Стефан Наумов-Стив

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Стефан Наумов - Стив)
Прејди на: содржини, барај
Stefan Naumov-Stiv.jpg
Роден 27 октомври 1920
Битола
Починал 12 септември 1942(1942-09-12) (воз. 21 г.)
Болно, Преспанско

Стефан Наумов - Стив (Битола, 27 октомври 1920 - 12 септември 1942) — македонски комунист, учесник во НОВ, народен херој на Југославија.

Рани години[уреди | уреди извор]

Стив Наумов потекнува од печалбарско семејство. По завршувањето на гимназијата во Битола, во 1938 година се запишал на Техничкиот факултет во Белград, каде што веднаш му пристапил на напредното работничко движење, поради што често бил затворан. Во 1939 година станал член на КПЈ, а по враќањето во Битола, во септември 1940 година бил избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ за Битола.[1]

Учеството во Народноослободителната војна[уреди | уреди извор]

Статуа на Стефан Наумов - Стив во Битола

Во април 1942 година, Стив Наумов учествувал во формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“. На 6 мај 1942 година во Битола го убил бугарскиот областен полициски началник.[2] Во јуни 1942 година станал член на Оперативниот штаб на Главниот штаб на партизанските одреди во Македонија.

Есента истата година, Стив Наумов заминал на партиска задача во Преспа каде, на 12 септември 1942 година, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубил, заедно со неговиот соборец, народниот херој Мите Богоевски. Потоа, бугарската војска ги изложила нивните тела во селото Болно за да ги распознаат роднините на Мите, при што, двете тела биле фотографирани од страна на бугарската војска. Потоа, двајцата биле закопани во близина на местото каде што загинале, но бидејќи локалното население започнало да ги посетува гробиштата, бугарските војници ги откопале телата, ги оставиле покрај реката за да се распаднат, а потоа ги однеле во непозната насока.

По Втората светска војна, на партизанските гробишта во Битола бил подигнат гроб на Стив Наумов, но тој останал празен. Во алејата на партизаните се наоѓа и гробот на неговиот брат Ѓорги Наумов (1914-1942), кој бил обесен во скопскиот затвор.[3]

Почести[уреди | уреди извор]

Една година по неговата смрт, Битолскиот баталјон, формиран на 11 ноември 1943 година во леринското село Винени, бил наречен по него.

Во негова чест, денес три основни училишта го носат неговото име, во Битола, Скопје и Пласница. Во Битола има и спомен-куќа посветена на неговиот живот и дело.

Зафир Хаџиманов и Сенка Валетанлиќ испеаја песна за него насловена „Песна за Стив Наумов“.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Народни хероји Југославије“, „Младост“, Београд, 1975.
  2. „Хронологија на народно ослободителната борба на Македонија 1941-1945“, Сојуз на здруженијата на борците од НОВ на Македонија“, Скопје, јуни 1970, 28 стр.
  3. Жанета Здравковска, „Мајката на Стив Наумов умре плачејќи на празен гроб“, Дневник, број 5291, година XVII, среда, 16 октомври 2013, стр. 12.
  4. „Песна за Стив Наумов“, текст и музика, pesna.org

Литература[уреди | уреди извор]

  • Ѓорѓи Димовски-Цолев, „Стеван Наумов-Стив“, Скопје, 1971.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]