Благој Јанков - Мучето

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Благој Јанков - Мучето
Blagoj Jankov Mučeto.jpg
Благој Јанков - Мучето
Роден на 3 јуни 1911
Роден во Струмица,
 Османлиско Царство
Починал на 4 јули 1944 (81 год.)
Починал во Струмица,
 Бугарија
Професија кројач

Член на КПЈ од 1938
Учество во војни НОБ

Народен херој од 11 октомври 1951

Благоја Гане Јанков-Мучето (3 јуни 1911 - 4 јули 1944) — македонски комунист, учесник во НОБ.[1] Прогласен е за Народен херој на Југославија на 11 октомври 1951 година.

Биографија[уреди | уреди извор]

Споменик на Мучето во Струмица

Благој Јанков - Мучето е роден во 1911 година во Струмица, во сиромашно работничко семејство. Неговиот татко бил Минчо Коцев кој починал кога имал четири години. Неговата мајка Кумјанија, како вдовица со две деца се омажила за Гоне Јанков по кое Благој го добил презимето Јанков.

Благој Јанков основно училиште завршил во Струмица, за потоа се запише во струмичката гимназија. Но, по завршување на вториот клас, тој бил исклучен од гимназијата по кое започнал да го изучува шивачкиот занает. По изучувањето на занаетот, не можејќи да најде работа во Струмица заминал на печалба во Белград каде се вработил кај модниот шивач за машка и женска облека, Адолф Голгубер.

Поради неговите активности, тој стекнал доверба и станал синдикален функционер. Посебно бил добар организатор на штрајкови и излети. Уживал голем углед меѓу македонските печалбари во Белград. Во тоа време кај него созреала идејата за слободна Македонија. Во своите говори на состаноците на синдикалните организации, Благој Јанков започнал се' повеќе да се истакнува и затоа била забележан и од српската власт. Во Белград, во синдикална акција на растурање летоци со марксистичка содржина, за првпат бил уапсен во 1927 година, како опасен антидржавен бунтовник. Во белградскиот затвор Главњача бил мачен и одвраќан од револуционерната дејност. Од затворот излегол по шест месеци.

По пуштањето од затвор, тој се вратил во Струмица. Во Струмица се ангажирал во организирањето на работничката класа и синдикати. Наишол на добар одзив од кројачките работници, организирал успешен штрајк кој сам го предводил и успешно го завршил. Полицијата повторно го прогонувала, а тој повторно отишол во Белград, но овој пат како член на КПЈ (1938). Со големо штрајкувачко и синдикално искуство, Мучето влегол во штрајкувачкиот одбор на Белград. Во една штрајкувачка демонстрација бил повторно уапсен од полицијата и одведен во затвор. Кога излегол од затворот станал член на реонскиот комитет на КПЈ на Белград.

Со своето револуциенерно дело се афирмирал како истакнат комунистички борец, поради што станал член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Во тоа својство бил упатен за инструктор во источна Македонија. Исто така станал и организатор на првите спротивставувања на бугарската окупациска власт во Струмица во 1941 година.

Исто така активно учествувал во подготовките за формирање на партиски организации за Радовиш, Берово и Валандово. Бугарската фашистичка полиција ја открила неговата работа. Како илегалец најмногу се движел во Штип и неговата околина. Направил партиска база во селото Долани, во својство на член на Обласниот комитет на КПЈ. Во една провала, полицијата извршила напад. Тогаш со Благоја бил и Славчо Стојменски, кој во престрелката со полицијата бил убиен, додека Благоја, ранет, успеал да се извлече. Во многу тешки услови ја продолжил револуционерната работа. Бугарскиот Воен Суд го осудил на смрт во отсуство и издал потерница со награда за него.

Во јуни 1944 година бугарскиот окупатор го открил неговото скривалиште, во домот на Спиро Захов во Струмица. Настанала нерамноправна борба на градските улици, во која Благоја херојски загинува.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Младеновски, Симо (2009). Блаже Ристовски. уред (на македонски). Македонска енциклопедија. 1. Скопје: МАНУ. стр. 634. ISBN 978-608-203-023-4 (1). 
  2. Реновирана спомен-куќата на Благој Мучето, „Нова Македонија“.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]