Кире Гаврилоски
Кирил Гаврилоски - Јане | ||
![]() | ||
Роден на | 22 февруари 1918 | |
Роден во | Прилеп, Кралство СХС | |
Починал на | 9 мај 1944 | |
Починал во | Окупирана Македонија | |
Професија | трговски помошник | |
Член на КПЈ од | 1941 | |
Кирил Алексов Гаврилоски - Јане (Прилеп, 22 февруари 1918 - Прилеп, 9 мај 1944) — македонски комунист, учесник во НОВ и народен херој. За народен херој на Југославија бил прогласен на 11 октомври 1951.[1]
Животопис[уреди | уреди извор]
Рани години[уреди | уреди извор]
Гаврилоски е роден во Прилеп на 22 февруари 1918 година како трето дете во семејтвото на Сава и Алекса Гаврилоски, кои, покрај Кире, ги имаа и постарите деца, Весела и Борка, и подоцна родените, Љубица, Ружа и Загорка. По завршувањето на четвртата година во Гимназијата во Прилеп, станал трговски помошник и во тој период се вклучил во работничкото движење во Прилеп. Произведувал јаболка во овоштарникот што го наследил од татко му, а ги продавал дури и во Загреб. Тој празните сандаци кога ги враќал за Прилеп, редовно ги полнел со брошури и книги со револуционерна содржина. Таму се поврзал со прогресивна младина, претежно македонски студенти. Учествувал во повеќе демонстрации и штрајкови во Прилеп. Во март 1939 година заминал да служи воен рок од 2 години во Скопје, кој поради почетокот на Втората светска војна не го дослужил.
Вклучување во НОБ[уреди | уреди извор]
По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија, Гаврилоски како член на КПЈ од таа година активно работел во подготовките на НОВ. На 13 јули 1941 година бил меѓу првите прилепчани кои биле уапсени од страна на бугарската окупациона полиција. Таму бил притворен две недели. Кога на 11 октомври 1941 година започнало вооруженото востание против окупаторот, во Прилеп следниот ден имало апсења од страна на полицијата. Гаврилоски бил уапсен и брутално мачен. Еден месец по излегувањето од затвор, поради атентатот на Коце Ќурчија, Гаврилоски повторно бил уапсен, но овој пат одлежал во Битола.
По пуштањето од затвор, од Месниот комитет добил препорака да дејствува на село. Тогаш го добил прекарот Јане и дејствувал во Поречието. Одвреме навреме одел во Прилеп да реферира, да добива директиви и да испраќа извештаи. Откако во поречките села била воспоставена добра организација, Гаврилоски бил испратен во селата југозападно од Прилеп, во пелагониските села до крушевско и битолско. Одржувал врски со одредот „Димитар Влахов“ и учествувал во борби околу селата Дреновци, Горно Село и Дабница. Од 16 септември 1942 година преминува комплетно во илегала и дејствува во партизанските одреди.
Eсента 1943 година бил избран и за член на Вториот областен комитет на КПМ во Битола. За време на првото ослободување на Кичево, во септември 1943 година, станал секретар на Срескиот комитет во Кичево.
Смрт[уреди | уреди извор]
Ноќта на 8 кон 9 мај 1944 година во Прилеп остварил средба со Круме Волнароски и со други делегати, со цел да се создаде фронт за ослободување на Македонија. По средбата Гаврилоски и Волнароски останале во куќата, каде што бил состанокот.[2] Бугарската полиција дознала за средбата и ја опколила куќата. По повиците да се предадат или куќата ќе биде запалена, Гаврилоски и Волнароски решиле да се борат до крај. Волнароски бил погоден на куќниот праг, но Гаврилоски не се предавал и извикувал антифашистички пароли. Куќата била запалена, а Гаврилоски низ пламените пукал кон полицијата. Последниот куршум го чувал за себе.[3]
За нивната смрт е обвинета и осудена на смрт Вера Ѕвездова, која ги предала Кире Гаврилоски и Круме Волнароски на бугарските власти. Смртната пресуда на Воениот суд на Битолската воена област над неа е извршена во пролетта 1945.
Поврзано[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Димитар Димески, „Подвигот на Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски-Коле, 1944 година“, Годишен зборник на Филозофскиот факултет, 36 (1983).