Перо Георгиевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Перо Георгиевски
Роден на 1918
Роден во Куманово, Кралство СХС
Починал на 14 октомври 1941
Починал во Белановце, Кумановско, Окупирана Македонија, Царство Бугарија
Професија шивач

Член на КПЈ од 1934

Перо Миланов Георгиевски - Чичо (Куманово, 1918 - кај с. Белановце, Кумановско, 14 октомври 1941) — македонски комунист, учесник во НОВ. Прогласен е за народен херој на Југославија на 11 октомври 1951 година.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Георгиевски е роден во Куманово во 1918 година во занаетчитско семејство. Завршил занаетчиско училиште во 1932 година. Бил шивачки работник. Како член на СКОЈ (од крајот на 1933) и на КПЈ (1934), бил член на Месниот комитет на КПЈ во Куманово во перидот од 1934 до 1936 година, член на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија (1935) и секретар на Работничкото културно-уметничко друштво „Абрашевиќ“ во Куманово од 1935 година. Тој се јавувал и како еден од организаторите на честите работнички штрајкови во Куманово, а во еден момент успеал да одржи говор на говорница, по што веднаш бил уапсен. Во притворот бил мачен и тепан. Во 1936 година бил раководител на Одборот за собирање помош за учество во Шпанската граѓанска војна, а поради апсење во 1937 година не успеал и самиот да замине. Второто лежење во затвор било подолготрајно.

По отсложувањето на воениот рок, тој станал секретар на МК на КПЈ во Куманово, каде ја извршувал функцијата до 12 октомври 1941 и член на ПК на КПЈ за Македонија. Во јануари 1941 по враќање од партиски состанок, тој бил следен од полиција и бил уапсен. Во затвор поради немање на докази бил пуштен по 2 месеци. Во март 1941 дошло до судир со Методија Шаторов поради неговиот опортунистички став за организирањето на демонстрации на 27 март. Затоа тој самиот ги предводел Мартовските демонстрации во Куманово на 27 март 1941 година. На 12 октомври е назначен за политички комесар на Карадачкиот партизански одред. Загинал два дена подоцна, на 14 октомври, во борба со бугарската војска и полиција.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 351 стр.