Кукавица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кукавица
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Кукавицовидни
Семејство: Cuculidae
Род: Cuculus
Вид: Кукавица
Научен назив
Cuculus canorus
Карл Лине, 1758

Кукавицата (Cuculus canorus) е птица преселница која летото го минува широко распространета во Европа и Азија, а зимува во Африка. Ја има и во Македонија. Нејзиното пеење го означува почетокот на пролетта. Позната е по својот „одгледувачки паразитизам“, односно по тоа што јајцата ги несе во туѓи гнезда и младенчињата ги одгледуваат други птици, најчесто обичното попче, ливадската треперка и трскарот рогозар.

Распространетост

Таксономија[уреди | уреди извор]

Името на кукавицата е ономатопејско имитирање на нејзиното пеење (ку-куу ку-куу). И биномниот назив е добиен на истиот начин од латинското cuculus (куку) и canorus (пеење).[2][3]

Има четири подвида кукавици:[4]

Опис[уреди | уреди извор]

Во лет

Кукавицата е долга 32 - 34 см од клунот до опашката, а само опашката е долга 13-15 см. Распонот на крилјата e 55 - 60 см.[3] Нозете ѝ се кратки.[5] Кукавицата е сивкаста со тенко тело и долга опашка и може да се помеша со сокол во лет, кога замавите со крилјата се редовни. За време на сезоната на парење, кукавицата често се сместува на отворено повисоко место со спуштени крилја и крената опашка [5] Повремено кај женките може да се појави боја на ’рѓа по перјето, но тоа е почесто кај младенчињата.[3]

Возрасните мажјаци се сиви одозгора и сивата боја се проширува до долните делови кои се со остро изразени линии.[6] Очите, коренот на клунот и нозете ѝ се жолти.[5] Возрасните женки имаат розовокремаст грб, освен страните и вратот, и понекогаш такви мали точки по пердувите на крилјата.[6]

Всушност, постојат два малку различни облици на овој вид. Покрај разликите во бојата, едниот е малку посив, другиот малку покафен, се разликуваат и по бојата на очите, коренот на клунот и кожата околу очите. Оваа боја кај сивите кукавици е жолта, а кај другите е кафеавкаста. Нозете на сите им се жолти, а клунот сив.[5]

Кукавиците се митарат двапати годишно, делумно во лето и целосно во зима.[6] Мажјаците тежат околу 130 грама, а женките 110.[2]

Мимикрија на кукавицата која личи на јастреб врапчар
Мажјакот го имитира јастребот врапчар да ѝ даде време на женката да го снесе јајцето

Една студија со користење на модели со полнети птици докажува дека малите птици поретко приоѓаат на кукавиците што личат на јастреб, со пругасти долни делови, а помалку се плашат од останатите видови и може да ги нападнат, односно од нив да се бранат. Затоа, за кукавиците е подобро да личат на јастребите зашто така полесно му приоѓаат на гнездото на помалата птица која е потенцијален домаќин (за јајцето на кукавицата).[7] Повикот (ку-куу) мажјакот го прави од повисоко отворено место. За време на сезоната на парење, типично, мажјакот кука во интервали од 1-1,5 секунда, 10 до 20 пати, со мали паузи помеѓу. Женките имаат гласен кркораст повик. [3] Песната започнува како опаѓачка мала терца на почетокот на сезоната за парење, во април, а потоа интервалот се проширува како што сезоната напредува, додека во јуни, кукавицата речиси ја заборава својата песна и се огласува со други звуци во нагорни интервали.[8]

Поведение[уреди | уреди извор]

Исхрана[уреди | уреди извор]

Кукавицата се храни претежно со инсекти, ларви, а понекогаш и со јајца и пилиња.

Размножување[уреди | уреди извор]

Cuculus canorus canorus + Acrocephalus arundinaceus
Cuculus canorus bangsi + Phoenicurus moussieri
Трскар рогозар го одгледува младенчето на кукавицата

Кукавицата е одгледувачки паразит - ги несе јајцата во туѓи гнезда. Во определниот момент, женката кукавица слетува во гнездото на „домаќинот“, турка едно јајце и го снесува своето. Целиот процес трае десетина секунди. За време на сезоната на парење, женката може да посети над 50 гнезда.[2]

Јајцата и пилињата[уреди | уреди извор]

Има над 100 домаќини кои ги одгледуваат пилињата на кукавицата, но во Европа најчести се: обичното попче, ливадската треперка и трскарот рогозар.[3] Женката кукавица бира домаќин кој има слични јајца по боја и дезен. Откако мајката ќе го остави јајцето во туѓото гнездо, таа не се грижи повеќе за него. Кукавицата може да го чува јацето во себе и 24 часа, на тој начин инкубирајќи го уште пред да биде снесено. Малите на кукавицата се изведуваат порано од другите пилиња и имаат инстинкт да ги турнат другите јајца од гнездото. Понекогаш, птицата - домаќин е многу поситна од кукавицата и „родителот“ на малото кукувиче треба да работи многу напорно за да го исхрани гигантското бебе, мислејќи го за свое. На возраст од 14 дена пилето е трипати поголемо од родителот.

Во културата[уреди | уреди извор]

  • Во Европа, песната на кукавицата го означува почетокот на пролетта.[3]
  • Кукавицата е употребена во ѕидните часовници, како механичка птичка што излегува од куќичката и го имитира звукот на птицата, на секој час, соодветен број кукнувања за часот.
  • Еден од најдобрите и најнаградените филмови на сите времиња „Лет над кукавичјото гнездо“, направен според истоимениот роман на Кен Кисеј, одлично ја претставува симболиката на кукавицата и нејзиното поведение со потомството преку ликовите сместени во психијатриската установа.
  • „Кукавицата и орелот“ — басна на Иван Андреевич Крилов.[9]
  • „Кукавица!“ - песна на македонските музичари Елена Христова и Горан Трајковски од 2011 година.[10]
  • „Серенада за една кукавица“ (англиски: Serenade To A Cuckoo) - песна на британската рок-група „Џетро тал“ (Jethro Tull) од 1968 година.[11]

Статус[уреди | уреди извор]

Иако глобалната популација на кукавиците се чини дека е во опаѓање, таа е класифицирана во најмалку загрозен вид од страна на Меѓународниот сојуз за заштита на природата. Се проценува дека видот брои помеѓу 25 милиони и 100 милиони во светот, со околу 12.600.000 до 25.800.000 во Европа. [1] Максималниот животен век забележан до сега е 6 години, 11 месеци и 2 дена.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Cuculus canorus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Robinson, R. A. (2005). „Cuckoo Cuculus canorus. BirdFacts: Profiles of Birds Occurring in Britain & Ireland. British Trust for Ornithology. BTO Research Report 407. Посетено на 12 August 2011.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Snow, D. W.; Perrins, C. (1997). The Birds of the Western Palearctic (Abridged. изд.). Oxford University Press. ISBN 0-19-854099-X.
  4. „Common Cuckoo (Cuculus canorus)“. Internet Bird Collection. Lynx Edicions. Архивирано од изворникот на 2013-04-17. Посетено на 20 August 2011.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Mullarney, K.; Svensson, L.; Zetterstrom, D.; Grant, P. (1999). Collins Bird Guide. HarperCollins. стр. 204–205. ISBN 0-00-219728-6.
  6. 6,0 6,1 6,2 Baker, K. (1993). Identification Guide to European Non-Passerines. British Trust for Ornithology. стр. 273–275. ISBN 0-903793-18-0. BTO Guide 24.
  7. Welbergen, J.; Davies, N. B. (2011). „A parasite in wolf's clothing: hawk mimicry reduces mobbing of cuckoos by hosts“. Behavioral Ecology. 22 (3): 574–579. doi:10.1093/beheco/arr008.
  8. Barrett, M. (1897). „The Cuckoo's Notes“. The Musical Times and Singing Class Circular. 38 (656): 697. doi:10.2307/3367962. JSTOR 3367962.
  9. Басни (избор). Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2009, стр. 24.
  10. Elena Hristova, Goran Trajkoski, Bioscopia, SJF Records 131, 2011.
  11. Discogs, Jethro Tull ‎– This Was (пристапено на 9.12.2020)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]