Цветан Димов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Цветан Димов

Цветан Димов (Скопје, 5 март 1910[1] - Скопје, 9 јули 1942) — македонски синдикалец, комунист и учесник во НОБ. Заедно со Орце Николов бил еден од најистакнатите организатори на работничкото и комунистичкото движење во Скопје. По Ослободувањето, на 29 јули 1945 година, е прогласен за народен херој на Југославија.

Биографија[уреди | уреди извор]

Пред Втората светска војна работел како шивач и истакнат работнички организатор во Скопје, организирајќи разни штрајкови. Во 1926 е примен за член во СКОЈ, од 1928 година бил синдикален активист, а во 1933 година станал член на КПЈ. Во 1936 година е член на Меѓуструковиот синдикален одбор на Скопје. Бил член на Месниот комитет на КПЈ, на Покраинскиот комитет на КП во Македонија (од летото 1939 година) и секретар на Покраинскиот одбор на Црвената помош (1939).

По окупацијата на Македонија во Втората светска војна, Димов учествувал на партиското советување, што се одржа на 22 јуни 1941 година во Козле. Активно учествувал во организирањето и спроведувањето на Илинденските демонстрации во 1941 година.

Како секретар на МК на КПЈ во Скопје (од почетокот на 1942), работел на формирањето на Вториот скопски партизански одред, до што дошло на 17 април 1942 година. Кон крајот на мај 1942 година влегува во составот на Привремениот покраински комитет на КПЈ за Македонија. Но, набрзо, во почеток на јули, по една провала е уапсен и, по тешки измачувања, бил фрлен од прозорец од бугарските фашисти во Обласната полициска управа во Скопје. Набрзо починал во во бессознание во затворското одделение на скопската болница.

Во негова чест, денес едно основно училиште и едно средно училиште во Чаир го носат неговото име. Во 1968 година куќата во Чаир, на улица „Јајце“, во која живеел и работел Цветан Димов, била прогласена за културно наследство,[2] но денес оваа куќа повеќе не постои.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 471 стр.
  2. Крсто Здравковски „Да не се заборави“ - Скопје, 1982, 76-77 стр.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Митре Инадески, „Цветан Димов“, Скопје, 1981.