Круме Волнароски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Круме Волнароски
Krume Volnaroski.jpg
Роден Круме Волнароски
1909
Прилеп
Починал 9 мај 1944
Прилеп
Националност Македонец
Познат народен херој, активист на НОБ, комунист
Занимање трговец
Сопружник Даница Волнароска
Татко Ицко
Мајка Арсена
Деца 1 син (1938) и 1 ќерка (1940)

Круме Ицков Волнароски, познат како Коле или Коља ( 1909 во Прилеп9 мај 1944 во Прилеп) — македонски партизан, припадник на работничкото и комунистичкото движење межу двете светски војни, учесник во НОВ и народен херој на Југославија од Македонија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Биста на Круме Волнароски на Могилата на непобедените во Прилеп

Рано детство[уреди | уреди извор]

Круме Волнароски е роден во 1909 година во Прилеп, тогашно Отоманско Царство. Круме бил едно од петте деца на Арсена и Ицко Волнароски.

Основното образование го завршил во локалното училиште со одличен успех и се запишал во гимназија. Средното образование исто така го завршил со солиден успех, а особен интерес покажал за математика. Уште од мали нозе Круме помагал во дуќанот заедно со неговиот вујко Цветан, особено кога неговиот татко имал работа подалеку. Иако сакал да го продолжи своето образование, неговите не му го допуштиле тоа. Наместо тоа, тие го пратиле да работи како трговец кај трговското семејство Попевци. Како младо момче покажал особен интерес кон физичката активност и често посветувал време за физички активности.[2]

Активизам[уреди | уреди извор]

Својот воен рок го отслужувал во Вршац, Србија, во периодот кога кралот Александар Караѓорѓевиќ на 6 јануари 1929 година извршил државен удар во Кралството Југославија. Во тој период започнал да размислува на политички план. Така, Круме Волнароски зел активно учество во изборната кампања во 1935 година. Во меѓувреме, во Битола, каде бил испраќам како трговец, се запознал со неговата идна сопруга Даница и се венчале во 1937 година.[2]

Поради своите активности во политиката и активизмот на Здружената опозиција, тој во 1938 година бил прогласен за најакивен пропагандист на идејата. Тој бил и еден од потписниците Методија Андонов Ченто да биде на списокот на Здружената опозиција.[2]

Во 1940 година Круме Волнароски зел активно учество во вежбите во Кичево. На професионален план, Круме имал одлична соработка со Ченто и тие ги здружиле трговиите. Ченто имал ан, а Круме бакалница. Тогашните локални власти се посомневале дека во анот и бакалницата се собираат антифашисти.[2]

По нападот на Нацистичка Германија врз СССР, Круме и Ченто пуштиле проглас на ПК на КПЈ за Македонија низ Прилеп. Тоа било проследено со апсење и тортура. Тие биле ослободени откако не признале ништо за нивниот политички активизам.[2]

Како симпатизер на КПЈ, активно учествувал во собирањето Црвена помош. Станал член на КПЈ во 1941 година и работел во Партиската техника на МК на КПЈ во Прилеп, а како илегалец во 1942 и 1943 година во прилепските села собирал народна помош и формирал воени комитети и НОО.

Во неговата куќа имал изградено солидна скривница. Во скривницата се формирала помошна техника. Круме имал задача да слуша радио-вести, да ги пишува со рака бидејќи имал убав ракопис и да ги испраќа истите на печатење. Сите вести на билтенот „Народен глас“ од 1942 година биле од Круме.[2]

Во 1943 година имал задача да оди по прилепските села и да формира народноослободителни одбори. Оваа задача ја завршил со особен голем успех во рок од 3 месеци. Во тој период формирал мрежа на одбори во Коњаријата и Тополчанско. Тој се стекнал со големи симпатии меѓу луѓето. Поради овој успех, тој станал секретар на ОК на КПМ, во периодот на 1943/1944 година. Како негова помош му пристигнал Кире Гаврилоски.[2] Со голем успех и активност Круме зел учество во Богомилскиот поход, а особено при дејствата во февруари 1944 година на Првата македонско-косовска ударна бригада. Најголем дел од своето делување го поминал на терен.[2]

Круме учествувал во активностите за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ.

Смрт[уреди | уреди извор]

Споменик на местото на загинување на Кире Гаврилоски и Круме Волнароски

Ноќта на 8 кон 9 мај 1944 година Круме и Кире Гаврилоски биле во куќата на Милан Милисавлевски. Во куќата се собрале сите кандидати за првите народни пратеници на Македонија. Таму останале цела ноќ. По вечерниот состанок, утрото делегатите започнале да заминуваат кон своите дотогашни локации, а Гаврилоски и Волнароски останале во куќата каде што бил состанокот. На заминување, еден од овие делегати (Генади Лешко) е запрен од Вера Ѕвездова, која почнала да се распрашува за престојот на Лешко во градот. Иако Лешко негирал било каква поврзаност, Ѕвездова упорно му тврдела дека тој таму прави нешто. Потоа му кажала „да останете уште малку“ и му дала сигнал на едно дете, кое веднаш се стрчало во сокакот. Така Генади Лешко решава да оди кон дуќанот на една од партизанските врски. Таму ја известува врската за настанот со Ѕвездова и предупредува дека можеби ќе дојде до провала, со цел борците да бидат итно предупредени! Ова предупредување стигнува до нив кон 13 часот и Волнароски и Гаврилоски одлучуваат да се префрлат уште денски во друг стан. Префрлањето никогаш не го реализирале.[3]

Околу 15 часот бугарската полиција го опколува маалото каде се наоѓа куќата каде се криеле партизаните. Во куќата е и Цветанка Наскова која пробала да ги скрие и да им помогне. Групата со помош на Наскова се обидела да изведе трик дека избегале, но овој не поминал успешно кај полицајците кои знаеле дека тие се на таванот. Престрелката на почетокот била слаба со цел борците да бидат фатени живи од полицијата, а тие добиле и понуди дека ќе им бидат дадени слободен премин во Бугарија и награда од милион левови ако се предадат и кажат се што знаат. Гаврилоски и Волнароски решиле да се борат до крај. Бугарската полиција пак им наредила да се предадат, а во тој момент извикал:[2]

Титовите борци не се предаваат на фашистички гадови... Да живее слободна Македонија.... Да живеат славните партизански бригади.[2]

Куќата била запалена но борците продолжиле храбро да стрелаат од неа и покрај пламенот. Паралелно тие пееле и извикувале разни антифашистички пароли, во кои особено се истакнал Волнароски. Тој, откако сфатил дека во пожарот ќе се сруши кровот, истрчал низ вратата сакајќи да го пробие обрачот, но бил покосен пред самиот праг на куќата. Гаврилоски најверојатно се самоубил пред да биде проголтан од огнените јазици во пламената куќа.  Последниот куршум го чувал за себе.

Ѕвездова била блиска до СКОЈ и партизанското движење, но била рано омажена и веќе разведена на 22 годишна возраст. Според архивите, еден бугарски агент и станува љубовник на Ѕвездова, која сама признала дека преку едно дете пратила порака за локацијата на партизаните. Вера потоа отишла кај љубовникот на сестра си и му го признала предавството со цел да им даде насока да побегнат. За да се заташка нејзината улога во провалата, таа била затворена се до месец јуни, но народот сепак бил сомничав за нејзините активности. Така е однесена во Битола, каде повторно имала афери со бугарски воени лица. При крајот на војната таа пробува да пребега за Бугарија преку Прилеп, но е фатена и заробена од партизаните при ослободувањето на градот во септември 1944 година. Ислушана е од страна на истражен судија и е разгледуван нејзиниот случај. На 13.02.1945 година од страна на Воениот суд во Битолската воена област е осудена на смрт. Вишиот воен суд - Совет при ГШ на НОВМ ја потврдува оваа пресуда. Пресудата е извршена пролетта 1945 година. [3]

Прогласен е за народен херој на Југославија на 11 октомври 1953 година[2] и во негово име се именувани училишта и улици.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. д-р Стојан Киселиновски и др. (2000). Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. стр. 114. ISBN 9989-624-46-1. Недостасува |author1= (help)
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 Народни херои од Македонија, Наша книга, Скопје, 1973 г., стр. 83-89
  3. 3,0 3,1 Димески, Димитар (1983). ПОДВИГОТ НА КИРЕ ГАВРИЛОВСКИ-ЈАНЕ И KPУME ВОЛНАРОСКИ-КОЛЕ, 1944 ГОДИНА (PDF). Скопје: Годишен зборник на Филозофскиот факултет - Скопје. стр. 33–63.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Народни хероји Југославије. „Младост“, Белград 1975. година.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]