Прејди на содржината

Претседател на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Претседател на
Македонија
Функционер
Гордана Сиљановска-Давкова

од 12 мај 2024 г.
СедиштеВила Водно
Мандатпет години, еднаш повторлив
Прв функционерКиро Глигоров
27 јануари 1991
СоздаденаУстав на Македонија
16 април 1991
Плата2.680 €/месечно[1]
Мреж. местоpretsedatel.mk

Претседателот на Македонија (службено: претседател на Република Северна Македонија, уште и претседател на Републиката) е шеф на државата, како и врховен командант на вооружените сили и главен претставник на Републиката во земјата и во странство.

Обврски и надлежности

[уреди | уреди извор]

Внатрешна политика

[уреди | уреди извор]

Во однос на внатрешната политика, во согласност со уставните надлежности, претседателот на Републиката:

  • го определува мандатот за состав на Владата;
  • предлага двајца судии на Уставниот суд;
  • предлага двајца членови на Судскиот совет;
  • ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи;
  • именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и закон;
  • доделува одликувања и признанија;
  • дава помилувања

Голем дел од активностите на претседателот на државата на внатрешен план не се дефинирани со Уставот и законите и произлегуваат од приоритетите на претседателот посветени на поддршка на политичкиот дијалог, промоција и поддршка на активности на младите, како и проекти и активности во областа на образованието, науката, заштитата на животната средина, граѓанскиот сектор, економската соработка, унапредувањето на правата на ранливите групи во општеството и подобрувањето на инклузијата.

Некои од таквите активности се: посети на локално ниво; средби со граѓани; учество на конференции и на други манифестации; покровителства на настани од национален и поширок интерес за државата; одржување предавања на настани; доделување стипендии во соработка со Министерството за образование и наука; активности поврзани со промоција на македонската наука и иноваторство; иницирање и реализирање проекти во соработка со научно-образовни институции и граѓански организации во државата; поддршка на спортски и на културни настани, како и поттикнување и поддршка на политичкиот дијалог.[2]

Надворешна политика

[уреди | уреди извор]

Во надворешната политика претседателот на државата има надлежности во однос на стратегиските правци на државата, нејзиното претставување надвор, начинот на кој се води надворешната политика, можностите за нова соработка, како и кадровската поставеност на дипломатијата.

Во согласност со меѓународното право и обичаи, како највисок претставник на Републиката, претседателот ја претставува државата во меѓународни рамки, особено во контактот и во комуникацијата со другите држави и меѓународни организации. Секогаш кога претседателот престојува во официјална или работна посета на странска држава, ја претставува Републиката, а официјалните изјави на претседателот се и официјален став на државата. Имајќи предвид дека претседателот се избира на општи и непосредни избори и дека својот мандат го црпи директно од граѓаните, претседателот има дополнителна одговорност во претставувањето на државата во странство.

Улогата на претседателот во претставувањето на Републиката е дефинирана со Уставот и Законот за надворешни работи. Според Законот за надворешни работи, претседателот на Републиката е прв меѓу четирите „органи за вршење на надворешни работи“, заедно со Собранието, Владата и Министерството за надворешни работи. Органите за вршење на надворешните работи ја создаваат, утврдуваат и спроведуваат надворешната политика на Републиката, согласно со Уставот и законите, и имено ги определуваат општите насоки, донесуваат и усвојуваат одлуки за активностите и ставовите и ги остваруваат со меѓусебна усогласена соработка сите државни активности поврзани со надворешните работи.

Според Законот за надворешни работи, во вршењето на надворешните работи претседателот на Републиката:

  • ја претставува државата во меѓународните односи, согласно со меѓународното право и неговите надлежности;
  • учествува во создавањето на надворешната политика во соработка со Владата, преку утврдување на општите насоки на надворешната политика, вклучувајќи ги и прашањата од меѓународните односи со импликации врз безбедноста и одбраната на земјата;
  • го следи спроведувањето на надворешната политика, а за резултатите и евентуалните несогласувања со другите органи за вршење на надворешните работи може да го извести Собранието;
  • дава предлози и учествува во заземањето на ставови за одредени надворешно-политички прашања од неговата надлежност, вклучувајќи ги и безбедносните и одбранбените аспекти кои произлегуваат од меѓународните односи;
  • поставува и отповикува со указ амбасадори и пратеници на Републиката во странство;
  • дава согласност за издавање на агреман на шеф на странско дипломатско претставништво и
  • ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници.[3]

Одбрана и безбедност

[уреди | уреди извор]

Во областа на одбраната и безбедноста, а во согласност со неговите уставни и законски надлежности, претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили го поставува и го разрешува началникот на Генералштабот на Армијата и поставува и разрешува генерали. Тој е и претседател на Советот за безбедност и именува тројца од членовите на Советот. Претседателот, исто така, го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање.

Според Законот за одбрана, претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата:

  • донесува стратегија за одбрана на Републиката;
  • донесува план за одбрана на Републиката;
  • ги пропишува мерките на приправност и наредува нивно спроведување;
  • пропишува организација и формација на Армијата;
  • донесува документи за употреба на Армијата и наредува нејзина употреба;
  • дава согласност на документите за развој на Армијата;
  • ги определува мерките за зголемување на борбената готовност на Армијата и наредува нивно спроведување;
  • наредува мобилизација на Армијата;
  • го пропишува командувањето во Армијата;
  • донесува прописи што се однесуваат на борбената готовност, вооружената борба и мобилизацијата на Армијата;
  • поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали и
  • поставува и отповикува воени претставници на Републиката во странство.[4]

Изборна постапка

[уреди | уреди извор]
Гордана Сиљановска-Давкова како претседателски кандидат гласа во вториот круг на изборите во 2024

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за мандат од пет години, со можност за најмногу два мандата. Изборот на претседател на Републиката го распишува претседателот на Собранието. Изборот на претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од која било причина, изборот на нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.

Изборот се врши со модифициран систем од два круга. Кандидат може да биде избран во првиот круг само ако добие половина од гласовите од вкупниот број избирачи. Доколку во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добие потребното мнозинство гласови, во вториот круг можат да учествуваат само двајца кандидати кои добиле најмногу гласови во првиот круг. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од вкупниот број избирачи. Доколку и во вториот круг не се исполнат условите, целата изборна постапка се повторува.

Квалификации

[уреди | уреди извор]

Претседателот на Републиката мора:

  • да биде македонски државјанин;
  • на денот на изборите наполнил најмалку 40 години живот;
  • до денот на изборите бил жител на Републиката најмалку десет години во последните петнаесет години.

Кандидат за претседател на Републиката може да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.

Пензија и бенефиции

[уреди | уреди извор]

Според закон, поранешните претседатели имаат право на пензија, чиј износ е еднаков на платата што ја прима актуелниот Претседател. Тие исто така имаат право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица, лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач.[5]

Водачи на Македонија (1943 - 1991)[6]

[уреди | уреди извор]
Партија

      СКМ/КПМ       Независен

Статус
  Вршител на должност
# Име
(роден–починал)
Слика Мандат Политичка партија
Претседател на Иницијативниот Комитет на АСНОМ
1943–1944
1 Методија Андонов - Ченто
(1902–1957)
1 октомври 1943 2 август 1944 Комунистичка партија на Македонија
Претседател на АСНОМ
1944–1945
Методија Андонов - Ченто
(1902–1957)
2 август 1944 1 јануари 1945 Комунистичка партија на Македонија
Претседатели на Президиумот на Народното Собрание
1945–1953
Методија Андонов - Ченто
(1902–1957)
1 јануари 1945 15 март 1946 Комунистичка партија на Македонија
Димитар Несторов
(1890–1968)
16 март 1946 30 декември 1946 Комунистичка партија на Македонија
2 Благоја Фотев
(1900–1993)
1947 4 јануари 1951 Комунистичка партија на Македонија
Видое Смилевски
(1915–1979)
4 јануари 1951 1953 Комунистичка партија на Македонија
во 1952 преименувана во
Сојуз на комунистите на Македонија
Претседатели на Народното Собрание
1953–1974
3 Димче Стојанов
(1910–1991)
1953 19 декември 1953 Сојуз на комунистите на Македонија
4 Лазар Колишевски
(1914–2000)
19 декември 1953 26 јуни 1962 Сојуз на комунистите на Македонија
5 Љупчо Арсов
(1910–1986)
26 јуни 1962 24 јуни 1963 Сојуз на комунистите на Македонија
6 Видое Смилевски
(1915–1979)
25 јуни 1963 12 мај 1967 Сојуз на комунистите на Македонија
7 Мито Хаџивасилев
(1921–1968)
12 мај 1967 1 август 1968 Сојуз на комунистите на Македонија
8 Никола Минчев
(1915–1997)
23 декември 1968 6 мај 1974 Сојуз на комунистите на Македонија
Претседатели на Претседателството
1974–1991
9 Видое Смилевски
(1915–1979)
6 мај 1974 31 октомври 1979 Сојуз на комунистите на Македонија
10 Љупчо Арсов
(1910–1986)
31 октомври 1979 29 април 1982 Сојуз на комунистите на Македонија
11 Ангел Чемерски
(1923–2005)
29 април 1982 29 април 1983 Сојуз на комунистите на Македонија
12 Благоја Талески
(1924–2001)
29 април 1983 29 април 1984 Сојуз на комунистите на Македонија
13 Томе Буклески
(1921–2018)
29 април 1984 26 април 1985 Сојуз на комунистите на Македонија
14 Ванчо Апостолски
(1925–2008)
26 април 1985 28 април 1986 Сојуз на комунистите на Македонија
Матеја Матевски
(1929–2018)
28 април 1986 30 април 1986 Сојуз на комунистите на Македонија
15 Драгољуб Ставрев
(1932–2003)
30 април 1986 мај 1988 Сојуз на комунистите на Македонија
16 Јездимир Богдански
(1930–2007)
мај 1988 28 април 1990 Сојуз на комунистите на Македонија
17 Владимир Митков
(1931–2024)
28 април 1990 27 јануари 1991 Сојуз на комунистите на Македонија
18 Киро Глигоров
(1917–2012)
27 јануари 1991 18 септември 1991 Независен

Претседатели на независна Македонија

[уреди | уреди извор]

Киро Глигоров

Прв претседател на независна Република Македонија. Во негово време и најстар претседател на постоечките држави во светот, сè до престанокот на неговиот мандат во 1999 по сила на Уставот. Првиот мандат го добива по пат на гласање во Собранието на Република Македонија. Вториот мандат го добива на непосредни избори. Киро Глигоров не бил во состојба да ја врши функцијата претседател по обидот за атентат врз него во 1995 г. За време на неговата спреченост за вршење на функцијата, вршител на функцијата Претседател на Република Македонија бил Стојан Андов.

Борис Трајковски

За време на мандатот на Претседателот Борис Трајковски во Република Македонија се случуваат борбени дејствија, во кои безбедносните сили на републиката се борат против недефинирана воена сила. После борбените дејствија доаѓа до промена на уставното уредување на Република Македонија со што Македонија од граѓанска држава на Македонскиот народ и останатите народи станува држава на етничките заедници на Македонците, Албанците и останатите. Претседателот Борис Трајковски го завршува својот мандат после неговата трагична смрт во авионска несреќа под неразјаснети околности, со владиниот авион во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.

Бранко Црвенковски

Бранко Црвенковски доаѓа на функција Претседател на Република Македонија на вонредните претседателски избори 2004 година организирани после трагичната смрт на претходниот претседател на Република Македонија.

Следува табеларен приказ на македонските претседатели:

Партија

      ЛПМ       ДА       ВМРО-ДПМНЕ       СДСМ       Независен


  Вршител на должност
# Име
(роден–починал)
Слика Избран Мандат Политичка припадност
Претседатели
1991–денес
1 Киро Глигоров
(1917–2012)
1994 18 септември 1991 4 октомври 1995 Независен
Стојан Андов
(1935–2024)
4 октомври 1995 17 ноември 1995 ЛПМ
(1) Киро Глигоров
(1917–2012)
17 ноември 1995 19 ноември 1999 Независен
Саво Климовски
(1947–)
19 ноември 1999 15 декември 1999 ДА
2 Борис Трајковски
(1956–2004)
1999 15 декември 1999 26 февруари 2004 ВМРО-ДПМНЕ
Љупчо Јордановски
(1953–2010)
26 февруари 2004 12 мај 2004 СДСМ
3 Бранко Црвенковски
(1962–)
2004 12 мај 2004 12 мај 2009 СДСМ
4 Ѓорге Иванов
(1960–)
2009
2014
12 мај 2009 12 мај 2019 ВМРО-ДПМНЕ
5 Стево Пендаровски
(1963–)
2019 12 мај 2019 12 мај 2024 СДСМ
6 Гордана Сиљановска-Давкова
(1953-)
2024 12 мај 2024 во служба ВМРО-ДПМНЕ

Живи поранешни претседатели

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Претседателот вчера ја добил платата од 165 000 денари, зголемена за 72 000 денари
  2. „Внатрешна политика“. Претседател на Република Северна Македонија.
  3. „Надворешна политика“. Претседател на Република Северна Македонија.
  4. „Одбрана и безбедност“. Претседател на Република Северна Македонија.
  5. Закон за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата. Службен весник на Република Македонија. 2004.
  6. Leaders of Macedonia (англиски)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]