Лазар Колишевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Lazar Kolishevski.JPG
Роден 12 февруари 1914
с. Стара Мездра, Свети Николе
Починал 6 јули 2000
Скопје, Република Македонија

Лазар Колишевски (роден како Лазар Панев Колишев) (12 февруари 1914 - 6 јули 2000) — долгогодишен лидер на македонските комунисти и моќен човек во Македонија во периодот од ослободувањето на земјата до падот на комунизмот.

Биографија[уреди | уреди извор]

Колишевски бил роден во Свети Николе, но по смртта на неговата мајка, на четиригодишна возраст бил донесен во сиропиталиштето во Битола. Во 1928 година заминал во Крагуевац, каде што се запишал во Воено-занаетчиската школа. Таму се зачленил во СКОЈ и како негов член во 1933 бил уапсен. Во 1935 бил примен за член на КПЈ и влегол во составот на месното раководство на Партијата за Крагуевац. Во 1940 година, Окружната партиска конференција за Крагуевац го избрала за делегат на Петтата земска конференција на КПЈ. Во декември истата година, Колишевски бил определен за инструктор во Смедеревска Паланка и таму останал до окупацијата на Југославија во 1941 година.

Учество во НОБ[уреди | уреди извор]

Споменик за судењето на Колишевски од страна на бугарскиот фашистички окупатор.

Во мај 1941 година Колишевски дошол во Македонија, но во јуни заминал за Белград. Во Македонија повторно дошол на почетокот на август. По одлуката на Коминтерната за враќање на партиската организација во Македонија во составот на КПЈ и сменувањето на Методија Шаторов - Шарло од раководната позиција на партијата во Македонија, Колишевски влегол во новиот Покраински комитет, формиран на 21 септември 1941 година. Станал член и на Покраинскиот воен штаб и се вклучил и во подготовките на востанието против бугарската власт, но набрзо, на 6 ноември 1941 година, бил уапсен од бугарската полиција, заедно со 15 други дејци на Охридската партиска организација.[1]

На судскиот процес во Охрид на 26 и 27 ноември, заедно со Петре Пирузе, бил осуден на смрт.[2] На 7 декември Колишевски, додека бил во затвор,[3] поднесол молба за помилување до бугарскиот цар Борис ІІІ, по што смртната казна му била заменета со доживотен затвор. На 18 март 1942 година бил префрлен од скопскиот затвор во затворот во Плевен и таму останал сè до 7 септември 1944 година, кога во предвечерјето на капитулацијата на Бугарија и доаѓањето на власт на Отечествениот фронт бил ослободен заедно со другите затвореници.[4]

При основањето на Комунистичката партија на Македонија на 19 март 1943 година обично се смета дека Колишевски во отсуство бил избран за секретар на партијата, но за тоа не постојат документи и има мислења дека тоа е фабрикувано по ослободувањето.[5]

Додека бил во затвор, на Првото заседание на АСНОМ, во август 1944 година, бил избран за еден од претставниците на Македонија во Президиумот на АВНОЈ.[6]

За народен херој бил избран на 2 август 1952 година.[7]

По ослободувањето[уреди | уреди извор]

Лазар Колишевски
Реферат на Лазар Колишевски, потпретседател на АСНОМ, за политичката ситуација во Македонија, изнесен на Второто заседание на АСНОМ, (30.12.1944)

По своето ослободување, Колишевски се вратил во Македонија и ја презел функцијата секретар на Комунистичката партија на Македонија, а на таа функција останал до јули 1963 година. Колишевски многу брзо станал влијателен човек во Македонија. На 26 ноември 1944 година, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија, тој бил избран за негов потпретседател, а во декември 1944 година бил избран за прв потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Набрзо, во јануари 1945 година застанал на чело на Работното тело на Президиумот на АСНОМ, кое фактички ги презело надлежностите на Президиумот на АСНОМ. На Третото собрание на АСНОМ, одржано на 16 април 1945 година, Колишевски бил избран за прв претседател на Владата на Демократска Федерална Македонија.

Во текот на својата политичка кариера, Колишевски бил на различни државни и партиски функции и играл важна улога во политичките настани и општествените процеси во СРМ и СФРЈ. На Петтиот конгрес на КПЈ, одржан во јули 1948 година, тој бил избран за член на Централниот комитет на КПЈ. Исто така, бил избиран за народен пратеник во сите состави на републичкото и сојузното собрание од 1945 до 1972 година. Од 1963 до 1967 година бил претседател на Сојузниот одбор на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија. Од 1967 до 1972 година бил член на Советот на Федерацијата, а од 1972 до 1984 година бил член на Претседателството на СФРЈ. По смртта на Јосип Броз Тито, на 4 мај 1980 година, Колишевски, како тогашен потпретседател на Претседателството на СФРЈ, станал претседател на Претседателството, но на таа должност останал само неколку денови.[8] Поради редовната ротација на функциите, веќе на 15 мај 1980 година, должноста претседател на Претседателството ја презел претставникот на Босна и Херцеговина.

По падот на комунизмот, Колишевски се повлекол од јавниот живот и до крајот на животот живеел како пензионер. По неговата смрт во 2000 година, неговата лична архива од 300.000 страници била оставена на чување во МАНУ, каде со неа раководи посебен одбор.[9] Во негова чест, во паркот во Свети Николе во 2002 година бил поставен негов споменик.[10]

Литература[уреди | уреди извор]

Споменик на Колишевски во родниот град Свети Николе
  • Драган Кљакиќ „Времето на Колишевски“, Скопје, 1994.
  • Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски „Нашиот поглед за времето на Колишевски“, Скопје, 1996.
  • „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 187-191

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Петър Христов Петров „Македония: история и политическа съдба“, „Знание“ ООД, 1998, стр. 64
  2. [1]
  3. [2]
  4. Благој Думановски „Зад железните решетки“: затвореничка хроника“, Куманово, 1972, 105-106 и 280 стр.
  5. Anton Kolendić “Bijele mrlje makedonske povijesti”, “Start magazine”, Zagreb, No. 537, 19.8.1989, 54 str.
  6. Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 48 стр.
  7. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 191
  8. „Архивата на Лазо Колишевски до 300.000 страници во МАНУ е тајна дури и за лустраторите“, Дневник, година XVIII, број 5596, понеделник, 20 октомври 2014, стр. 2-3.
  9. „Архивата на Лазо Колишевски до 300.000 страници во МАНУ е тајна дури и за лустраторите“, Дневник, година XVIII, број 5596, понеделник, 20 октомври 2014, стр. 2-3.
  10. „Откриено Спомен-обележје на Лазар Колишевски во Свети Николе“, „Утрински Весник“, 11 октомври 2002.

Види исто така[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]