговски центар, клучно средиште на поголемиот дел на западна Илирија.[8]

Минати земјотреси и други катастрофи[уреди | уреди извор]

Историјата на Скопје, според разни записи на летописи, е исполнета со пожари, поплави и воени опустошувања. Регионот околу реката Вардар, е зона со висока сеизмичка активност. Во минатото, Скопје двапати бил целосно разрушен од земјотреси: во 518 година, кога бил уништен под тогашното име Скупи, и во 1555 година. Старите хроничари не го запишале точниот број на човечки жртви во првиот и вториот земјотрес.[8]

Прв Скопски земјотрес во 518 г.[уреди | уреди извор]

Во 518 г., Скупи бил наполно разурнат од земјотрес. Катастрофата што ја опустошила провинцијата Дарданија, со епицентар во Скупи, ја опишува хроничарот Марцелин Комес. Тој запишал дека во провинцијата Дарданија:[8]

„од тешкиот земјотрес се срушиле 24 каштели (градски тврдини), од кои што два пропаднале во земја заедно со сите жители, во четири половина од своите жители ги изгубиле животите, во единаесет градски тврдини настрадало третина од населението, а девет тврдини биле упропастени, при што загинало четвртина од населението.“

Тој понатаму тврди дека во земјата се појавила пукнатина долга околу 45 км, а широка 12 стапки. Метрополата Скупи била срушена до темел, но жителите не настрадале, затоа што пред катастрофата побегнале од градот зошто имало непријателска наезда од напаѓачи. Според описот на Комес, преживеаните жители на Скупи подигнале нов град во близината на нивните домови и храмови низводно по текот на Вардар - на местото на денешно Скопје.[8]

Период до Вториот Скопски земјотрес[уреди | уреди извор]

До нов расцут на Скупи дошло во времето на Византискиот цар Јустинијан Први, којшто според некои записи е роден во селото Таор коешто е во близина на Скупи. По неговата смрт, Словените се населуваат на Балканот, а во 695 г. го освоиле и Скупи којшто го преименувале во Скопје. Во овој период, Скопје почнало нагло да се развива и да воспоставува трговски врски со соседните градови.[8]

Во 1081 г., во Скопје продреле Норманите и го опустошиле.[8]

Српскиот крал Стефан Урош II Милутин, го освоил Скопје заедно со северниот дел на Македонија, а српскиот цар Душан Стефан во 1343 година го претворил Скопје во своја престолнина.[8]

При крајот на XIV век, на 19 јануари 1392 г., Скопје бил освоен од Отоманската империја по што го сменил името во Ускуб. Вук Бранковиќ, кој извесно време владеел со Скопје, бил принуден да им го предаде на Турците.[8]

Во 1413 г., Скопје бил разорен по наредба на султанот Муса, а во 1438 г., по наредба на султанот Мурат, обновениот град бил запален по што изгореле многу луѓе, според пишаното во тогашните летописи.[8]

Скопски земјотрес во 1555 г. и периодот до последниот Трет Скопски земјотрес[уреди | уреди извор]

Во 1555 г. се случил Вториот катастрофален земјотрес, што скоро сосема го срушил Скопје.[8]

Во својата понова историја, Австрискиот генерал Пиколомини, на 26 октомври 1687 г., ја одбележал својата краткотрајна победа над Отоманците со страшен пожар, којшто уништил голем дел од Скопје, за потоа во градот да завладее и чума од која на 9 ноември 1687 г. умрел и самиот Пиколомини.[8]

Предвесник на Третиот Скопски земјотрес[уреди | уреди извор]

На 16 ноември 1962 г., во Скопје се случила поплава од катастрофални размери, којашто уништила многу материјални добра, иако во самиот град поминала без човечки жртви. Буицата на Вардар ги срушила куќите на неколку стотици Скопјани. Оваа поплава се смета за предвесник на последниот трет разорен Скопски земјотрес.[8]

Статистички податоци за Скопје непосредно пред земјотресот[уреди | уреди извор]

До ослободувањето на Скопје во 1944 г., градот бил економски поизграден и поразвиен од другите македонски градови, но и покрај тоа, бил град без индустрија, без вистински градски живот, во којшто преовладувале занаетчиско-чаршиските и административно-чиновничките елементи.[8]

Урбанистичкиот план во тој миг бил слободен за изведба и едноставен бидејќи многу мал број на згради, кои веќе постоеле, можеле да се вклопат во новата замисла. Така, урбанистите имале одврзани раце да го планираат градот. Изградбата се одвивала брзо, па Скопје доживеал и брзо развивање во многу области на животот од било кој друг голем град во поранешна Југославија.[8]

Население и инфраструктура[уреди | уреди извор]

Скопје бил административен центар и основен носител на стопанската моќ на СР Македонија, во кој што биле сконцентрирани основните институции, од кои што потекнувале и се остварувале врховните функции на општествената и државна заедница.[8]

Околу 1/7 од целокупното население на СР Македонија живеело во Скопје според статистичките информации од 30 јуни 1963 г., или 198,153 жители. Привремено присутните жители се движеле од 12,000 до 20,000 што значи дека по бројот на жители до утрото пред земјотресот, Скопје се сметал за трет град по големина, развиеност и вложување во поранешна Југославија.[8]

Според истата статистика, во градот имало 39,516 станови со вкупно 1,792,055 м2 станбена површина, вклучувајќи ги и 3,912 станови во изградба, со 208,026 м2 станбена површина. Од 1945 до 1961 г., се изградени околу 2/5 или 41% од станбениот фонд. Од 1961 до 1963 г., се изградиле околу 9,000 станови, со што од вкупниот станбен фонд 45% припаѓале во општествено својство и 55% на индивидуални сопственици. Просечно, на секој жител на Скопје му припаѓале околу 8 м2 станбена површина, а секоја фамилија броела околу 4,1 член, што значи дека градот броел околу 48,330 домаќинства. Од вкупниот број на домаќинства, во засебни станови живееле 76.5% од жителите, додека 23.5% живееле во деливи станови.[8]

Економија и стопанство[уреди | уреди извор]

Скопје претставувал околу 2/5 од стопанската моќ, т.е., 35% од индустриските капацитети, 77% од градежните капацитети, 84% од сообраќајните капацитети, и 50% од трговските, занаетчиските и угостителските капацитети на СР Македонија. Најголем дел од крупните претпријатија во државата, или 40%, се наоѓале во Скопје.[8]

Ваквата концентрација на економски потенцијал била проследена и со кадровата моќ. Од околу 11,000 стручњаци со високо и вишо стручно образование во Македонија, во 1963 г., во скопје работеле околу 6,000 од нив, или околу 55%. Од вкупниот број на квалификувани работници, 38% работеле во Скопје.[8]

Во градот се наоѓале околу 42,5% од вкупната вредност на активните основни средства во државата. Во 1962 г., стопанството во Скопје остварило приход од 238,000,000,000 динари, или 54,3% од вкупниот приход во СР Македонија. Изградбата на индустрискиот комплекс „Железарница“, хемиските комбинати „Билјана“ и „Ацителенка“, заедно со темелната реконструкција на разни постојни индустриски погони во тек, до 1967 г. ќе го направела градот значаен индустриски центар и во границите на поранешна Југославија. Со изградбата на „Билјана“ и „Ацителенка“ до 1964 г., било проектирано дека ќе го зголемат годишниот бруто домашен производ на Скопје за над 20,000,000,000 динари.[8]

Земјотрес[уреди | уреди извор]

Давање прва помош на настрадани, пред хотел Македонија
Југословенската делегација предводена од Јосип Броз Тито, на улица „Иво Рибар Лола“

На 26 јули 1963 година во 05:17 часот, Скопје бил разурнат од земјотрес со 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала) кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50,000 км2, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15,800 станови, а оштетени 28,000. Над 200,000 луѓе ги загубиле домовите. Според службите за идентификација на жртвите на истиот ден, под урнатините животот го загубиле 1,070 граѓани, од коишто 478 мажи, 430 жени и 162 деца. Овие податоци не се земени како дефинитивни поради веројатноста дел од жртвите да биле веќе сохранети од своите роднини пред да ги евидентира Службата. Точната евиденција за повредените била вкупно 2,900 луѓе, од кои што 1,110 биле тешко повредени (преку 300 од нив се уште биле згрижени и до месец и половина во болниците и клиниките), а околу 800 луѓе останале инвалиди.[8]

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјаните.

Непосредно по земјотресот, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз - Тито, изјавил:

Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.

Овие зборови (букви) биле изработени од стиропор и закачени на старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на пост-земјотресно Скопје.[9] Пораката била отстранета во 2000 година од страна на тогашниот директор на Музејот, со објаснување дека буквите ќе се заменат со нови, а ѕидот ќе се реконструира. Но, до денеска тоа не е направено.[9][10]

По земјотресот[уреди | уреди извор]

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на земјотресот. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.

Една од првите мерки на градските власти било организираното евакуирање на скопските деца низ Македонија и низ СФР Југославија. За да биде евакуирањето поорганизирано, било формирано Одделение за народна одбрана при Градското собрание, сместено на игралиштето на ФК Работнички, а со евакуација биле опфатени неактивните жители: жени, стари и изнемоштени, инвалиди и сите деца до 15 годишна возраст. Вкупно 105,000 лица биле евакуирани по земјотресот, од кои околу 30,000 биле деца.[11] Дел од евакуираните (63,200 лица) заминале кај свои роднини и пријатели во внатрешноста на Македонија, а 41,743 биле распоредени во другите југословенски републики. Така, во деновите по земјотресот, Скопје станал град без деца.

Низ градовите во Србија биле евакуирани околу 44,000 лица, и тоа: во Белград, Ниш, Лесковац, Крагуевац, Краљево, Смедерево, Сремска Митровица, Шабац, Кањижа, Боговоѓа, Пионерскиот град и други помали места. Скопската општа околиска болница била преселена во Врање, а се користеле нервната клиника, венерологијата, гинекологијата и оториноларингологијата во Ниш. Во Косово и Метохија биле евакуирани болните во Интерната болница во Приштина.[12]

Во Словенија биле евакуирани 2,875 деца од Скопје, во места како што се: Солкан кај Нова Горица, домот Иван Цанкар во Љубљана, Изола, Постојна и Дебели Ртич кај Копар. Низ Босна и Херцеговина биле сместени околу 11,000 евакуирани лица, во објекти во Сараево, Бихаќ, Бања Лука, Илиџа и на други места. Црвениот крст на Црна Гора овозможил сместување на околу 1,171 лице. Голем број од децата биле сместени на Црногорското приморје, како и во Титоград, Цетиње, Никшиќ, Бар, Рисан, Иванград, Жабљак и други места.

Во Хрватска заминале 3,136 евакуирани деца: Риека, Сплит, Осиек, Преко кај Задар, Водице кај Шибеник, женскиот дом кај Карловац, Српска Моравица, Црквеница, Загреб, а на хрватското приморје на гостите им биле откажувани туристичките аранжмани со цел да се примат скопските деца.[13]

Скопскиот земјотрес 1963 како тема во уметноста[уреди | уреди извор]

  • „Под точка разно“ — песна на македонскиот писател Славко Јаневски од 1966 година.[14]
  • Музичкиот алтернативен фестивал „Земјотрес“ се одржува од 2013 г.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Сеизмички проценки за движењето на тлото за земјотресот со M6.1 во Скопје, Македонија 26 јули 1963 Архивирано 11 април 2008 г.. Факултет за науки за земјата, Универзитет во Трст, Трст, Италија
  2. 2,0 2,1 Земјотресот во Скопје (Македонија) во 1963 г. SeismoArchives, Здружени установи за сеизмолошко истражување
  3. 3,0 3,1 44-годишнината од Скопскиот земјотрес МРТ 26 јули 2007
  4. Податоци за загинатите и повредените во скопскиот земјотрес - МИА
  5. Скопски земјотрес - загинаа 1,070 луѓе, а околу 4,000 беа повредени - Макфакс
  6. Скопскиот земјотрес од 1963 Архивирано 13 мај 2008 г.. - In Your Pocket City Guides
  7. На денешен ден: 26 јули; 1963: Илјадници загинати во земјотресот во Југославија Би Би Си
  8. 8,00 8,01 8,02 8,03 8,04 8,05 8,06 8,07 8,08 8,09 8,10 8,11 8,12 8,13 8,14 8,15 8,16 8,17 8,18 8,19 8,20 8,21 „Скопје, Катастрофа што го возбуди целиот свет“, Јован Пешиќ, Народна задруга (Панде Ташковски), 1963 г., Скопје
  9. 9,0 9,1 „Напис во ВЕСТ од 2003“. Архивирано од изворникот на 2016-08-12. Посетено на 2017-07-26.
  10. Вести на novatv.mk
  11. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 48
  12. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 70-71
  13. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 75
  14. Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 79.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]