Петре Пирузе

Од Википедија — слободната енциклопедија
Петре Пирузе
Петре Пирузе
Роден/а5 мај 1907
Охрид
Починат/а12 јануари 1980(1980-01-12) (возр. 72)
Охрид, СР Македонија, СФРЈ

Петре Пирузе - Мајски (Охрид, 5 мај 1907 – Охрид, 12 јануари 1980) — македонски комунист, учесник во НОБ и прв повереник (министер) за правосудство на федерална Македонија. Подоцна, поради прифаќањето на Резолуцијата на Информбирото, Пирузе е затворен на Голи Оток. Ја поддржувал идејата за обединување на Македонија, во рамки на постоечката југословенска федерација, или во состав на некоја идна Балканска федерација.[1]

Пред Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Петре Пирузе завршил основно училиште и гимназија во Охрид. Потоа се запишал на Воената поморска академија во Дубровник, но по една година ги напуштил студиите. Во 1930 година заминал на студии во Белград, каде се запишал на Правниот факултет. Таму активно се вклучил во студентското и комунистичкото движење. Во 1936 година, по завршувањето на студиите, се вратил во Охрид при што најпрвин работел како судски приправник во Ресен, а потоа се вработил како адвокатски приправник кај Илија Коцаре. Заедно со други напредни интелектуалци, учествувал во формирањето на МАНАПО. Во склоп на своето делување во МАНАПО, Пирузе се вклучил во активностите на Земјоделската партија. Меѓу другото, на 20 јуни 1939 година, тој одржал говор на митингот на Земјоделската партија во Охрид, на кој зборувал на локалниот дијалект, наместо на официјалниот српски јазик.

Уште пред војната, Пирузе активно се вклучил во студентското движење на белградскиот универзитет. Членувал во студентската колонија во Охрид, а бил голем другар, пријател и сопартиец со Кузман Јосифовски Питу.

Во пролетта и летото 1940 година, Пирузе бил мобилизиран како поручник на тогашната југословенска војска. Пролетта 1941 година, по нападот врз Југославија, тој бил испратен на фронтот во Ќафасан, каде се борел до капитулацијата на Југославија.

НОБ[уреди | уреди извор]

По капитулацијата на Кралството Југославија, Пирузе се вратил во Охрид. Притоа, тој станал член на КПЈ и на 15 мај 1941 година, кога дошло до обновување на месното раководство во Охрид, на негово чело застанал Пирузе.

Обвинителниот акт на бугарските окупатори против Петре Пирузе.
Список на обвинетите и сведоци (предавници) составен од бугарските окупатори против членовите на КПМ.

На 20 октомври 1941 година, охридската организација на КПЈ била пробиена, по што бугарските власти на 26 и 27 ноември во Охрид одржале судски процес против уапсените комунисти. Од вкупно 27 уапсени комунисти, 15 биле обвинети, а од нив, само 5 биле осудени, меѓу кои тројца во отсуство. Помеѓу обвинетите бил и Пирузе, кој во отсуство бил осуден на смрт со бесење.[2] Соочувајќи се со смртна казна, Пирузе бил принуден да премине во илегала така што заминал на територијата под италијанска окупација, во Дебрца, каде се вклучил во организирањето на партизанските одреди. Во Дебрца, Пирузе останал четири години при што се криел во повеќе села и семејства од овие краеви.

Петре Пирузе, командант на II оперативна зона, говори пред борците во село Велмеј, Дебрца, 1944 година

За време на својот престој во Дебрца, Пирузе формирал партиски ќелии и бил најнепосредно ангажиран во подготовките за создавање партизански единици. Во август 1943 година, тој бил назначен за командант на Втората оперативна зона и раководител на Народноослободителната и антифашистичката борба во западниот дел на Македонија. Исто така, бил член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и во октомври 1943 година бил еден од потписниците на Манифестот на Главниот штаб. Пирузе бил член и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а бил избран за делегат на Второто заседание на АВНОЈ.

Во продолжение, Пирузе бил делегат на Првото заседание на АСНОМ, на кое бил избран во неговиот Президиум. Веднаш потоа, тој бил избран за прв повереник за правосудство на Демократска федерална Македонија.[3]

Пирузе бил напреден народен трибун во секој поглед, кроток човек на кого можело да му се верува и насекаде привлекувал нови борци. Него го сакале сите, децата, младинците и старците и луѓето се радувале при секоја средба со него. Повеќепати, во миговите на восхит и воодушевување, дури и го носеле на раце. Неговото нашироко прифатено препознатливо име се овековечи со псевдонимот Мајски, ќе напише писателот Томе Момировски. Прекарот на Пирузе значел свежина, новина, раѓање, будење, цутење, радост, име пренесувано од уста на уста, од човек на човек.

Во негова чест е испеана песната „Топови грмат, земјата трештит“.

По ослободувањето[уреди | уреди извор]

Биста на Петре Пирузе

Во функција на повереник за правосудство, Пирузе дал значителен придонес кон втемелувањето на македонскиот правен систем. Подоцна бил испратен во Белград како секретар на Сојузниот врховен суд на Југославија.[4]

Во 1947 година му било одземено одликувањето „Партизанската споменица 1941“, кое го добил во 1945 година.[5]

За време на судирот со Информбирото, Пирузе ја прифатил неговата Резолуција, со што дошол во судир со официјалната партиска и државна политика. На 14 ноември 1950 година, во Белград, тој бил уапсен и испратен на издржување на затворска казна на Голи Оток, каде што останал заточен до февруари 1954 година.

Пирузе бил рехабилитиран во 1966 година, а следната година му била вратена „Партизанската споменица 1941“. Сепак, неговата рехабилитација никогаш не била целосна. Неправдата го следела низ целиот живот, па тој дури и не бил погребан на државна сметка и со воени почести, туку на градските гробишта во Охрид.

По осамостојувањето на Македонија започнале првите посериозни активности за целосна рехабилитација на Пирузе. Така, во организација на Институтот за национална историја и на Собранието на Општина Охрид во 1993 година се одржал научен собир на тема: „Петре Пирузе - Мајски, време, живот и дело“, а во 1997 година бил објавен зборникот на трудови од овој собир.

Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните од општините Охрид и Дебрца им препорачале на државната власт, на советите на Општините Охрид и Дебрца да именуваат една улица, општествена установа или некоја населба во Охрид по него. Исто така, пред зградата на Основниот суд во Охрид била поставена биста со ликот на Пирузе.

Во декември 2013 година, Комисијата за верификација на фактите го отворила полициското досие кое цели 40 години се водело за Пирузе, со што започнал процесот на лустрација на неговите прогонители.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Прес он-лајн: Окупацијата и поделбата на Македонија
  2. [1][мртва врска]
  3. Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 5 стр.
  4. Димче Најчески „Голооточки сведоштва“, Скопје, 1999, книга прва, 50 стр.
  5. Димче Најчески „Голооточки сведоштва“, Скопје, 1999, книга прва, 49 стр.
  6. „Лустрациска ги брои кодошите на Шамбевски и на Пирузе“, „Дневник“[мртва врска], година XVII, број 5339, 13 декември 2013, стр. 2-3.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Боро Китановски, „Петре Пирузе-Мајски и неговото револуционерно и народноослободително дело“, Скопје, 1995.
  • „Петре Пирузе-Мајски: време, живот, дело (1907-1980): прилози од научниот собир одржан на 18 и 19 јуни 1993 година во Охрид“, Скопје, 1997.
  • Кирица Мирче Јорданоска, „Нескршливиот дух на Петар Пирузе - Мајски“, Охрид, 2004.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]