Прејди на содржината

Михо Михајловски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Михо Михајловски
Роден 25 октомври 1915
Кичево, Кралство Србија
Починал 28 март 2003(2003-03-28) (возр. 87)
Скопје, Македонија

Михо Михајловски (Кичево, 25 октомври 1915 - Скопје, 28 март 2003) — македонски партизан и учесник во НОБ. Тој бил прогласен за народен херој на Југославија, на 1 август 1952 година.[1] Носител е и на Партизанска споменица 1941.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Михо Михајловски е роден во 1915 година во сиромашно семејство. По завршување на третиот клас, се вработил како трговски помошник во Кичево, а потоа учел електро-механички занает.[2] Потоа заминал во Белград.

До Априлската војна работел на Земунскиот аеродром, а потоа се вратил во родниот град и се вклучил во подготовките за оружено востание.

Учество во НОБ

[уреди | уреди извор]

Бил борец и водник на Првата македонско-косовска бригада. Како предводник на група доброволци, на 8 септември 1943 година извршил напад на касарната во Кичево, а три дена подоцна, на 11 септември 1943 година Кичево било ослободено. Со бригадата за заминал кон Гостивар, каде по тридневни борби, бригадата била приморана да се повлече.[3] Во декември 1943 година, Михо Михајловски добил задача со група борци да уништи една германска радио станица во селото Прждево, која пренесувала разговори меѓу штабовите во Грција и Скопје. Радио станицата ја чувале дваесеттина германски војници, но Михо и борците успеале да ја уништат.

Како заменик-командант на баталјон, учествувал во Февруарскиот поход во 1944 година. Во април 1944 година, Првата македонска бригада се наоѓала на пат кон Дебрца. Некаде помеѓу Ресен и Дебрца, бугарски единици и моторизирана полиција ја опколиле бригадата. Михо Михајловски со својот баталјон се бореле гради во гради со непријателот, и така го пробиле патот.[4] Во Пролетната офанзива, Михајловски се борел кај Локов, како и во конечното ослободување на Кичево, во септември 1944 година, при што бил тешко ранет.

За народен херој бил прогласен на 1 август 1952 година.[4]

По ослободувањето

[уреди | уреди извор]

По Ослободувањето извршувал значајни должности во ЈНА и во Секретаријатот за внатрешни работи.[5]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 247
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 248
  3. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 249
  4. 1 2 „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 251
  5. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 974 стр.