Богоја Фотев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Богоја Фотев
Богоја Фотев.jpg
Претседател на Президиумот на Народното Собрание
На должноста
1947–1951
Претходник Димитар Несторов
Наследник Видое Смилевски
Лични податоци
Роден(а) 14 август 1900
Герман (Леринско), Отоманска Империја Ottoman flag.svg
Починал(а) 27 јануари 1993
Бистрица (Битолско), Република Македонија Flag of the Republic of Macedonia (1992–1995).svg

Богоја (Благоја) Наумов Фотев (с. Герман, Леринско, 14 август 1900 - с. Бистрица, 27 јануари 1993) е македонски комунист, учесник во НОВ и повоен политичар.[1] Носител е на Партизанска споменица 1941.[2]

Биографија[уреди | уреди извор]

Биста на Богоја Фотев во Битола

Во септември 1914 година Богоја Фотев со семејството се преселува во селото Бистрица, Битолско. Во пролетта 1924 година заминува на печалба во САД, каде останува две години, работејќи во сојузните држави Мичиген, Илиноис, Охајо и Пенсилванија. Есента 1926 година се враќа во Македонија. На општинските избори во село Буково во 1933 поднесува своја кандидатска листа за избор на општински одбор, но власта го спречува во тоа.

Се вклучува во МАНАПО и се зачленува во Комунистичката партија и е основач на Месниот комитет на КПЈ за Битола. На 6 ноември 1940 година Фотев е уапсен во склоп на провалата во битолската организација. Осуден е на петгодишна затворска казна. Окупацијата на Југославија ја дочекува во затворот во Сремска Митровица, каде, заедно со другите затвореници, на 22 август 1941 година успева да побегне. Пристапува во Фрушкогорскиот партизански одред. При обид да се пробие кон Македонија, во март 1942 година е фатен од бугарската полиција. Во јули 1942 е ослободен поради недостиг на докази. Во летото 1943 година е затворен повторно, интерниран во Бугарија и се враќа во Македонија кон крајот на 1943 година. Набрзо заминува во партизани и пристапува на Првата македонско-косовска ударна бригада.

Станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ. Избран е во Президиумот на АСНОМ како прв повереник за финансии. На Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 година е избран за повереник за земјоделство, а во април 1945 година, при изборот на првата влада на НР Македонија, е избран за министер за земјоделство и шумарство. На таа функција останува до април 1946 година, кога ја презема функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание, по оставката на таа функција на Методија Андонов - Ченто.[3] Ја врши таа функција до 1950 година. На изборите одржани на 3 декември 1950 година е избран за народен пратеник во осмата изборна единица на Битолската околија, но набрзо е принуден да поднесе оставка по својот избор.

По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото Фотев се колеба помеѓу советската и југословенската позиција. Соочен со таа дилема, посега по својот живот, но сепак не успева да се самоубие. Паѓа во немилост кај партиското раководство на чело со Лазар Колишевски и е сменет од функцијата и пензиониран. На почетокот на 1951 година, заедно со својата сопруга, се враќа во селото Бистрица.

На својот 90-ти роденден во 1990 година ја прифаќа партиската рехабилитација и станал член на СКМ-ПДП.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристески, Блаже (2004). Ченто и македонската државност: Зборник на трудовите од научниот собир по повод 100-годишнината од раѓањето на Методија Андонов-Ченто, одржан во Скопје на 16 и 17 дек. 2002. Скопје: МАНУ. ISBN 9989101310. 
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1564 стр.
  3. Министерство за финансии

Литература[уреди | уреди извор]

  • Александар Крстевски - Кошка „Богоја Наумов Фотев (1900-1993)“, Скопје, 1998.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]