Порече во НОБ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Формирање на Поречката бригада
Споменик на паднатите борци во Македонски Брод

Порече и Поречието во НОБ се вклучиле уште во 1943 година. Одиграле клучна улога во борбата против фашизмот, посебно што на територијата на Порече биле оформени партизански одреди и една бригада.

Позадина[уреди | уреди извор]

Местоположбата на Порече, слабите комуникациски врски, и теророт што го спроведувала бугарската војска, влијаеле на тоа во Поречието организираниот отпор да биде слаб. Голем број селани се криеле по шумите, а дел се приклучиле на организацијата предводена од Војче Трбиќ. Таа четничка организација единствено дејствувала во тој реон, а селаните се приклучувале не поради идеолошката припадност кон неговата организација, туку заради личната безбедност и желбата за вооружен отпор против бугарската војска.[1]

Во текот на есента 1943 година, Кире Гаврилоски дошол во с. Ропотово со цел да оформи реонски комитет во Брод, а цел на комитетот била да оформи селски револуционерни комитети во селата низ Порече. На 17 септември 1943 година Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“ влегол во селото Црешнево, каде командантот Стоилко Ивановски-Планински одржал говор пред насобраните селани. Со цел да се активира народноослободителното движење во Порече и Азот, окупирани од бугарските сили, ГШ на НОВ и ПОМ донел решение Првата македонско-косовска ударна бригада да дејствува во правец на овие територии. Така, на 21 ноември 1943 година бригадата тргнала во правец на Порече, но била принудена да се врати на слободната територија.[2]

За време на Февруарскиот поход, во секое село биле добро прифатени партизанските единици кои минувале низ територијата на Порече, а голем број од населението и се приклучило на партизаните.

Во текот на НОБ[уреди | уреди извор]

Првиот поречки партизански одред бил формиран на 12 мај 1944 година. Воен командант бил Никола Макеларски, а политички комесар Бранислав Шикиќ.[3] На 24 август 1944 година во селото Боровска брезница била формирана Поречка народноослободителна бригада, во која влегле борци од четничката единица и борци од Прилепската бригада. Ноќта на 6 септември 1944 година бригадата учествувала во борби со бугарската војска кај преминот Барабас, а на 7 септември, влегле во Брод без борба. Со борбите на Барабас завршиле борбите за ослободување на Порече, со што била создадена слободна територија речиси по целиот тек на реката Треска, односно цела територија на Порече. По ослободување на Порече и Брод, Поречката бригада на 10 септември 1944 година учествувала во борбите за ослободување на Прилеп, а кон крајот на септември учествувала во разбивање на балистичките сили во реонот на Кичевско. Најжестоките борби биле водени на 24 и 25 октомври 1944 година на Сува Гора, каде имало 14 загинати, 39 ранети и 16 исчезнати борци.[4] Поречани учествувале во акциите за ослободување на Кичево, на 15 и 16 ноември 1944 година, како и Гостивар и Тетово.

Поречани во голем број биле дел од македонските бригади, не само во Поречката бригада, туку и во Првата македонско-косовска ударна бригада и Шестата македонска ударна бригада. Сепак, најголемиот број борци од Порече формациски влегле во составот на Петнаесеттиот македонски корпус, кој бил испратен на Сремски фронт.

Во текот на НОБ, во Порече загинале 195 поречани.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. М-р Цуте Крајчевски: „Порече (1943-1945)“, Скопје, 2017, ДАРМ, стр. 21
  2. М-р Цуте Крајчевски: „Порече (1943-1945)“, Скопје, 2017, ДАРМ, стр. 18
  3. М-р Цуте Крајчевски: „Порече (1943-1945)“, Скопје, 2017, ДАРМ, стр. 36
  4. М-р Цуте Крајчевски: „Порече (1943-1945)“, Скопје, 2017, ДАРМ, стр. 52
  5. М-р Цуте Крајчевски: „Порече (1943-1945)“, Скопје, 2017, ДАРМ, стр. 57