Орце Николов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Orce Nikolov.jpg
Роден 7 јануари 1916
Скопје
Починал 4 јануари 1942(1942-01-04) (воз. 25 г.)

Јордан „Орце“ Николов (Скопје, 7 јануари 1916 - 4 јануари 1942) — македонски комунист, народен херој. Бил еден од организаторите и раководителите на работничкото движење во Македонија и член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија.[1]

Роден е во Скопје, во работничко семејство.[2] Го изучил кројачкиот занает и станал активист на УРС-овите синдикати.[3] Во 1935 година станува член на КПЈ. Го отслужува воениот рок во 1937 - 1938 година во Загреб. По враќањето од војска повторно се вклучува во активностите УРС-овите синдикатите и заедно со Цветан Димов ја предводи подружницата на шивачките работници.

Во есента 1938 година, по негова иницијатива е организирана акција за запишување доброволци за одбрана на Чехословачка.

Во есента 1939 година, во согласност со решението на КПЈ за засилување на мобилизацијата во Македонија, кога во Македонија доаѓа и Светозар Вукмановиќ - Темпо, во Скопје го затекнува Орце Николов како секретар на Месниот комитет на КПЈ и член на Покраинското раководство на КПЈ за Македонија. Тој организира повеќе штрајкови на работниците во Скопје, Тетово, Гостивар, Прилеп, Куманово и други градови.

Во август 1940 година Орце Николов учествува во организирањето на масовната екскурзија на работниците и други граѓани на Илинден во Скопје и на политичките демонстрации за Илинден. На 9 август 1940 година паднал во полициска заседа пред неговата куќа. Во септември тој, со уште тројца уапсени, е доведен во Белград, во истражниот затвор на Ада Циганлија, а оттаму во Велика Кикинда. Таму стапува во штрајк со глад за подобрување на положбата на затворениците. Кон средината на ноември изведен е пред судот за заштита на државата во Белград, каде што е осуден на две години строг затвор. Испратен е во затворот во Сремска Митровица, од каде бега на 22 август 1941 година, заедно со поголема група затворениците меѓу кои се и Бане Андреев и Богоја Фотев.

По бегството, му се приклучува на Фрушкогорскиот партизански одред, а на почетокот од октомври 1941 година оди во Ужице, каде по одлука од Врховниот штаб, сите комунисти - бивши затвореници се јавуваат на Врховниот штаб. Орце Николов таму добил задача да се пробие во Македонија, каде што се вршеа подготовки за создавање на првите партизански одреди.

На 27 октомври Николов со една група Македонци заминува за Македонија. Во околината на Лесковац чека да му бидат испратени фалсификувани документи за да може полесно да ја помине демаркационата линија низ територијата окупирана од Бугарија. Во првиот обид да ја премине граница, во декември 1941 година, не успеал, и се вратил назад. При вториот обид, ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, во пробивањето низ демаркационата линија Орце Николов загинува при заседа на бугарскиот окупатор на планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владичин Хан, Србија.

Во текот на НОВ, кумановскиот баталјон, формиран во декември 1943 година, го носеше неговото име.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Народни хероји Југославије“, „Младост“, Београд, 1975.
  2. Анита Димова „На прагот на својата Македонија“
  3. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1050 стр.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Милош Константинов, Митре Инадески „Јордан Николов - Орце: прилог кон биографијата“, Архив на Скопје, Скопје, 1984.