Устав на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Устав на Македонија (службено: Устав на Република Северна Македонија) — највисок правен акт со кој се дефинира државното уредување на Македонија.

Устав од 17 ноември 1991[уреди | уреди извор]

Граѓаните на Република Македонија на референдумот одржан на 8 септември 1991 година, плебисцитарно самопотврдувајќи ја државноста и сувереноста на Република Македонија ја изразија својата волја и го дадоа својот глас Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија, што уставно-правно се заокружи со донесувањето на Уставот на Република Македонија на 17 ноември 1991 година.

Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се заснова на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество.

Уставот на Република Македонија е највисок правен акт во Република Македонија. Донесен е на 17 ноември 1991 година и досега има претрпено 32 амандмански промени: во 1992 (амандмани 1 и 2), 1998 (амандман 3), 2001 (амандмани 4-18), 2003 (амандман 19), 2005 (амандман 20-30), 2009 (амандман 31) и 2011 (амандман 32). Инаку, Уставот е составен од Преамбула и членови. Членовите на Уставот се поделени во неколку глави:

  1. Основни одредби
  2. Основни слободи и права на човекот и граѓанинот
  3. Организација на државната власт
  4. Уставен суд на Република Македонија
  5. Локална самоуправа
  6. Меѓународни односи
  7. Одбрана на републиката, воена и вонредна состојба
  8. Измена на уставот
  9. Преодни и завршни одредби

Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија[уреди | уреди извор]

Во член 8 став 1 од Уставот се дефинирани темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија:

  • основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот;
  • слободното изразување на националната припадност. Соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа;
  • владеењето на правото;
  • поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
  • политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
  • правната заштита на сопственоста;
  • слободата на пазарот и претприемништвото;
  • хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
  • локалната самоуправа;
  • уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и
  • почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Амандмани[уреди | уреди извор]

Амандмани I и II[уреди | уреди извор]

Првите измени на Уставот на Република Македонија се усвоени во 1992 година со донесување на Амандманите I и II.

Амандманот I се однесува на тоа дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави, односно, дека, границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми.

Со амандманот II беше дополнет членот 49 од Уставот: „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив“. Оваа одредба беше дополнета со формулацијата дека „Републиката при тоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

Амандман III[уреди | уреди извор]

Амандманот III е усвоен во 1998 година, по иницијатива на Врховниот суд на Република Македонија. Со овој амандман се променија одредбите за времетраењето на притворот, односно наместо 90 дена, притворот до подигањето на обвинението, по одлука на судот може да трае најдолго 180 дена од денот на притворањето. По подигнувањето на обвинението, притворот го продолжува или го определува надлежниот суд, во постапка утврдена со закон.

Амандмани IV-XVIII[уреди | уреди извор]

Во 2001 година беа донесени 15 амандмани (IV–XVIII) како обврска од Охридскиот рамковен договор.

Амандман XIX[уреди | уреди извор]

На предлог на Владата на Република Македонија, во 2003 година е донесен Амандманот XIX. Со овој амандман се овозможува отстапување од неповредливоста на тајноста на писмата и сите други облици на комуникација, а не само на писмата како што е наведено во Уставот од 1991 година. Отстапувањето се врши врз основа на одлука на суд, под услови и постапка утврдени со закон, поради спречување или откривање на кривични дела, и поради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на Република Македонија.

Амандмани XX-XXX[уреди | уреди извор]

Во 2005 година усвоени се 11 амандмани (XX-XXX) кои се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавно обвинителство.

Амандман XXXI[уреди | уреди извор]

Со амандманот XXXI се намали цензусот за избор на претседателот на Република Македонија. Па така, за претседател ќе биде избран оној кандидат кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на избори излегле повеќе од четириесет проценти (40%) од вкупниот број избирачи во Републиката, наместо дотогашните 50%.

Амандман XXXII[уреди | уреди извор]

Со Амандманот XXXII се дополни член 4, кој однесува на неможноста на одземање на државјанството на државјанин на Република Македонија, односно ниту да биде протеран од Република Македонија или предаден на друга држава. Со амандманот се допрецизираше дека тоа може да се случи само врз основа на ратификуван меѓународен договор, со одлука на суд.

Претходни устави[уреди | уреди извор]

Уставниот развиток на Македонија од 1946 до 1991 може да се подели на три периоди:

  • Устав на Народна Република Македонија, од 31 декември 1946
  • Устав на Социјалистичка Република Македонија, од 25 февруари 1974
  • Устав на Република Македонија, од 17 ноември 1991

Надворешни врски[уреди | уреди извор]